Connect with us

економија

Научниците што ја унапредија теоријата за аукции

Пол Милгром и Роберт Вилсон – добитници на Нобеловата награда за економија за 2020 година

објавено

на

Таки Фити

Двајцата лауреати, силно ја унапредија теоријата за аукции, ги иновираа постојните формати на аукции, дизајнираа нови формати на аукции и овозможија нивна применливост во практиката.

Академик Таки Фити

Нобеловата награда за економија за 2020 година им е доделена на двајца американски професори од Универзитетот во Стенфорд, Пол Милгром и Роберт Вилсон, за нивниот придонес во подобрувањето на теоријата на аукции и иновирање на аукциските формати.

Значење на испитуваната проблематика

Во соопштението на Шведската кралска академија се истакнува дека аукциите, денес, се насекаде околу нас, дека предмет на продажба преку аукции не се само имоти на домаќинствата (куќи, апартмани и сл.), уметнички слики, антиквитети и сл., туку и многу други добра и услуги кои тешко се продаваат на традиционален начин – радио фреквенции,  енергија, дозволи за екстракција  на руди и на нафта, права за рибарење, права за тргување со дозволи за емисија на штетни гасови, акции, интернет реклами, владини (јавни) набавки на стоки и услуги, владини обврзници итн. Оттука, јасно е дека во оваа сфера се „вртат“ астрономски суми на пари, поради што оптималното дизајнирање на аукциите (иновирањето на аукциските формати) за да се заштитат интересите на сите учесници во аукцискиот процес (на приватните учесници на аукцијата, на даночните обврзници и на државата – владата) има круцијално значење.

За сложеноста на истражуваната проблематика

Овогодишните Нобелови лауреати по економија, Роберт Вилсон(лево) и неговиот колега од Стенфорд Универзитетот, Пол Милгром.

Обично кога ќе го слушнеме терминот аукција, првата асоцијација е на продажба на добро, да кажеме на уметничка слика, преку Англискиот формат (тип) на аукција, при што продавачот ја соопштува почетната цена и во текот на аукцијата понудувачите, преку наддавање, постепено ја зголемуваат цената, со извикување, сè додека некој не понуди највисока цена која ќе биде и краен исход на аукцијата. Но, во практиката, работите се многу посложени отколку што тоа изгледа на прв поглед, поради бројни причини.

Прво, добрата и услугите што се продаваат преку аукции, најчесто имаат и приватна и заедничка вредност. На пример, оној што купува куќа преку аукција, да кажеме во туристичко место, има субјективна процена за вредноста на куќата која е независна од процената на другите понудувачи во аукцискиот процес, во смисла колку тој лично е подготвен да плати, имајќи ги предвид квалитетот на градбата, атрактивноста на локацијата и сл. Тоа е приватната вредност на куќата. Но, покрај приватната вредност на куќата постои и заедничка вредност која зависи од процената на купувачот за колкава цена ќе може да ја продаде куќата во иднина. Оттука, врз висината на понудата на купувачот влијаат и приватната и заедничката вредност и тие значајно го детерминираат крајниот исход на аукцијата – финалната цена по која ќе се продаде доброто или услугата.

Второ,
аукциите се сфера во која владеат асиметрични информации. Организаторите на аукциите (продавачите) не располагаат со сигурни информации колку учесници ќе се јават на аукцијата, тие немаат информации за висината на цените кои ќе ги понудат одделните учесници на аукциите, секој учесник на аукцијата нема информации за стратегијата со којашто ќе настапат нивните конкуренти и за цените кои тие ќе ги понудат итн. Ваквата ситуација е причина за појава на проблемот наречен „проклетство на победникот“, кој упатува на можноста оној што ќе ја добие аукцијата, поради отсуство на квалитетни информации, да ја натцени вредноста на она што е предмет на продажба преку аукција, да понуди висока цена и потоа да се соочи со загуби во бизнисот. Затоа, како што објаснува лауреатот Роберт Вилсон, рационалните понудувачи настојуваат да направат понуди кои се под нивните најдобри процени за вредноста на предметот на аукцијата и за приходите што ќе ги добиваат од него во иднина. Теоријата на игри, во ваква ситуација, може да помогне да се предвидат, барем апроксимативно, чекорите и стратегиите на одделните учесници во аукцискиот процес и да се ублажат последиците од асиметричноста на информациите.

Трето, самото дизајнирање на аукциите, на аукцискиот формат, т.е. на правилата што ги содржат одделните типови на аукции, е многу значајно, бидејќи тоа има силно влијание врз крајниот исход на аукциите.  За приватниот понудувач  најдобар формат на аукција е оној кој ќе му овозможи доброто или услугата да ги продаде по највисока цена и да го максимизира доходот (профитот). Но, кога станува збор за јавни набавки, аукцијата ја добива оној кој ќе понуди најниска цена и ќе гарантира соодветен квалитет на доброто или услугата. Тука, целта е владата, односно регулаторот, да осигурат долгорочни бенефити за граѓаните, односно да се стремат кон максимизација на општествената благосостојба. Ваквата цел ќе детерминира и соодветен формат на аукцијата. Сè ова покажува зошто, денес, во дизајнирањето на форматите на аукциите (правилата на игра во текот на аукцискиот процес) се вклучуваат и компјутерски експерти, математичари, психолози и економисти кои ја проучуваат сферата на однесувањето на луѓето во економската активност ( посебно во т.н. стратегиско однесување) и сл.

Типови (формати) на аукции

Обично кога ќе го слушнеме терминот аукција, првата асоцијација е на продажба на добро, да кажеме на уметничка слика, преку Англискиот формат (тип) на аукција, при што продавачот ја соопштува почетната цена и во текот на аукцијата понудувачите, преку наддавање, постепено ја зголемуваат цената, со извикување, сè додека некој не понуди највисока цена која ќе биде и краен исход на аукцијата. Но, во практиката, работите се многу посложени отколку што тоа изгледа на прв поглед, поради бројни причини.

Во досегашната теорија и практика, познати се неколку типови (формати) на аукции. Во научниот извештај на Шведската кралска академија на науките за придонесот на овогодишните лауреати се споменуваат 4 типови на аукциски формати: Холандски, Англиски, Формат на прва цена и Формат на втора цена. Кај Холандскиот формат на аукција, аукцијата започнува со највисока цена која обично ја соопштува продавачот. Највисоката цена, во текот на аукцискиот процес постепено се намалува сè додека некој од понудувачите не ја прифати и плати таа цена. Кај Англискиот формат на аукција, како што напомнав, почетната цена постепено се зголемува преку наддавање.

Посебно е интересен аукцискиот формат Втора цена (Second price), којашто се нарекува и Викриева аукција – според името на добитникот на Нобеловата награда за економија за 1996 година, Вилијам Викри, кој ги истражувал импликациите од асиметричните информации во јавниот сектор (оданочувањето, тарифите на подземните железници и сл.), и начинот на функционирање на аукциите во оваа сфера. Моделот на Викри е специјален случај и се однесува на ситуации во кои понудувачите имаат само приватна вредност за доброто што се продава (само субјективна проценка за вредноста на доброто, независна од онаа на другите понудувачи). Кај Викриевата аукција, по втора цена, лицитацијата ја добива субјектот кој ќе понуди највисока цена, но кој нема да ја плати таа цена, туку ќе ја плати цената која се однесува на втората најдобра понуда.

Ваквото решение ќе ги стимулира учесниците на аукцијата да откријат колку се расположени навистина да платат, бидејќи ако понудата е прениска, ризикуваат да ја изгубат лицитацијата, а ако е превисока ризикуваат да влезат во стапицата на „проклетството на победникот“. Плаќањето по цената на втората најдобра понуда ја прави аукцијата ефикасна од општествен аспект, бидејќи оној што ја добива лицитацијата, фактички го плаќа т.н. општествен опортунитетен трошок, кој секогаш е врзан за втората најповолна алтернатива.

Придонесот на новите лауреати

Во што се огледа посебниот придонес на овогодишните лауреати (Вилсон и Милгром) поради што и им е доделена Нобеловата награда за економија?

Двајцата лауреати, силно ја унапредија теоријата за аукции, ги иновираа постојните формати на аукции, дизајнираа нови формати на аукции и овозможија нивна применливост во практиката. Овде, посебно ќе истакнам дека Вилсон прв креираше рамка за анализа на аукции со заедничка вредност и утврди дека понудувачите често настапуваат со пониски цени од нивните најдобри процени за вредноста на добрата и услугите, за да го избегнат проблемот на „проклетството на победникот.“

Тој покажа дека проблемот со  „проклетството на победникот“ е дотолку поголем доколку е поголема неизвесноста, а таа расте во услови на асиметрични информации – кога некои учесници располагаат со  поголем и поквалитетен сет на информации од другите. Милгром утврди дека проблемот со  „проклетството на победникот“ е поголем во случајот на Холандскиот тип на аукции, отколку во случајот на Англискиот тип на информации. Двајцата лауреати дојдоа до генералниот принцип, според кој еден аукциски формат генерира дотолку повисок доход доколку е посилна врската меѓу понудувачите и обемот на информации со кои тие располагаат. Оттука, продавачите имаат интерес да дадат што повеќе и што поквалитетни  информации за добрата и услугите што се предмет на аукцијата. Понатаму, треба да се потенцира дека во современи услови аукциите стануваат многу посложени, односно мултипредметни, поради спецификите на предметот на аукција – типичен пример се аукциите за продавање на радио – фреквенциите на телекомуникациските  оператори, аукциите за електрична енергија, аукциите за користење (екстракција) на природни ресурси (руди, минерали, гас и сл.) итн. Во овие случаи постојните формати (типови) на аукции  не можат да се користат. Двајцата лауреати ги иновираа постојните типови на аукции и понудија нови аукциски формати.
 
