економија
Мукаетов за Ал Џезира: Нашата политика 30 години не покажа капацитет да развива модерна држава

„Наместо да имаме некој ветер во грб како бизнис-заедница, да ги развиваме луѓето и компаниите и да се глобализираме, ние доста време, за жал, трошиме на разни сопки кои ни се случуваат во сите сфери на она како државата функционира секојдневно.“, вели првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во интервјуто за Ал Џезира Балкан.
Генералниот директор и претседател на УО на Алкалоид, Живко Мукаетов, во интервју за Ал Џезира Балкан вели дека, за жал, во државава имаме ситуација на едно политизирано општество, на општество кое е разделено на табори.
„Нашата политика сите овие триесетина години не покажа капацитет да развива една држава, модерна, една држава која би била капацитативна, која би била конкурентна на многу полиња. И, за жал, таа доминација на политиката версус она што е еден нормален развој на една држава ја чувствуваме во сите пори на општеството. Ние имаме објективно многу послаб образовен систем од она што беше при преминот од старата во новата држава. Имаме еден здравствен систем кој сите го чувствуваме дека не е како што треба. Имаме една кадровска политика каде што во администрацијата се оди строго на квантитет, а не на квалитет; каде што сме сите заглавени во бирократските лавиринти на комбинациите меѓу партиите, од една страна, и сите административни ентитети и сето тоа на крај се одразува наместо да имаме некој ветер во грб како бизнис-заедница, да ги развиваме луѓето и компаниите и да се глобализираме, ние доста време, за жал, трошиме на разни сопки кои ни се случуваат во сите сфери на она како државата функционира секојдневно.“, смета Мукаетов.
Како сериозен проблем за компанијата, но и генерално за економијата, Мукаетов го истакнува одливот на квалификувани кадри, што зема се’ посилен замав последниве години.
„Искрено да ви кажам дека ако разговаравме пред 10 години, јас ќе ви кажев дека најголем предизвик за ‘Алкалоид’ се продажбите. Денеска со полна одговорност тврдам дека најголем предизвик за нас е како да ги задржиме квалитетните луѓе тука, во компанијата, како да ги мотивираме, што сѐ треба да направиме за она што е визија за раст на ‘Алкалоид’ како компанија да може да се следи со квалитетни кадри. Ние влеговме во доста проекти од типот на дуално образование со Средното медицинско и Програмата за практикантство со факултетите, каде што над 100 факултетлии доаѓаат во компанијата и работат со ментори за по завршувањето на факултетот да работат во компанијата. Секоја година правиме анализа на задоволството на вработените со разни додатни програми за да ги мотивираме, затоа што на младите луѓе веќе не им се важни само парите. Ние зборуваме за квалитетот на живот, зборуваме за квалитетот на воздухот, зборуваме за содржината која тие ќе ја имаат надвор од она што го доживуваат на работното место. Значи многу фактори. Ние треба да сме свесни дека не се сведува се само на она што им го нудиме ние како компанија на нашите вработени, туку каков е целиот пакет.“, вели Мукаетов.
Во интервјуто Мукаетов објаснува и како „Алкалоид“ успеа да стане национален гигант, но и регионален фармацевтски играч. Тој вели дека успехот на „Алкалоид“ се должи, пред сѐ, на квалитетот на луѓето кои работат во компанијата.
„Зборуваме за над 2.600 вработени, семејства, кои се дел од нашата компанија, едно големо семејство. Се должи, секако, на квалитетот на производите; се должи на она што значи брендот „Алкалоид“, на она што значат брендовите кои „Алкалоид“ ги има и кои се нашироко познати, дали се тоа „Кафетин“, „Бекутан“, „Панцеф“, Good Nature и многу други, така што сето тоа има свое влијание на она што значи континуиран развој на компанијата. Тука би сакал да истакнам дека квалитетот секогаш ни е на прво место. И тоа е многу важно за една компанија во континуитет да може да гради еден позитивен имиџ за себе и за своите производи. Исто, за мене е многу важно што компанијата за сите овие години успеа да покаже една резилиентност и да покаже една способност за адаптација кон новите ситуации кои се случуваат онаму каде што е присутна.“
Целото интервју може да го проследите подолу: