Connect with us

економија

Мукаетов дел од регионалниот Форум на менаџери: Постојаните инвестиции ќе ни помогнат да ја надминеме и оваа криза

објавено

на

Во своето обраќање на бизнис форумот во Белград, врзано со темата за економските движења низ призмата на геополитичките настани, енергетската криза и регионот, генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов, истакна дека на светот му претстои исклучително тежок период, особено откако глобалната здравствена криза доби и предзнак воена, а потоа и енергетска.

Бизнис-лидери од регионот, меѓу кои и Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, зедоа учество на Форумот на менаџери, кој се одржа на 18 октомври годинава во Белград.

Во рамките на овој еминентен бизнис-настан во организација на Српската асоцијација на менаџери – „САМ“, регионалните бизнис-лидери имаа свои излагања на теми од областа на економијата, енергетиката и прехранбената индустрија, трендовите во делот на менаџментот со човечките ресурси и работна сила, финансиските текови и претстојните предизвици на економски и бизнис-план од аспект на моменталните кризни текови. 

Во своето обраќање, врзано со темата за економските движења низ призмата на геополитичките настани, енергетската криза и регионот, Мукаетов истакна дека на светот му претстои исклучително тежок период, особено откако глобалната здравствена криза доби и предзнак воена, а потоа и енергетска. „Поскапувањето на енергенсите, транспортот, недостигот од суровини и амбалажа, неизвесноста во пласманот и достапноста на основните производи неминовно ќе се одразат на работењето на компаниите насекаде во регионот“, истакна Мукаетов.

На освртот околу вложувањата во услови на криза, кога компаниите вообичаено штедат на маркетинг и кратат инвестиции, Мукаетов изјави: „Во својата долга историја ‘Алкалоид’ надминал бројни кризи. Но, една од фактичките константи во сите 86 години од работењето на компанијата се инвестициите. Во последните 20-ина години нашите инвестиции интензивно ги насочивме кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи над 200 милиони евра во нови капацитети, истражување и развој, опрема, лаборатории, технологија, софтвер и персонал. Историски гледано, во изминатите 2 децении, кои јасно беа обележани со разни кризни предзнаци, продажбите на ‘Алкалоид’ пораснаа од 53 милиони евра во 2005 година на 207,6 милиони евра во 2021 година. Инвестициите ги гледаме како пат кон нашиот раст и развој и планираме да останеме на тој пат”.

Околу актуелните состојби во регионот поврзани со т.н. одлив на мозоци, Мукаетов го потенцираше значењето на инвестирањето во човечкиот капитал. „Како столбови на економиите на нашите земји, треба да најдеме начини квалитетните луѓе да ги задржиме тука. Човечките ресурси отсекогаш биле во центарот на вниманието на Алкалоид и наш императив е да изградиме компанија каде луѓето ќе бидат задоволни и каде својот потенцијал ќе го вложат кон заеднички успех, бидејќи имиџот на секоја компанија, нејзините вредности и кредибилитет се одраз на организациската култура и луѓето пред сѐ“, изјави Мукаетов.

На овогодишниот „САМ – Форум на менаџери“ со свои видувања за економските текови во регионот имаа бројни истакнати менаџери на српски компании и еминентни економски аналитичари, а видеообраќања, покрај Мукаетов, имаа и Емил Тедески, генералниот извршен директор на „Атлантик груп“, и Дејан Турк, генерален директор на „А1“ за Србија и за Словенија.

Од овој тематски форум произлегоа бројни пораки, но и препораки во делот на неминовното дополнително приспособување на бизнисот кон специфичните потреби на пазарот, земајќи ги предвид и неговите ограничувања поттикнати од моменталните кризни текови. Енергетската ефикасност и одржливоста беа посочени како главен предуслов за одржување на конкурентноста на компаниите и за справување со предизвиците кои произлегуваат од глобалните опаѓачки трендови во економијата. Изнесувајќи ги тезите во рамките на своето говорење, Мукаетов поентираше дека тешките времиња бараат и тешки одлуки, охрабрувајќи дека, сепак, зад секој предизвик стојат можности.

Линк од целосната изјава овде:  https://youtu.be/63Fbba3QdOU

економија5 часа ago

мајВорлд Интернешнл (myWorld) го назначи Радован Витошевиќ за главен извршен директор на компанијата

банки23 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија3 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки4 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки4 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју4 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија6 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up2 недели ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании2 недели ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион2 недели ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас