Connect with us

интервју

Никола Бертолини: Македонската администрација работи само под притисок

Никола Бертолини, раководител на сектор за соработка во ДЕУ

објавено

на

Со господинот Бертолини имавме чест да го направиме последното интервју пред истекувањето на неговиот мандат посветен на имплементација и помош во искористувањето на европските пари преку проектите од европските фондови и програмите за претпристапна помош. Годините работа со македонските власти тој ги оценува преку мошне јасен заклучок  –  администрацијата е политизирана и недостасува стручност и посветеност.
„Институциите кај вас се така структурирани за секогаш да биде комплицирано да се реши некој проблем“ вели тој.
Бертолини објаснува дека за каква било работа да се заврши мора да се врши притисок врз четири или пет различни институции кои не се меѓусебно поврзани и не одговараат пред еден ист шеф:„ Има премногу авторитети, премногу институции, можат да прават што сакаат оти не зависат од едно исто министерство“ вели тој.

Г – дин Бертолини, со оглед на развојот на политичките настани и одложувањето на преговорите граѓаните се природно разочарани и Европа изгледа се подалеку од дофат. Но, европската помош е тука. Колку и како е Европа присутна тука преку европските пари?

Ви благодарам за ова интервју. Мислам дека луѓето се разочарани и тоа е оправдано. Ова одложување не помага, но од друга страна, како што кажавте ние сме тука долги години и ќе бидеме тука. Наша работа е да ја подготвиме државата за денот кога ќе се приклучи кон ЕУ. Мислам дека ги трошиме европските пари правилно и екстензивно во текот на последните години и ќе продолжиме така. Секоја година трошиме од 90 до 100 милиони евра преку многу активности и проекти и го гледаме напредокот и разликите. Државата секоја година добива признание дека е подготвена преку Извештајот за напредокот. Одлуката е на државите – членки, но за нас како Комисија ние го гледаме напредокот.

Има многу проекти… аплициравме за изградба на пречистителна станица во Скопје и финализација на Коридорот 8. До каде се овие проекти? Ова се европски пари…

Овие проекти веќе се поддржуваат, со години. Ова се големи инфраструктурни проекти што бараат многу време и пари. За станицата во Скопје го финализираме колекторот долж реката Вардар. Со ова загадената вода ќе се канализира и ќе минува низ пречистителната станица, што веќе се планира. Државата аплицираше за уште еден грант за кофинансирање на целокупниот трошок и ова барање е во фаза на проценка и има позитивни сигнали. Другиот проект е железницата до Софија. Велам дека ова е мојот сон – да летам до Софија, па да фатам воз за Скопје и да скокнам во реката Вардар што до тогаш треба да е чиста. Проектот со железницата е долгорочен, ние веќе го поддржувавме со над 80 милиони евра во различни фази. Сега зборуваме за третата фаза – конекцијата помеѓу Крива Паланка и границата. Овој проект е подготвен, а подготвена е и финансиската структура. Овој проект е исто во фаза на проценка, но и тука мислам дека ќе добиеме позитивен одговор.

За некој комплексен проект да тече ние мора секој ден да се јавуваме и да притискаме

Како ја оценувате ИПА 2 програмата што веќе се имплементира и кои се клучните и најчувствителните области?

ИПА 2 беше успешна приказна. 633 милиони евра е целата програма и повеќе од 50 % е веќе искористена, а остатокот се користи. Имаме големи области кои ги поддржуваме – владеење на правото, демократија, реформа на јавната администрација… и гледаме дека резултатите доаѓаат. Имаме голем дел и во социјалниот развој, образованието, трудот, земјоделството, економијата, конкурентноста. Можеме да кажеме дека многу е сторено. Двете области каде што има застој се животната средина и транспортот. Зошто? Затоа што овие два сектори се имплементираат и преку државните власти. Има уште многу да се стори, парите од ИПА 2 не се потрошени. Оваа година треба да биде година во којашто три нови проекти од областа на животната средина треба да бидат склучени работиме на тоа.  Мислам дека на крајот на годината ќе кажеме дека имаме поместување, но навистина беше огромен предизвик за воопшто да ги помрднеме напред овие сложени проекти. На пример, ќе споменам само еден – управување со цврст отпад во северно – западниот регион. 15 општини се вклучени заедно, градат компанија, 6 станици за транспорт се лоцирани, документите се средини и на крај  –  дозволите не се дадени… или локациите за овие станици не се соодветни оти излегува дека на тие локации минува автопат. Значи секакви проблеми ни излегуваат на патот. Со години се алоцираат повеќе од 45 милиони евра во ова и ние успеваме да потрошиме само малку, со некои камиони, контејнери, но, проблемите со меѓу – институционалната соработка во оваа држава се огромни. Значи мораме да притискаме, секој ден да се јавуваме, да туркаме и бараме состаноци за да може работата да си тече. Кога има комплексност во имплементацијата на некој проект –  државата не е подготвена. Значи, ова е голем проблем и слабост што го гледам тука и сега и за иднина.

