економија
ММФ: Војната во Украина ќе ја погоди целата светска економија

Светот го чека забавен раст и забрзана инфлација, вели ММФ во својот најнов осврт.
Освен страдањата и хуманитарната криза од руската инвазија на Украина, целата глобална економија ќе ги почувствува ефектите од забавениот раст и забрзаната инфлација, вели Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во својот најнов осврт.
Според ММФ, ефектите врз глобалната економија ќе бидат проследени преку три главни канали. Прво, повисоките цени на стоките како што се храната и енергијата дополнително ќе ја поттикнат инфлацијата, со што ќе се намали вредноста на приходите и ќе се намали побарувачката.
Второ, особено економиите на Русија и Украина, како и земјите од нивното непосредно окружување ќе се измачуваат со нарушената трговија, синџирите на снабдување и девизните дознаки од странство, како и со огромниот број бегалци. И трето, намалената доверба во бизнис секторот и нараснатата неизвесност кај инвеститорите ќе влијаат на цените на активата и сите видови средства, поради што ќе се затегнат финансиските услови и потенцијално ќе се поттикне на одлив на капитал од пазарите во развој.
Русија и Украина се големи светски производители на суровини, а војната веќе предизвика голем раст на глобалните цени на практично сите суровини, особено на нафтата и природниот гас. Трошоците за храна скокнаа, а пченицата, каде што Украина и Русија сочинуваат 30 отсто од светскиот извоз, достигна рекордни ценовни нивоа.
Цените на енергијата, металите и житото скокнаа вртоглаво по инвазијата врз Украина, со што се забрзува глобалната инфлација

Освен глобалните прелевања на негативните ефекти од кризата, земјите што се директно зависни од трговија, туризам и финансиска изложеност, ќе почувствуваат дополнителни притисоци. Економиите зависни од увоз на нафта ќе забележат поширок фискален и трговски дефицит и поголем инфлациски притисок, иако некои извозници како оние на Блискиот Исток и Африка може да имаат корист од повисоките цени.
Поострите зголемувања на цените на храната и горивото може да поттикнат поголем ризик од немири во некои региони, од Субсахарска Африка и Латинска Америка до Кавказ и Централна Азија, додека тешкотиите во обезбедувањето храна веројатно дополнително ќе се зголемат во делови од Африка и на Блискиот Исток.
Тешко е да се измерат овие негативни ефекти, но веќе гледаме дека нашите прогнози за раст веројатно ќе бидат ревидирани следниот месец кога ќе понудиме поцелосна слика во нашиот Светски економски преглед и регионалните процени, велат од ММФ.
Подолгорочно, војната може фундаментално да го промени глобалниот економски и геополитички поредок доколку се променат каналите на трговијата со енергија, се реконфигурираат синџирите на снабдување, се фрагментираат платежните мрежи и ако земјите ги преиспитаат своите девизни резерви. Зголемената геополитичка тензија дополнително го зголемува ризикот од економска фрагментација, особено за трговијата и технологијата.
Енергијата е главниот канал за прелевање на кризата во Европа
За Европа конкретно, ММФ потврдува дека последиците за Украина веќе се огромни. Невидените санкции кон Русија ќе го нарушат финансиското посредување и трговијата, неизбежно предизвикувајќи длабока рецесија таму. Депрецијацијата на рубљата ја поттикнува инфлацијата и дополнително го намалува животниот стандард на населението.
Енергијата е главниот канал за прелевање на кризата во Европа бидејќи Русија е клучен извор на природен гас за континентот. Поширок прекин на синџирот на снабдување исто така може да биде последица. Овие ефекти ќе ја поттикнат инфлацијата и ќе го забават закрепнувањето од пандемијата. Источна Европа ќе доживее зголемени финансиски трошоци и пораст на бегалците. Таа ги апсорбира повеќето од трите милиони луѓе кои досега избегаа од Украина, покажуваат податоците на Обединетите нации.
Европските влади, исто така, може да се соочат со фискални притисоци од дополнителните трошоци за енергетската безбедност и буџетите за одбрана.
Додека странската изложеност кон падот на руските средства е скромна според светските стандарди, притисоците врз пазарите во развој може да растат доколку инвеститорите бараат побезбедни засолништа. Исто така, повеќето европски банки имаат скромна директна изложеност кон Русија.