свет
Милијардерите им фрлија око на изгорените Хаваи
Додека на еден не му се стемни, на друг…

Откако пожарите опустошија дел од хавајскиот остров Мауи на почетокот од август годинава, американските милијардери од коишто добар дел веќе имаат огромни имоти на архипелагот, намирисаа евтино изгорено земјиште и ги пуштија своите агенти за недвижности да преговараат за продажба со очајните жители коишто загубија сè.
Сопственици на технолошки компании и најбогатите луѓе во светот окупираа добар дел од Хаваите со своите големи имоти, додека во исто време домородните жители се борат да го задржат она малку земја што им остана. Таа борба уште повеќе се вжешти откако пожарите го опустошија хавајскиот остров Мауи, пишува The Verge.
Извршниот директор на Amazon, Џеф Безос, ко-основачот на PayPal, Питер Тиел, претседателот и извршен директор на Nvidia, Џенсен Хуанг и коосновачот на Workday, Дејвид Дафилд, поседуваат огромни имоти на островот Мауи, додека ко-основачот на Oracle, Лери Елисон, го поседува речиси целиот близок остров Ланаи, кој исто така е дел од округот Мауи. Само Безос и Елисон сочинуваат двајца од четворицата најбогати луѓе на Земјата, но тие не се единствените кои ги избрале Хаваите за свое прибежиште, за жал на локалното население.
Кога милијардерите фрлија поглед кон Хаваите и почнаа да купуваат огромни пространства земја на островите, животот стана сè поневозможен за домородните Хавајци и другите обични жители, додека во исто време технолошките милијардери заземаат сè поголеми области на хавајските острови. Историјата како да се повторува бидејќи земјата им била одземена на домородците уште во 1893 година по соборувањето на хавајското кралство.

Имено, во 19 век Хаваи доживеале значајни политички промени. Кралот Камехамеха I. ги обединил различните острови под негово владеење и ја основал Кралската династија Камехамеха. По неколку кралеви, вклучувајќи ги и Камехамеха III. и Камехамеха IV., Кралството Хаваи доживеало контакт со европските сили и следствено модернизација. Меѓутоа, во 1893 година, група американски трговци, сопственици на плантажи и маринци го собориле последниот крал на Кралството Хаваи, поточно кралицата Лили’уокалани. Ова довело до формирање на привремена влада под водство на Санфорд Дојл, која потоа побарала анексија на Хаваи од Соединетите Американски Држави, што набрзо се случило. По неколкугодишни преговори, во 1898 година Хаваите биле формално анектирани и станале територија на САД. Ова го означило крајот на независноста на Кралството Хаваи и воспоставувањето на американска власт над островите. Во 1959 година, Хаваи станала 50-та држава на САД.
Повторен грабеж
После најсмртоносните шумски пожари во историјата на Хаваите, жителите стравуваат од ново потенцијално грабање земјиште од страна на различни агенти за недвижнини ангажирани од милијардерите, кои би можеле да ја искористат катастрофата и веќе почнале да им се јавуваат на локалните жители во потрага по евтино изгорено земјиште.
„Милијардерите кои доаѓаат на Мауи, купуваат големи парчиња земја за нивната, не знам, седма куќа за одмор, а тоа е болно за нашата заедница“, вели членката на Советот на округот Мауи, Кеани Раулинс-Фернандез, која пораснал на островот Молокаи, што кој е дел од округот Мауи.
Најекстремен пример е мини – царството на Лари Елисон на островот Ланаи. Во 2012 година, Елисон купи 98 отсто од островот за 300 милиони долари. Поседува близу 90.000 хектари, вклучувајќи ги и повеќето комерцијални имоти на Ланаи и неколку одморалишта од ланецот Four Seasons.

„Елисон е модерен американски крал – несфатливо богат и моќен – пишува Софи Александер во колумна за Bloomberg Businessweek 2022 за операциите на Елисон во Ланаи. „Многу станари и изнајмуваат од него и работат за него, а одредбата во неговите станбени договори вели дека ако те отпуштат од некоја негова фирма, може да те избркаат од дома“, пишува Александер.
Извршниот директор на Meta, Марк Закерберг, наводно платил околу 170 милиони долари за 1.500 хектари на островот Кауаи. Во 2017 година, тој поднесе тужби против потомците на земјоделците-закупци од островот коишто полагаат право на земјата, користејќи правен маневар наречен „тивка сопственост и поделба“ во обид да присили продажба на неизграденото земјиште. Откако наиде на негативни реакции од речиси сите жители на островот, тој се откажа од тужбата и објави писмо во локалниот весник The Garden Island во кое побара своевидна прошка.
„Го сакаме Кауаи и сакаме да бидеме долгорочни добри членови на заедницата“, напиша Закерберг во писмото објавено во весникот.
Тука е секако сопственикот на Amazon, Џеф Безос, кој поседува куќа на Мауи од 2021 година. Имотот од 14 хектари го чинел 78 милиони долари, а имотот се наоѓа „на нешто што е можеби единствениот преостанат песок на јужниот брег“ и вклучува 10 археолошки локалитети, пишува Maui Times.
Втор бран на колонизација

Дејвис Прајс, домородец на Хаваи и директор на непрофитната организација NDN Collective, која е посветена на градење на домородната моќ преку активизам, вели дека ова е „како вториот бран на колонизација каде што технолошките магнати создаваат свои колонии на островите Хаваи“.
„Кога имате ултра богати луѓе кои купуваат големи делови од земјиштето, им давате и поголемо влијание врз самата заедница, што станува закана за начинот на живот на домородните заедници“, вели Дејвис.
Сега, по пожарите, многу од технолошките могули побрзаа со ветувања за разна хуманитарна и финансиска помош. Меѓутоа, во исто време, опожарената земја им мириса на евтино, бидејќи многу од луѓето кои изгубија се’ во пожарите нема да имаат друг избор освен да го продадат она што некогаш го нарекуваа свој дом. Локалното население е во страв, а некои велат дека ниту една донација не е доволна од оние кои полагаат право на земјата на Хаваи. За некои, најдоброто што милијардерите можат да го направат е да ја вратат својата земја на луѓето.

„Супер богатите во светот, од Џеф Безос до Опра Винфри, кои ветуваат парични донации за поддршка на Мауи додека поседуваат стотици и илјадници хектари на островот, можат навистина да сторат нешто само преку враќање на земјата на домородните Хавајци и локалните заедници. “, рече Уахикеа Маиле, активистка од округот Оаху и професорка по домородна политика на Отсекот за политички науки во Универзитетот Торонто.
Во некој поинаков, чесен свет, тоа би се случило, но во нашиот, поверојатно е дека милијардерите ќе продолжат да купуваат земја и да метастазираат на прекрасните Хаваи, додека островите полека ќе се поларизираат на ултра богати и сите други, исто како и во остатокот на планетава.