Connect with us

македонија

Не е време за штедење!

Фискален активизам бараат ММФ и Светска банка во борба против пандемијата

објавено

на

Токму оние што беа најголеми поборници на штедењето, како што се ММФ и Светска банка, сега сугерираат сосема спротивна политика наместо тоа и бараат од земјите фискален активизам за да се поддржат работните места. Ова сценарио во нормални околности беше незамисливо, но пандемијата и рестрикциите што се применуваат за спречивање на ширењето на вирусот оставаат сериозни последици врз економијата и затоа меѓународните финансиски институции велат дека оваа војна може да се добие само со повеќе пари како муниција. „Додека болеста беснее, што друго ќе правите?“, истакна главниот економист на Светската банка, Кармен Рајхарт и потоа додаде, „прво се грижите за борбата против војната, а потоа ќе барате начин како да платите за тоа“. Извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, исто така потенцираше дека не е време за балансирање на сметките според книгите туку им сугерираше на земјите „да се осмелат“ алудирајќи на пазарите на капитал. Непредвидените трошоци за справување со пандемијата како од здравствен така и од економски аспект ги зголемија потребите за задолжување и кај нас. Па така, буџетскиот дефицит до крајот на годината се очекува да достигне 8,5% од БДП што е 920 милиони евра, а еврообврзницата од првата половина на годината веќе го зголеми јавниот долг над црвената линија од 60% од БДП. Но, откако пандемијата ќе стивне, мастришките критериуми повторно ќе станат основен таргет особено за земја што претендира да стане членка на ЕУ, така што иако штедењето како концепт можеби сега е мртво, но извесно е дека многу наскоро повторно ќе воскресне. 

Фискалната конзервативност што требаше да ги спастри буџетските дефицити и јавните долгови на земјите особено по должничката криза во Европа пред една деценија, се напушта како политика барем привремено во екот на пандемијата со коронавирусот. Токму оние што беа најголеми поборници на штедењето, како што се ММФ и Светска банка, по годишните виртуелни средби заклучија дека новите вонредни околности што ги наметна пандемијата и мерките за спречување на неговото ширење кои директно ја загрозуваат економската активност, наместо тоа бараат фискален активизам.

Кармен Рајнхарт, еминентен економски историчар, а сега главен економист во Светска банка, препорача земјите да позајмуваат многу повеќе за време на пандемијата. „Додека болеста беснее, што друго ќе правите?“, прашува таа. „Прво се грижите за борбата против вирусот, а потоа ќе барате начин како да платите за тоа“.

ММФ и Светска банка апелираат побогатите земји да трошат и тоа да биде главната муниција во борбата со панедмијата особено за побрзо надминување на економските последици, иако некои земји во развој се соочуваат со сериозни предизвици кога е во прашање нивото на јавниот долг.

Тоа е сосема нова мантра од онаа што ја сугерирше токму самиот ММФ поучен од глобалната финансиска криза дека „многу земји се соочуваат со големи потреби за намалување на трошењата“, но сега им порачува на сите земји што имаат пристап до финансиски пазари да се задолжуваат и да трошат за да се сочуваат работните места. Во мирнодопски услови ова би делувало како прилично неприфатливо сценарио, меѓутоа, во 2020 година, пандемијата може да ја обезбеди токму оваа ситуација – да биде оправдување за еднократно зголемување на дефицитите, меѓутоа, не и алиби за непродуктивни трошоци, туку единствено како поддршка на здравствениот систем да се избори со вирусот, и на компаниите и граѓаните да ги преживеат рестрикциите.

Инспирирана од рускиот романсиер Фјодор Достоевски, извршниот директор на ММФ, Кристалина Георгиева, изјави „Само едно е важно – да се осмелиш“.

Податоците на овие меѓународни финансиски институции покажаа дека и напредните економии и многу од земјите во развој сериозно го прифатиле советот во борбата со коронавирусот. ММФ проценува дека земјите досега го зголемиле трошењето или ги намалиле даноците за 11,7 илјади милијарди американски долари досега, што е 12% од глобалниот бруто домашен производ во 2020 година.

Речиси сите земји погодени од пандемијата излегоа со огромни стимулативни пакети за поддршка на економиите. Во Велика Британија, конзервативната влада на Борис Џонсон го отфрли штедењето како концепт за консолидирање на јавните финансии и наместо тоа, планира да се задолжи вкупно 350 милијарди фунти до крајот на годинава, што е 17% од БДП на земјата и највисоко ниво во услови на мир во последните 300 години.

Дури и Германија, која што важеше за бастион на фискална исправност, министерот за економија Питер Алтмаер истакна дека земјата воведува „најголема стимулативна програма на сите времиња“ како одговор на коронавирусот.

Сепак аналитичарите нагласуваат дека мора да се потенцира дека овие препораки се само привремени додека светот не се избори со пандемијата. Би било погрешно да се каже дека ова се исправни полиѕики на долг рок и дека дефицитите и јавниот долг не се повеќе важни.

Дури и во рамките на ММФ има спротивставени ставови. Додека извршната директорка Георгиева вели дека „не е време за балансирање на јавните финансии според книгите“, некои официјални лица сè уште инсистираат на штедење на земјите кои имаат долгови како планини.

Задолжувањата сега дополнително ќе ја влошат ситуацијата и веројатно ќе наметне многу поконзервативен пристап кон фискалната политика во иднина.

Така што иако штедењето како концепт сега е мртво, извесно е дека многу брзо може повторно да воскресне.

Долгот над црвената линија

Преземените фискални мерки во земјава досега, по својата суштина, не се разликуваат многу од мерките кои ги преземаат фискалните власти во глобални рамки. Имено, речиси стандарден пристап е фокусот да биде ставен на зачувувањето на работните места и спречувањето на поголем пад на платите, многу често преку различни шеми на субвенции.

Меѓутоа, зголемените непредвидени трошоци во услови кога и јавните приходи се под ризик да ги остварат планираните таргети, наметнаа потреба од поголемо задолжување и продлабочување на буџетскиот дефицит годинава.

Според последните податоци од вториот ребаланс којшто се уште е во собраниска процедура, минусот во државната каса до крајот на годината ќе достигне околу 920 милиони евра, што е 8,5% од БДП.

Властите во првата половина од годината веќе се задолжија со издавање на еврообврзница од 700 милиони евра, а освен со одредени задолжувања и грантови од концесионалните кредитори, мал дел од дефицитот ќе се надополни и со домашно задолжување.

Но, големото задолжување на крајот на мај, го зголеми јавниот долг над она што во нормални услови се сметаше за црвена линија и ја надмина границата од 60% од БДП што е всушност мастришки критериум.

Овој податок ја испровоцира опозицијата да ги критикува властите за задолжувањата годинава со образложение дека потрошените пари не ги дале очекуваните ефекти.

Пратеникот Бојан Стојаноски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на расправа на Комисија за финансирање и буџет нагласи дека економската состојба во Македонија е загрижувачка, а власта се луксузира наместо да им помогне на граѓаните.

„Би сакал само да се осврнам на четвртиот сет на мерки. Не можеме да зборуваме за четвртиот сет, ако направиме компаративна анализа на претходните три сета на мерки. Заклучно со јуни, јавниот долг е на ниво од 6,5 милијарди евра, односно од јануари од почетокот на годината за само шест месеци сме се задолжиле милијарда евра и тоа е ноторен факт. Според Агенцијата за вработување сега имаме 150.000 регистрирани како невработени, активни баратели на работа наспроти 104.000 во јануари што јасно кажува дека бројот на невработени се зголемил галопирачки“, нагласи Стојаноски и додаде дека Македонија сега е високо задолжена земја надминувајќи ги Мастришките критериуми.

Стојаноски истакна дека трите сета на мерки на владата претходно воопшто не помогнале, туку напротив само ја продлабочиле кризата.

Тој посочи дека владата и покрај тоа продолжува Македонија да ја турка уште во поголеми долгови.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, пак, на општата расправа за ребалансот на собраниската Комисија за финансирање и буџет истакна дека пандемијата предизвикана од Ковид-19 доведе до најголемата економска криза што се случила од Големата депресија наваму, поголема и од Светската економска криза од 2009 година, и затоа кај сите земји во светот се проширува дефицитот за да се поттикне економската активност, додека проекциите за економските резултати се негативни.  

Министерот за финансии посочи дека во однос на економскиот раст за првите два квартала резултатот на земјава е -6,4%. Во регионот, Грција има пад од -8,5%, Словенија од -7,9%, Хрватска од -7,8%, Албанија од -6,3%, Бугарија од -4,2%, додека ако се земат предвид и европските земји падот на БДП во првото полугодие во Европската Унија изнесува – 6,4%, додека во Германија е -6,5%, во Хрватска -7,8%, во Словенија -7,9%, во Белгија -8,5%, во Австрија -8,9%, во Италија и Франција -12,1%, во Велика Британија -12,3% согласно Евростат.

Во однос на буџетскиот дефицит, Бесими рече дека е проширен кај најголем број од светските економии со цел да се финансираат здравствените и економските мерки за надминување на оваа криза. Како примери ги посочи Норвешка, земја којашто традиционално има висок буџетски суфицит, просечно од над 7,6% од БДП  во последните 10 години, годинава проектира буџетски дефицит. И земјите во регионот проектираат високи буџетски дефицит: Црна Гора 10,4% од БДП, Албанија 8,4%, Србија 8,1%, Хрватска 8,1%, Косово 7%.

Податоците на овие меѓународни финансиски институции покажаа дека и напредните економии и многу од земјите во развој сериозно го прифатиле советот во борбата со коронавирусот. ММФ проценува дека земјите досега го зголемиле трошењето или ги намалиле даноците за 11,7 илјади милијарди американски долари досега, што е 12% од глобалниот бруто домашен производ во 2020 година.

Четири пакети мерки

Македонските власти од почетокот на март досега, донесоа четири пакети антикризни мерки.

Првиот сет мерки за прва помош на стопанството се донесе на средината на март заедно со здравствените мерки, а ги таргетираше трите најпогодени сектори во прво време, туризам, угостителство и транспорт, и сите коишто имаа запрена економска активност поради мерките на Владата со коишто најголем дел од бизнисите присилно се затворија.

По прогласувањето на вонредната состојба, по десетина дена се донесе и вториот пакет мерки со кој Владата го прошири опсегот и одлучи да финансисра исплата на минамална плата за работниците што работат во фирми коишто имаат над 30% намалување на приходите без оглед во кој сектор делуваат.

Во мај се донесе третиот пакет на мерки главно фокусиран на поддршка на поранливите категории на граѓани, со директна финансиска исплата за луѓето што имаат помали примања од минималната плата во земјата.

Според податоците од Министерството за финансии, досега се исплатени околу 165 милиони евра врз основа на сите мерките, од кои околу 40 милиони евра поддршка за граѓаните и околу 125 милиони евра за фирмите. Сепак, тоа е само третина од проценетата вредност на овие мерки од околу 500 милиони евра.

Потоа во октомври, се донесе четвртиот и најобемен пакет антикризни мерки.

Вкупно 470 милиони евра се потребни за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки што се состои од 31 мерка, а парите ќе бидат наменети за помош на бизнисите и граѓаните со цел ублажување на последиците од економската криза предизвикана од Ковид пандемијата.

„Нашето внимание е целосно насочено кон поддршка за работните места, кон невработените лица, социјално ранливите категории како што се пензионерите и граѓаните од други категории, самохрани родители итн. Четвртиот пакет мерки е директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и за поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст“, рече премиерот Зоран Заев.

Како прва од четвртиот пакет мерки, Заев ја издвои мерката Поддршка за исплата на плати, која продолжува да важи и за последниот квартал од годината, односно и за месеците октомври, ноември и декември.

Новост во оваа мерка е што поддршката ќе биде одредена скалесто согласно падот на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари.

Со новата методологија за државна помош за исплата на платите ќе бидат поддржани 83.000 работни места, односно вкупно 250.000 плати за последниот квартал.

„Вредноста на оваа мерка изнесува 70 милиони евра и  за да се оствари правото на неа, компаниите што ќе аплицираат мора да го задржат бројот на вработени заклучно со 31 јули 2020 година“, рече Заев.

Оваа мерка важи и за самостојните вршители на дејности, односно трговците поединци, лицата што вршат земјоделска дејност, занаетчиска дејност и лица што вршат други услуги.

Да се зголемат јавните инвестиции

Од ММФ оценуваат дека поголеми инвестициски вложувања, во следниот период можат да помогнат да се зголеми потенцијалот за раст на економијата. Но, и во текот на ковид – кризата не смее да се заборави на структурните реформи коишто се предуслов за натамошниот долгорочен раст на економијата, сугерирале претставниците на ММФ на состанокот со Народната банка и Министерството за финансии деновиве.

ММФ и Светска банка резимираа дека последиците од ковид-кризата врз економијата се видливи, но во голема мера ублажени преку навремените и соодветни монетарни и фискални мерки. Последно расположивите податоци покажуваат значително подобрување на состојбата на економијата, но јасно е дека неизвесноста е особено изразена.

„Ова е карактеристично за вкупната глобална економија, чиешто закрепнување се потпира на фактори поврзани со јавното здравје и на економски фактори кои е тешко да се предвидат. Оттаму, потребно да се продолжи со постојано следење на состојбите, прилагодување на политиките и преземање навремени мерки. ММФ и натаму, секогаш кога има потреба и простор за тоа ќе испорачува поддршка за економиите“, пишува во заедничкото соопштени по виртуелниот состанок на  годишните средби на ММФ и Светската банка, меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими и тимовите на Народната банка и Министерството за финансии со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер, шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу и резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле.

На состанокот, се зборувало за предизвиците во претстојниот период, кога приоритет останува справувањето со здравствената криза, што ќе биде од суштинско значење за заштита на економијата и на јавните финансии. Според оцените на ММФ, важно ќе биде и во текот на следните месеци да се дава поддршка на економијата, а мерките  да бидат добро таргетирани, да имаат привремен карактер и да се спроведуваат на транспарентен начин.

Од ММФ оценуваат дека поголеми инвестициски вложувања, во следниот период можат да помогнат да се зголеми потенцијалот за раст на економијата. Но, и во текот на ковид-кризата не смее да се заборави на структурните реформи коишто се предуслов за натамошниот долгорочен раст на економијата, сугерирале претставниците на ММФ.

Во контекст на закрепнувањето на македонската економија, од високите претставници на ММФ, одделно било посочено дека е од голема важност што финансиската стабилност постојано јакне и што постојано се работи и на унапредување на регулативата во оваа сфера.

менаџмент / маркетинг21 час ago

10 КОМУНИКАЦИСКИ ВЕШТИНИ КОИ МОРА ДА ГИ ВЛАДЕЕ СЕКОЈ БИЗНИСМЕН

менаџмент / маркетинг21 час ago

ДЕЛЕГИРАЊЕ – КАКО ДА СЕ РЕШИТЕ ОД СТРАВОТ НА ГУБЕЊЕ МОЌ И КОНТРОЛА?

менаџмент / маркетинг21 час ago

Дру Хјустон: Не секирајте се за неуспехот; само еднаш треба да ја погодите работава.

технологии / компании21 час ago

Пандемијата го зголеми онлајн купувањето – кој доби, кој загуби и што повеќе нема да биде исто?

економија22 часа ago

ММФ: Справувањето со здравствената криза е клучно за заштита на економијата

економија22 часа ago

Намалување на енергетската зависност од еден извор и транзиција кон чистата енергија се клучните определби за Македонија

интервју22 часа ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

економија22 часа ago

Планирана е вкупна инвестиција од 50 милиони евра за 5 години

економија22 часа ago

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок

свет22 часа ago

Берзите продолжуваат да растат бавно

македонија6 дена ago

„Брако“ го создаде првото возило за чистење улици на водороден погон во Европа

македонија5 дена ago

Амбасадорката Брнс на МЕФ: САД ќе ѝ помогне на Северна Македонија да изгради посилен и понезависен енергетски сектор

македонија2 дена ago

Зоран Заев: Нашата држава почива на делата на антифашизмот чиј резултат е нашата слобода!

економија3 дена ago

Почна третата Годишна конференција за е-трговија

банки4 дена ago

Комерцијална банка донираше лаптопи на ученици од 14 општини

македонија5 дена ago

Директорката на МЕПСО, Шуклева: Во инвестициски циклус сме од 163 милиони евра

економија3 дена ago

„Брзи” и „евтини” кредити за скапа и отежната реализација на капитални проекти

интервју22 часа ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

банки2 дена ago

Доделени наградите од наградната игра „Шпаркирај нов автомобил!“

start up2 дена ago

Сто илјади евра финансиска поддршка за македонскиот стартап Elevate Global од страна на Бизнис акцелераторот УКИМ