Се сеќавам на последното интервју со Вас, пред речиси три години. Бевте навистина конкретен во критиките кон јавната администрација, не само од аспект на недоволната стручност, туку и за значењето што значи да се биде јавен службеник. Вие заминувате летово. Каков Ви е впечатокот за администрацијата сега?

Па, да кажам дека пандемијата не помогна. Можам да заминам со задоволство за тоа што земјата постигна, но можеше многу повеќе. Ќе Ви кажам еден пример што функционира добро. За одговор на кризата со КОВИД – 19 создадовме за многу кратко време проект вреден 40 милиони евра за поддршка на малите бизниси и невработените.

Да, тоа беше првата помош всушност…

Да, првата помош. Ова беше апсорбирано во многу краток рок и многу ефикасно од Македонската банка за поддршка и развој и Агенцијата за вработување и имавме повеќе од 3000 компании кои имаа бенефит и над 2500 невработени лица кои добија помош или повторно се вработија. Значи кога има итност за да се направат работите нештата се движат. Мислам дека има врска со културните обележја, менталитетот на јавната администрација да работи под притисок. Под притисок администрацијата испорачува и видовме многу добри резултати. Но, ако нема притисок, таа се опушта. Секогаш велам дека само неколкумина јавни службеници навистина работат и се посветени, а другите не. Има разлика во нивниот пристап да се биде на услуга на граѓаните. Но, исто велам и дека државните институции се структурирани на таков начин што е секогаш комплицирано да се реши проблем. Има премногу авторитети, премногу институции, можат да прават што сакаат оти не зависат од едно исто министерство. Ќе го земам за пример транспортот. Железница не одговара пред Министерството. Агенцијата за патишта исто така – не одговара пред Министерството. Ова си се различни институции со коишто ние мораме да се справуваме…

Една по една?

Токму така. И тоа станува тешко. Мислам дека Македонците имаат вештини, образовани се, способни… тоа што мора да се направи е да се избегне политичкиот притисок и ваквиот тип на политизација на јавната администрација што е ужасен и со ова ќе се решат многу проблеми. Јас се надевам во новите генерации. Гледам млади луѓе кои се многу активни и можат и ги менуваат нештата.

Треба мерит систем за вработување во јавната администрација, можности за кариерен развој на службениците и поголеми плати

Зборувате всушност за една длабока реформа на јавната администрација . Секогаш сме пишувале дека имаме премногу институции и администрацијата е огромна. И тоа што го кажувате само го потврдува ова. Велите дека гледате надеж во младите луѓе. Како да се надминат овие слабости?

Само помалку политички притисок и помалку политички дискусии што не даваат резултати. Ни требаат институции и луѓе што нештата ги прават во насока на подобрување и развој. Младите луѓе си заминуваат од земјата. Мора да сториме се што можеме за ова да се спречи и први одговорни за ова се политичките

Но, политичките лидери го користат токму ова политизирање на јавната администрација за вработување на нивните партиски кадри…

Токму така. Затоа, ни треба регрутација базирана на мерит – систем, вистински кариерен развој, подобри плати за да се привлечат добри луѓе, делегација на овластувања, реструктурирање на институциите… Имаме еден одличен проект сега што креира многу можности за институциите да бидат споени, ставени под исто министерство. Има многу можности сега, а има и обврзување, политичко обврзување дека ова ќе се направи, значи има политичка можност што не смее да пропадне.

Има малку навистина способни луѓе во јавната администрација, бизнисот и невладините – тие сите треба да се здружат

Отпуштањето на јавните службеници кај нас е практично невозможно, нив ги штити Законот. Како да зборуваме за одговорност ако нема санкции?

Да се зборува за отпуштање на јавни службеници е тешка тема, точно, но може на пример, кога службениците одат во пензија, а секоја година одат, наместо да се вработуваат нови треба да се погледне што се има внатре за да се даде можност на луѓето внатре да растат и напредуваат. Да се концентрираат новите работни места за обучени профили, оти државата има потреба од стручни луѓе и во јавната администрација. Државата е толку мала и мојата препорака е да се има на ум дека има малку луѓе кои се навистина способни во јавната администрација, во приватниот сектор, во невладините организации – мора да се спојат сите овие сили за да помогнат на преговорите. Преговорите ќе ја донесат земјата пред тешки избори и тие избори и одлуки ќе бидат добро направени ако се разберат добро од граѓаните. Секоја промена треба да биде објаснета, мора да им биде објаснето на луѓето со зборови што тие ги разбираат.

Големи процеси се ова, големи реформи низ коишто треба да се помине и она што ние го правиме е да се доближат овие промени до граѓаните. Не треба да работиме само со централната власт. Всушност 45 % од нашите проекти се со општините. 5 % од 400 милиони евра се за невладиниот сектор и имаме се повеќе ангажмани со приватниот сектор. Мислам дека многу е важно државата да го разбере предизвикот и да изгради коалиција помеѓу властите, бизнисот и граѓаните за да се изоди овој пат што е полн со предизвици, но е многу единствен. Да се приклучите на група на нации преку делење на принципи, права и обврски е дефинитивно предизвик. Во мојот живот сум работел во многу земји во развој, но среќен сум што во последните 12 години работа на европскиот проект за проширување, оти процесот на привлекување на нови држави е голема задача. Знаете ли друга голема нација што ова го прави? Не, само ЕУ. Затоа процесот е и тежок и граѓаните треба да се вклучени за да разберат, да ги разберат сите предности и недостатоци на овој процес.

Ако ја тргнеме настрана јавната администрација, какви други тешкотии има? Кои се другите пречки за искористеноста на европските пари? Можеби злоупотреби?

Тука пак не можете да ја тргнете на страна јавната администрација оти злоупотребите се пак таму. Имаше такви случаи и сигурно ќе продолжи да има. Добро е што овие случаи се идентификувани, виновниците се фатени и се зад решетки. Овие нешта се случуваа, но мислам дека ова е еден природен феномен.

Да, Македонија не е уникатен случај…

Од друга страна, трошиме пари за борба против корупција. Сметаме дека оваа земја не заслужува да биде толку ниско на Извештајот на Транспаренси Интернешнал. Сепак, има уште доста работа. Работиме заедно со Владата, ДКСК и невладиниот сектор. Ова е многу важно оти граѓаните не смеат да изгубат надеж во политичките лидери. Задача на лидерите е да бидат подобри, а на сите други да објаснуваат каква е задачата на лидерите и кои се предизвиците. Не е лесна игра ова. Не играме лесна игра. Комплексно е и затоа од македонска страна ни требаат посветени луѓе и повеќе и повеќе такви. Добро е што Владата е посветена, добро е што Парламентот го олеснува воведувањето на нови легислативи, но треба да видиме напредок во имплементацијата на големите програми. Еве го имаме економскиот инвестициски план. Најавата за него не е само најава. Двата проекти што ги споменавте на почетокот се дел од тој план. Но, имаме и наши проекти. Многу ми е драго што доаѓаме во завршна фаза од проектот за Преспа. Мора да ја зачуваме Преспа. Да не ја претвориме Преспа во Охрид. Ова се важни проекти што во овој период. Важно е да работиме заедно за да се создадат овие проекти. Оти, запомнете проектите се извонредни активности за да го променат и подобрат обичниот, секојдневен живот. Ако не се искористат овие активности животот ќе остане ист. Ова е нашата филозофија.

На крај, оти си заминувате ќе Ве прашам само дали можете да споменете проект што за Вас е успешен пример за користење на европските пари?

Ќе го кажам повторно тој со парите дадени за битката со КОВИД – 19. Три илјади компании, над 2.500 граѓани искористија помош и ова беше испланирано, одобрено и имплементирано во помалку од година. Ова е уникатен проект во историјата на Северна Македонија, но и во историјата на земјите од Западен Балкан. Многу ми е драго што бев тука и служев на граѓаните на оваа земја оти мислам дека сосема го заслужувате местото со сите други држави во Европската Унија.

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

економија20 часа ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up6 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании6 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион6 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија6 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

македонија6 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

интервју6 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

економија6 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

економија6 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

интервју6 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

интервју6 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

економија6 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

интервју6 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

македонија6 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

економија6 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

македонија6 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

регион6 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

свет6 дена ago

Како Тесла и Кинезите им го украдоа шоуто на германските брендови

технологии / компании6 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

start up6 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор