интервју
Нина Ангеловска: Потребно е забрзување на е-трговијата, за да се доближиме до европските земји
Нина Ангеловска, претседателка на Македонската асоцијација за е-трговија

Имаме многу работа како на страната на побарувачката (населението), така и на страна на понудата (македонските компании) која треба да се унапредува. Предизвикот кој останува е да се задржи и зголеми растот остварен со пандемијата со цел да се забрза трансформацијата кон дигитално и смарт општество, да се искористат предностите на дигиталната економија и е-трговијата како интегрален дел од истата. Продолжуваме и понатаму посветено и со многу ентузијазам, заедно со сите засегнати страни, да работиме на забрзување на трансформацијата, дигитализацијата и е-трговијата во нашата земја и креирање на подобра иднина.
Г-ѓа Ангеловска, за годинава најавувате досега најдобра конференција, со веќе изразен меѓународен карактер. Накратко, што ќе имаат прилика учесниците да слушнат годинава?
Годинава ја организирамеконференцијата за е-трговија по петти, јубилеен пат, а во исто време Македонската асоцијација за е-тргогвија – АЕТМ полни 5 години, и затоа се стремиме да го направиме најдоброто и најголемото издание досега, но и да ставиме поголем фокус на регионалниот аспект со тоа што ќе има повеќе говорници и учесници од регионот на Западен Балкан. Темите кои ќе ги покриеме оваа година во внимателно изработената конференциска програма ќе бидат преточени во 4 главни насоки: можностите кои ги нуди е-трговијата во регионот; промени на навиките кај купувачите предизвикани од е-трговијата; податоци, маркетинг и технологија: воздухот на е-трговијата; и како до: патоказ до успех – како изгледа успехот.
Презентациите, панел дискусиите и неформалните разговори ќе бидат испорачани од меѓународни и домашни експерти и говорници со докажано искуство во областа на е-трговијата, дигитален маркетинг, дигитализација и многу други области од екосистемот за е-трговија. Деталната агенда е веќе затворена, говорниците се веќе договорени, а покрај тоа што нудиме многу висококвалитетни теми, алатки, тактики и стратегии за забрзување на бизнисот, оваа година посебен акцент ќе биде ставен на делот за вмрежување помеѓу учесниците. Бидејќи како што напоменав ова е јубилејно издание, сеопфатната програма на конференцијата оваа година е проширена и опфаќа: едукативен дел (конференциска програма на 11 ноември), забавен дел (неформално дружење на сите учесници на конференцијата и на сите членови на АЕТМ вечерта по завршување на едукативниот дел) и спортско-рекреативен дел – заедничко искачување на Водно со говорниците и учесниците утрото на 12 ноември (сабота), проследено со дружење на врвот на планината.
Мотото на конференцијата е E-commerce.Accelerate!, па да објасниме прво со какви стапки се забрза е-трговијата во Македонија изминатава година – ако може краток осврт на најновиот извештај на АЕТМ за состојбите на е-commerce пазарот, кои би биле клучните поенти?
Да, мотото на овогодишната конференција е Забрзување во е-трговијата, зошто? Затоа што пандемиските услови го забрзаа темпото на раст на е-трговијата, но дали е тоа доволно? Ако се споредиме со развиените земји, а дури и со соседите, остварениот раст не е доволен. Најпрво би почнала со основниот услов за вршење на е-трговија, користењето на интернет. Според податоците на Државниот завод за статистика 86.4 од популацијата на возраст 16-74 години употребуваат интернет, а тој процент во развиените земји е 100. Потоа за што се користи интернетот, односно од анализата на онлајн активностите на македонските интернет корисници се забележува дека најмногу го користат интернетот за да разговараат, а помалку да пишуваат, да бараат информации, да продаваат онлајн или да учат и плаќаат онлајн.
