интервју
Милка Тодорова: Стимулираме средина на еднакви можности за сите
Милка Тодорова, Претседател на У.О. и Извршен директор на УНИБанка

„Во УНИБанка личните квалитети, образованието, искуството и квалификациите се критериумите врз основа на кои се оценуваат нашите вработени кои се издигнуваат во хиерархијата, без разлика дали се мажи или жени. Ги охрабруваме нашите вработени да сочувствуваат со заедничката цел и да работат заедно во услови на меѓусебна зависност. На овој начин веруваме дека секојдневните работни задачи ќе бидат интересни, предизвикувачки и ќе донесат задоволство за секој вработен и ќе ги постигнеме нашите амбициозни цели – УНИБанка да биде сè поуспешна и да стане дел од големите банки.“
Иако за банкарскиот сектор општата перцепција е дека е поизразено „женски“, сепак во управувањето се’ уште останува машката доминација. Според најнови истражувања, 21% од местата во управните одбори на финансиските компании на глобално ниво ги држат жени, 19% се на топ менаџерски позиции, а само во 5% од овие организации дама е прв човек, односно главен извршен директор.
Во земјава, за волја на вистината, имаме банки што отскокнуваат од овие светски просеци, односно, каде што добар дел од менаџерските структури се жени, а УНИБанка е една од таквите. Како што ни вели Милка Тодорова, Претседател на Управниот одбор и Извршен директор на банката, кај нив 64% од раководниот кадар се жени, додека во вкупниот број вработени, дури 74%.
„Ова докажува дека идејата за тешко постигнување баланс помеѓу работата и домот сега е премногу застарена.“, ни вели Тодорова. Покрај за проблематиката за родова еднаквост во општеството и бизнисот, со неа разговаравме и за работењето на банката во овој исклучително тежок период на криза и неизвесност, како и за плановите за иден раст и развој.
Г-ѓа Тодорова, како би ја сумирале оваа 2022 година за УНИБанка? Кои се најзначајните достигнувања и резултати на банката оваа турбулентна година?
Оваа 2022 година беше уште една невообичаена година, овој пат под влијание на повеќе фактори – воен конфликт на нашиот континент, енергетска криза, висока инфлација. Истото резултираше со тешкотии за сите учесници во економскиот живот и силно рефлектираше и во банкарскиот систем.
И покрај кризната состојба, УНИБанка успеа да се справи со тешкотиите и забележа уште една успешна година, во која успешно издадовме втор хибриден инструмент за 2,5 милиони евра дополнителен капитал, наменет за одржување на нашите стратешки цели. За прв пат во историјата на банката исплативме дивиденда на акционерите во бруто износ од 120 милиони денари или 219,78 денари бруто износ по акција, што претставува дивиденден тековен принос од 6,64 %, што е највисок за исплатените дивиденди на банките во РСМ за 2021 година.
Очекуваме годината да ја завршиме со раст во сите делови од работењето – зголемени спрема мината година: добивка за 70 %, капитал за 12,6 %, како и клиенти и кредитно портфолио.
Како кризата се одрази конкретно врз работењето на банката, дали се почувствува извесно влошување кај враќањето на кредитите за компании и население?
Неповолниот економски амбиент во текот на годината ги стави во сериозни предизвици сите стопански субјекти – компании и физички лица. Ние во УНИБанка многу внимателно го следиме пазарното опкружување и трендови, активно и динамично управуваме со кредитното портфолио и преземаме мерки за минимизирање на ефектите од кризата врз нашите кредитокорисници. Како доверлив партнер на нашите клиенти, работиме заедно со нив на изнаоѓање взаемно корисни решенија за надминување на проблемите што би се појавиле како резултат на турбулентната пазарна средина.

Кои се главните цели што ги поставивте во Управниот одбор како стратегија за 2023 година? На што ќе се фокусира УНИБанка?
Нашата стратегија за 2023 година е да го продолжиме нагорниот развоен тренд. Планираме да растеме стабилно и одржливо фокусирајќи се на ефикасноста и доброто управување со ризикот. Ќе го зголемиме нашиот удел на пазарот преку привлекување на нови – клиенти, со подобрување на корисничкото искуство и нашата иновативност.
