интервју
Методија Миноски: Со помош на нашите кредитни линии многу компании можат да станат енергетски ефикасни
Методија Миноски, раководител на Одделот за управување со животна средина во ПроКредит Банка

Во моментов струјата н амеѓународната берза се тргува и до три пати повеќе од минатата година. Овој ценовен шок на електричната енергија силно ќе се почувствува кај компаниите кои купуваат струја на отворениот пазар и веќе новите сметки за струја ќе бидат најмалку двојно повисоки од минатите години. Од овие причини, сите компании кои имаат расположлива кровна површина треба да размислуваат за поставување на фотоволтаична централа. Ако централата е оптимално дизајнирана, за да може поголем дел од производството да го користи за сопствени потреби, повратот на инвестицијата по просечни тековни цени на струја би бил меѓу 3-5 години, што е исклучително атрактивно од економска гледна точка. Дополнително намалување на трошоците за струја на долг рок ќе влијае и на зголемување на конкурентноста на компанијата, особено доколку станува збор за енергетско интензивна дејност
Разговаравме со Методија Миноски, одговорен за управување со животната средина во ПроКредит Банка, една од организациите пионери во државава според користењето на обновливи извори на енергија за потребите на секојдневното работење, но и активен промотор на инсталирањето на фотоволтаични системи меѓу компаниите на нашиот пазар преку специјалните кредитни линии наменети за набавка на ваква опрема.
Г-дин Миноски, ПроКредит Банка веќе подолго време активно ја промовира идејата за инвестиции во фотоволтаични системи за сопствена употреба, па како започнавте и од каде мотивите за една ваква кампања?

Веќе трета година активно водиме кампања со која ја промовираме инвестицијата во фотоволтаични системи за сопствена употреба меѓу компаниите на нашиот пазар. Во ПроКредит се трудиме да го контролираме влијанието, кое ние како институција го имаме или инвестициите кои ги финансираме можат да го имаат на животната средина. Кога станува збор за кредитирањето на нашите клиенти, свесни сме дека инвестициите во обновливи извори на енергија имаат значајно влијание во намалување на емисијата на стакленички гасови на нашиот енергетски систем, а со тоа и силно придонесуваат во борбата против климатските промени.
Со последните законски промени од пред околу 3 години се отвори патот за поедноставна постапка во поставување фотоволтаични системи на кровна површни, кои ќе произведуваат енергија наменета за сопствена употреба, а вишокот на енергија ќе имаат можност да го продаваат на отворениот пазар. Нашето позитивно искуство од користењето на фотоволтаиците на кровот на зградата на нашата Дирекција, како и искуството од досега финансираните централи, сакавме да им го пренесеме на нашите клиенти бидејќи истиот ќе резултира во значајни економски и еколошки придобивки за нив.
Во прилог на ова одеше и континуираниот пад на инвестициските трошоци во годините наназад, додека цената на електричната енергија имаше тренд на зголемување. Овој тренд ги направи овие инвестиции да се економски атрактивни со релативно краток рок на поврат. Истовремено на пазарот се издвоија неколку искусни компании кои нудат изведба на инвестицијата по принципот клуч на рака со што се исполнија сите предуслови за да ги промовираме овие инвестиции и да овозможиме нивно финансирање под поволни услови.
На кој начин им пристапувате на клиентите?