Во 2021 година Македонците биле значително над европскиот просек во користење на интернетот за телефонирање и видео повици – за учество во социјални мрежи (креирање кориснички профил, испраќање пораки или други прилози на Фејсбук, Твитер итн.) и за разменување на инстант пораки по Skype, Messenger, Whatsapp, Viber. Дури 91% од корисниците на интернет, телефонираат преку интернет, 85% учествуваат во социјалните мрежи и 82% разменуваат инстант пораки. 72% од македонските интернет корисници читаат онлајн вести/весници/списанија исто како просечниот европски интернет корисник. Значително под европскиот просек, Македонците го користат интернетот за наоѓање информации за производи и услуги (66%), за праќање меил (56%), интернет банкарство (31%), онлајн учење (15%) и продажба на производи и услуги и др. (6%). При тоа 46% од македонските интернет корисници во 2021 година купиле/направиле нарачка онлајн наспроти 40% во 2020 година.
Со овој раст Република Северна Македонија во споредба со регионот се наоѓа за две места повисоко во однос на минатата година, односно е подобра од Романија и Бугарија, покрај од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. Балканските земји и понатаму се на дното на рангираната табела со европските земји, а Србија е најдобро рангирана каде 53% од интернет корисниците направиле онлајн нарачки. Анализата на сите достапни податоци во извештајот за оваа година покажуваат дека и покрај постигнатиот напредок во споредба со другите европски земји потребно е забрзување во сите алки на синџирот на делување на е-трговијата.

Се променило ли нешто битно во профилот на просечниот македонски е-купувач за време на пандемијата и во кој правец очекувате да се развиваат понатаму потрошувачките навики, очекувања и преференции на Македонците?
Профилот на македонскиот е-купувач и во 2021 година не е сменет кога се работи за тоа што купува, колку често и колку троши по нарачка, односно македонскиот е-купувач најмногу купува облека онлајн, а најмалку мебел и храна, а тоа го прави еднаш до два пати во 3 месеци во нарачки најчесто до 50 евра. 67% од Македонците кои купувале онлајн во последните 3 месеци, купиле/нарачале облека (вклучително и спортска облека, чевли и додатоци), и се близу до европскиот просек од 68% за овие производи. Спортска опрема купиле 16% од Македонците, потоа други производи 12%. Многу помал процент од македонските онлајн купувачи купиле или направиле нарачки за останатите категории во споредба со европскиот просек.
Позитивна промена во профилот на македонскиот е-купувач е понатамошното зголемување на направените онлајн нарачки од домашните е-трговци. Во 2021 година 83% од онлајн купувањата се направени од домашните е-продавници. Македонците го намалиле и учеството на купувањето од продавачи од другиот дел на светот на 18% во 2021 година и од непознати земји направени на 27% во истиот период.
Оваа позитивна промена на зголемено онлајн купување од домашни е-трговци се потврдува и со податоците на Народната банка на Република Северна Македонија каде се анализирана вредноста на направените трансакции со платежни картички кон е-продавници според местото на направената трансакција, дома и во странство. COVID-19 пандемијата поттикна троцифрен раст во вредноста на реализирани онлајн трансакции кон домашните е-продавници, но важно е дека растот продолжи и во 2021 година.
На графикот каде што е дадено е движењето на вредноста на онлајн трансакциите од 2016 до 2021 година по место на реализација и растот на истата во однос на претходната година, она што може да се забележи е дека динамиката на пораст на вредноста на реализирани трансакции кон домашни е-трговци (од домашни и странски иматели на картички) во 2020 е особено засилена од пандемијата и во 2020 година има драстичен раст од 199% спрема 2019 година. Она што е важно е дека растот на остварените е-трансакции кон домашните е-трговци расте и во 2021 година и тој раст изнесува 47%. Вредноста кон странски е-трговци (од македонски иматели на картички) бележи пад од 52% на годишно ниво во 2020 година, но со олабавување на мерките во 2021 година вредноста на остварените онлајн трансакции кон странски е-трговци расте 117%.
АЕТМ несомнено стори многу за развој на е-трговијата во земјава, па во оваа прилика, кога организирате веќе и јубилејно издание на Конференцијата, да подвлечеме црта што се вели: каде бевме пред пет години, каде сме сега? Што сметате дека се најголеми достигнувања на е-комерц пазарот, а каде имаме уште работа?
Е-трговијата има навистина голем потенцијал, а кај нас се уште тој потенцијал не е доволно искористен. Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) е основана со мисија да креира поволна клима за раст и развој на е-трговијата во земјава и со бројни проекти, иницијативи и активности работи заедно со сите засегнати страни на отклучување на тој потенцијал. Сработеното, улогата и придонесот на АЕТМ уште повеќе дојдоа до израз од почетокот на пандемијата кога е-трговијата како продажен канал одигра исклучително важна улога во општеството, овозможувајќи безбеден пристап на потрошувачите до стоки и услуги во време кога беа воспоставени ограничувања и рестриктивни мерки за заштита на здравјето на луѓето.

Истовремено е-трговијата претставуваше значаен поттик за адаптација на бизнисите со цел да го одржат бизнисот, да компензираат за падот во продажбите на физичките локации и да придобијат нови клиенти. Како резултат на тоа, онлајн продажбата забележа исклучителен раст во 2020 година кој продолжи и во 2021 година. Ако се навратиме на податоците од 2017 година кога 76% од населението на возраст 16-74 користеле интернет, а од нив само 20% нарачале/купиле онлајн и од 2021 година кога 86% од населението користело интернет, а од нив 46% купиле/нарачале онлајн ќе забележиме значаен прогрес.
На почетокот на 2017 година имало 719 виртуелни продавници, додека во јуни 2022 година има 1762. Да, горди сме на постигнатото, но како што веќе напоменав тоа не е доволно кога сме рангирани на дното во споредба со европските земји. Екосистемот на е-трговијата е комплексен, ако се стремиме кон побрз напредок и развој на истиот, потребна е интердисциплинарност, холистички пристап и придонес од сите засегнати страни вклучително од владините институции, од компаниите, од сите поврзани сектори, од невладините организации, од донаторите, како и од сите поединци инволвирани во е-трговијата. Потребно е да се работи на зајакнување и унапредување на дигиталните вештини, едукација на пазарот, подигнување на свеста за придобивките од онлајн купување, градење на доверба, намалување на неформалната економија која креира нелојална конкуренција, дигитализирање на процесите, унапредување на доставата и платежните солуции и сл.
АЕТМ работеше на адресирање на овие предизвици со многубројни иницијативи и проекти како што се: иницијативата „Ecommerce4All” која се реализираше со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем која се состоеше од три главни компоненти и тоа: (1) развој на едукативна веб платформа за е-трговија; (2) одржување на learn-a-thon тренинзи за унапредување на дигиталните вештини на постоечките е-трговци на различни релевантни теми поврзани со е-трговија; и (3) поддршка на 40 ММСП да отворат дополнителен канал за продажба – своја е-продавница во рамки на локална маркетплејс платформа или самостојно; иницијативата „Ecommerce4All.eu” поддржана од ГИЗ, која всушност е регионално проширување и развивање на локалната веб платформа за е-трговија која претставува ресурсен и информативен центар за клучните аспекти на е-трговијата за сите пазари на ЦЕФТА – http://ecommerce4all.eu/ ; проектот “Agri E-commerce”, поддржан од Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), каде што 15 домашни агро-производители ги зајакнаа своите дигитални вештини и добија поддршка за пласирање на нивните производи за онлајн продажба; организација на првиот виртуелен хакатон „Хакирај ја сивата економија во е-трговија“,

Изработка на студија за анализа на практиките за гео-блокирање што се користат во пазарите на ЦЕФТА итн. Покрај ова АЕТМ има и неколку годишните иницијативи кои се реализираат секоја година: организација на годишната конференција за е-трговија, изработка на извештаи од анализата на состојбата со е-трговијата во Република Северна Македонија со поддршка на Mastercard, организација на натпреварот за избор на најдобрите е-трговци во земјата “E-commerce Awards” итн.
Нашиот заклучок е дека имаме многу работа како на страната на побарувачката (населението), така и на страна на понудата (македонските компании) која треба да се унапредува. Предизвикот кој останува е да се задржи и зголеми растот остварен со пандемијата со цел да се забрза трансформацијата кон дигитално и смарт општество, да се искористат предностите на дигиталната економија и е-трговијата како интегрален дел од истата. Продолжуваме и понатаму посветено и со многу ентузијазам, заедно со сите засегнати страни, да работиме на забрзување на трансформацијата, дигитализацијата и е-трговијата во нашата земја и креирање на подобра иднина.
