интервју
Маја Филипчева: Продолжуваме да нудиме решенија и да бидеме мост помеѓу бизнисот, владите и граѓанскиот сектор
Маја Филипчева, претседател на Одборот на директори на АмЧам

Американската стопанска комора во Северна Македонија – АмЧам во месец октомври годинава го организираше 20-тото по ред Генерално собрание, на коешто беше избрано новото раководство, односно Одборот на директори, за чијшто претседател е назначена г-ѓа Маја Филипчева, директорка за даноци и аутсорсинг во Грант Торнтон. Со Филипчева разговаравме за постигнувањата на АмЧам во нејзиното досегашно 20-годишно постоење, за тоа каква поддршка им пружа на членките, особено во периодот на актуелнава ковид – криза и каква е визијата за понатамошниот развој и активности на оваа бизнис асоцијација во контекст на предизвиците што ги носи кризното време.
Американската стопанска комора во Северна Македонија го прослави својот 20-ти јубилеј. Од каде поттикна идејата за нејзино формирање и што носат 20 години искуство на пазарот?
Токму така, оваа година Американската стопанска комора одбележа 20 години од своето постоење, што ја прави една од „најстарите“ комори во земјава. Идејата за нејзиното формирање беше поттикната од потребата на компаниите, пред сѐ тие кои што застапуваат американски компании и производи, да имаат сопствена платформа преку која ќе работат на зголемување на учеството на бизнисот во процесот на креирање економски политики, унапредување на бизнис-климата во земјата, како и зголемување и зајакнување на економската соработка помеѓу САД и РСМ.
Како резултат на тоа, во септември 2000 година седуммина претставници на различни компании, госпоѓа Верица Хаџи Василева – Марковска и господата Кристијан Поленак, Михаил Апостолски, Иван Ралев, Јорго Ќука, Антони Пешев и Живко Груевски, со поддршка на Американската амбасада ја конституираа Американската стопанска комора. Само девет месеци подоцна, Комората броеше 89 членки, што значи дека компаниите многу брзо ја препознаа придобивката од вмрежување и заеднички настап преку новоотворениот директен канал на комуникација со креаторите на економски политики.
Во текот на изминатите 20 години, АмЧам има спроведено многубројни активности и инцијативи во насока на подобрување на бизнис – климата во земјата и воспоставување добри бизнис – практики, владеење на правото и транспарентност во работењето. Зборуваме за околу триста настани со над 20 000 учесници, 200 консултативни средби со креаторите на економски политики, стотина публикации и, како најважно, пренесени над 1 000 успешни приказни на нашите членки.
АмЧам е и една од првите комори што го пропагираше концептот на општествено одговорни компании како основа за севкупниот општествен развој, па токму поради тоа и стана препознатлива по низа активности поврзани со општествената одговорност на компаниите во областа на екологијата, образованието, социјалниот развој итн. Како пример ќе ги земам само програмата за практика на ранливите категории „Отворени врати“ и прекрасната сензорна градина во дворот на училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје.
Низ активностите што ги одбележаа изминатите 20 години ние, како Комора, постигнавме и научивме многу, пред сѐ, благодарејќи на неверојатниот ентузијазам и посветеност на нашите членки. Постигнатите резултати произлегуваат од долгорочната определба на АмЧам, преку градење силни партнерства и одржливи врски, да биде гласот на своите членки и да придонесе за растот и развојот на бизнисот во земјата.
АмЧам е дел од мрежата на Стопанската комора на САД. Како таа функционира и колку е достапна за вашите членки?
АмЧам Северна Македонија е дел од Стопанската комора на САД, која вклучува над 140 акредитирани АмЧам комори низ целиот свет, но исто така е дел и од Европската мрежа на АмЧам комори што ги има во речиси сите земји во Европа. Интересно е тоа што Европската мрежа, која опфаќа 45 канцеларии во дури 43 земји во Европа, обединува 17 000 компании што вработуваат над 20 милиони работници.
АмЧам Северна Македонија одржува редовни состаноци со партнерите од другите АмЧам комори, посетува настани, обуки, предавања, споделува информации од мрежата, остварува посети во другите земји, организира посети на бизнис саеми за членки итн. Иако, за жал, последнава година поради пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19 дојде до промена во начинот на соработка, мора да кажам дека со примената на новите технологии, динамиката и активностите во рамките на мрежата се прошири и уште повеќе се унапреди соработката меѓу канцелариите, што во крајна инстанца ќе донесе дополнителни бенефити за сите членки.
За вас велат дека сте комора на големите компании. Дали сметате дека тоа е разликата помеѓу АмЧам и другите комори во земјата?

Денес АмЧам брои 132 членки: мултинационални компании, домашни претприемачи и невладини организации, што значи мошне диверзифицирано членство. Верувам дека првото нешто што нè разликува од останатите комори е големината на една компанија и од аспект на знаење, начин на размислување/управување, техничко – технолошка подготвеност, однос кон вработените, грижа за заедницата и опкружувањето, и тогаш апсолутно зборуваме за комора на ГОЛЕМИ компании.
Второто нешто што е прилично специфично за АмЧам е начинот на работа. Со работата на АмЧам управува Одбор на директори, кој се состои од 7 члена, претставници на компаниите членки на комората, со двогодишен мандат и можност за реизбор, како и двајца претставници на Американската амбасада што имаат консултативна функција. Одборот на директори е тој што ги дефинира целите, задачите и годишната стратегија на Комората. Покрај управниот одбор, комората има и комитети преку кои се дефинираат темите од интерес за членките и се артикулираат во соодветни предлози, зависно од стејкхолдерите за кои се наменети. Затоа и велиме дека АмЧам е платформа преку која претставниците на компаниите волонтирајќи, односно споделувајќи го своето време и професионално искуство, работат на утврдување на заедничките интереси, размена на информации и подобрување на целокупното деловно окружување во земјата.
И, како последна, но не и помалку важна работа се можностите што АмЧам Северна Македонија, како дел на Стопанската комора на САД, им ги нуди на своите членки: поврзување со компаниите членки на другите АмЧам комори, иницијални информации за пазарите од интерес, размена на знаење, искуства и добри практики.
Денес, зборовите еднаквост и диверзитет се составен дел на нашиот вокабулар. Колку родовата еднаквост е присутна во АмЧам?
Разновидноста во секоја смисла е добра, таа поттикнува различни идеи и отвора нови можности за развој. Како комора, АмЧам се залага и активно работи за напредок на родовата различност и создавање поволна клима за инклузивна култура во која се слушаат голем број гласови. Лидерството од врвот е клучот за водење на промените. Учеството на жени во Комората е резултат на фактот што ниту една декларативна политика не може да гарантира учество ако притоа не се спроведува во средината во која се претставуваат. Тоа, всушност, ја прави различна АмЧам.
Моето убедување е дека од витално значење е потребата на вкоренување политики и практики кај нашите членки за поголема инклузивност и за позитивните придобивки што може да ги имаме од тоа во компаниите, јавниот сектор, коморите, граѓанскиот сектор. Во изминатите 20 години во Комората 10 жени биле дел од Одборот на директори, 3 претседатели, 7 на позиција извршни директори. Тука не застануваме.
Заедно со поддршката на целиот Одбор на директори на АмЧам, извршниот директор и канцеларијата пошироко, и овој пат ќе се залагаме за поттикнување на жените да земат активно учество во идните состави на Одборот на директори во Комората.
Тоа ќе го постигнеме преку активна работа со раководството на нашите членки за истакнување на важноста од родовата различност, жените се еднакво способни за добро менаџирање, а мешаните лидерски тимови ги надминува нивните социјално хомогени конкуренти. Вработувањето и задржувањето на вработените како стратешки приоритет на бизнисите останува и натаму високо на агендата, а родовата еднаквост во раководствата е клучен елемент за брендот на една компанија и во иднина.