Во 2023 година на нашите клиенти ќе им понудиме значително подобрени електронски услуги. На прагот сме да овозможиме далечинска идентификација на постоечки и нови клиенти и користење на сите наши производи и услуги – отворање сметка, кредити, депозити и др., без потреба од посета во експозитура, вклучително и од странство.
УНИБанка е единствената банка во Република Северна Македонија која нуди финансиска услуга – тргување со инвестициско злато. Планираме уште поголема разновидност на нашите златни производи – прачки, плочки и монети.
Од следната година влегуваат нови играчи во делот на платежните услуги, т.н. финтек компании. Што очекувате да се случува на пазарот, како банката гледа на оваа конкуренција?
Ние банките сме навикнати да работиме во високо конкурентна средина, што не прави поамбициозни и пофокусирани на постојано подобрување на нашите производи и услуги. Веруваме дека ќе можеме да понудиме сè што ќе понудат и финтек компаниите, на начин што целосно да ги задоволи нашите клиенти.
УНИБанка долги години одржува и развива програма за лојалност за своите клиенти – посебни поволни услови, како што се повисоки каматни стапки на депозити, пониски каматни стапки на кредити, како и одредени ослободувања од провизии и многу други поволности за клиентите со редовни приливи на своите сметки во УНИБанка.
Да се осврнеме малку на темата на овој специјален прилог… Како вие гледате на проблемот на женското лидерство во општеството и економијата? Како да дојдеме до повеќе жени претприемачки, раководители и останати водечки позиции?
Сметам дека улогата на жената во општеството е многу важна и сеприсутна – не само во семејството, туку и во бизнисот и во јавниот живот. Во секој тим, жените придонесуваат со различни перспективи и создаваат средина погодна за избалансирани одлуки. Сметам дека целото општество треба да работи на елиминирање на родовите стереотипи и задоволна сум што во последните децении видов како тоа се случува во пракса. Се’ повеќе жени заземаат лидерски и јавни позиции, и тоа е одлично.
Дали во УНИБанка постои дефинирана програма за стимулирање на родовата еднаквост и што опфаќа таа?
Во УНИБанка 74% од вработените се жени, исто така 64% од раководниот кадар се жени. Ова докажува дека идејата за тешко постигнување баланс помеѓу работата и домот сега е премногу застарена.
Во УНИБанка личните квалитети, образованието, искуството и квалификациите се критериумите врз основа на кои се оценуваат нашите вработени кои се издигнуваат во хиерархијата, без разлика дали се мажи или жени.
Според некои истражувања компаниите со женско лидерство постигнуваат и подобри резултати од своите конкуренти со типично машко водство. На што се должи тоа според вас, која е компаративната предност на жените во лидерството?
Да, не мал број студии покажуваат дека компаниите котирани на берза, каде жените се главни извршни директори или финансиски директори, често се попрофитабилни и имаат подобри перформанси на цените на акциите.
Мое лично мислење е дека жените ја имаат предноста да бидат повешти во мулти-таскинг, да управуваат со задачи од различна природа, тие се емотивно интелигентни, студиозни и емотивно врзани за сè што прават.
Жените го балансираат поголемото преземање ризик, што е покарактеристично за мажите и создаваат поволна средина за избалансирани одлуки.
Колку е за вас значајно тимското работење за постигнување на добри резултати? Дали сте вие тимски играч и кои вредности се трудите да ги стимулирате кај вашиот тим?
Тимското работење е основа за постигнување на добри резултати. Добрата тимска работа значи синергија. Ова ги максимизира индивидуалните сили на членовите на тимот за да се претстават најдобро што можат.
Во УНИБанка ги охрабруваме нашите вработени да сочувствуваат со заедничката цел и да работат заедно во услови на меѓусебна зависност. На овој начин веруваме дека секојдневните работни задачи ќе бидат интересни, предизвикувачки и ќе донесат задоволство за секој вработен и ќе ги постигнеме нашите амбициозни цели – УНИБанка да биде сè поуспешна и да стане дел од големите банки.