свет
На вработените во Твитер не им „се гине“ за новиот газда: масовно си одат по ултиматот на Маск околу новото „хардкор“ темпо на работа

Канцелариите на компанијата се затворени до понеделник, а голем број вработени си даваат откази откако новиот сопственик Илон Маск им даде избор: или да прифатат „хардкор“ темпо на работа, или да си заминат.
Твитер ги информирал вработените дека канцелариите на компанијата ќе бидат привремено затворени, при што одлуката стапува веднаш на сила.
Според оваа одлука, канцелариите повторно ќе бидат отворени на 21-ви ноември а не се соопштува никакво образложение зошто таа е донесена.
Затворањето на канцелариите на компанијата доаѓа додека голем број вработени поднесуваат откази, откако новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, кој го купи за 44 милијарди долари, побара од нив да се согласат да работат „прекувремено со висок интензитет“ или како што опиша тој, со „хардкор“ темпо, или да си заминат. Очигледно, голем дел од вработените на Твитер поднеле оставки бидејќи не ги прифаќаат новите услови на Маск.
Еден од вработените во Твитер кој дал оставка изјавил дека кога ќе се смири ситуацијата, во компанијата ќе останат помалку од 2 000 луѓе. Компанијата сега останала без цели одделенија за техничка поддршка. Дел од експертите предупредуваат дека без неопходните инженери, загрозена е и одржливоста на социјалната мрежа и постои опасност Твитер до понеделник да престане да функционира.
Претходно, Твитер соопшти дека ќе намали околу 50% од својот персонал. Пред најбогатиот човек на планета, познат и како тежок воркохолик, да ја преземе контролата на Твитер, во компанијата биле вработени околу 7,5 илјади луѓе. Маск делува дека не е воопшто загрижен за масовните откази со кои се соочува неговата компанија , објавувајќи на Твитер дека: „најдoбрите луѓе ќе останат“.