коментари
Со АмЧам на тема…Поттикнување на одговорно лидерство
Со АмЧам на тема…
Разбирање на управувањето (G) во ESG

Управувањето (G=Governance) во рамки на ESG се однесува на системите, процесите и структурите кои што го моделираат процесот на одлучување во рамките на една организација. Управувањето се однесува на факторите на управување при донесување на одлуки, од креирање на политики во компанијата до поделба на правата и одговорностите меѓу различните учесници во компанијата, вклучувајќи го одборот на директори, раководните лица, акционерите и останатите засегнати страни.

Сениор менаџер во Грант Торнтон Доо, Скопје
Член на ESG Комитетот на АмЧам
Во денешното деловно опкружување кое што постојано се менува, активностите поврзани со животната средина, општествените прашања и управувањето (ESG) стануваат сè поважни и критични фактори за бизнисите во нивните напори за креирање на одржливи бизнис модели. Додека E (Environmental) и S (Social аспектите се фокусираат на еколошките и општествените прашања, G (Governance) се однесува на прашањата поврзани со управувањето во рамките на една компанија.
Кога се анализираат прашањата поврзани со концептот ESG, многу често на управувањето му се посветува помалку внимание во однос на другите елементи, „E“ и „S“, што во основа е погрешна практика, бидејќи зад секое неисполнување на еколошките или социјалните аспекти од страна на компанијата, одговорноста лежи во несоодветно и неефективно корпоративно управување. Впрочем, лошите практики на корпоративно управување во минатото се покажале како причина за некои од најголемите корпоративни скандали.
Поради тоа, аспектот на управување се смета и како основа за воспоставување на сеопфатен корпоративен пристап кон одговорни и одржливи деловни практики. Управувањето го формира столбот на ESG, што влијае на тоа како компаниите работат, донесуваат одлуки и влијаат врз општеството и животната средина.
Имено, управувањето во рамки на ESG се однесува на системите, процесите и структурите кои што го моделираат процесот на одлучување во рамките на една организација. Управувањето се однесува на факторите на управување при донесување на одлуки, од креирање на политики во компанијата до поделба на правата и одговорностите меѓу различните учесници во компанијата, вклучувајќи го одборот на директори, раководните лица, акционерите и останатите засегнати страни.
Доброто управување е суштинско за долгорочен успех
Транспарентноста, одговорното управување и етичкото однесување се основните критични компоненти за обезбедување на ефективно управување. Транспарентноста е суштината на управувањето во ESG. Компаниите кои се посветени на одговорно управување проактивно ги обелоденуваат релевантните информации за сите засегнатите страни, вклучувајќи ги инвеститорите, вработените, потрошувачите и јавноста.
Принципот на одговорност вклучува воспоставување на јасни улоги, одговорности и процедури со цел раководството да дејствува во најдобар интерес на сите засегнати страни, а не само, на пример, на краткорочни финансиски придобивки. Компаниите со силни рамки за управување имаат добро дефинирани етички кодекси и однесување кои го водат однесувањето на вработените и спречуваат неетички практики, што вклучува, помеѓу останатото, пристап на нулта толеранција кон корупција, мито и други незаконски активности.
Со давањето приоритет на практиките на добро управување, компаниите можат да градат доверба, да ја задржат својата репутација, да привлечат одговорни инвеститори, да градат силни, долготрајни односи со клиентите и партнерите и да придонесат за поодржлива и поправична иднина. Впрочем, доброто управување е од суштинско значење за долгорочен успех. Кога една организација има соодветно управување, поголема е веројатноста да донесува правилни одлуки, да ја задржи довербата на нејзините засегнати страни и да создаде дополнителна вредност за компанијата. Од друга страна, компаниите со несоодветно корпоративно управување имаат поголема веројатност да се соочат со финансиски загуби, нарушување на угледот и прекршувања на регулативата.
Регулаторите, инвеститорите, клиентите и вработените се повеќе се заинтересирани за организации со силни ESG вредности и практики, вклучувајќи добро корпоративно управување, транспарентност и соодветно управување со ризикот. Истражувањата покажаа дека компаниите со силни ESG перформанси ги надминуваат своите конкуренти. Компаниите ќе имаат огромни придобивки ако дадат приоритет на доброто управување како дел од стратегија за ESG. Со вклучување на информациите поврзани со управување на компанијата во корпоративните извештаи, се обелоденуваат информации за практиките на управување исто како што се дава увид и во еколошките и социјални фактори кои се составен дел од бизнис моделот на компанијата.
Дел од информациите поврзани со практиките на управување кои што се однесуваат на аспектот на управувањето од ESG концептот се информации за улогата на административните, управните и надзорните тела на компанијата во однос на одржливоста, нивниот состав, како и нивната стручност и вештини што ги поседуваат во однос на исполнувањето на таа улогата или пристапот што тие тела го имаат со таквата експертиза и вештини.
Презентирањето на овие информации се веќе дел и од регулаторните притисоци кои што се наметнуваат согласно регулативите на Европската Унија, но и во линија со барањата од страна на Македонската берза на хартии од вредност. Дополнително, она што е значајно да се вклучи во годишните извештаи на компаниите се главните карактеристики на системите за внатрешна контрола и управување со ризик.

Одговорното управување поттикнува ангажирање и на акционерите
Понатаму, компаниите треба да вклучат информации и за активностите што ги преземаат во однос на заштита на личните податоците, деловната етика и корпоративната култура, вклучително и информации за антикорупциска политика на компанијата, политика за човекови права, информации за инклузија и диверзитет во телата на компанијата. Одговорното управување ги опфаќа и односите со акционерите и поттикнува нивно активно ангажирање, кои како сопственици, имаат право да влијаат на значајните одлуки и да бараат одговорност од раководството.
Сепак, иако корпоративното управување е од големо значење за секоја компанија, важно е да се потенцира дека секоја индустрија се соочува со специфични барања и предизвици. Секоја компанија мора да ги анализира барањата на нејзината индустрија за да одреди на што треба да даде приоритет. Банките, авиокомпаниите и рударските компании, на пример, се соочуваат со различен сет на предизвици за корпоративното управување.
Прифаќањето на принципите на управување во рамките на ESG овозможува стратешка предност во услови на брзо менување на деловното опкружување. Одговорно корпоративно управување е од витално значење за долгорочниот успех на компанијата. Компаниите со силни и добри практики на корпоративно управување промовираат одржливи, усогласени со важечка регулатива и етички деловни практики и имаат корист од зголемената вредност и позитивни финансиски резултати.