македонија
Многу несреќи, недоволно одговорност
Колку се безбедни македонските патишта?

Ужасните сообраќајни несреќи кои резултираа со човечки жртви во главниот град ја отворија темата за безбедност на сообраќајот – колку ни се безбедни градските улици, но и патиштата низ земјата?
Сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот, безбедноста на патиштата и соодветна патна инфраструктура, се едни од сегментите кои најмногу говорат за степенот на развој на една држава.
Експертите бараат посериозна стратегија, државата вели – работиме на тоа.

Сообраќајната култура е еден од најважните елементи на сите учесници во сообраќајот, а едукацијата треба да започне во основните училишта.
Ужасните сообраќајни несреќи кои резултираа со човечки жртви во главниот град ја отворија темата за безбедност на сообраќајот – колку ни се безбедни градските улици, но и патиштата низ земјата?
Сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот, безбедноста на патиштата и соодветна патна инфраструктура, се едни од сегментите кои најмногу говорат за степенот на развој на една држава.
Во Македонија годишно во сообраќајни несреќи загинуваат од 160 до 180 лица, бројка која според професорката Верица Данчевска од Техничкиот факултет во Битола е висока, имајќи го предвид индикаторот по број на жители.
Прилагодување на брзината и условите на патот, поголемо присуство на полицијата на терен, мониторинг на сообраќајот, едукација уште од најмали нозе, соодветно одржување на патиштата, се некои од мерките кои може да придонесат за зголемување на безбедноста и намалување на сообраќајните несреќи.
„Со почетокот на пандемијата бидејќи беа ограничени движењата, бројот на жртви и сообраќајни несреќи малку се поднамали, но не изостанаа воопшто како што се очекуваше да се намалат. Не само што не изостанаа туку се случуваа со големи катастрофални последици и во урбаните средини и надвор од урбаните средини. Ако сме имале веќе некаква воспоставена пракса за мониторинг на сообраќајот и безбедноста, значи дека нешто недостасува и дека треба да се реагира на терен“, вели професорката.
Според професорката Данчевска, има разлика доколку сообраќајната несреќа е направена од небрежност или со умисла:
„Кога го анализираме правниот аспект на криминалистичките дејствија во сообраќајот може да се анализираат два аспекти од небрежност и со умисла. Од небрежност може да се направи грешка кога инцидентно излегла ситуација и се реагирало непотребно, меѓутоа сообраќајните дејства како што се недозволено престигнување, движење со недозволена брзина, свртување полукружно на недозволено место, влегување во улица со забранет сообраќај се намерни дејствија во сообраќајот – воопшто не се случајни, значи возачот има намера да прекрши сообраќајно правило и прописи кои често пати предизвикуваат сообраќајни незгоди. Еден од проблемите исто така е, што учесниците во сообраќајот, правилата ги почитуваат додека ја добијат возачката дозвола, а потоа, истите тие правила ги прекршуваат“.
Таа објаснува дека со 36 часа едукација во автошколите и со полагање во испитните центри не значи дека секој којшто ќе се стекне со возачка дозвола, подготвен е активно да се вклучи во сообраќајот. Уште повеќе што, голем процент од возачите кога се едуцираат и додека да положат за возачка дозвола ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а кога ќе добијат возачка дозвола се однесуваат и возат скратувајќи од тие правила, непочитувајќи било да се работи од случајна грешка или смислено дејствие.
Сообраќајната култура е еден од најважните елементи на сите учесници во сообраќајот, а едукацијата треба да започне во основните училишта.
„Сообраќајната култура се гради од најмали нозе, потребно е да се воведе сообраќајно образование од најмала возраст за да се едуцираат за кога ќе станат возрасни да бидат спремни личности кои ќе ги почитуваат сообраќајните правила и прописи,а не личности кои ќе земаат возачка дозвола и ќе се однесуваат како сакаат на патиштата со скапи и современи возила кои често пати не одговараат на квалитетот на патот и рангот на инфраструктурата и брзината со која што се движат.“ вели Данчевска.
Според професорката сообраќајните несреќи се и трошок за општеството, па оттука државите треба да работат на нивно превенирање.
„Доколку некој намерно ги прекршува сообраќајните правила и прописи треба да биде санкциониран. Меѓутоа треба да биде санкциониран во редовни контроли и постапки, не откако ќе се случи сообраќајна незгода, затоа што сме во настан во кој што сите имаат голема загуба. И учесниците во сообраќајната незгода, предизвикува големи трошоци од осигурителни компании, адвокати, судови, обвинителство, вештаци,и на крај не ги пресметуваме општествените трошоци, односно екстерни трошоци како што се викаат, кои се едни од основните теми во транспортната економика во развиените земји. На пример се случува сообраќајна несреќа, се запира сообраќајот, додека трае увидот, кој ќе ги плати трошоците на сите оние кои се затекнале таму и кои планирале некое друго дејство, работа. Кој ќе ги плати трошоците од загадувањето од сообраќајот, застојот на возилата и сл.“ вели таа.
Користење на технологијата, но потребни се регулативи

Има многу примери од европските држави од кои државата треба да учи и да ги имплементира во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Шведска е првата земја од ЕУ која го развива системот „визија нула“, односно намалување на жртвите од сообраќајните несреќи со цел до 2050 година да нема жртви од сообраќајни несреќи.
Македонија ги прифаќа таквите стратегии, но за да имаме резултати во сето ова, потребно е да работиме многу на терен. Многу примери има од развиените земји, како да се мониторираат возилата, како да се санкционираат оние кои што намерно го прекршуваат законот, како нормално да се одвива сообраќајот и секој да си ги почитува своите права и обврски во сообраќајот, бидејќи сообраќајот е правно регулирана дејност и се знае кој каде може да помине и како треба да се движи, сето тоа е овозможено со сообраќајната сигнализација. За зголемување на безбедноста во сообраќајот во урбаните средини, потребно е и ставањето во функција на камерите по градските улици.
„Новите модерни трендови се значајни и доведуваат до зголемување на безбедноста во сообраќајот со центар за следење и управување со сообраќајот, каде што во урбаните средини се мониторираат преку камери, на крстосниците движењата, кој како се движи, дали намерно прави прекршоци, па дури може и да се забележи по регистарски број, меѓутоа, потребни се законски регулативи. Во Скопје тоа го имаат, Центар за управување во сообраќајот, и може да биде чекор, со којшто и понатаму тие податоци би се користеле и од МВР“, вели професорката.
Професорката Данчевска објаснува дека многу често на социјалните мрежи луѓето теоретизираат како треба да се однесуваме во сообраќај, но праксата говори дали ги почитуваме сообраќајните правила или пак ги прекршуваме:
„Па како нација ако може на социјалните мрежи да коментираме и ако секој кој што ќе положи за возачка дозвола се мисли за експерт во сообраќајот, тогаш да можеме да се едуцираме малку повеќе, да се преиспитаме себеси дали она што ние го знаеме и го коментираме, доследно го спроведуваме на терен, дали сме истите луѓе кои знаат едно да пишуваат и теоретски да кажуваат,а сосема поразлично возат, како се однесуваат во сообраќајот. Затоа што секогаш го застапувам мислењето, затоа што недозволените дејствија во сообраќајот, посебно дејствието на престигнување во простор во кој треба да се движат возилата од спротивна насока, не е само обичен сообраќаен прекршок туку е многу повеќе, за земање на просторот на движење на другиот кој доаѓа од спротивна насока, и тоа е загрозување на основното уставно право за движење и живеење.“
Што прави државата?

Во Министерство за транспорт и врски веќе е при крај подготовката на Законот за Агенција за безбедност на сообраќајот на патиштата, бидејќи работата на терен во однос на безбедноста на сообраќајот опфаќа континуирана работа на сите надлежни институции, но најважно пред се е да се работи на превенцијата.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски вели дека оваа Агенција ќе помогне многу, оти планирана е по примерот на европските земји:
„Не се работи само за формирање на ново тело што ќе се полни со администрација и ќе биде неефикасно. Луѓето вработени таму ќе бидат од редовите на веќе вработените во администрацијата, во сите сектори кои имаат надлежност во оваа област и на тој начин ќе се постигне координирана работа за поголема безбедност во сообраќајот“
Бочварски исто така вели дека и инвестициите во магистралните патишта ќе имаат влијание на зголемување на безбедноста, а особено го потенцира Коридорот 8 на којшто интензивно се работи.
Со откочувањето на административните блокади за автопатот Скопје – Охрид, Бочварски предвидува истиот да биде завршен во рок од две години, со што дополнително ќе се зголеми безбедноста на овој важен патен правец.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, каде се директно надлежни за санкционирање велат дека лани, за четири пати го зголемиле обемот на сообраќајни контроли за разлика од 2020 година.
На забелешката дека малите бројки во 2020 година можеби се должат на ковид-пандемијата, затворањата, намалениот интензитет на сообраќајот, министерот Оливер Спасовски вели напротив, во таа година бројката на жртви во сообраќај изнесувала 125, наспроти 111 во 2021 година.
Јавноста секојдневно е информирана за засилени акциски контроли на полицијата, за изречување на мерки, но кога ќе загинат двајца пешаци за неполна недела, граѓаните меѓу другото, ја осудуваат и работата на полицијата бидејќи не е доволно на терен за да превенира.
Но, според министерот Спасовски, статистички податоци покажуваат колку полицијата е активна и на каков начин се третира прашањето за безбедноста во сообраќајот.

