Connect with us

интервју

Нина Ангеловска: Пандемијата поттикна троцифрен раст на онлајн трансакциите кон домашни е-трговци – предизвикот е тој тренд да се задржи

Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија

објавено

на

„Пандемијата поттикна троцифрени стапки на раст во реализираните онлајн трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци. Овие стапки на раст беа забележани од вториот квартал на 2020 година односно рестриктивните мерки и забраните за движење стимулираа зголемени онлајн продажби, плаќање на сметки и користење на дигитални услуги. Прашањето е дали и со каков интензитет ќе се задржи овој раст. Според најновите  податоци на НБРСМ, позитивно е што растот се задржува и иако од повисока основа, во првото полугодие од 2021 изнесува 77% споредено со истиот период лани – се работи за онлајн трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци. “

Разговаравме со д-р Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, околу подготовките за претстојната четврта по ред Годишна конференција за е-трговија и за тоа што се’ ќе може да се слушне и научи на настанот кој што ќе се одржи во хибридна форма, на 12 ноември во Скопје.

Г-ѓа Ангеловска, како течат подготовките за претстојната Годишна конференција за е-трговија? Кои се најголемите предизвици со коишто се соочувате при организацијата?

Подготовките се во полна пареа, ни следат уште три недели исполнети со “организиран хаос” кој e составен дел од организацијата на ваков настан. Секоја година се трудиме да биде подобра од претходната, да направиме повеќе, да ги надминеме очекувањата и себе си со организацијата. Целиот циклус е многу напорен  и бара добро лидерство и комуникација, беспрекорна тимска соработка како на клучниот тим во организација така и со сите соработници кои се вклучени во организација, а тоа се над 100-тина луѓе.

 Ако организацијата на конференцијата ја споредиме со сложувалка, потребни се многу делчиња – секој треба да го испорача својот дел, а ако едно потфрли резултатот нема да биде целината која сте ја замислиле – ова е еден од клучните предизвици, односно секоја работа не зависи директно од вас, затоа внимателно ги одбираме говорниците, соработниците и сите вклучени страни.

Предизвик е да се креира квалитетна програма и секако да се обезбедат врвни говорници согласно замислата, темите и нивото. Важен е секако личниот контакт, а покрај конференцијата за привлекување иницијален интерес со потенцијалните говорници споделуваме на некој начин и “sales pitch” со причини зошто да ја посетат Македонија со оглед дека речиси сите говорници кои ги носиме секоја година не биле претходно. По иницијалниот интерес следи интензивна комуникација за утврдување на темата, што ќе опфатат во нивната презентација, логистички аспекти и сл.

Посветуваме многу внимание на грижа за говорниците и комуникацијата со нив пред доаѓањето, за време на нивниот престој и по завршување на конференцијата. Истото се однесува и за спонзорите и партнерите на конференцијата без чија поддршка конференцијата не била тоа што е. Благодарни сме за довербата која ни ја даваат а тоа што голем дел од нив се наши партнери секоја година не радува-  Mastercard е главен партнер на конференцијата од самите почетоци, А1 Македонија е дигитален партнер веќе трета година, Касис златен партнер втора, а оваа година златни партнери се и Скопска Пивара и Кара5.   

Најавивте интересни говорници од компании како Viber, Alibaba, Spotify, итн. Може ли да издвоите нешто од содржините што се спремаат за конференцијата? Што ќе имаат посетителите да слушнат и научат годинава?

Да се надоврзам на компарацијата со “сложувалка” – квалитетната програма е едно од клучните делчиња од истата (едно од оние во средината на сложувалката). Секоја година посветуваме многу внимание на програмата и изборот на говорниците – согласно потребите на пазарот, очекувањата на учесниците и актуелните трендови. Така оваа година агендата тргнува со темата “Дигитализација и дигитална нација” – бидејќи тоа е предуслов за развој на е-трговијата. Потоа во вториот дел насловен “COVID-19 поттикот врз е-трговијата” ќе опфати презентација на состојбата кај нас и прогресот и во Европа, а ќе имаме прилика да слушнеме и примери за влијанието и стратегиите кои ги преземале водечката холандска маркетплјес платформа (Bol.mk) и Coca Cola.

Безбедноста и довербата се клучни за е-трговијата па третиот дел е посветен на “Безбедни и иновативни е-плаќања” кој вклучува две презентации и една панел сесија која ќе го обработува “триаголникот” на довербата, регулативата и технологијата. Инклузивноста и еднаквоста се потребни за раст и развој на секое поле, па така четвртиот дел вклучува една панел дискусија насловена “Повеќе жени за подобри перформанси: Како и зошто поголема вклученост на жените?”. И петтиот дел кој всушност претставува речиси половина од целата програма е посветен на “Дигиталниот маркетинг и новите трендови”.

Во денешниот свет на брзи промени потребно е постојно учење, менување и примена на нови алатки и тактики. Овој дел се состои од шест презентации  од главните говорниците кои ги споменавте,  а тоа се Alibaba Group, Viber, Spotify како и Air Serbia, A1 Македонија и Kara5. Темите на говорниците се внимателно одбрани во соработка со говорниците со цел учесниците да може да слушнат корисни тактики и совети кои може да ги применат во нивните компании за раст на бизнисот. Овој дел вклучува и панел дискусија со регионалните водечки маркетплејс платформи кои ќе зборуваат од нивно искуство за што функционира, а што не на пазарот на кој работат.

На крајот секако конференцијата традиционално ќе ја завршиме со гејмификација, односно квиз-натпревар со вредни награди за победниците кој е спонзориран од A1 како дигитален партнер на конференцијата.

Поради добро познатата ситуација со ковид пандемијата, годинава, за разлика од лани, кога Конференцијата ја организиравме целосно онлајн, настанот ќе биде во хибриден формат. Тоа значи со физичко присуство во хотел Хилтон за ограничен број на учесници согласно протоколите, а дополнително и онлајн издание за сите учесници кои сакаат виртуелно да ја следат конференцијата од нивниот дом, канцеларија или каде и да се. Иако енергијата е поинаку може да се пренесе кога сте присутни во салата, ќе се потрудиме максимално да направиме да се чувствуваат како да е таму и оние кои ќе не следат преку платформата.

Ако направите едно сублимирање на работата на АЕТМ  досега, кои се според вас најголемите постигнувања? Со што сте неизмерно задоволна како претседател на АЕТМ, а што останува понатаму како предизвик на којшто треба да се работи?

Како ко-основач на првата платформа за е-трговија лансирана во 2011 година која одигра клучна улога во раздвижување на е-трговијата, Grouper.mk и како човек кој практично го “дише” пазарот на е-трговија над 10 години, задоволство ми е да ја водам Асоцијацијата за е-трговија на Македонија чија мисија е да креира поволна клима за раст и развој на е-трговијата во земјава. Пречките со кои се соочувавме при развивањето на Grouper.mk беа главниот поттик за основање на првата Асоцијација за е-трговија пред 4 години. Низ годините имав прилика да се запознам и да научам како работат асоцијациите за е-трговија во развиените земји, често бев гостин на нивни настани, а контактите кои ги остварував благодарение на глобалната Недела на е-трговија во Женева, организирана секоја година од УНКТАД беа клучни за да ми се искристализира уште повеќе сликата за каква ќе биде улогата, работата и придонесот на македонската асоцијација.

Благодарна сум што имам одличен и динамичен тим кој ја дели визијата и енергијата, со кој сме секогаш подготвени за нови иницијативи и туркање кон промени – Виктор како генерален секретар и Филип како заменик-претседател кои се од самите почетоци во АЕТМ, потоа Марија како проектен менаџер и Бојана како маркетинг асистент. Управниот одбор на АЕТМ, го сочинуваат искусни професионалци во своите области, на кои сум им благодарна што придонесуваат со нивната експертиза.

Денес, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија е силна организација која го претставува гласот на е-трговијата во земјава. Посебно сум благодарна на сите членки и засегнати страни кои ја поддржуваат нашата работа, како и на приватниот сектор со чија поддршка реализираме бројни проекти. Улогата и придонесот на АЕТМ уште повеќе дојдоа до израз за време на пандемијата, кога е-трговијата одигра исклучително важна улога.

Горди сме на сработеното, но има уште многу предизвици пред нас. Има уште многу работа, но тоа и секогаш ќе биде така. И во развиените земји имаат предизвици и работа пред нив, но има голема разлика во видот и природата на тие предизвици. Е-трговијата има навистина голем потенцијал, а кај нас се уште сме на самите почетоци на отклучување на тој потенцијал. Така пред нас предизвиците се ниските дигитални вештини, едукацијата на пазарот, кревањето на свеста, градење на доверба, борбата со нелојалната конкуренција, дигитализирање на процесите, унапредување на доставата и платежните солуции и сл. Имаме многу работа и на страната на побарувачката (населението) така и на страна на понудата – македонските деловни субјекти се меѓу последните во Европа во имање на веб страна, онлајн каталог на производи и продавање онлајн.   

Програмата на иницијативи и проекти која ја креираме на годишно ниво е базирана на потребите на членките и пазарот, мапираните бариери и состојбата. Будно го следиме движењето на пазарот преку годишните сеопфатни анализи кои ги изработуваме, ги мапираме бариерите и формираме препораки кои може да послужат како насоки за делување на сите засегнати страни вклучително владините, невладините институции, интернационалните организации, донаторите,  како и сите кои имаат волја и можност да придонесат кон елиминирање на бариерите и креирање на поповолна клима за развој на е-трговијата.  

Како би ја окарактеризирале состојбата со е-трговијата во Македонија во моментов? Каде сме во споредба со земјите од окружувањето, а колку сме далеку/блиску до развиените економии во поглед на развојот на е-трговијата?

Пандемијата поттикна троцифрени стапки на раст во реализираните онлајн трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци. Овие стапки на раст беа забележани од вториот квартал на 2020 година односно рестриктивните мерки и забраните за движење стимулираа зголемени онлајн продажби, плаќање на сметки и користење на дигитални услуги. Структурата на вкупните онлајн трансакции значително се промени во такви услови во полза на домашните е-трговци. Бидејќи едно од главните прашања коа се поставува е дали и со каков интензитет ќе се задржи овој раст, ги анализиравме податоците за платежна статистика согласно последно објавените податоци на НБРСМ. Позитивно е што растот се задржува и иако од повисока основа, во првото полугодие од 2021 изнесува 77% споредено со истиот период лани – се работи за онлајн трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци. 

За да направиме споредбата на состојбата со е-трговијата со другите земји потребно е да погледнеме повеќе индикатори. Така за да може да купуваат онлајн граѓаните треба да се поврзани на интернет. Во С. Македонија 81% од населението има интернет пристап во 2020 година, додека во развиените земји тоа е речиси 100%. Што се однесува до деловните субјекти 97% имаат интернет пристап, што е на ниво на европскиот просек, но само 55% имаат веб страна, а од нив само 39% имаат каталог на производи онлајн ставајќи не речиси на крајот на рангирањето споредено со европските земји. Само 6% примаат нарачки онлајн, со што сме најслаби во овој дел од сите европски земји (просекот во ЕУ е 21%).

Во 2020 година 40% од населението со интернет пристап направило нарачка онлајн во последната година спрема 36% во 2019 година. Значи бележиме некој прогрес но важно е да се споредиме за да знаеме дали е задоволителен тој прогрес, како што нагласивте и во прашањето. Така компаративно со другите земји бележиме назадување, односно ако во 2019 година бевме подобри од Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина, Бугарија и Романија во 2020 година сме подобро рангирани само од Црна Гора и Босна и Херцеговина. Како што се гледа од сликата Србија и Косово го зголемуваат местото во рангирањето на европските земји. Од сликата која е дел од анализата “Преглед на е-трговијата во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји, 2021” која наскоро ќе биде објавена може да се забележи дека земјите од Западен Балкан се меѓу последните европски земји во процент на население кое купува онлајн. Важно е само да спомне дека согласно методологијата на Евростат, прашалниците се однесуваат на првото тримесечје, па ефектот од COVID-19 пандемијата не е отсликан.

Каков е профилот на просечниот е-купувач во земјава?

Просечниот Македонец прави онлајн нарачки еднаш до два пати во 3 месеци,  најчесто во износ до 50 евра, купува најмногу облека и спортска опрема и купува онлајн најмногу од домашни е-трговци (Евростат).

Што се однесува до соседите Косово е најнапред со интернет употреба од 96% од популацијата на возраст од 15-74 години. Србите (48%) и Косоварите (47%) најмногу купуваат онлајн како процент од интернет корисниците, споредено со другите земји од Западен Балкан. Споредено со соседните земји интернет корисниците од Косово кои купуваат онлајн тоа го прават најмногу  од домашни продавачи (98%), имаат највисок дел од е-купувачи кои купуваат 3 до 5 пати во три месеци (15%) и највисок процент во нарачки од 100 до 499 евра (22%). Србите и Македонците најмногу купуваат до 50 евра, а Косоварите од 100 до 499 евра.

Покрај за онлајн купување, македонскиот е-корисник на ниво на цела Европа најмногу го користи интернетот за ставање на содржини (текст и фотографии) на апликации и веб страни. Македонците во 2020 година се значително над европскиот просек во користење на интернетот за телефонирање и видео повици, за разменување на инстант пораки по Skype, Messenger, Whatsup, Viber и за учество во социјални мрежи. Дури 91% од корисниците на интернет телефонираат преку интернет, 87% споделуваат лично креирана содржина и 86% учествуваат во социјалните мрежи. Значително под европскиот просек, Македонците го користат интернетот за праќање меил, наоѓање информации за производи и услуги, гледање видео содржини, интернет банкарство, продажба на производи и услуги  и др.

банки2 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија2 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки3 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки3 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју3 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија5 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up1 недела ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании1 недела ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион1 недела ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија1 недела ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите