економија
ММФ: има простор за повисоки плати во јавниот сектор, но да се пази на инфлацијата
Проектирана инфлација од 9,2% годинава, а до 2026 да се спушти до 2%

ММФ оценува дека е разбирливо што работниците во јавниот сектор бараат повисоки плати. Бидејќи растот на цените ја намали куповната моќ на домаќинствата. Веќе има простор во буџетот на централната влада да се приспособи за зголемување на масата за плати од близу 10 проценти, слично на проектираната стапка на инфлација за 2023 година, вклучително и усогласувањето на минималната плата оваа година. Сè што е над ова би создало големо и трајно оптоварување на буџетот, а исто така би ризикувало да ги истисне другите суштински трошоци. Големите зголемувања на платите, исто така, носи ризик да ја претворат привремено високата инфлација во постојано висока инфлација.
Инфлацијата започна да забавува, помогнато од пониските цени на енергијата и храната, но и како резултат на затегнувањето на монетарната политика. Монетарната политика на Народната банка придонесе за стабилизирање на инфлациските очекувања и постепено намалување на инфлацијата. Банкарскиот сектор е стабилен и има доволен капацитет да се справи со последиците од затегнатите финансиски услови и другите шокови. Ова се наведува во заклучоците на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која престојуваше во нашата земја на почетокот на овој месец.
Во објавата на заклучоците, Мисијата наведува дека Народната банка ја продолжи нормализацијата на монетарната политика преку зголемување на каматите, но и преку користење други мерки за да се осигури дека високата инфлација нема да потрае. Според очекувањата на ММФ, оваа година инфлацијата ќе изнесува просечно 9,2% и ќе се намали на 3,5% наредната година. Проекцијата е инфлацијата да дојде до 2% во 2026 година. Покрај придонесот за постепено намалување на инфлацијата и стабилизирање на инфлациските очекувања, монетарните мерки придонесоа и за стабилноста на девизните резерви, наведуваат од Мисијата. Имајќи го предвид фиксниот девизен курс на денарот, девизните резерви се најважната алатка во одржувањето на неговата стабилност.
„Јавните финансии се на пат да ја исполнат целта за дефицитот утврдена во Буџетот за 2023 година одобрен од Парламентот. Сепак, доцнењето во усвојувањето на реформата на даночната политика и солидарниот данок можат да ги компромитираат даночните приходи и да ги загрозат приоритетните трошоци. Во овој контекст, даночната реформа треба да се усвои без одлагање со оглед на долгиот период за јавни консултации, а истото се однесува и на солидарниот данок. Дополнително, напорите за подобрување на наплатата на даноците треба да се одржат и забрзаат“, вели шефот на мисијата на ММФ Жак Манијане.
Банкарскиот сектор е ликвиден и профитабилен
Мисијата на ММФ посочува дека банкарскиот сектор е ликвиден, профитабилен и соодветно капитализиран, при што од ММФ посочуваат дека позитивните тековни услови треба да се искористат за натамошно зајакнување на капиталот. ММФ, исто така, ги поддржува макропрудентните мерки коишто ги усвои неодамна Народната банка, а коишто се однесуваат на квалитетот на кредитната побарувачка, за кои наведуваат дека се важна алатка за управување со ризиците во секторот „недвижнини”.
ММФ оценува дека е разбирливо што работниците во јавниот сектор бараат повисоки плати. Бидејќи растот на цените ја намали куповната моќ на домаќинствата.
Во изминатите недели во Северна Македонија на протест излегоа вработени во Царина, во Управа за јавни приходи, вработени во културата, во образованието, во судските служби. Сите бараат повисоки плати. Револтот особено се засили откако во април избраните и именувани функционери почнаа да зимаат плати зголемени за 78 проценти. Власта вели дека се бара целосно решение за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, но дека нема да се решаваат поединечни случаи.
„Веќе има простор во буџетот на централната влада да се приспособи за зголемување на масата за плати од близу 10 проценти, слично на проектираната стапка на инфлација за 2023 година, вклучително и усогласувањето на минималната плата оваа година. Сè што е над ова би создало големо и трајно оптоварување на буџетот, а исто така би ризикувало да ги истисне другите суштински трошоци. Големите зголемувања на платите, исто така, носи ризик да ја претворат привремено високата инфлација во постојано висока инфлација“, смета ММФ.
Струјата не може вечно да биде субвенционирана за сите домаќинства
Фискалната консолидација треба да продолжи да ја поткрепува фискалната одржливост и да обезбеди адекватни фискални резерви за следната криза, велат од ММФ.
„Иако реформата на блок-тарифите за електрична енергија во 2022 година беше значаен чекор во вистинската насока, цените на електричната енергија за повеќето домаќинства остануваат силно субвенционирани и се меѓу најниските во Европа. Како резултат на тоа, јавните финансии остануваат ранливи на порастот на цената на енергијата. Иако зголемувањето на тарифите за енергија никогаш не е лесно, ќе биде важно да се продолжи со реформите на тарифите за електрична енергија кои постепено ќе ги укинуваат субвенциите и ќе ја зајакнуваат енергетската ефикасност. Сегашниот контекст на пониски меѓународни цени на енергијата дава можност за продолжување на ваквите реформи. Поддршката за сметките за електрична енергија треба да биде насочена кон посиромашните домаќинства, наместо да им користи на повеќето домаќинства на нетаргетиран начин, како што е моментално“, оценува ММФ.
Во прелиминарните наоди се нагласува дека структурните и институционалните реформи, се клучни за изгледите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, и треба да се забрзаат за да се зајакнат изгледите за раст на земјата и приближување кон приходите на ЕУ на среден рок. Што се однесува до проектите за патиштата од Коридорите 8/10д, од ММФ посочуваат дека сè уште ги проценуваат импликациите врз јавните финансии.