македонија
Највисоки плати во ИТ бизнисот во Македонија имаат дизајнерите на игри – и до 230 илјади денари месечно

Мапирањетомакедонскиот ИТ сектор што го направи по втор пат порталот IT.mk покажува дека, според програмските јазици, најплатени се Swift програмерите, со просечна плата од 158.000 денари. Дизајнерите на игри и Autocad цртачите имаат највисоки плати во ИТ бизнисот кои достигнуваат повеќе од 230.000 денари.
Дека во ИТ секторот се заработува значително над просекот во Македонија не е веќе ништо ново, и официјалната државна статистика го потврдува секој месец тоа. Па, така според најновите податоци, просечната нето плата исплатена во дејноста компјутерско програмирање во јули годинава изнесува речиси 82.000 денари, што е за 12% повеќе во однос на истиот месец во 2021. Порталот за информатичка технологија, IT.mk отиде и подетално во анализата на ИТ секторот, па го реализираше второто истражување за мапирање на локалната ИТ индустрија и резултатите даваат интересна слика за една од најлукративните индустрии во моментов.
Истражувањето има за цел да даде сеопфатен приказ на актуелната состојба со плати и примања, технологии, едукација и развој на ИТ кадарот, како и вработените во дигиталниот маркетинг и дигиталните уметности. Дополнително, истражувањето го прикажува и напредокот во овие области во Македонија споредбено со 2019 година, кога беше направено првото мапирање.
Анализата на IT.mk обработува три клучни категории во ИТ секторот, а тоа се програмирање, маркетинг и дизајн. Главниот заклучок што може да го донесеме е дека во овие професии платите континуирано растат дека и тоа како добро може да се заработи во земјава, а некои позиции се на рамниште на просечни плати во западните земји, па дури и повисоко.
На пример, во категоријата програмирање, оние со најмалку искуство, или т.н. јуниор позиции, заработуваат од 38.000 па до речиси 51.000 денари месечно. Ова важи за пресметката со статистички просек, но ако се примени методот на медијана, односно се исклучат екстремно високите и ниските вредности од примерокот, се добиваат суми од 30.000 до 46.000 денари месечно.
Поискусните програмери може да сметаат на плати од 70.000 па до преку 90.000 денари месечно во просек, додека пак, најискусните, или т.н. сениор програмери/девелопери заработуваат и преку 160.000 денари месечно.
Мапирањето укажува на тоа дека дури 48.5% од ИТ професионалците размислуваат за можна промена на работното место во следните 6 месеци, а за време на COVID пандемијата 39% од испитаниците смениле компанија. Исто како и во 2019 година, повторно е евидентен и родовиот јаз во платите и другите хонорарни примања кај ИТ кадарот, особено на повисоките позиции.
Повеќе на темава ќе може да прочитате во новото издание на магазинот Капитал коешто излегува на 30.09, петок.