Во нашите секојдневни контакти со клиентите увидовме дека на пазарот недостасуваат основни информации за изводливост на самата инвестиција т.е. почнувајќи од тоа дали постои регулатива со која се дозволува поставувањето на централа на кров, потоа дали на нашиот пазар постојат фирми со техничка подготвеност кои ќе можат да ја инсталираат фото централата, па се до тоа дали е дозволено вишокот електрична енергија да се продава.
Затоа, уште на самиот почеток склучивме договори за соработка со неколку од најискусните фирми изведувачи на фотоволтаици на нашиот пазар, со цел заеднички да се промовира инвестицијата, ана клиентите да им се понуди комплетна изведба по принципот “клуч на рака”. При тоа дизајниравме финансиска понуда која во целост го прати текот на инвестицијата, а преку заштедите од производството на сопствена струја, се сервисираат ратите за кредитот.
Во Банката изработивме алатка преку која индикативно на клиентите може да им пресметаме, во зависност од годишната потрошувачка на електрична енергија и расположливата кровна површина, колку би бил оптималниот капацитет на централата, колку би чинела инвестицијата и кој би бил периодот на поврат на инвестицијата. Притоа на секој состанок со тековен или потенцијален клиент, темата за инвестиции во фотоволтаични системи за сопствена потреба е редовен дел од дискусијата, каде нашите вработени можат да ги пресметаат и презентираат економските бенефити и можностите за техничка реализација на оваа инвестиција.
Истовремено започнавме со одржување на едукативни работилници, на кои во разни градови низ Македонија во континуитет организираме презентација на инвестицијата од аспект на техничка изведба, регулатива и секако пресметка на економската исплатливост. Овој месец имавме два вакви настани во Скопје, претходно во септември во Тетово а во наредниот период се предвидени работилници и во Струмица и Битола. Овие настани најчесто ги водиме поканувајќи некои од фирмите изведувачи на централите со што во целост можат да одговорат на сите прашања од технички карактер поврзани со изведбата на инвестицијата, приклучокот на мрежа и ставањето во употреба.
Каква е реакцијата на нашите компании, колку се заинтересирани за инвестиција во оваа инвестиција?
Компаниите природно тежнеат да ги оптимизираат своите трошоци, а ставката за електрична енергија станува се’ позначајна особено во моментов. Затоа навремена инвестиција во сопствено производство на енергија, но и во мерки за енергетска ефикасност ќе ја намали ранливоста на фирмите од тековните, но и од идните ценовни шокови на пазарите на електрична енергија. Евидентно е дека колку повеќе се дискутира на оваа тема, се поголем е интересот меѓу компаниите за оваа инвестиција што го констатираме преку растечкиот тренд на реализирани проекти меѓу клиентите во нашето портфолио.
До сега имаме финансирано неколку десетици кровно поставени фотоволтаични централи. Постапката за клиентите е едноставна и започнува со добивање на понуда за изведба на централата по принципот клуч на рака од страна на фирмата изведувач. Следно, врз база на таа понуда во Банката го одобруваме барањето за кредитот. На крајот, клиентот потпишува договор за изведба, а средствата од кредитот се користат наменски за реализација на инвестицијата.
Нашите очекувања се дека интересот со уште позасилен интензитет ќе продолжи да расте во иднина со што инвестициите во фотоволтаични централи за сопствена потреба не само што ќе имаат значаен економски бенефит за фирмите, но и ќе придонесат во процесот на енергетската транзиција и борбата против глобалното затоплување.
Цените на електричната енергија се во значаен пораст последниов период, како го коментирате овој тренд во насока на инвестицијата која ПроКредит Банка ја промовира?

Со исклучок на 2020 година кога заради Ковид пандемијата побарувачката и потрошувачка на енергија беше во пад, цената на електрична енергија во претходните неколку години имаше тренд на благ пораст. Тоа што се случува во моментов е дека струјата на меѓународната берза се тргува и до три пати повеќе од минатата година, ги надмина сите очекувања и е резултат на повеќе фактори: зголемена побарувачка, зголемена цена на природниот гас, ефектот на топлотниот бран во Европа, на производство на енергија од обнoвливи извори, пораст на цената на дозволите за емисии на стакленички гасови, како и трендот на енергетска транзиција која забрзано се спроведува насекаде.
Овој ценовен шок на електричната енергија силно ќе се почувствува кај компаниите кои купуваат струја на отворениот пазар и веќе новите сметки за струја се најмалку двојно по високи од она што беше во минатите години. Очекувањата се дека и од кога ќе заврши овој ценовен шок, цената не електричната енергија ќе има пад, но мала е веројатноста дека ќе се врати на ниво од пред пандемијата.
Од овие причини, секоја една компанија која има расположлива кровна површина е сосема исправно да размислува за поставување на фотоволтаична централа. Ако е оптимално дизајнирана централата да може поголем дел од производството да го користи за сопствени потреби, повратот на инвестицијата по просечни тековни цени на струја би бил меѓу 3-5 години што е исклучително атрактивно од економска гледна точка. Дополнително намалување на трошоците за струја на долг рок ќе влијае и на зголемување на конкурентноста на компанијата, особено доколку станува збор за енергетско интензивна дејност.