регион
Наводен крипто-инвеститор „закрпил“ 700 Хрвати за 15 милиони евра
Наивност, лакомост, финансиска неписменост или сето тоа заедно

Младиот риечанец Лука Буразер не се ни потрудил да направи платформа за тргување со криптовалути. Преку својата „крипто“ компанија земал готовина од наивни луѓе со ветување дека паметните инвестиции и „тргувањето“ ќе им овозможат да заработат месечен профит од 5 до 25%.
Крипто-измамата што се случи минатата недела во Хрватска беше означена како најголема од ваков вид во Хрватска и беше само прашање на време кога алчните наивни луѓе ќе налетаат на некој што ќе им ги исчисти сметките, како што коментира аналитичарот Јозо Кнез за загрепски Лидер медиа. Риечката компанија BitLucky, чијшто сопственик Лука Буразер наводно се занимавал со трговија со криптовалути, оштетила околу 700 свои клиенти за износ од близу 15 милиони евра. Првичната сума што се споменуваше беше 70 милиони евра, па ни моменталната проценета сума не може со сигурност да се потврди.
Сега оштетените се жалат на сите страни, но се чини дека од жалбите нема да излезе ништо. И ништо од Буразер, кој исчезнал без трага.
Имено, за разлика од многу светски платформи кои се познати како безбедни за тргување, Буразер всушност не ни имал платформа, како што имаше неодамна банкротираниот „крипто крал“, сопственик на FTX, Сем Банкмен Фрид, кој беше уапсен за измама.
Меѓутоа, Буразер не се ни трудел да создаде платформа, туку преку својата „крипто“ компанија земал готовина од наивни луѓе со ветување дека паметните инвестиции и „тргувањето“ ќе им овозможат да заработат.
Значи, бизнис моделот бил прилично едноставен. Клиентите даваат пари кои Буразер ги инвестира каде и како сака или воопшто не ги инвестира, никој не може да знае. Се шушка дека најмалиот удел бил околу 2.000 евра, но имало и клиенти кои вложиле до 700.000 евра кај измамникот од Риека. На инвеститорите им ветувал месечен профит од 5 до 25 проценти. За ова земал провизија од 20 до 40 проценти.
Немал ниту платформа за тргување со крипто
Значи, му дале готовина „во раце“ на некој што им ветил нешто. Овие клиенти немале никаква заштита, никакви проверки, а сега си ги бараат парите назад. Во крипто заедницата тие често велат „DYOR“ односно „Do Your Own Research“, што значи, направи си свое истражување, но во овој случај клиентите на Буразер очигледно не го направиле тоа.
Тоа е како да сте изгубиле пари во обложувалница и сега барате од обложувалницата да ви го врати влогот.
Како што рековме, приказната потсетува на Сем Бринкмен Фрид и неговата FTX, само во многу помал обем. Имено, по примерот на Сем во класична Понзи или пирамидална шема, Буразер земал заштеди од наивни луѓе, иако сите во крипто заедницата со години предупредуваат за измами поради нерегулираниот и многу нестабилен крипто пазар.
И да, точно е дека тоа им се случило и на гиганти како FTX или Celsius, но таму барем имало некаква платформа и во позадина некаква апликација, додека кај Буразер нема ништо, освен убави зборови. Дај ми, ќе се исплати.
Станува збор за класичната алчност и на Буразер и на неговите клиенти.
Хрватските крипто експерти велат дека ваквите нереални ветувања на Буразер требало веднаш да го вклучат црвениот аларм, но кога ќе им светнат пари пред очи, луѓето повеќе не размислуваат рационално и соништата за збогатување често завршуваат кошмарно. Велат дека по се’ изгледа се работи за планирана измама на Буразер, која, за жал, клиентите не ја препознале.
Иако велат дека младиот риечанец не оставал впечаток на измамник, сепак имало предупредувања кои многумина очигледно не ги виделе или не сакале да веруваат. Како што рече уредникот на порталот Kriptovijesti, кој прв ја објави оваа вест, Буразер не сакал да се појавува во медиумите, не сакал негови фотографии на порталите и слично, додека познатиот хрватски претприемач и инвеститор Хрвоје Прпиќ вели дека од почетокот не бил убеден во искреноста на Буразер. Прпиќ за ова се огласи и на Фејсбук и рече дека Буразер „со влогот од еден клиент ја исплаќал добивката на друг“, што е класична Понзи шема.
Регулаторите се оградија
За целата ситуација се изјасни и UBIK, хрватското Здружение за блокчејн и криптовалути, кое се огради од Буразер, велејќи дека дотичниот никогаш не бил член на здружението и дека не бил истакнат член на хрватската крипто- заедница, и дека не му се давало простор на тркалезни маси и конференции организирани од UBIK.
Kрипто пазарот во Хрватска не е регулиран и секој што е изложен на него мора да биде многу внимателен. Исто така, правилото за инвестирање во екстремно нестабилни и ризични видови на средства е да вложите само онолку колку што сте подготвени да изгубите, што во никој случај не ги вклучува сите ваши заштеди и слични потези на кои јавноста е сведок деновиве.
Хрватската агенција за супервизија на финансиските услуги (Ханфа), која треба да внимава на работењето на фирмите во финансискиот сектор, исто така се огради од случајот. Тие велат дека операциите на BitLucky „не се во опсегот на нивниот надзор“. Во соопштението наведуваат дека „фирмата BitLucky не е регистрирана во Судскиот регистар за дејноста размена на виртуелни и фидуцијарни валути, ниту пак за услуги на старателска банка, па затоа компанијата BitLucky не е на листата на Ханфа“. Имено, Ханфа во 2020 година објави листа на домашни компании кои обезбедуваат услуги за размена на виртуелни и фидуцијарни услуги за менување валути, а на таа листа нема компанија BitLucky.
Клучна е финансиската писменост
И така доаѓаме до прашањето како можело да се спречат 700 луѓе да загубат околу 20.000 евра во просек. Наједноставниот одговор би бил регулација. На ова подрачје интензивно се работи во Европската унија која неодамна изгласа законодавна рамка за пазарите на крипто средства (MiCA).
Регулативата MiCA ги дефинира видовите на крипто средства, условите за издавање и тргување со такви средства, но и барањата за регистрација на активности и деловни правила на субјектите кои даваат услуги поврзани со крипто средства и заштита на нивните потрошувачи.
Логичен и значаен одговор од крипто заедницата би бил дека клучна е финансиската писменост. И навистина, поискусните крипто-инвеститори веднаш би истакнале две работи: нереални ветувања и високи приноси и недостаток на транспарентност.
Во принцип, треба да се биде внимателен со проектите за криптовалути кои ветуваат високи приноси или гарантираат минимален ризик. Инвестиции кои звучат премногу добро за да бидат вистинити често и се такви. Злонамерните поединци може да користат такви ветувања за да ги намамат инвеститорите во пирамидални шеми. И затоа секогаш треба да бидете внимателни и скептични кога ги оценувате можностите за инвестирање.