Која е разликата помеѓу некогаш и сега? Што носи иднината за АмЧам?
Подемот на „работа од дома, виртуелната сала за состаноци, обуки, конференции“ станаа реалност во последниве месеци на кризата со корона. Лидерите се принудени да ја прифатат и да се приспособат на виртуелната реалност и еднакво успешно да ја водат од далечина. Иако повторно сите очекуваме да се отворат канцелариите, пазарите, границите и целокупната економија, не смееме да го заборавиме она што го научивме за време на оваа пандемија.
Сите ние изминатава година многу ги почувствуваме промените на секое поле. Во основата, животот ни се промени на сите, еднакво и на личен и на професионалниот план. Овој земјотрес не запре само на вратата од новата виртуелна реалност.
Една ваква средина на несигурност ги натера лидерите да ги преиспитаат своите улоги, одговорности и модели на работа во секојдневието. Столчињата се помалобројни, а агендите станаа пократки. Како комора, АмЧам не остана имуна и таа се трансформираше за да одговори спремно на сите предизвици, а тоа е обврска и одговорност што ја носиме еднакво за сите наши 132 компании членки со над 30 000 вработени. Во таа насока, и Одборот на директори на Комората известува за повеќе фокусиран пристап на своите состаноци и на својата листа секогаш ги става клучните тековни и стратешки прашања што се наметнуваат како актуелни и ургентни за нејзините членови.
Во иднина, како и во минатото, како комора, АмЧам ќе биде насочена кон исполнувањето на барањата на своите членови за смели решенија што се насочени кон напредок на поширокото општество во кое сите ние работиме и живееме. И во иднина ќе продолжиме да бидеме мостот помеѓу бизнисот, креаторите на политиките и граѓанскиот сектор, како единствено средство за градење односи и доверба.

Живко Груевски, со поддршка на Американската амбасада ја конституираа Американската стопанска комора.
Кои се целите на АмЧам во однос на промената на политиките и регулативата во земјата?
Примарната цел за која се залагаме уште од основањето на нашата Комора е базирана врз основните постулати за владеење на правото. Бараме секоја Влада да работи на обезбедувањето услови за континуирано почитување на принципите на владеењето на правото, еднаквост пред законот, отчетност во работењето, пошироко учество во донесувањето одлуки, правна сигурност, како и процедурална и правна транспарентност. Преку своите комитети, АмЧам активно учествува во сите активности организирани од релевантни креатори на промени на политики во земјава давајќи свој придонес за промовирањето закони што обезбедуваат применување на правото без исклучоци и дискриминација, како и достапни политички и економски можности за сите чинители во општеството. Исто така, се залагаме за конзистентни и предвидливи политики за промени што ги отсликуваат реалните потреби и европските цели, а притоа обезбедуваат доволно простор со цел компаниите и државните субјекти да се приспособат кон нив.
Кои се активностите на АмЧам во однос на измените и дополнувањата на законодавството, побрза адаптација кон политиките на ЕУ, транспарентност и владеење на правото?
Како што напомнав претходно членките ги одредуваат иницијативите на кои ќе се работи во дадениот момент.
Прва тема е дигиталната трансформација. За да се обезбеди развој на економијата мора забрзано да се работи на темата автоматизација и дигитална трансформација. Земајќи ги во предвид брзите промени кои се случуваат во оваа сфера, нашето општество мора прво да создаде предуслови кои ќе доведат до автоматизација на процесите за да се овозможи непречена употреба на дигитални технологии и дата во сите деловните операции.
Ќе ви дадам неколку едноставни примери со кои моментално се соочуваат компаниите. Опцијата за електронска фактура е предвидена со Законот за ДДВ од 2018, но УЈП не донесе соодветни регулативи со кои ќе им овозможи на компаниите нејзина целосна примена. Друг пример е организацијата на Собранија преку двонасочна аудио и видео комуникација во живо. Иако Законот за трговски друштва ги предвидува како можност, истите не се дефинирани во подзаконски акти за да се овозможи нивна целосна примена. Поради тоа, компаниите соочени со неизвесност при нивна имплементација сепак не се одважуваат да ги организираат своите Собранија на овој начин.
Од друга страна кога се консултиравме со колегите од Словенија за да видиме како се уредени собранијата кај нив, излезе дека сме еден чекор пред нив и дека всушност нивниот закон допрва треба да биде приспособен на трендовите што ги наметнува дигиталната трансформација. Како заклучок, кај нас постојат закони кои треба да бидат доуредени од институциите со подзаконски акти, за да можат компаниите да имаат правна сигурност при постапување по овие одредби.
Втората тема е Законот за работните односи и потребата од негово модернизирање. Да, дел од промените што ќе треба да ги опфати Законот за работните односи се поврзани со дигиталната трансформација и промените во начинот на работа, но тој, исто така, треба да се либерализира и во делот на вработувања и отпуштања на начин што ќе стимулира отворање нови работни места и ќе ги поттикнува инвестициите во човечки капитал. Да не ги заборавиме тука и промените кои ќе произлезат од најавеното прогласување на недела како неработен ден, што ќе има сериозни импликации особено доколку се инсистира на негова итна примена.
Покрај овие две иницијативи, работиме и на прашањата поврзани со договорите за слободна трговија, ПЕМ – конвенцијата, преференцијалните правила за потекло на стоките, царинските тарифи. Во дадениот момент најгорливо е прашањето за Брегзит и договорот за слободна трговија со Обединетото Кралство поради негативните ефекти врз надворешно – трговската размена и со Обединетото Кралство и со ЕУ, кои ќе произлезат од нецелосното решавање на темата пред 1.1.2021 година.
Она што сметам дека е исклучително важно да го напомнам е дека нашата намера е да бидеме партнери со креаторите на економски политики, бидејќи само на тој начин веруваме дека може да се дојде до решенија што ќе имаат влијание врз економија каде што бизнисите и луѓето ќе можат непречено да се развиваат.
Како може компаниите да одговорат на предизвиците што ги носи ова кризно време?

Промените се случуваат побрзо од кога било, што значи дека предизвиците и новите можности се сѐ поприсутни. Ненадејното и неочекувано поместување на состојбата на статус кво во која се наоѓаме е рационализирана и често оправдана на контрадикторен начин од страна на компаниите. Приспособувањето на кризната ситуација мора да биде целосно разбрано, прифатено како неминовност и соодветно реализирано. Дури и во овие кризни времиња, компаниите мора да останат фокусирани, да планираат и да преземаат соодветни активности за неутрализирање на ефектите од кризните ситуации.
За да успеат соодветно да одговорат на новите предизвици, компаниите мора на најдат соодветни патишта за побрзо и полесно приспособување на своето работење во новите услови наметнати од кризната состојба. И покрај тоа што секоја индустрија има своја специфичност, сепак постојат основни правила од кои ќе напомнам само неколку што сметам дека важат за сите, без оглед на тоа за која индустрија станува збор:
Грижа за вработените и работните места: менаџирање на човечкиот капитал
Компаниите треба да ја зголемат грижата за своите вработени и да постават политика и систем за заштита на нивното здравје соодветни за нивниот бизнис. Политиката и системот за заштита треба бескомпромисно да се имплементираат и јасно да се комуницираат кон сите вработени. Со грижата и зачувувањето на здравјето на вработените се обезбедува непрекинато остварување на работниот процес. Понатаму, треба да се води сметка и за приспособувањето и унапредувањето на вештините и знаењата што ги имаат вработените, со цел адаптирање на бизнисот кон изменетите услови на работење, како и обезбедување на неопходните услови за негово непречено одвивање.
Следење на мерките на Владата
Компаниите треба постојано да бидат во тек со ситуацијата, да ги следат и да ги имплементираат мерките на Владата и другите надлежни институции.
Преиспитување на синџирот на снабдување
Голем дел од компаниите се соочуваат со прекинати или забавени синџири на снабдување со компоненти и стоки од други пазари, па затоа треба да размислат кои се нивните алтернативни извори и како да го приспособат нивниот пристап кон управување со залихата што ја имаат.
Сега, но и во иднина, компаниите треба да изградат сопствена еластичност, односно мора да бидат флексибилни во однос на своите планови за континуитет на деловните активности, како и во однос на чекорите за можна трансформација. Треба да бидат подготвени да го идентификуваат влијанието од предизвиците што произлегуваат од кризата и да работат барем на едно сценарио што ќе го има предвид можното нарушување во работната сила, дистрибуцијата, снабдувањето, транспортот и мобилноста.
Компаниите треба да ги земат предвид сите области на потенцијално влијание, вклучително и:
Вработени
Како што кажав погоре, мора да најдеме начини како да управуваме со човечкиот капитал во изменети услови, затоа што тој е основата на секој бизнис. Компаниите треба да им овозможат заштита и поддршка на вработените (здравствена заштита, плата за боледување, услови за работа), но и да им обезбедат можности за учење и усовршување базирани врз реалните потреби во своите компании. Кои дополнителни вештини, информации или работни обуки им се потребни на луѓето во компанијата? Може ли вашиот ИТ оддел за поддршка да одговори на предизвикот работа од дома за секого?
Клиенти и пазари
Како влијае пандемијата врз побарувачката? Како ќе бидат погодени клиентите? Што им е потребно на клиентите во овој период и како може да им помогнете и да им излезете во пресрет за нивните потреби?
Финансии
Што ќе донесе нарушувањето на понудата и побарувачката и какво е нивното влијание врз готовинските приливи на компанијата?
Автоматизација и дигитална трансформација
Автоматизацијата е средство за постигнување на целта, а посакуваната цел е дигитална трансформација. Дигиталната трансформација бара компаниите да ги прегледаат и да ги ревидираат постојните процеси со цел да бидат поефикасни и да создаваат нова вредност за клиентите.
Доколку компаниите ги следат препораките и активно ги претвораат во план, може да бидат сигурни дека се подготвени за предизвиците.
Како и со што АмЧам ги поддржува членките во процесот на побрзо и подобро приспособување во време на криза?
Колку повеќе учиме едни од други, толку побрзо и поефикасно може да одговориме на предизвиците како единки, а преку Комората и како колектив. Поддршката што Комората ја добива од Американската амбасада е од голема важност и за тоа сме особено благодарни.
Понатаму, нашата определба е да бидеме вклучени во процесите за побрзо и поефикасно приспособување во време на криза, а нашата задача е да бидеме активни поддржувачи на промените. Се залагаме за добри деловни политики што создаваат работни места и закрепнување на економијата преку ефективно донесување закони и нивно спроведување.
Ги охрабруваме нашите членови да ја зголемат нивната поддршка и помош кон заедниците во кои работат и живеат преку обезбедување иновативни, добри и информативни услуги. На тој начин се стремиме да ја зајакнеме нашата присутност како Комора и уште повеќе да ја унапредиме нашата врска со општеството како целина.
АмЧам е една од најреномираните комори во Северна Македонија што ги застапува интересите на бизнисите од сите големини, сектори и региони. Сите споделуваме една работа – сметаме дека Комората е гласот на бизнисот, а јас како Претседател и целиот Одбор на директори ќе работиме во насока да придонесеме АмЧам да има активно влијание врз економијата каде што бизнисите и луѓето ќе може непречено да се развиваат.