Connect with us

start up

Милан Димитриевски: Ја почнавме новата инвестициска програма

Милан Димитриевски, управител на X Factor Accelerator

објавено

на

„Улогата на X Factor Accelerator  има за цел да ги донесе компаниите што побрзо до инвестиција и нови пазари. За таа цел ќе започнеме со преговори за инвестирање и менторска поддршка со 5 до 10 од аплицираните компании. Дел од придобивките на пријавените се специјализирана менторска програма спроведена од нашиот тим, како и од искусни ментори од партнерските организации: ФИТР, World Bank, SwissEP, Startup Macedonia, Senior Experts Program.“

X Фактор Акцелератор (X Factor Accelerator)  од Велес е првиот и единствен бизнис акцелератор надвор од Скопје, кој е основан од инвеститори со големо практично искуство во креирање, управување и поддршка на развојот на успешни стартап бизниси. Основачи  на акцелераторот се Игор Андреев, бизнис консултант, Милан Димитриевски сопственик на компанијата Делта – пром инг, Тодор Левков, искусен банкар и Сашко Панчевски, сопственик на компанијата Еуропап. Проектот за негово стартување во декември 2018 година, се реализираше  со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ (ФИТР), во соработка со Светска банка, преку инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за воспоставување, работење и инвестиции на деловно – технолошки акцелератори.

„Од стартувањето со работа пред нешто повеќе од две години, заклучно со крајот на 2020 година, се реализираа два инвестициски циклуси, низ кои во конкуренција на повеќе од 100 апликанти, преку две пред-акцелераторски програми се менторираа 25 стартап тимови. Од нив, на двата Демо Денови, се презентираа 17 бизнис идеи пред Комитетот за одобрување инвестиции и целната јавност. Крајно, согласно претходно утврдените критериуми, членовите на Комитетот преку детална длабинска анализа на сите бизнис – идеи, донесоа одлука за инвестирање во два најатрактивни стартапи, за кои се процени дека имаат огромен потенцијал за брз раст на глобално ниво. На тој начин, X Фактор Акцелератор се издвои како прв, од трите акцелератори поддржани од ФИТР преку Светска банка, кој објави две инвестиции во износ од 200.000 евра, во стартап-тимовите на Матриошка и Vision Dynamix.“, ни објасни Милан Димитриевски, којшто е всушност, управител на акцелераторот.

X Фактор Акцелератор штотуку ја објави и  новата  Инвестициска програма и инвестиции до 100.000 Евра во стартап фирми и дополнителна техничка поддршка, менторство и пристап до компании. Повикот е отворен за пријавување до 15 март, со вкупен буџет за инвестиции од 300.000 Евра кои ќе се инвестираат во 3-5 компании. Разговаравме со Димитриевски околу новата инвестициска програма, а тој ни откри и малку повеќе детали околу двата стартапи што се покажаа најуспешни во првите инвестициски циклуси досега.

X Factor Accelerator ја отвори новата Инвестициска програма и инвестиции до 100.000 евра во стартап фирми. Покрај моменталната ситуација со Ковид-19 кризата, дали мислите дека тоа ќе има влијание врз храброста за започнување нов бизнис или напротив, ќе поттикне нови иновативни решенија?

Од стартувањето со работа на X Фактор Акцелератор  пред нешто повеќе од две години, заклучно со крајот на 2020 година, се реализираа два инвестициски циклуси, низ кои во конкуренција на повеќе од 100 апликанти, преку две пред-акцелераторски програми се менторираа 25 стартап тимови. На фотосот,  Игор Андреев, еден од основачите на акцелераторот и бизнис консултант во истиот, при една од менторските сесии

“Секоја криза е и нова можност”. Сметам дека овој период е доста поволен за размислување и поттик за нови, иновативни решенија. Наместо компаниите да го губат своето драгоцено време на песимистички погледи кон иднината, ова е добар период да почнат да анализираат и да се подготват за навраќање кон сите можни деловни активности и идеи кои останале нереализирани.

Оваа година и покрај предизвиците на корона кризата – X Фактор Акцелератор продолжува да креира средина која го стимулира и поттикнува развојот на новите бизниси преку поддршка на растот за регионална/глобална експанзија.

Кои критериуми треба да ги исполнат стартапите за да аплицираат на повикот?

Треба да се работи за оформен, искусен и посветен тим, оформен производ кој е во фаза на пазарна валидација, да има веќе продажба на први клиенти, и компанијата да е регистрирана во Р.С.Македонија, со најмалку 51% македонска сопственост. Оваа година фокусот е на иновативни решенија од било која дејност, со глобален потенцијал на раст.

Какво беше искуството од претходните акцелераторски програми, дали очекувате поголем број на пријавени оваа година?

Веќе со самата најава за почетокот на Акцелераторската програма добивме значаен број на квалитетни апликации. Со оглед на успехот од минатата година оваа година очекуваме поголем број на бизниси кои ќе аплицираат со иновативни идеи. Во однос на искуството од минатата година, горди сме на успехот на двете исклучително атрактивни и иновативни бизнис – идеи, за кои сме убедени дека со заеднички сили (во синергија со основачите), ќе направиме да имаат глобален успех.

Првиот стартап е во прехранбената индустрија, се работи за компанијата Матриошка (Matryoshka) чиј тим преку развој на два иновативни технолошки процеси креираше два уникатни производи во светски рамки и тоа: сладолед од вино со варијација од 5% до 13.5% вински алкохол (по желба), што има еквивалентен ефект на консумирање една чаша вино и природен адитив од комиње за разни производи во прехранбената индустрија. Тој првично ќе се додаде во основната смеса на сладоледот како засладувач, со што покрај збогатувањето со антиоксиданси, сладоледот ќе добие и природна боја и зголемен рок на траење, што крајно доведува 40% пониски калории од обичниот сладолед и претставува револуционерна идеја во двете индустрии.

За сладоледот од вино е креиран MVP (minimum viable product)  и по набавката на машините следува производство и комерцијализација за што веќе е креирана првична „Go to market“ глобална стратегија, додека природниот адитив од комиње е чекор поназад, со креиран прототип кој сѐ уште се тестира во лабораторија.

Вториот стартап е во ИТ – секторот, тоа е компанијата Вижн Дајнемикс (Vision Dynamix). Формиран е како спин – оф компанија на ФЕИТ – Скопје, при што нивниот производ е конкурентен и во споредба со оние кои се развиваат од страна на директните светски конкуренти од Силиконската долина. Станува збор за софтверска платформа (Dynamix Mapper) која создава 3Д мапи со голема прецизност, користејќи state of the art алгоритам за симултана локализација и мапирање (SLAM), спротивно на постоечките и застарени фотограметриски техники. Покрај прецизноста, уникатната конкурентска предност на ова иновативно решение произлегува пред сѐ од брзината, со оглед на фактот што целиот систем е за 20 пати побрз од конкурентските.

Софтверот може да се користи во индустрии за кои е потребно 3D мапирање, како геодезијата и градежната индустрија, при што во кастомизирана  варијанта веќе почнаа да го употребуваат домашни геодетски компании. Една од можностите која ја нуди Dynamix Mapper е за реална 3Д реконструкција на сообраќајни несреќи, со сите просторни димензии на местото на настанот. Сепак, најголемиот потенцијал на производот произлегува од фактот што и возилата со автономна навигација имаат потреба од овие решенија, за да можат во реално време и динамичка состојба да создаваат слика во 3Д формат за околината во која се движат. Развојот на софтверот е во напредна фаза, веќе се користи од страна на првите клиенти, а паралелно со неговото доусовршување се работи и на имплементирање соодветна маркетиншка стратегија за влез и комерцијализација на глобалниот пазар.  

Покрај иновативноста на производите и огромниот потенцијал за раст во светски рамки, заедничко за двата стартапи е тоа што се основани од силно мотивирани поединци со амбиција за глобален успех.

Каква ќе биде улогата на X Factor Accelerator во програмата? Кои се придобивките на пријавените и на кој начин ќе бидат менторирани?

Улогата на X Фактор Акцелераторот има за цел да ги донесе компаниите што побрзо до инвестиција и нови пазари. За таа цел X Фактор Акцелератор ќе започне со преговори за инвестирање и менторска поддршка со 5 до 10 од аплицираните компании. Дел од придобивките на пријавените се специјализирана менторска програма спроведена од нашиот тим, како и од искусни ментори од партнерските организации: ФИТР, World Bank, SwissEP, Startup Macedonia, Senior Experts Program. Покрај експертската помош, акцент ќе ставиме на валидација на постоечките решенија и бизнис модели за пристап до локалните и интернационалните пазари со искусните тимови на нашите корпоративни партнери како Oracle for startups и други локални и глобални корпорации. Техничка поддршка за компаниите преку унапредување на нивната маркетинг стратегија, дигитално присуство и развој на бренд со тимот на Monday дигитална агенција, дополнителен развој и/или валидација на софтверски решенија со експертска поддршка на ИТ професионалци од SkillUp Academy и пристап до нови пазари преку 36 Chambers. Најважниот ресурс кој го добиваат стартапите за време на програмата, освен финансиите е целокупната поддршка за вмрежување и зголемување на видливоста на бизнисите.

Дополнително – акцелераторот овозможува размена на знаења и искуства помеѓу самите претприемачи, од каде што има огромен потенцијал за произлегување на голем број нови партнерства.

Од вашето досегашно искуство, што е најважно за еден стартап да биде успешен?

Тимската работа, практичните бизнис искуства на тимот, огромната посветеност и силната желба за постигнување реални успеси и раст на глобално ниво, би ги издвоил како клучни фактори за еден стартап да биде успешен.

Секако тука се и иновативноста на продуктот како и потенцијалот за раст на глобално ниво, што е неизбежно и за квалификација на бизнисот во акцелераторската програма. Овогодишниот повик официјално е започнат и вашите апликации ги очекуваме до 15ти Март 2021 година преку веб страната на Х Фактор Акцелератор:

http://xfacc.mk/, одговорно лице за контакт: Јозефина Симитчиева 078 377 504

Continue Reading
економија7 дена ago

Нема да треба да се оди до Врање, Лидл ќе отвори маркети во Македонија

македонија7 дена ago

„НИКОБ“ влегува во здравствениот бизнис

банки7 дена ago

НБГ слави 180 години, а Стопанска банка – Скопје 21 година во рамки на грчката групација

економија7 дена ago

Промени во Триглав Осигурување: Војдан Јорданов назначен за нов извршен директор на местото на Словенецот Рок Пивк

економија7 дена ago

Finance Think: Хонорарните работници од повеќе сектори се најранливи во пандемијата

економија6 дена ago

Алексова, ТУК: Неповратна финансиска помош за спас на туризмот и угостителството

економија5 дена ago

Помала премија за речиси 5% или 8,5 милиони евра во 2020

банки6 дена ago

Fitch Rating повторно го потврди кредитниот рејтинг на ПроКредит Банка на “БББ-“

македонија5 дена ago

Опасниот вирус на лагите е сојузник на Ковид – 19

економија5 дена ago

Властите задоволни од ефектот на антикризните мерки, бизнисот бара уште