„Сообраќајните казни како споредба 2020 и 2021 година, во 2020 година имало 55.444 казни по сите основи во сообраќајот. Оваа година имаме 240.871 казна. Значи за четири пати се зголемува обемот на контроли на сообраќајот во државата. Тука има податок кој е важен за нас, за државата и е наша цел која сакаме да ја постигнеме, а тоа е во делот на бројот на жртви во сообраќајот, во периодот од 2013 до денеска е даден како податок. Во 2013 година сме имале 198 жртви за една година во сообраќај, 2016 има 165 жртви, и 2021 имаме 111. Заклучокот е дека секоја година имаме драстичен пад“, вели тој.
Клучните цели на Министерството за внатрешни работи според министерот Спасовски се намалување на жртвите во сообраќајот, намалување на тешките телесни повреди и намалување на сообраќајни несреќи со големи материјални штети.
„Санкции за возач почетник 2020 се 1.997, годинава 4.386. Санкции за непрописно престигнување, во 2020 се 782, во 2021 се 4.227. Санкции за нерегистрирани возила 163 во 2020, 402 во 2021. Еве ја можеби најдрастичната разлика, санкции за пребрзо возење, тоа што сите се прашуваме зошто и на кој начин се вози по улиците, 2020 завршува со 4470 санкции, а во 2021 се 104.703 санкции. Ова само покажува колку полиција има на терен. Или санкционирани пијани возачи во 2020, 3.530 а во 2021 се 10.360 возачи под дејство на алкохол, санкции за управување без возачка дозвола, во 2020 17.480, а во 2021 се 24.053.“ вели тој.

Според Спасовски, постои нелогичност во тврдењето дека во 2020 година сме имале локдаун и поради тоа имаме намалување на сообраќајните прекршоци.
„Напротив, гледајте колку жртви во сообраќајот имаме во 2020, 125. Значи на локдаун кога нема движење, вие имате поголем број на жртви, а во 2021 година не беше година во која имавме какви било ограничувања во движењето е 111. Еве ја 2013, се 198. Ова само покажува за активноста на МВР на одделот за сообраќајна полиција во однос на обезбедување на поголема безбедност на патиштата. Поставувањето на камери за сообраќајни прекршоци на автопатиштата и регионалните патни правци беше најавено за лани, но за овој проект се работи на неговата финансиска конструкција. Значи, во овој дел комплетно ни е подготвен проектот, работиме на финансиската конструкција бидејќи тоа не се малку финансиски средства кои треба да се издвојат од буџетот. Има неколку варијанти врз основа на кои можеме да дојдеме до целосно завршување на овој проект, јас очекувам дека наскоро ќе го затвориме целиот овој процес и ќе можеме да преминеме на реализација на проектот кој што ќе значи пред се’ исклучување на човечкиот фактор во делот на следење на состојбите во сообраќајот, затоа што е важно секој еден без селективност, транспарентност, да поднесе одговорност за она што го прави.“ објаснува првиот полицаец.
За да постојат добри сообраќајни контроли и тоа да се прави во континуитет, министерот Спасовски го истакна и значењето од техничка опременост на одделот за сообраќајна полиција.
„Само ќе напомнам, во 2015 година, во МВР имавме само 10 радари за мерење на брзина и само седум апарати за алко – тестирање, тоа беа можностите на МВР и заради тоа мораше да се воспостават основи за нормално функционирање. Затоа набавивме најсовремени радари за дневно контролирање во сообраќајот. Прв пат во независна Македонија имаме и радари за ноќно снимање, огромен број на дрегери за алко – тестирање, сега имаме можност тоа да го правиме во континуитет и затоа го зголемуваме и обемот.“ вели тој.
Министерот Спасовски истакнува дека во подигнувањето на нивото на сообраќајната култура треба да учествуваат сите, граѓаните како поединци и функционирање на сите засегнати институции.
„Имаме состојби во кои што ќе имате реакции бидејќи премногу полиција имате на улиците, за да после било каков немил настан, сосема оправдано, дури истите луѓе да реагираат дека нема доволно полиција. Фактот е еден, секој еден учесник во сообраќајот кога е од страна нема директно да учествува, секогаш гледа проблем на оние кои се учесници во сообраќајот, во возачите итн., се до моментот додека тој не е дел од сообраќајот, тогаш сме помалку самокритични за тоа дека правиме одредени состојби на непочитување на сообраќајните правила или прописи.“
Во зголемување на сообраќајната култура од голема важност е едукацијата во основните училишта, која што е инцидентна и е недоволно застапена.