Тоа е особено случај со аукциите за радио – фреквенциите каде што проблемите за нивна ефикасна распределба меѓу операторите се многу тешки за решавање, бидејќи радио – фреквенциите имаат и приватна и заедничка вредност, бидејќи нивната цена може да варира меѓу различни географски региони во рамки на земјата, бидејќи нивната цена зависи и од цената на други оператори итн. Милгрoм и Вилсон за разрешување на овие проблеми понудија нов аукциски формат, т.н. SMRA (Simultaneous Multiple Round Auction). Овој формат на аукција ги нуди и симултано ги продава сите предмети (бендови) во рамките на радио – фреквенциите во различни географски подрачја. Аукцијата почнува со ниска цена и дозволува повторување на понудите, со што ваквите правила на игра ја редуцираат неизвесноста и го ублажуваат или разрешуваат проблемот на „проклетството на победникот“.

Во телефонското интервју што Вилсон го даде по соопштувањето на одлуката за доделувањето на Нобеловата награда, тој истакнува дека моделот што го дизајнирале го нарекуваат  аукција во пакет, што е ситуација во која купувачот може да конкурира за пакет на лиценци, кои може да се однесуваат на комплементарни добра, на супститути и сл. и дека се работи за извонредно комплицирана проблематика. Кога овој модел првпат беше применет во САД, во 1994 година, од страна на Федералната комисија за комуникации, американската влада продаде 10 лиценци, во 47 врзани кругови, за вкупен износ од 617 милиони долари – средства кои Владата, претходно, не ги добиваше, ги губеше. Вака дизајнираниот аукциски формат (SMRA) се смета за голем успех. Истиот модел, подоцна, го применија  голем број влади во светот – во Индија, Канада, Финска, Норвешка, Полска, Германија, Шпанија и др. Ова покажува дека истражувањата на овогодишните лауреати се корисни и за јавниот сектор, за даночните обврзници и за сите граѓани во земјите. Од друга страна, овогодишната Нобелова награда за економија покажува како фундаментални теоретски истражувања (подобрување на општата теорија за аукциите) можат да се применат во практика и како од нив можат да бенефицираат сите граѓани.

Доменот на истражување за кој е доделена Нобелова награда за економија за 2020 година, генерално гледано, влегува во сферата на теоретската и апликативната микроекономија, и посебно вонеколку области кои ја чинат с’ржта на новата микроекономија – теоријата на игри, економиката на информации,економијата на однесувањето и сл.  Основите на споменативе микроекономски концепти и парадигми, овогодишните лауреати ги адаптирале и примениле во конкретни области, какви што се аукциите, преговарањето, владината регулација (економска и општествена) на бизнисите, конкурентските стратегии на фирмите, дизајнирање на договори и дизајнирање на пазарни механизми во економијата.

менаџмент / маркетинг21 час ago

10 КОМУНИКАЦИСКИ ВЕШТИНИ КОИ МОРА ДА ГИ ВЛАДЕЕ СЕКОЈ БИЗНИСМЕН

менаџмент / маркетинг21 час ago

ДЕЛЕГИРАЊЕ – КАКО ДА СЕ РЕШИТЕ ОД СТРАВОТ НА ГУБЕЊЕ МОЌ И КОНТРОЛА?

менаџмент / маркетинг21 час ago

Дру Хјустон: Не секирајте се за неуспехот; само еднаш треба да ја погодите работава.

технологии / компании21 час ago

Пандемијата го зголеми онлајн купувањето – кој доби, кој загуби и што повеќе нема да биде исто?

економија21 час ago

ММФ: Справувањето со здравствената криза е клучно за заштита на економијата

економија22 часа ago

Намалување на енергетската зависност од еден извор и транзиција кон чистата енергија се клучните определби за Македонија

интервју22 часа ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

економија22 часа ago

Планирана е вкупна инвестиција од 50 милиони евра за 5 години

економија22 часа ago

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок

свет22 часа ago

Берзите продолжуваат да растат бавно

македонија6 дена ago

„Брако“ го создаде првото возило за чистење улици на водороден погон во Европа

македонија5 дена ago

Амбасадорката Брнс на МЕФ: САД ќе ѝ помогне на Северна Македонија да изгради посилен и понезависен енергетски сектор

македонија2 дена ago

Зоран Заев: Нашата држава почива на делата на антифашизмот чиј резултат е нашата слобода!

економија3 дена ago

Почна третата Годишна конференција за е-трговија

банки4 дена ago

Комерцијална банка донираше лаптопи на ученици од 14 општини

македонија5 дена ago

Директорката на МЕПСО, Шуклева: Во инвестициски циклус сме од 163 милиони евра

економија3 дена ago

„Брзи” и „евтини” кредити за скапа и отежната реализација на капитални проекти

интервју22 часа ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

банки2 дена ago

Доделени наградите од наградната игра „Шпаркирај нов автомобил!“

start up2 дена ago

Сто илјади евра финансиска поддршка за македонскиот стартап Elevate Global од страна на Бизнис акцелераторот УКИМ