Отворањето на стотина нови е-продавници за шест месеци секако е податок што радува, но тоа истовремено значи дека и „гужвата пред голот“ станува се’ поголема… имаме ли инфраструктурен, логистички и секаков друг капацитет што ќе го поддржи адекватно растот на е-трговијата во Македонија?
Како што веќе напомнавме, имаме раст како на страната на побарувачката, така и на понудата со пораст на виртуелните места на продажба, има прогрес и во инфраструктурата, поголема конкуренција и одредено унапредување и кај понудата и квалитетот на поштенската услуга која е клучна за е-трговијата меѓутоа и тука имаме уште долг пат за да се доближиме до нивото на развиените пазари. Со оглед на зголемената е-потрошувачка и тоа од домашни е-трговци потребно е натамошно зголемување и подобрување на понудата. Инаку со растот на онлајн продажбата и потребата од логистичка поддршка може да истакнеме дека соодветно се зголеми и бројот на компании кои нудат услуги во доставата. Ако во 2017 година имало 33, сега има 43 доставувачи регистрирани во Агенцијата за пошти.
За да помогнеме дополнително за развојот на е-трговијата во регионот, во моментов работиме активно на проектот “Е-трговија за сите” во чии рамки ја развиваме првата регионална веб платформа која ги содржи сите неопходни информации поврзани со работењето во е-трговијата во регионот. Овој проект, кој АЕТМ го реализира со поддршка на ГИЗ, се однесува за сите пазари од ЦЕФТА регионот, а во имплементацијата како партнери учествуваат и асоцијациите за е-трговија од Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Молдавија. На платформата http://ecommerce4all.eu/ компаниите може да најдат релевантни информации за клучните аспекти за водење бизнис во е-трговија, а истата може да им послужи за носење информирани одлуки при нивните планови за ширење на други пазари во регионот. Содржините се структурирани во 5 модули и тоа – податоци за е-трговија, регулатива за е-трговија, е-плаќање, испорака и успешни приказни во е-трговија. Секој од овие модули содржи релевантни информации специфични за конкретниот ЦЕФТА пазар, упатства, прирачници, документи поврзани со темата и видео презентации.
Колкав е просторот за натамошен развој на е-трговијата во земјава, особено сега, по аквизициите на Ananas? Што можеме да очекуваме допрва на пазарот, односно какви можности за домашните понудувачи на производи и услуги отвораат овие регионални консолидации?
Понудата односно бизнисите се оние кои влијаат на менување на пазарот, тие се клучни кога станува збор за менување на навиките на потрошувачите и унапредување на е-трговијата во целост. Простор за натамошен развој на е-трговијата во земјава постои меѓутоа за да се понуди софистицирано онлајн шопинг искуство какво што ни е познато на развиените пазари потребни се инвестиции во технологија, процеси, луѓе, ресурси, многу знаење и напорна работа. Таквата инвестиција ако се работи само за еден пазар, како што е македонскиот тешко може да биде ‘оправдана’. Меѓутоа ако се гледа регионот од Западен Балкан како интегриран пазар, иако има уште многу бариери кои треба да се отстранат за да се гледа како таков – претставува потенцијален пазар од над 17 милиони купувачи.

Ананас како дел од корпорацијата Делта Холдинг, беше лансиран во Србија, а планот е експанзија во регионот која започнува од Македонија, а потоа и останатите земји од Балканот и пошироко. Аквизицијата на Групер како изграден бренд на македонскиот пазар со голема база на клиенти, соработници и искусен тим значи можност за поефикасен и поефективен влез на пазарот на Ананас на македонскиот пазар. Мисијата на Ананас е да биде Аманзон на Балканот т.е. да направи револуција во е-трговијата и да го донесе онлајн шопинг искуството кое го има во развиените земји на овие простори. Плановите за развој и целите се амбициозни, претстои многу работа и предизвици но верувам дека ако некој може да го донесе онлјан купувањето ‘на следно ниво’ какво што им е потребно и на купувачите и на трговците за да го растат и развиваат нивниот бизнис, а и на економиите – тоа е Ананас.