економија
ММФ ѝ одобри на Македонија 530 милиони евра од Кредитната линија за претпазливост

По финалното одобрување на овој инструмент од страна на Бордот на ММФ, кое се очекува подоцна во текот на овој месец, на нашата земја веднаш ќе и бидат ставени на располагање 110 милиони евра за финансирање на буџетските потреби и за полесно соочување со шоковите кои ги донесе енергетската и ценовната криза.
Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) даде зелено светло за доделување 530 милиони евра на Северна Македонија преку Кредитната линија за претпазливост (The Precautionary and Liquidity Line – PLL) во рок од 24 месеци, соопшти денеска Министерството за финансии.
„По финалното одобрување на овој инструмент од страна на Бордот на ММФ, кое се очекува подоцна во текот на овој месец, на нашата земја веднаш ќе и бидат ставени на располагање 110 милиони евра за финансирање на буџетските потреби и за полесно соочување со шоковите кои ги донесе енергетската и ценовната криза. Самата намена на инструментот е да пружи ликвидносна поддршка на здрави економии во време на шокови и кризи, каква што е тековната глобална ситуација“,информираат од Министерството.
ПЛЛ е инструмент со кој ММФ обезбедува ликвидност за надминување одредени шокови и предизвици за време на кризни епизоди. Она што е од особено значење за нас е што овој инструмент им се доделува на земји коишто имаат здрави економски фундаменти, практикуваат и ќе практикуваат здрави макроекономски политики и оттаму, имаат макроекономска стабилност.
При процесот на одобрување пристап до овој инструмент, се врши оцена на повеќе сегменти меѓу кои и на монетарната политика, платнобилансната позиција, супервизијата на финансискиот сектор, како и на соодветноста на статистичките податоци. Доколку кај која било од овие категории земјата има значителни слабости, тогаш таа не може да добие пристап до овој инструмент.