Connect with us

македонија

Нина Ангеловска, АЕТМ: Секоја година се натпреваруваме сами со себе за да направиме подобра конференција за е-трговија

објавено

на

Разговаравме со д-р Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија околу претстојната шеста по ред Конфернција за е-трговија што ја организираат во Скопје, на 14 ноември. Ангеловска најавува присуство на околу 500 гости од целиот регион, како и интересни панел-дискусии и презентации каде што ќе учествуваат претставници од големите светски брендови  Нестле („Nestlé “), Мета („Meta“),  Заландо (“Zalando”), Алегро („Allegro“), Рибок („Reebok“), но и претставници од дел од најуспешните регионални е-трговци.

-Нина, еве сме на само десетина дена пред шестата по ред Конференција за е-трговија, па прво честитки за напорите да направите еден настан што стана своевиден бренд на Македонија регионално, а и пошироко. Секој организатор вели дека секоја претстојна конференција ќе биде најдобра дотогаш, па кажете ни што може да очекуваме годинава како upgrade, како ниво погоре во однос на ланскиот настан?

Да, ние како тим секоја година се трудиме конференцијата да биде подобра од претходната, а затоа мора да ги следиме светските трендови и она што е најактуелно во светот на е-трговијата, да донесеме говорници кои ќе зборуваат на теми од интерес за нашиот аудиториум и кои ќе пренесат искуства кои можат да се применат во пракса. Оваа година покрај тоа што имаме многу актуелна тема – вештачката интелигенција, имаме и нов поразличен сетинг и простор, (Националната Опера и Балет), кој е воедно и со поголем капацитет од претходните со цел да овозможиме што повеќе заинтересирани страни да слушнат и да бидат дел од конференцијата која е веќе бренд не само во нашата земја, туку и во целиот регион.

Исто така, оваа година содржината на конференцијата, планирањето, агендата, и креативната комуникација на социјалните медиуми и на денот на самиот настан се креираа со помош на вештачка интелигенција. Овој иновативен пристап ја издвојува конференцијата од традиционалните настани и ја носи на едно повисоко ниво, заедно со нејзината интензивна регионална промоција низ целиот Западен Балкан. Конференцијата веќе неколку години на едно место ги собира сите учесници во е-трговијата (е-трговци, банки, платежни процесори, компании за достава, IT компании, маркетинг агенции, итн.) и тоа не само од нашата земја, туку од целиот регион.

Накратко, би рекла дека секоја година се натпреваруваме сами со себе, бидејќи секогаш се трудиме да направиме „upgrade“ и тоа не само на конференцијата, туку и на искуството за посетителите и говорниците и секако на неуморниот тим на Асоцијација за е-трговија на Македонија – АЕТМ.

-Мотото годинава е „Редефинирање на е-трговијата во ерата на вештачката интелигенција“, мошне жешка тема, актуелна секако, па ве молам за нашите читатели да откриеме што сѐ ќе можат да слушнат, видат, научат посетителите на конференцијата?

Годишната конференција за е-трговија која ја организира АЕТМ, годинава 6та по ред е една од најпрепознатливите бизнис конференции во нашата држава и регионот. Оваа година фокусот ќе биде ставен на вештачката интелегенција и тоа како таа ја редефинира е-трговијата, односно воведува нова ера – оттаму и темата гласи Redefining Ecommerce: A(i) New Era! На конференцијата, која ќе се одржи на 14 ноември 2023 во Национална Опера и Балет, очекуваме присуство од над 500 гости од целиот регион, меѓу кои и членовите на АЕТМ, партнери, поддржувачи и претставници од бизнис секторот, како домашни така и од регионот, говорници од домашни и меѓународни компании и институции, професионалци и претприемачи, кои ќе имаат можност заеднички да дискутираат за новите технологии кои ја обликуваат иднината на е-трговијата, за искористувањето на потенцијалот на AI во е-трговијата, како и да споделат свои искуства од употребата на новите дигитални алатки.

Учесниците ќе имаат ексклузивна можност да научат од интернационалните и домашните индустриски пионери и лидери кои ефективно ја искористиле вештачката интелигенција за да ја забрзаат својата успешност во онлајн трговијата, но и да се вмрежат со нив и да остварат бројни вредни контакти со истомисленици од регионот. Конференцијата ќе биде исполнета со презентации, панел дискусии и неформални разговори поврзани со е-трговијата, кои ќе бидат презентирани од 30 домашни и интернационални говорници. Меѓу говорниците ќе бидат претставници од големите светски брендови  Нестле („Nestlé “), Мета („Meta“),  Заландо (“Zalando”), Алегро („Allegro“), Рибок („Reebok“), но и претставници од дел од најуспешните регионални е-трговци.

Во сеопфатната програма на конференцијата, која е поделена на 5 сесии, официјално ќе се споделат најновите податоци од годишниот преглед на  е-трговијата во Северна Македонија за 2023 година и споредба со земјите од Западен Балкан и Европа, ќе се зборува влијанието на онлајн маркетплејс платформите во секторот на е-трговија, ќе се разговара за пејсажот за е-плаќања во е-трговијата и унапредување на прекуграничната е-трговија, но ќе се зборува и за важноста на податоците, маркетингот и вештачката интелигенција како потпора за успешен бизнис со е-трговија, како и за инвестициите во е-трговија низ призмата на Venture Capital фондовите. Повеќе информации во врска со конференцијата и карти за истата се достапни на официјaлната веб страница: https://www.ecommerceconference.mk/.

-Несомнено дека интересни ќе бидат и информациите од најновиот извештај за развојот на е-трговијата во Македонија, споредено со земјите од регионот. Што би биле клучните поенти од оваа анализа што веќе традиционално ја изработува АЕТМ секоја година? До каде сме стигнати со растот и развојот на е-трговијата?

Традиционално на конференцијата ќе биде презентирананајноватаанализа на состојбата со е-трговијата во Република Северна Македонија со наслов: „Преглед на Е-трговијата во Република Северна Македонија и споредба со земјите од Западен Балкан и Европа, 2023“, која и оваа година е поддржана од Mastercard.

Анализата овозможува да го согледаме прогресот на македонската е-трговија споредено со претходната година, но и со европските земји, а со посебен фокус на споредбата со соседите – земјите од Западен Балкан за кои има достапни податоци: Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. Ако го споредиме користењето на интернет (како % од популацијата на возраст 16-74) како основен услов за онлајн купување во овие земји, ќе забележиме дека Република Северна Македонија е најдобра во користење на интернетот (88.3%) заедно со Црна Гора (88.2%). Во Србија интернетот го користи 83.5%, Албанија 82.7% и најмалку во Босна и Херцеговина 78.8% од населението на возраст 16-74 години.

Споредбата на земјите од Западен Балкан ни покажува дека кога се на интернет Албанците најмногу зборуваат и го изразуваат своето мислење за граѓански и политички прашања, Црногорците најмногу праќаат инстант пораки, учествуваат на социјални мрежи, читаат онлајн и праќаат е-маилови, Србите бараат информации за производи/услуги и за здравје, и користат е-банкарство, додека Босанците најмногу продаваат производи и услуги на интернет.

Кога станува збор за користење на интернетот за онлајн купување, може да се забележи дека балканските земји се најниско рангирани во споредба со европските земји.

Иако се остварени високи порасти за време на пандемијата, во 2022 година онлајн купувањето бележи пораст кај земјите од Западен Балкан и тоа во Албанија 34.7% од интернет корисниците купиле онлајн во последните 12 месеци, во Србија 63.5%, во Босна и Херцеговина 43.1%, во Република Северна Македонија 49.5%. Само во Црна Гора има мало намалување и е на последното место во Европа.

Исто така во анализата се опфатени и податоците за е-трговијата во потесна смисла на зборот што подразбира и плаќањето за нарачката да е извршено онлајн. За таа цел ги користиме податоците на Народната банка. Вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички во Македонија во 2022 година изнесува 550.2 милиони евра и има пораст од 25% во однос на 2021 година. Анализирани се е-трансакциите само за Македонија, како и интернет продажните места.

Оваа година со цел да дадеме појасна слика за понудата во е-трговијата спроведовме и емпириска анализа на е-трговците со податоците од 5те домашни банки кои нудат процесирање е-трансакции и да ги детектираме активните е-трговци и категоризираме. Сознанијата до кој дојдовме се прилично изненадувачки односно бројот на активни е-трговци во земјава е помалку од половина од бројот на интернет-продажни места кои ги следиме по НБРСМ. Што се однесува до категориите најголем дел од е-трговците во малопродажба се во Облека, обувки и модни додатоци или речиси 10% од вкупниот број на активни е-трговци.

Сепак не би ги откривала сите клучни сознанија сега, на конференцијата сите учесници ќе имаат прилика да ги слушнат.

Нина Ангеловска со тимот на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија

-Неодамна се случи и официјалното лансирање на Ананас.мк, каде што вие сте директор за развој во компанијата со седиште во Белград. Веќе се чувствува збогатување на e-commerce екосистемот во земјава, платформата е навистина лесна за користење, изборот на производи е голем… Какви се плановите всушност, со целата финансиска и логистичка поддршка од Делта холдингот, Ананас веројатно ќе го освои е-commerce просторот во регионот како Амазон што направи своевремено со САД и останатите пазари?

Да, тоа е и нашата мисија – Се околу нас е Ananas, или ќе биде 🙂 Верувам дека ќе направиме револуција во е-трговијата во регионот, а посебно задоволство ми е што токму првата земја од планот за експанзија е Македонија. Верба секако не е доволна ако не е проследена со јасна визија, планови и поддржана со ресурси и луѓе – а тоа го имаме. Ананас како дел од корпорацијата Делта Холдинг, беше лансиран во Србија, а нашиот план е експанзија во регионот која започнува од Македонија, а потоа и останатите земји од Балканот и пошироко.

Плановите за развој и целите се амбициозни, пред нас е многу работа и предизвици но верувам дека ако некој може да го донесе онлјан купувањето ‘на следно ниво’ какво што им е потребно и на купувачите и на трговците за да го растат и развиваат нивниот бизнис, а и на економиите – тоа е Ананас.

За три месеци веќе имаме над 160 партнери кои успешно продаваат преку Ananas, а “Клик! Бум! Трас!” е веќе добро познат во Македонија. Македонските компании сега имаат доверлив партнер со кој може да го растат и развиваат својот бизнис, а купувачите нова дестинација Онлајн шопинг мол, а на нет, која на едно место нуди над 100.000 производи по одлични цени и брза достава.

-Како основачка на Групер, направивте своевидна револуција во е-трговијата во Македонија, сега како дел од топ менаџментот на Ананас се грижите за развојот на платформата на регионално ниво. Каков е според вас потенцијалот за понатамошен раст и развој на купувањето преку интернет во земјава, со оглед на предизвиците што постојат во целиот екосистем – логистиката, доставата, сајбер – безбедноста…?

Потенцијал постои, но и предизвиците се големи. Го спомнавте Grouper, за да го развиваме бизнисот ние практично моравме да го креираме пазарот кој во тоа време не постоеше. Илјадници граѓани ја направија својата прва онлајн трансакција, а стотици компании својата прва онлајн продажба токму преку Grouper. Grouper одигра многу значајна улога во едукација на пазарот, и воопшто во развојот на македонската е-трговија. Сега со Ananas тој пат на менување на е-трговијата во земјата продолжува, но на едно сосема поинакво ниво. Пазарот е секако поподготвен споредено со пред една декада, но далеку од нивото што треба за да се отклучи потенцијалот кој го нуди е-трговијата. Екосистемот на е-трговија е мошне комплексен, а за раст на Ananas потребно е да растат и напредуваат сите поврзани сектори како што е доставата, свеста, дигиталните вештини, навиките и сл. – така со развојот на Ananas ќе се унапредуваат и растат многу поврзани сектори, а компаниите кои сега имаат целосно решение за да продаваат онлајн на едно ниво какво што не постоело во нашата земја ќе имаат можност да ги растат нивните продажби, да достигнат до нови купувачи и воопшто да го растат својот бизнис.

Едноставно кажано бизнисите се тие кои го менуваат пазарот, влијаат на неговиот развој па така Ananas ќе одигра значајна улога во развој на домашниот, но и на регионалните пазари.

-Со оглед на разликата во куповната моќ, секако дека не може да очекуваме волумени на онлајн нарачки пер капита како во западните земји, но со кој момент на развој на е-трговијата во Македонија вие како професионалец што со години се бори и залага за нејзино унапредување би биле, еве да кажеме, спокојна, би си кажале себеси, „добро е, стигнавме до таму каде што сакаме да бидеме“?

Да, сакаме да се доближиме до нивото на онлајн нарачки како во развиените земји. Но, тоа би било веројатно т.н ‘wishful thinking – било на краток или на среден рок. Секако, би сакале да се доближиме до развиените европски земји во сите сфери на економијата, но ова бара долгорочни напори и активности како држава, особено во областа на економскиот развој и зголемување на домашниот бруто домашен производ. Е-трговијата може да придонесе за поголем економски раст, иако е-трговијата во Северна Македонија расте, постои потреба за непрекинат и забрзан развој, особено во поглед на инфраструктурата, градењето на доверба кај потрошувачите, зголемување на понудата на производи и услуги онлајн. Ние и понатаму ќе продолжиме да работиме на отстранување на бариерите кои го попречуваат растот на е-трговијата како: зголемување на дигиталната писменост и вештини, поттикнување на поголема понуда во е-трговијата, намалување на нелојалната конкуренција и сивата економија, како и напори за олеснување на прекуграничната е-трговија во регионот.

За неколку години од сега би било задоволително ако сме лидер во групата на земји со сличен економски развој и ако регионот наместо да е рангиран на дното како што е случај сега, биде барем некаде на средина споредено со европските земји по речиси сите индикатори за е-трговија. Секако дека секогаш ќе има предизвици и проблеми за решавање, но се надевам дека во блиска иднина ќе се бавиме со пософистицирани од овие со кои се справуваме веќе неколку години наназад.

Патот на развој е never-ending и ако некогаш си кажеме дека сме стигнале каде што сакаме да бидеме значи не сме доволно амбициозни или не целиме доволно високо 🙂 Тоа што сега сметаме дека е задоволително за неколку години од сега, ќе се менува постојано со развојот на технологиите и дигитализацијата. Мораме да го забрзаме темпото на развој ако сакаме да фатиме чекор и да ги искористиме можностите кои ги нуди дигиталната економија.

македонија31 минута ago

@media: Иднината на пазарот за рекламирање

економија4 дена ago

Мукаетов за магазинот “The Region“: Нашите брендови се дел од секојдневието на луѓето

македонија4 дена ago

Универзитетот Американ Колеџ Скопје почна соработка со City College of New York од САД

банки5 дена ago

УНИБанка втора година по ред е поддржувач на најзначајната културна манифестација „Охридско лето“  

економија5 дена ago

Стимулирање на иновациите во Scalefocus: Како ги мотивираме ИТ професионалците да бидат иновативни

интервју1 недела ago

Гоце Сиваков:  Нашите клиенти веќе ги чувствуваат бенефитите од фактот дека УНИ Банка е дигитално и технолошки напредна банка!

економија1 недела ago

Стручна обука за општествена одговорност и прв „директорски појадок“ на Клубот на одговорни бизниси

економија2 недели ago

Мукаетов на насловна на престижниот романски магазин „Бизнис“: Романија е стратешки пазар за „Алкалоид“

економија2 недели ago

Почна проектот „Бизнис лидер“ – нова, иновативна платформа за вмрежување на најдобрите од македонскиот деловен свет

банки2 недели ago

Прокредит банка со нова модернизирана филијала во Кавадарци