коментари
Методи Хаџи-Јанев: Накратко за тоа како дојде до војната
Методи Хаџи-Јанев
универзитетски професор

универзитетски професор
Теоретски до избегнувањето на конфликтот можеше да дојде ако условно, Украина, подлегнеше на барањата на Путин кои се нихилистички за водството на земјата. Тоа е, да сегашната влада која е легитимно избрана отстапи, само заради тоа што не е по мерка на Москва. На тој начин, според Западот (НАТО, ЕУ и посебно како фактор САД), на ваквиот потег на Москва се гледа како на атак врз демократијата. Лидерите во западниот свет многу добро ја разбраа опасноста од овој потег и најверојатно заради тоа барем засега се мобилизираа и обединија во поддршка на официјална Украина.
Причината за ескалација на спорот во вооружен судир или решавање на проблемите со употреба на сила е комплексна, но истовремено и базична и би рекол многу опасна. Таа е одраз на идејата и борбата за ревизионизам на меѓународен план. Тој процес, барем како што можевме да видиме од низа изјави на Путин, но и на водството на Кина е замислен да се одвива преку предизвикување на доминацијата на либерализмот како правец кој ги дефинира и оформува меѓународните односи, а со тоа и начинот на уредување на управувањето и владеењето во поголемиот број на држави.
Поинаку кажано, ревизионизмот е трка или барање за прераспределба на моќта на меѓународен план изразена преку влијание во дипломатијата, економијата, информациите (доминација во иновациите и современите технологии, посебно во делот на регулативите за и околу истите) и начините на продолжување на политиката преку употреба на сила. Ревизионизмот оттука е барање за промена на тоа чија идеја, визија, приоритети, потреби, и во крајна линија вредности ќе доминираат и го одредуваат текот во меѓународните односи. За Путин, во поширока смисла конфликтот е отпор против либерализмот кој проповеда глобализам, униполарност, атлантизам, технократија и анти-традиција. Во таа смисла, конфликтот во Украина е операционализација на овие идеи и реакција на намерите за тоа.
Семантиката, пак во пракса, е следна. Според она што до сега официјално го изјави Русија, причините за инвазијата врз Украина (или како што Русија милува да го интерпретира – специјалната воена операција) е базирана на три причини. Прво, егзистенцијалниот страв на Русија од проширувањето на НАТО кон исток или до границите на Русија. Второ, потребата Русија да ги заштити своите граѓаните и добра на туѓа територија (областите на истокот). Трето, за да може да го оствари тоа, промена на, според Русија, режимот во Украина за да државата се демилитаризира и ослободи од неонацистичките структури кои се инсталирани во државниот врв. Според Западот и Украина пак, (за волја на вистината и најголемиот дел од светската јавност) станува збор за агресија, која има за цел да се спротивстави на правото на слободен избор на една нација да избере каде сака да членува и како да се развива – во смисла на зачленување во НАТО и ЕУ -како место кое треба да ги ефектуира амбициите за либерално демократските амбиции на нацијата.

Имајќи предвид дека спорот е базичен и се храни од потребата за промена во позициите, според Русија употребата на сила беше неминовна. Во пракса пак, иако многумина знаеја дека Украина нема шанса да влезе во НАТО, или барем дека Путин ќе можеше да најде барем еден играч кој ќе ставеше вето на таа одлука (заради комплексниот механизам на одлуки со консензус), според официјалните ставови на Москва употребата на сила беше заради превентивно дејствување. Тука се клучни два момента.
Прво, информациите кои наводно Москва ги имала за офанзива на Украина поддржана од Западот на исток и „задушување“ на бунтовниците во одметнатите покраини – сега унилатерално признати од Русија. Второ, се’ погласните амбиции или предлози за тоа Украина да остане надвор од НАТО, но унилатерално, надвор од Договорот за забрана на нуклеарно оружје (комплексен сет на меѓународни принципи), да стане нуклеарна сила. Тоа, според Русија е недозволиво и во значителна мерка е загрозување на нејзината безбедност. Теоретски до избегнувањето на конфликтот можеше да дојде ако условно, Украина, подлегнеше на барањата на Путин кои се нихилистички за водството на земјата. Тоа е, да сегашната влада која е легитимно избрана отстапи, само заради тоа што не е по мерка на Москва. На тој начин, според Западот (НАТО, ЕУ и посебно како фактор САД), на ваквиот потег на Москва гледа како атак врз демократијата. Лидерите во западниот свет многу добро ја разбраа опасноста од овој потег и најверојатно заради тоа барем засега се мобилизираа и обединија во поддршка на официјална Украина.
До каде е спремен да оди Путин?

Имајќи предвид дека ситуацијата е доведена до состојба да се биде или не, Путин сака да испрати порака дека е подготвен да се коцка до крај. Тој, демонстрира конзистентност, кој за либералната логика до сега барем не беше видлив. Причината за ова најверојатно лежи во моделот на функционирање кој тој успеа да го развие и искористување или анулирање на временската рамка како фактор. Така, додека за либерално – демократските лидери времето има значајна улога (посебно заради инженерингот на управување – избори на циклус во период од 4 години, ако не и порано), Путин е тука засекогаш. За него времето во тој контекст е ирелевантно. Само навратете се наназад и следете го окрупнувањето на Русија (акумулирањето на моќ) на светската политичка сцена и ќе видите како се гледа конвергенцијата помеѓу историските амбиции, наративот на Путин за ревизионизам и делата – акциите во пракса.
За разлика од тоа, западните лидери, нај повеќе заради фактот што после крајот на Студената војна имаа доминација на светскиот трон без фактор кој можеше да ги предизвика, се чини како да „подзаспаа“ додека Русија, а и Кина секоја на свој начин значително зајакнаа. Истовремено, евидентно е дека Путин, успеа да создаде корумпирана копија на либералното функционирање и да го преточи во негов начин на владеење со авторитарен префикс. Новиот продукт, во практикување на власта и проекција на меѓународен план заради тоа е тешко видлив за Западот.
Условно, преку манипулација на инструментите на моќ посебно информациите -дезинформациите и економијата – создавање на модел на корпоративна држава, Русија создаде модел кој условно се храни од предизвиците со кои се соочува либерализмот, како на внатрешен така и на надворешен план. Во таа смисла, на пример се преседаните на меѓународен план во ек на потполна доминација на либералниот свет кои сега како лешеви Путин ги артикулира обидувајќи се да даде оправдување на илегалната операција.
Во едни вакви услови, спречувањето на конфликт, ќе беше можно само ако Западот попушти и се откаже од тоа да ја брани либералната демократија. Оттука, можеби претседателот на Украина е во право кога апелира дека ако падне Украина тоа може да е крах и за Европа. Во оваа фаза за жал, генерално можни се неколку сценарија. Напомнувам дека не инсистирам дека тоа треба да се случи или дека ќе се случи, туку само ги нудам како опција и како размислување со отвореност за секаква дебата и професионална или академска критика на ставот.
Можни сценарија

Првото сценарио е Западот да остане на овој став и да не интервенира директно воено во Украина. Во тој случај, ако економските санкции успеат да ја истоштат Москва и се ефективни како што голем број на западни влијателни студии укажуваат, Путин ќе мора да се повлече. Од ова сценарио како последица се јавуваат три можни опции. Прво, Путин да падне, а демократијата да експлодира како во дел од земјите од Арапскиот свет по „Арапската пролет“. Тоа, може да е сериозен проблем за Западот. Акумулираната моќ во воен арсенал дури и нуклеарен, силниот кеш кој е максимално концентриран кај поединци и експлозија на демократијата дополнително да го воведе светот во една нова криза која потешко може да се контролира. Втората опција од ова сценарио е да има мирна и успешна демократска транзиција – како најпосакувана опција. Третата опција е да дојде диктатор кој, внимавајте, мора да е посилен од Путин за да успее поразот да го направи победа и да трча по нов ревизионизам кој може и да биде апокалиптичен. За таа цел за Западот многу е битно и прашањето за тоа што после Путин?
Второ сценарио е ако Путин и неговите економисти биле во право дека може да ги преживеат санкциите, Западот да продолжи да ја поддржува Украина и конечно народот да победи. Во овој случај, ако дојде до пад во темпото на воените операции, се плашам дека Путин може да стане апокалиптичен или да ја отвори таа опција, па гневот многу слично како Садам Хусеин во првата заливска војна да го натера да гаѓа цели кои се на дофат.
Внимавајте, со влез во Украина Путин ја промени географијата – дистанцата до досег на Европските градови. Дополнително ракетниот штит кој своевремено беше подигнат беше за поинаква поставеноста на руските сили – поголема дистанца. После Крим, а особено сега, тоа е променето. Путин свесен за својата инфериорност за водење на војна од дистанца наспроти НАТО на чело со САД, го искористи либералниот комфор на Европејците, па кога мислеа дека нема кој да ги предизвика геостратешки и додека се освестија дека ЕУ без воена сила не може да биде геостратешки релевантна, освои територија и сега нештата стојат поинаку. Ова пак, каскадно ќе повлече друг потег. Во оваа опција дури и да не е нуклеарно вооружувањето со кое ќе дејствува проблемот е голем. НАТО, а не ЕУ ќе биде ставена на тест. Со предлогот Полска да ја снабдува Украина со авиони, според Путин е можно Полска да стане легитимна цел за Русија. Тоа за волја на вистината е можно и согласно меѓународното право. Тогаш, сé е можно.
Третото сценарио е некоја си подваријанта на второто, но е најпогубно за Украина. Во таа насока според ова сценарио НАТО и ЕУ директно нема да интервенираат. Тие треба да продолжат со дипломатскиот притисок и економските санкции врз Русија, но таа сепак да опстои и да успее да инсталира сопствена (каква таква) власт во Украина која ќе ѝ дозволи на Русија целосна контрола на делот кој ќе биде под нејзина окупација, многу слично како што е случајот со Белорусија (иако таму нема официјална окупација). Во таков случај, Москва да прифати некакво замрзнување на конфликтот и да се согласи спорот да се решава дипломатски. Тогаш сепак, состојбата ќе биде значително сменета во корист на Москва и лично мислам дека западните аналитичари грешат кога мислат дека крајната цел на Путин е да ја окупира Украина и да има постојано разместување овде со големи сили. Сметам, дека на сите, па верувам и на Путин му е јасно дека прво, народ никој не успеал да покори и второ, дека таквата авантура империите во поновата историја ги чинела пораз. Оваа опција не само што е погубна за украинскиот народ туку е сериозен проблем за Западот, бидејќи е можно империјалистичко какво такво економско закрепнување на Москва, но и пат кон дестабилизација на Балтикот и секаде каде ќе бидат загрозени интересите на Русија. Тоа, внимавајте како до сега не мора да значи дека ќе се случи веднаш.
Во ваков случај повторно имаме ќор сокак, бидејќи сега Западот ќе биде под притисок да реагира и да направи смена на режим. Ако не успее со мирни методи (од внатре), тоа да го стори преку употреба на сила ваквата ситуација пак нé доведува до ќорсокак како во претходната ситуација. Само како за илустрација зошто опцијата дека Западот може да влезе во директен конфликт станува се’ поизвесна е отсликана во фактот дека како поминува времето и како ентузијазмот од победата во информациската и дипломатската војна ќе стануваат занемарливи за сметка на ситуацијата на терен (без разлика на хуманитарната катастрофа) така ќе станува сé појасно дека без воена интервенција Путин нема да се истера, барем засега.
Овде покрај моралниот притисок врз Западот се наметнува и дилемата за тоа дали и како ќе успеат да го изведат Путин пред лицето на правдата кога ќе загуби. Поточно, прашање е дали, во тој случај Западот ќе успее да најде пукнатина во централизираното командување и да ја искористи во своја корист за да се покаже непослушност кон Путин и тој да загуби од внатре пред да стане апокалиптичен. Иако Путин е многу нешта тој засега не е апокалиптичен и самоубиствен. Но, стресот и времето сето тоа искомбинирано со его може да сменат многу нешта. Само да потсетам дека ова се можни сценарија и дека се во контекст на разгледување на некои опции кои се можни како исход од целата ситуација и дека е далеку од тоа дека ова се единствените можни опции.
Четврта опција која е многу ризична, но можеби е имплицитна за Западот за да спаси што се може од Украина е ако распореди сили во Украина до Лвов и на тој начин да го принуди Путин да преговара, односно да бара дипломатско решение. Тоа е погубно за Украина бидејќи со тоа Западот би барал компромис и можност да се легитимизира она што Путин најверојатно и сака да го постигне – распад на Украина. Оваа опција е и многу опасна бидејќи ги доведува до борбен контакт двете страни после што ситуацијата лесно може да излезе од контрола. Истата е крајно опасна. Таа подразбира дека Путин ќе биде разумен и дека нема да посегне по интервенција по овие сили. Сепак било какви експерименти во оваа насока може да завршат апокалиптично.
Следна опција е ако Западот успее сепак, од внатре да го елиминира Путин. Тоа во минатото било пракса и метода за смена на режими. Сепак, засега оваа опција е тешко остварлива, но не е не возможна како што впрочем и ништо не е невозможно.
Најповолната опција за човештвото е ако преовлада разумот. Ако се стави крај на насилството и ако преку дијалог се продолжи да се пеглаат разликите. Овде како можна дилема хуманистите оправдано ќе бараат правда. Тогаш може да биде проблем, освен ако моралната флексибилност пак не го растегне меѓународното право.