економија
Мукаетов за српски “Профит“: Глобализацијата на брендот „Алкалоид“ останува наш фокус

Освен во земјите од регионот, компанијата сега извезува и во Европската Унија, Источна Европа, Северна Америка, како и во некои земји од Блискиот Исток, а Канада, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија, Монголија и Саудиска Арабија се новите пазари кои ги додадоа на списокот во последните неколку години.
„Во првиот квартал од 2023 година 78 % од нашиот пласман беше наменет за извоз, а земјите од регионот се наши традиционални извозни пазари, при што генерации пораснаа и растат со нашите производи.“, вели генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“ во интервјуто за српскиот деловен магазин „Профит“.
Тој напоменува дека глобализацијата на брендот „Алкалоид“ е патеката на која компанијата планира да остане фокусирана.
„Задоволството е навистина големо кога еден бренд ќе стане составен дел од животот на луѓето, нешто во што веруваат со години и чиј квалитет ја оправдува нивната доверба. Но, кога една приказна ќе успее во помали размери, тогаш е нормално да продолжи натаму.“, истакнува Мукаетов за српскиот магазин.

Освен во земјите од регионот, компанијата сега извезува и во Европската Унија, Источна Европа, Северна Америка, како и во некои земји од Блискиот Исток, а Канада, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија, Монголија и Саудиска Арабија се новите пазари кои ги додадоа на списокот во последните неколку години.
Во интервјуто за „Профит“, Мукаетов се осрвнува и на развојната стратегија на компанијата, којашто се базира првенствено на континуирано инвестирање во нови технологии, производни линии и човечки капацитет.
„Во последните 3 децении интензивно ги насочивме нашите инвестиции кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи во градење и во проширување на производствените капацитети и на капацитетите за истражување и развој, како и во инсталирање современа опрема, лаборатории, во технологии, современ софтвер и во добро обучен кадар. Фармацевтската индустрија се смета за многу динамична, па затоа инвестициите се неопходен предуслов за градење модерно и конкурентно портфолио, кое ќе придонесе за подобро позиционирање и за подобри пласмани со фокус на странскиот пазар.“, вели Мукаетов.
Само во последните 5 години Алкалоид инвестираше 104,1 милиони евра во земјите од регионот, за што неодамна Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан ја прогласи компанијата за водечки инвеститор.