економија
Намалување на енергетската зависност од еден извор и транзиција кон чистата енергија се клучните определби за Македонија
Се одржа третиот Македонски енергетски форум

„Северна Македонија и нејзините соседи мора да создадат посилен и диверзифициран енергетски сектор, намалувајќи ја зависноста од еден добавувач и ранливоста на надворешните шокови. Ова ја зголемува економската стабилност и конкурентност, како и енергетската безбедност, а и двете ја прават земјата посигурен партнер. Инвестирањето во обновливи и еколошки извори на енергија и интеграција во регионалниот и европскиот енергетски пазар остануваат стратешки определби за земјата“, беше една од клучните пораки на Македонскиот енергетски форум што се одржа на 23 ноември во Скопје.

Конференцијата “Македонскиот енергетски форум” оваа година се организираше во знакот на светската енергетска транзиција, новите извори на енергија, енергетската ефикасност и предизвиците на регионот на Југоисточна Европа при приклучувањето кон глобалниот тренд. Македонскиот енергетски форум годинава поради ситуацијата со пандемијата се одржа во хибридна форма – делумно онлајн и делумно со панелисти во хотелот Мериот во Скопје. Настанот е организиран од ЗИП Институтот, Амбасадата на САД во Северна Македонија и македонската влада, а финансиран од Германскиот Маршалов Фонд во САД – Balkans Trust for Democracy, Кралската Норвешка Амбасада во Белград, АД МЕПСО и Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.
„Македонскиот енергетски форум во 2018г. започна како иницијатива која требаше да поттикне редовен формален дијалог за различни теми поврзани со енергетиката, да придонесе за разјаснување на интересите на инвеститорите во енергетиката во овој регион и да понуди алтернативни решенија во поглед на геостратегиските енергетски позиции. Годинава навлегуваме подлабоко во предизвиците со кои се соочува и ќе се соочи регионот при приклучувањето на енергетските трендови во светот, улогата на новите технологии во усовршувањето на производниот процес на електрична енергија, но и нивната одговорност кон животната околина, како и инвестициите во енергетската ефикасност, како еден од главните начини за намалување на потрошувачката на електрична енергија во иднина.“, рече директорот на ЗИП институтот, Агим Селами, еден од организаторите на настанот.
Третиот по ред Македонски енергетски форум го поздрави со краток говор премиерот Зоран Заев којшто истакна дека вложувањето во енергетскиот сектор е еден од клучните приоритети на Владата што тој ја раководи.
„Во услови на здравствено – економска криза предизвикана од КОВИД-19, покрај справување на ефектите од пандемијата, Владата и економските ресори прават максимални заложби и ја следат состојбата во што најмногу се вложува во светот. Токму енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот.
Во таа насока ние мораме да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок. Денес сакам да најавам неколку проекти на Владата во овој сегмент, како терминалот на течен природен гас во Александропулос, Грција за што е донесена одлука за формирање тимови за преговори. Сите инвестиции кои ги имаме од земјите членки на Европската Унија, почнувајќи од фотоволтаици, ветерните централи, и најава за сериозни инвестиции во хидроцентралата Чебрен.
Искрено се надевам дека учеството во овие енергетски проекти ќе поттикне се повеќе сектори за развој на регионалната соработка.
Од голема важност е интерконекторот помеѓу Северна Македонија и Грција како клучен енергетски инфраструктурен објект со кој се обезбедува повисока конкурентност во снабдувањето со природен гас. Интерконекторот за природен гас меѓу двете земји како и надградбата на постојниот нафтовод може да ја направи Северна Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан.
Овде може да ги дополниме идеите и за интерконекторите со Косово, Србија и помеѓу Струмица и Петрич, Бугарија. “, рече Заев.
Тој додаде и дека во чекор со заложбите на државата и усогласување на регулативата со ЕУ, годинава во февруари донесен е и новиот Закон за енергетска ефикасност, кој овозможува реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетската ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто.

САД како стратешки партнер кон поголема независност и диверзификација на енергетските извори
Диверзификацијата на енергетските ресурси и намалување на енергетската зависност од Исток е еден од приоритетите на енергетската стратегија на Северна Македонија и останатите држави од Балканот, а САД е силен поддржувач на овие процеси, истакна американската амбасадорка Кејт Брнс на Македонскиот енергетски форум што деновиве се одржа во Скопје.
„Нашата цел е да и помогнеме на Северна Македонија и нејзините соседи да создадат посилен, диверзифициран енергетски сектор, намалувајќи ја зависноста од злонамерни чинители и ранливоста на надворешните шокови. Ова ја зголемува економската стабилност и конкурентност, како и енергетската безбедност, а и двете ја прават земјата посигурен партнер. Прво, диверзификацијата ја намалува зависноста од кој било еден извор. Студија од 2014 година покажа дека Северна Македонија е меѓу петте европски држави најранливи на евентуален прекин на испорака на рускиот природен гас, поради нејзината целосна зависност од „Газпром“. За жал, оттогаш нештата не се променети многу, а другите земји во регионот исто така се во голема мера зависни од рускиот гас и со тоа се ранливи.“, истакна амбасадорката Брнс.
Таа потсети дека за време на неговата посета на Северна Македонија, пред само месец и половина, американскиот помошник секретар за енергетика Френк Фанон изјави дека е убеден дека овој регион може да се оддалечи од неговата целосна енергетска зависност од Истокот.
„И, еве, откако сум тука веќе 16 месеци, ме охрабрува политичката волја во Владата за диверзификација на снабдувањето со енергија и за обезбедување долгорочна енергетска безбедност. Диверзификацијата дополнително ќе ја поврзе Северна Македонија со регионот, ќе ги намали трошоците за потрошувачите и ќе трговски патишта подлабоко во Европа. Владата изрази силна посветеност да изгради интерконектор за гас со Грција, и тоа е чекор во вистинската насока. Ги повикуваме двете земји да се движат брзо за да ги надминат сите можни препреки за овој проект. Стратешката локација на Северна Македонија и поврзувањето со Грција преку гасоводот ќе отворат можности за транспорт на природен гас до соседните Косово, Србија и Албанија, дозволувајќи им на овие пазари да имаат корист и од евтин природен гас.“, истакна амбасадорката Брнс во своето поздравно излагање на почетокот на форумот.

Регионална интеграција и домашен организиран пазар на електрична енергија
Вицепремиерот во Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи се осврна на европскиот “Зелен Договор“, кој претставува амбициозен план на ЕУ во рамките на нивната политика која се однесува на климатски прашања, а кој има за цел од Европа да направи прв континент кој ќе биде климатски неутрален до 2050 година.
„Енергетската унија е главниот инструмент за да се испорача оваа трансформација, која има за цел сигурна, одржлива и финансиски достапна енергија за сите потрошувачи во ЕУ, индустриски и домаќинства. Оваа цел може да се постигне само со фундаментална трансформација на енергетскиот систем на ЕУ. Знаеме дека Европската комисија во 2015 година испорача нова Стратегија за енергетска унија, која се состои од пет блиски, меѓусебно поврзани димензии, дизајнирани да придонесат зголемена енергетска сигурност, одржливост и конкурентност“, започна Битиќи.
Битиќи посочи дека Владата во последните три години својата енергетска политика ја насочи кон исполнувањето на целите на ЕУ и „храбро тргна кон патот на енергетската транзиција.“

„Со помош на нашите партнери, УСАИД и ЕБРД донесовме два важни закони во кој целосно се имплементирани ЕУ директивите кои се однесуваат на внатрешен пазар на енергија и на енергетската ефикасност. Тоа се Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност. Со Законот за енергетика и со подзаконските акти кои се однесуваат на обновливите извори на енергија, се создаде клима за нови инвестиции во обновливи извори на енергија, подржани со нови пазарно ориентирани механизми, на транспарентен и конкурентен начин. Само во изминатата година Министерството за економија спроведе две конкурентни постапки, кои завршија успешно, при што се потпишаа договори за изградба на фотонапонски електрани со инсталиран капацитет од 62 MW. Само за споредба, во претходните 11 години беа изградени само 16 MW. Во моментот во тек е конкурентна постапка за јавно приватно партнерство со АД ЕСМ, за изградба на две фотонапонски електрани по 40 MW, на местото на рудникот за јаглен во РЕК Осломеј. Ова е прв проект во регионот, пример на енергетска транзиција, односно замена на термоелектрана на јаглен што загадува, со фотонапонска електрана, која произведува 100% чиста енергија. Со цел диверзификација на изворите, Владата издаде овластувања за изградба на ветерни електрани со вкупен инсталиран капацитет од 150 MW на приватни инвеститори“, нагласи Битиќи.
Тој додаде дека во делот на електричната енергија Македонија го продолжува патот кон регионалната интеграција на пазарот на електрична енергија и интеграцијата со пазарот на ЕУ, вклучувајќи и воспоставување на домашен организиран пазар. Се очекува поврзувањето на пазарот ден-однапред и воспоставувањето на берза да имаат значајна улога во иницијативите на Енергетска заедница за интеграција на пазарот.
„За таа цел Владата веќе го номинираше МЕМО Дооел Скопје (националниот пазар со електрична енергија) да биде организатор на номинираниот пазар на електрична енергија и да го води процесот на пазарното спојување со Република Бугарија како и да го води процесот кон воспоставување на берза на електрична енергија во земјава, следните чекори во наредните години ќе бидат и воспоставување на еден пазар на електрична енергија за земјите од Западен Балкан. Со изградбата на интерконективниот гасовод помеѓу Република Северна Македонија и Грција, значително ќе се зголеми искористувањето и трговијата со природниот гас во државата и во регионот. Имајќи во предвид дека нашите планови вклучуваат и нови гасоводни врски со Косово, Албанија и Србија, очекуваме и во овој дел значително да се подобри и унапреди соработката на регионално ниво“, додаде Битиќи.
Најавени огромни инвестиции, само за реконструкција на преносниот систем планирани се преку 160 милиони евра
Директорката на “МЕПСО“ м-р Ева Шуклева, се осврна на тоа како всушност зголемувањето на капацитетите на обновливи извори на енергија во земјава, влијае врз потребата од инвестиции во електропреносната мрежа, со цел нејзино прилагодување кон напливот од новопроизведена “зелена“ струја.
„Улогата на МЕПСО е особено значајна во развивањето инфраструктура која ќе го овозможи продорот на технологии кои користат обновливи извори на енергија. На тој начин ќе придонесеме до декарбонизација на енергетскиот сектор што е стратешка цел на ЕУ и земјава“, рече Шуклева.
Таа рече дека се очекува интеграција на капацитети од 700 мегавати од ветерни електрани и над 1000 мегавати сончеви електрани во домашниот електроенергетски систем во блиска иднина. За сето ова да се исполни треба континуирано да се инвестира во реконструкција и надградба на преносната мрежа.

„Овие инвестиции се потребни за зголемување на сигурноста на целокупната мрежа, вклучувајќи далноводи, трафостаници, системи за заштита, како и за приклучок на производството од ветроелектраните и сончевите електрани. МЕПСО во овој момент е во голем инвестициски циклус за реконструкција на трансформаторските станици и далекуводи. Меѓутоа, најголем предизвик е реконструкцијата на далекуводите на 110 киловолтно напонско ниво. Во согласност со инвестицискиот план, на системот до 2024 година му е потребно вложување од 163 милиони евра“, објасни Шуклева.
Шуклева истакна дека со новиот Закон за енергетика и Стратегијата за развој на енергетиката се цели кон поголема интеграција на македонскиот енергетски систем во рамки на енергетските пазари во Европа, намалувајќи ја притоа енергетската зависност на државата и овозможувајќи ја потребната флексибилност за поголема интеграција на обновливите извори.
„Во делот на интеграција и сигурност на енергетските пазари, улогата на МЕПСО е следнава: реализација на новата интерконекција со Албанија, континуирано инвестирање и реконструкција на преносната мрежа, поврзување со пазарот во Бугарија и учество во иницијативите за формирање на регионален пазар, управување со флексибилноста на системот за воспоставување на механизам за балансирање за краток период, како и користење на постојните и изградба на нови електрични централи. “, рече Шуклева.
Во оваа прилика таа објасни и што ќе значи новиот проект за интерконекција со Албанија, односно интерконекцијата помеѓу Битола и Елбасан, којашто е од голема важност и е последниот сегмент од реализацијата на Коридорот 8 за пренос на електрична енергија помеѓу Бугарија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Италија.
„Овој проект е од огромно регионално значење и е од интерес на Европската енергетска заедница. На наша територија ќе биде во должина од 97 км, поставен на 267 столбови, предвидува изградба на нова 400 киловолтна трафостаница кај село Мешеишта, охридско, со што ќе се надминат и проблемите во преносната мрежа и во југозападниот дел од земјава. Тендерот го објавивме лани во август, далекуводот ќе го градат Енергоинвест од Сараево и Кончар од Загреб, во тек е изработка на проектна документација, експропријациите на земјиштето се при крај. Очекуваме проектот да не доцни и покрај реалните проблеми поради ковид ситуацијата.“, рече Шуклева.