економија
Нова еврообврзница, но науката бара и прогресивно оданочување
Како да се наполни буџетот во време на криза

Годинава ќе биде тешка на економски план, проектиран е рекорден буџет од 5,3 милијарди евра, а државата планира да собере приходи од 4,6 милијарди евра. Минусот од 700 милиони евра мора да се покрие, секако со нови задолжувања. Даночната реформа како што најави Владата нема да опфати зголемувања на даноци, туку проширување на даночната база и ревидирање на даночните ослободувања, но академската фела бара сепак да се размисли и за воведување даночна прогресија кај данокот на личен доход и корпоративниот данок на добивка.
Годинава ќе биде тешка на економски план, проектиран е рекорден буџет од 5,3 милијарди евра, а државата планира да собере приходи од 4,6 милијарди евра. Минусот од 700 милиони евра мора да се покрие, секако со нови задолжувања. Македонија ќе издаде еврообврзница на максимален износ од 800 милиони евра, како што е објавено во Службен весник деновиве. Владата објавила дека новата обврзница ќе биде издадена за буџетска поддршка во 2023 година, како и за рефинансирање на обврските кои достасуваат по основ на отплата на државниот долг на земјава.
Не се знае сè уште каматната стапка на оваа еврообврзница, но секако ќе биде над нивото од последната еврообврзница издадена во март 2021 година, од 1,625 проценти, со оглед дека во меѓувреме се променија приликите на меѓународните пазари на капитал, поради покачувањето на каматните стапки на американските Федерални резерви и Европската централна банка, со цел борба против инфлацијата.
Обврзницата од 2021 година беше на сума од 700 милиони евра, а со овие пари, меѓу другото, се врати стар долг од 500 милиони евра. За минатата година Владата исто така планираше да издаде еврообврзница, па дури и се спомна сума од 900 милиони евра, но потоа потребите од пари за буџетот се премостија со други задолжувања, а како причина за тоа се наведе фактот дека не биле поволни состојбите на меѓународниот пазар.
Затоа лани од ММФ ни беа одобрени 530 милиони евра, преку Инструментот за претпазливост и ликвидност, од кои 110 милиони на земјава и беа префрлени веднаш, потоа, беа земени 250 милиони евра преку германска обврзница со цел исто така да се отплатат стари долгови, а власта се задолжи и со краткорочен кредит од Шпаркасе банка на сума од 50 милиони евра.

Јавниот долг на рекордно ниво во 2021, па спуштен во 2022
Министерот за финансии Фатмир Бесими, на деновиве одржаната конференција истакна дека управувањето со јавните финансии е особен предизвик во услови на турбулентно економско окружување и дека експанзивната фискална политика водена изминативе три години поради ублажување на последиците од пандемијата и енергетската ценовна криза, довела до рекордно зголемување на јавниот долг од 61% во 2021 година.
„Но, со континуирана заложба за фискална консолидација можеме да се пофалиме дека заклучно со 31.12.2022 година се спушти на ниво од 57,1% од БДП,“, рече министерот Бесими на панелот „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза“.
Тој потенцира дека значајно е тоа што нивото на јавниот долг се намали во услови на криза и дека тоа е под Мастришките критериуми (60%).
„Буџетскиот дефицит, исто така, може да кажеме дека се движи во рамки на Мастришките критериуми (3 % од БДП). Ако се земе предвид дека од остварениот дефицит од 4,3 % околу 2 % отпаѓа на справување со кризата, ние сме постигнале дефицит кој е во рамки на европските правила“, истакна Бесими и додаде дека тој тренд на намалување на дефицитот продолжува и од почетокот на оваа година, а бројките покажуваат дека е за 35 % понизок од остварениот дефицит во тој период од 2022 година.
Оцени дека ова беше навистина специфична година во која требаше да се преземат политики со кои требаше да се обезбедат стабилни, ефикасни и одржливи јавни приходи, а тие политики добија потврда и од меѓународните институции.
ММФ врз основа на одржливите економски политики и здравата основа, го одобри пристапот на земјата до средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност, инвеститорите исто така во текот на 2022 година ги препознаа политиките и обезбедивме средства за буџетскиот дефицит и отплата на стари обврски по поповолни и пониски цени, а последната потврда на политиките се и од Агенцијата „Стандард и Пурс“.
„Со напорите за фискална консолидација ќе продолжиме и од реформите не отстапуваме. Го донесовме Законот за буџети, поставивме фискални правила. Почнавме реформа за воспоставување современ модерен даночен систем, кој ќе значи праведност, ефикасност, транспарентност и ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации, а сето тоа во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Даночната реформа која како концепт ја воспоставивме не значи зголемување на даноци, туку е во насока на проширување на даночната база и ревидирање на даночните ослободување, а кои создаваат нееднаков третман на даночните обврзници“, рече министерот Бесими.
Во насока на поефикасно управување со финансиските процеси и контрола на државните приходите, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска истакна дека годинава се воведува електронска фактура, е процес што ќе овозможи издавање, достава и прием на фактура во електронски формат преку единствениот систем на Управата за јавни приходи. Во тој систем ќе се евидентираат сите фактури кои произлегуваат од прометот помеѓу даночните обврзници, владините институции, крајните приматели на добра и услуги како и интернет продавниците.
„Со е-фактура ќе се спречи непријавување данок при трансакции во е-трговија ќе се зголеми ефикасноста на контрола и сузбивање на измамите со ДДВ (фиктивни фактури), а контролите да ги насочиме кон високоризични обврзници“, рече Лукаревска.
Таа истакна дека должност на УЈП е да воведе целосна дигитализација на процесите и модернизација на услугите кон даночните обврзници, да се намалат бирократските процедури, а да се зголемува ефективноста и ефикасноста на постапките. „
„Со тоа, ќе го стегнеме обрачот за неформалната економија, а за формалните бизниси ќе обезбедиме фер пазар и конкуренција. “

Академската фела бара воведување одредена даночна прогресија
Академикот Абдулменаф Беџети, пак, во рамки на истата конференција „Година на нови можности“ што Владата ја организираше во два дена, на 30 и 31 јануари, рече дека даночна прогресија сепак не треба да се исфрли како опција во рамки на даночната реформа и дека само со три-четири даночни усогласувања значително ќе се подобри приходната страна на Буџетот.
Притоа, тој мисли на воведување даночна прогресија кај данокот на личен доход и кај корпоративниот данок, односно данокот на добивка, но и проширување на даночната основа, намалување на исклучоците и воведување таканаречени зелени даноци. Само воведувањето на мала даночна прогресија би можела до обезбеди околу 80 – 90 милиони евра годишно дополнителни даночни приходи, без притоа ваквата мерка да влијае негативно врз даночните обврзници, вели тој.
Околу тоа дали треба да се воведат нови даноци и што треба да се направи на среден рок во наредните три до пет години академик Беџети рече дека кога била разработена последната верзија на даночните реформи, клучни се наметнале две – три работи.
„Прво, сите се согласивме дека нашиот даночен систем е крајно регресивен и дека е диспропорционален, односно дегресивен во однос на усогласувањето со фискалната конвергенција на ЕУ“, рече Беџети, нагласувајќи дека кај нас две третини од приходите се собираат од индиректните даноци, што е обратно пропорционално во споредба со земјите во ЕУ.
Тој е категоричен дека мора да се почне со воведување на одредена прогресија, како кај доходот, така и кај добивката.

„Прво, кај доходот, во првата фаза само личниот доход, потоа можеби преминување кон систем на семеен доход, а такво решение имаат само во САД и второ, кај корпоративните добивки“, вели Беџети.
Тој посочи дека направените симулации со блага прогресија кај доходот, односно со задржување на првата стапка од десет отсто, а втора од 15 отсто на износ од над 100 илјади денари месечно, резултирале со дополнителни приходи во Буџетот од 18 милиони евра.
„Тоа не се малку пари кои може да се искористат за образование, за здравство, за социјални субвенции“, вели тој додавајќи дека следната, трета стапка би се вовела подоцна, како што се доближуваме во интеграционите европски процеси.
Зборувајќи за добивката, односно за корпоративниот данок, Беџети рече дека 100 најпрофитабилни компании, или помалку од еден отсто од вкупниот број, остваруваат речиси 14 отсто од вкупната добивка во државата. Симулациите покажале дека со прогресија од 20 отсто кај оваа категорија на 100 најпрофитабилни компании со добивка од над милион евра, ефектот е 70 милиони евра.
„Замислете ги само овие две промени што се апсолутно благи и подносливи и никако нема да го нарушат системот во целина“, посочи академик Беџети, додавајќи дека тврдењата дека ќе трпи економијата, се тези само за оправдување.
„Ниту теориски, ниту научно е утврдено дека зголемувањето на даноците ќе ја истиснува економијата. Тоа не е точно“, категоричен е академик Беџети.

Раст на платите со иста продуктивност само ќе ја зголеми инфлацијата
Неговиот колега, академик Таки Фити смета дека трошењето на буџетските средства мора да биде строго таргетирано, максимално да се поддржат фирмите кои имаат потреба, посебно иновативните и само ранливите категории граѓани, не сите, а монетарната политика да се затегне, да пораснат каматните стапки, но да не се претера со зголемување на основната, референтна каматна стапка зашто тоа ќе има повратен ефект врз намалување на инвестициите и блокирање на растот
Според академик Фити, акцент мора да биде ставен и врз јавните инвестиции, на порастот на продуктивните јавни инвестиции особено во енергетиката, (премин кон обновливи извори, зелени технологии), како и на инвестициите во човечкиот капитал (образование, едукација, дигитализација).
Фити укажа и дека мора да се води сметка за порастот на продуктивноста и порастот на платите зашто секое зголемување на платите надвор од продуктивноста, како што објасни, има инфлациски ефект.
Неопходна е, додаде професорот, и помош за локалните фирми подобро да се вклучат во регионалните синџири на дејности преку странските компании во индустриските зони.
„Мора да се гради фискален простор, Македонија до денес го изгуби фискалниот простор, јавниот долг надмина 60 отсто. Неопходна е фискална консолидација, постепено намалување на буџетските дефицити, сведување во нормални рамки типични за земјата, на среден рок не поголеми од два до три отсто од БДП. Тешко ќе може да се тргне од буџетот заштитата на најранливите категории, но тука треба да се оди претпазливо и многу таргетирано. Зголемувањето на платите е дефинирано системски, но мора да се води сметка за порастот на продуктивноста и порастот на платите, секое зголемување на плати надвор од продуктивноста, има инфлациски ефект“, оцени академик Фити.
Според него, земјава не е во стагфлација, но е блиску до таква ситуација, а клучното прашање е, како во ваков тип криза да дејствуваат фискалната и монетарната политика и како да се координираат.
„Со големи фискални стимули и со лабава монетaрна политика дотурате бензин на огнот што гори и инфлацијата ќе оди нагоре. Затоа, мора да се обмисли нов начин на координација на двете политики“, смета Фити.
Тој е загрижен околу предвидувањата за светската економија и за тоа како таквите состојби ќе се одразат врз државата.
„Ме загрижува што лошо оди светската економија и може да се случи со ниски стапки на раст од 1,8 отсто да се намалат приливите во Буџетот и да не се реализираат средствата, па значајните предвидени програми да бидат ставени под знак прашање. Најлошо за Северна Македонија е што ЕУ како наше релевантно надворешно трговско подрачје и посебно Германија како наш најголем трговски партнер, се соочуваат со сериозни проблеми. Растот во еврозоната ќе биде само 0,5 отсто на годишно ниво во 2023-та, а во Германија се очекува дури и негативна стaпка од -0,3 проценти што има силeн импакт врз нашата економија. Затоа и кај нас се намалени прогнозите“, рече Фити, дополнуваjќи дека според предвидувањата на ММФ, можно е растот во светски рамки да падне и под два процента.

Монетарната политика мораше да се затегне
Во контекст на монетарната политика, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска рече дека тековното затегнување на монетарната политика има за цел да придонесе за намалување на инфлациските очекувања и стабилизирање на инфлацијата.
„Како резултат на постепеното намалување на цените на примарните производи, но и на мерките преземени досега, од ноември се забележува постепено забавување на инфлацијата, во услови на задржана стабилност на девизниот курс и на финансискиот сектор.“, истакна гувернерката.
Ангеловска-Бежоска истакна дека сме сведоци на најсинхронизираниот одговор на централните банки ширум светот преку затегнување на монетарните политики за стабилизирање на инфлацијата, посилен во споредба со 70-тите години. Таа посочи дека иако не станува збор за стандарден шок на побарувачката, поради високите стапки и дисперзираноста на инфлацијата, централните банки немаат друг избор освен да ја затегнуваат монетарната политика, додека видот на инструментите и силината зависат од монетарната стратегија, инструментариумот и одделните фактори коишто влијаат врз инфлацијата.
„Со оглед на нашата монетарна стратегија на стабилен курс на денарот, поставеноста на нашата монетарна политика зависи од два клучни фактора ‒ состојбите на девизниот пазар и притисоците на курсот и инфлациските движења. Првите притисоци во овие два сегмента беа забележани со појавата на енергетската криза кон крајот на 2021 година, кога започна нашата реакција, преку постепено намалување на ликвидноста со интервенции на девизниот пазар. Продолживме со зголемување на основната каматна стапка, но и на каматната стапка на депозитите преку ноќ, седумдневните, кредитите преку ноќ, каматната стапка на репо-операциите. Во неколку наврати направивме измена кај инструментот задолжителна резерва, преку што се делува и на циклусот на затегнување, но и се поттикнува процесот на денаризација и зеленото финансирање, а сето тоа придонесува за поддршка на стабилноста во економијата. Во основа, ние сме во групата земји коишто меѓу првите почнаа со интервенции, уште во 2021 година, користејќи многу поширок спектар инструменти, а не само основната каматна стапка“, рече гувернерката.