македонија
Мукаетов: Во услови на политичка поларизација, бизнисите треба да обединуваат

„Генерално, во услови на политичка поларизација, бизнисите се оние што треба да обединат, односно да најдат начини како поефикасно да ја промовираат регионалната економска интеграција за да се обезбеди повисоко ниво на конкурентност, а со тоа и подобар животен стандард, повеќе странски инвестиции и посветла иднина за идните генерации.“, вели генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“ Живко Мукаетов, во интервјуто за магазинот InStore.
Младите заминуваат поради разочараност и подобри економски шанси надвор од нашата држава, додека домашната економија, доколку би излегла од маргините, би дала надеж за многу подобри перформанси, вели генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов во интервјуто за InStore.
„Генерално, во услови на политичка поларизација, бизнисите се оние што треба да обединат, односно да најдат начини како поефикасно да ја промовираат регионалната економска интеграција за да се обезбеди повисоко ниво на конкурентност, а со тоа и подобар животен стандард, повеќе странски инвестиции и посветла иднина за идните генерации.“, смета Мукаетов.
Првиот човек на фармацевтската компанија забележува во интервјуто дека Македонија во изминативе децении поминала низ многу турбуленции, а прекумерната политизираност во сите пори на општеството не дала доволно простор за поголем економски развој.
„Ни недостига критичка мисла, приоретизација на интереси, а сè поевидентна е декаденција на системот на вредности. Успешните примери не се потенцираат, а, од друга страна, на цена се, незаслужено, лажни идоли.“
Во разговорот Мукаетов се осврнува на повеќе аспекти околу моменталната пазарна позиција на „Алкалоид“, перспективите за иден развој, лидерството и визијата.
–Во изминатиот период реализиравте многубројни инвестиции, а меѓу нив беше и инвестицијата за производство на влажните марамчиња Becutan. Kолку инвестициите се поврзани со иновации и со развој на брендовите? Кои инвестиции/иновации може да се очекуваат до крајот на годинава?
Во изминативе три децении инвестициските активности на „Алкалоид“ се насочени кон градење и проширување на производствените капацитети, капацитетите за истражување и развој, инсталирање модерна опрема, лаборатории, технологии, модерен софтвер и добро обучен кадар. Само во изминативе 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите во регионот, интегрирајќи ги нашите операции за целите на подобро водење на дејноста од нашата база во Македонија. „Алкалоид“ има широка палета на брендови кои постојат години наназад, но навиките и ставовите на потрошувачите се прилично динамични и менливи, па со инвестициите, иновациите и следењето на трендовите не смее да се запре. Во сегментот фармација, лидер по бројот на екстензии е нашиот бренд Proculin воведен во 1967 година, кој прерасна во комплетна линија за нега на очите не само во Македонија, туку и во регионот. Во сегментот козметика неизбежно би го издвоил Becutan, кој речиси 5 децении ужива висок индекс на препознатливост во регионот, присутен на пазарите во близу 30 земји во светот. Неодамнешната инвестиција во погонот за производство на влажните марамчиња, вредна околу 4 милиони евра, вклучува комплетно автоматизирана и роботизирана опрема, дизајнирана и конструирана според најновите нормативи за добра производствена практика и европската регулатива за козметика. Особено ни е драго што по 15 години производство надвор од Македонија, денес комплетниот процес го спроведуваме во погоните на нашиот локалитет во Ѓорче Петров. Во овој погон се произведуваат влажни марамчиња и за други приватни трговски марки на етаблирани синџири маркети.
До крајот на годинава очекуваме да го завршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми. На курсот на континуирано инвестирање сме решени да останеме и во иднина, работејќи на глобализација на брендот „Алкалоид“, достоинствено и посветено.
–Сметате ли дека деловното поврзување и окрупнување на компаниите е добар начин за бизнис-секторот да одговори на политичката состојба и да ги избрише граничните бариери? Ќе ги придвижи ли Отворен Балкан работите во бизнисот?
Силно ги поддржувам регионалните иницијативи за соработка, како „Коморскиот инвестициски форум WB6CIF“, „Отворен Балкан“ и слични, чија цел е олеснување и унапредување на трговската размена, мобилност на работната сила, брз проток на услуги и разни синергии кои се насочени кон подобрување на конкурентноста на регионот. За „Алкалоид“, регионот е стартна точка од каде што се гради глобалната стратегија. Имаме производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и тим за корпоративни правни работи во Загреб. Креиравме регионална фузија која му оди во прилог на деловниот развој, и која ја создадовме сами. Изнајдовме и форми за соработка со нашите конкуренти во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина.
Во оваа пригода би повторил една емпириска изјава на поранешниот генерален директор на „Алкалоид“, Трајче Мукаетов: Макросистемите мора да се градат врз основа на работењето и потребите на микросистемите, односно на компаниите. Факт е дека секоја фирма во земјава дава некаков придонес за целокупната економија, а со сета неизвесност што владее и се чувствува не само во земјава, туку и на другите пазари во регионов, компаниите се соочуваат со разни ризици и трошат драгоцено време и ресурси за надминување на предизвиците.
Целото интервју може да го прочитате овде.