интервју
Младеновска – Крцкоска: Проценувањето мора да стане професија по европски терк
Надица Младеновска – Крцкоска, претседател на Асоцијацијата на независни проценувачи

„Нашата мисија е после големиот успех да што го постигнавме во последните години со членство во ТЕГоВА и со добивање на можност за издавање на РЕВ сертификат, да придонесеме Република Северна Македонија да воспостави законодавство од областа на процена согласно теркот на Европската унија и во целост да ги примениме европските и меѓународните стандарди за проценување, а не процената да се изготвува согласно некоја наша национална методологија, каква што не постои и не се применува никаде во светот.“
Ве молам, објаснете за нашите читатели околу формирањето и активностите на Асоцијацијата на независни проценувачи? Кои се главните цели и мисија на Асоцијацијата?
Асоцијацијата на независни проценувачи е формирана во април 2018 година со една и единствена цел, воспоставување на европски вредности во областа на процена во Република Северна Македонија.
Имено, јас во периодот од 2012 до крајот на 2017 година бев претседател на Комората на проценувачи на Република Северна Македонија. За време на мојот мандат ја зачленив Комората на проценувачи во ТЕГоВА (TEGoVA- Европска асоцијација на проценувачи и во ИВСЦ – Совет на меѓународни стандарди за проценување.
Мојата визија уште во тој период беше да воведам европски и меѓународни стандарди за проценување, но за жал не наидов на разбирање од страна на членовите на комората и од страна на надлежните министерства. Концептот на воспоставување на професијата проценувач беше уште од почеток погрешена со оглед дека во целиот свет проценувач е физичко лице кое врши процена и поседува одреден сертификат.
Кај нас за вршење на процена треба да биде основано друштво со најмалку двајца проценувачи од соодветна област, кои поседуваат уверение за положен стручен испит од одредена областа на процена и да добијат лиценца за вршење на процена од одредена област. Во 2012 кога беше донесен Законот за процена се предвидоа дванаесет области за процена, со осум надлежни министерства за издавање на лиценци и на крај Министерство за правда како надлежно министерство за контрола на Комората на проценувачи, како задолжително здружение на проценувачи каде треба да членуваат проценувачите.
Вакво нешто не постои никаде во светот, со оглед дека меѓународните стандарди за процена регулираат само три области на процена – процена на недвижности, процена на капитал и процена на финансиски инструменти, потоа во секоја земја постојат неколку независни здруженија на проценувачи во кои по свој избор членуваат проценувачите кои ги издаваат одредени национални или меѓународни сертификати. И во одредени земји соработка имаат со Министерство за финансии, со цел зголемување на приходите преку проценување на пазарната вредност на недвижностите.
Кога видов дека не можам да ја остварам својата цел и да воведам европски вредности на проценување преку Комората на проценувачи, во 2018 година со мои колеги ја основав Асоцијацијата на независни проценувачи.
Во овој момент во Асоцијацијата членуваат професионалци, проценувачи од приватни компании за процена и проценувачи од банките, што мене лично ми преставува особено задоволство, затоа што тоа значи дека ги препознале европските вредности во работењето на Асоцијацијата.
Нашата мисија е после големиот успех да што го постигнавме во последните години со членство во ТЕГоВА и со добивање на можност за издавање на РЕВ сертификат, да придонесеме Република Северна Македонија да воспостави законодавство од областа на процена согласно теркот на Европската унија и во целост да ги примениме европските и меѓународните стандарди за проценување, а не процената да се изготвува согласно некоја наша национална методологија, каква што не постои и не се применува никаде во светот.
Што значи тоа за вашата асоцијација членството во ТЕГоВА, какви придобивки и предности донесува?
Од април 2019 година Асоцијацијата на независни проценувачи на годишното собрание на ТЕГоВА стана членка на ТЕГоВА, Европска групација на асоцијации на проценувачи. Да објаснам малку, ТЕГоВА е Европска групација на асоцијации на проценувачи основана во 1997 година која ги застапува интересите на 72 асоцијации од 38 земји со вкупно 70.000 членови. Нејзината главна цел е создавање и ширење на европските стандарди за процена, едукација и почитување на етичкиот кодекс при проценување. ТЕГоВа има три категории на членство: полноправно членство, придружно членство и набљудувачко членство.

Полноправно членство е наменето за асоцијации на проценувачи кои се од Европска унија, придружно членство е наменето на земји надвор од ЕУ, Набљудувачко членство за асоцијации одобрени врз основа на одлука на бордот на ТЕГоВА. ТЕГоВА ги издава Европските стандарди за проценување уште од 1980 година, и оваа година го издаде деветтото издание на ЕВС 2020, со примена од 1 јануари 2021 година.
Она што треба да го потенцирам е дека Европските стандарди за проценување се наменети исклучиво за процена на недвижности. Членството во ТЕГоВА како Асоцијација ни значи многу затоа што пред се’, сме дел од европското семејство кое ги применува европските стандарди за проценување. Наша најголема придобивка е стекнување на АМА статусот и започнување со издавање на РЕВ сертификатот и сме единствена асоцијација во земјава што издава препознатлив европски сертификат.
Што значи оваа ексклузивност за вашата асоцијација и за вашите членови?
Како што веќе кажав најголема придобивка е стекнување на АМА статус – статус кој значи дека Асоцијација на независни проценувачи има право да го издава РЕВ сертификат. Во 2019 година Асоцијацијата на независни проценувачи после поминати контроли од страна на ТЕГоВА за исполнување на условите за стекнување на АМА статусот и со исполнување на сите барани критериуми воспоставени од страна на ТЕГоВА, се стекна со АМА статус и се стекна со право да го издава РЕВ сертификатот.
РЕВ е ознака за препознатлив европски проценувач – марка на одличност во проценка на недвижности. РЕВ статусот демонстрира на меѓународни и локални клиенти дека проценувачот е квалификуван да ги применува високите европски стандарди за проценување. РЕВ ознаката овозможува проценување на европско ниво и дава можност на нашите членови да го прошират своето работење и да вршат процена во сите земји на ЕУ. Исто така тоа овозможува меѓународните компании кои се во РСМ да ги ангажираат нашите членови проценувачи при проценување на недвижности при што се сигурни дека ќе добијат високо квалитетна процена изработена согласно европските стандарди за проценување.
Постапката за стекнување со РЕВ ознаката не е едноставна, треба да се почитуваат сите пишани правила од страна на ТЕГоВА, тоа значи прво поминување на едукација – Процена на недвижности, која едукација Асоцијација на независни проценувачи ја спроведува заедно со Националната асоцијација на проценувачи на Србија, потоа се спроведува писмен и устен испит, па се спроведува РЕВ интервју и на крај доколку кандидатот успешно ги помине испитот и интервјуто, комисијата го одобрува РЕВ сертификатот.
Јас се стекнав со РЕВ сертификатот уште во 2014 година и морам да потенцирам дека ознаката РЕВ ми овозможи подготвување на процена за голем број на меѓународни компании, кои го препознаа квалитетот на Европските стандарди за проценување. На први декември, осум акредитирани членови на Асоцијацијата на независни проценувачи се стекнаа со РЕВ ознака.
Оваа година за прв пат во историјата ТЕГоВА ги издаде Европските стандарди за процена на капитал, што можете да ни кажете во врска со тоа?
Да, оваа година, а после долг период на работење, ТЕГоВА ги објави Европските стандарди за процена на капитал. Мене лично ми преставува особена чест и задоволство затоа што сум дел од бордот кој ги подготвуваше Европските стандарди за процена на капитал.
Со колегите, а под раководство на мојата драга пријателка и колешка Данијела Илиќ, ги создадовме првите Европските стандарди за процена на капитал, кои ќе придонесат процената на капитал да се врши со голем квалитет согласно овие стандарди.
Знаете ова е типично македонски синдром, да бидеш многу повеќе професионално почитуван надвор од земјата отколку во својата земја и затоа создавањето на овие први Европски стандарди за процена на капитал за мене лично значат многу, убаво е да се биде дел од една историја на создавање. Следен чекор е едукација на европските проценувачи за примена на Европските стандарди за процена на капитал.
Зошто е битна улогата на независните проценувачи во рамките на една национална економија?
Улогата на независните проценувачи во рамки на една национална економија е особено значајна, затоа што независните проценувачи почитувајќи ги европските стандарди за проценување и почитувајќи го етичкиот кодекс на однесување ги изготвуваат процените согласно пазарната вредност.
Ние во РСМ имаме една голема нелогичност, процените за потребите на општините ги вршат проценувачи кои се вработени во општината, процените за потребите на банките ги изготвуваат проценувачи кои се вработени во самите банки, а процените за потребите на државата и државните институции ги вршат исклучиво проценувачи вработени во бирото за судски вештачења.
Не велам дека не треба да има вработени проценувачи во овие институции, туку треба процените да се изготвуваат од страна на независни проценувачи согласно европските стандарди за проценување и согласно пазарната вредност. Само изготвување на процени согласно овие принципи ќе придонесе за правилна процена на недвижностите, правилно оданочување, а тоа ќе се придонесе за зголемување на буџетот.
Какви активности планирате за следната година, кон што ќе се фокусирате како Асоцијација?
Планираме многу активности, пред се продолжуваме со обуките за проценувачи кои сакаат да се стекнат со РЕВ ознака, а има голем интерес, потоа имаме континуирана професионална едукација, затоа што нашите членови треба да имаат годишно 20 часа на професионална континуирана едукација, ја продолжуваме заедничката соработка со нашите колеги од Србија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија во спроведување на заеднички конференции и семинари, и се надевам дека во 2021 година ќе имаме можност за средби со физичко присуство на нашите колеги.
Најзначаен фокус е остварување на соработка со Владата на РСМ и можност за примена на Европските стандарди за процена и организирање на професијата проценувач согласно европските и меѓународните искуства.
На крај на сите мои колеги и на сите ваши читатели би сакала да им посакам среќна и успешна 2021 година, и што побрзо да се вратиме во реалноста како пред пандемијата.