политика
Нова политика и/или нова реторика?
Кирил Петков и Асен Василев – нови ѕвезди на бугарското политичко небо

Сите очи се вперени во победниците од изборите – нови бугарски политичари, кои барем во официјалните изјави влеваат надеж дека од исток ќе дуваат попријатни ветришта, со пристојна соседска политика, соодветна и за европските вредности и за векот во којшто живееме. Но, колку од оваа реторика, двајцата партнери – лидери на „Продолжуваме со промената“, Кирил Петков и Асен Василев, ќе успеат да ја имплементираат на ниво на нова официјална државна политика, останува да се види, имајќи предвид дека за дел од аналитичарите, новите политичари се проамерикански настроени, но дел ги поврзуваат со актуелниот претседател Радев, кој неделава ја шокираше западната јавност откако во ТВ дебата кажа дека Крим е руски. Шефот на бугарската држава, членка на НАТО, одамна се шпекулира дека е проруски настроен, но ова е прв пат тој најотворено да застапи ставови против оние на Алијансата, и тоа за едно од најчувствителните прашања во релациите помеѓу САД и официјална Москва.
Со минута молк како израз на почит за настраданите македонски граѓани во големата трагедија со изгорениот автобус на автопатот Струма, во вторникот во Софија започнаа преговорите меѓу ПП, ДБ, ИТН и БСП за формирање на новата бугарска влада. Првите четири теми кои ги обработува партиските експерти се енергетика, економија, транспорт и правда. Состаноците се одржуваа секој ден од неделава (заклучно со еден закажан за утре) и се однесуваа на креирање на заеднички политики во 18 различни оддели.
Она што за македонските граѓани е интересно е да се види каква позиција ќе заземе новата Влада во Софија во однос на македонското прашање. Ако се имаат предвид и домашните политички настани, каде европските интеграции станаа главен стожер и во одржувањето на владата преку успешното избегнување на гласањето за доверба во Парламентот, сосема е очекуван интересот за развојот на бугарските преговори за нова влада и на ниво на официјалната македонска политика. Сите очи се вперени во победниците од изборите – нови бугарски политичари, кои барем во официјалните изјави влеваат надеж дека од исток ќе дуваат попријатни ветришта, со пристојна соседска политика, соодветна и за европските вредности и за векот во којшто живееме. Но, колку од оваа реторика, двајцата партнери – лидери на „Продолжуваме со промената“, Кирил Петков и Асен Василев, ќе успеат да ја имплементираат на ниво на нова официјална државна политика, останува да се види.
Која е „харвардската двојка“?
Но, кои се всушност Петков и Василев? Нивната партија „Продолжуваме со промената“ е формирана на помалку од два месеци пред изборите, како резултат на бранот на масовни протести против корупцијата во земјата. Тие и обајцата се дипломирани студенти на Харвард, па медиумите кога пишуваат за нив ја користат кованицата „харвардскиот двоец“. „Продолжуваме со промената“ освои најмногу гласови на парламентарните избори, на кои граѓаните по третпат годинава гласаа, откако имаше два неуспешни обида да се формира Влада.
Петков, кој се откажа од канадското двојно државјанство за да се квалификува за функција во Бугарија е бизнисмен и водел успешна фирма за пробиотици. Василев е и претприемач и деловен консултант.
Бугарија одржа три парламентарни избори оваа година за да излезе од политичкиот ќорсокак откако земјата беше потресена од протести кои започнаа во 2020 година. Протестите беа предизвикани од гневот на јавноста поради повеќегодишната корупција, што резултираше со крај на владеењето на премиерот Бојко Борисов во април годинава. Партијата на Борисов, пак, иако водеше според сите анкети, доживеа тежок пораз од Петков и Василев и сега шансите за ГЕРБ да прави влада се непостоечки.
Двата претходни изборни циклуси во април и јули завршија неубедливо, при што новите партии против корупцијата се покажаа добро, но не и доволно добро за да состават коалиција и да ја соборат централно-десничарската партија ГЕРБ на Борисов.
Исто како и на минатите избори, нова антикорупциска партија излезе како победник на изборите на 14 ноември за 240-членото Националното собрание.
Но, за разлика од минатите избори, оваа нова антикорупциска партија, „Продолжуваме со промените“ личи дека може да има доволно сојузници за да формира коалиција.
Корупцијата долго време е доминантна политичка тема во најсиромашната земја во ЕУ, а гласачите ги полагаа своите надежи на последователните лидери кои им ветуваа дека ќе го исчистат јавниот живот од корупција, но потоа само гледаа нови скандали.
За многумина во Бугарија, ендемската корупција е виновна за нискиот животен стандард во балканската земја со 7 милиони жители, каде што бруто домашниот производ по глава на жител е само 55% од просекот на ЕУ.
Таа фрустрација предизвика нов бран на политички партии, внесувајќи нови лица и нови надежи, главно неисполнети досега.
Бидејќи излезноста на 14 ноември се проценува на само околу 40%, а на претседателските нешто над 30, Бугарите исто така покажуваат знаци на замор од избори. Но, тие паралелно, се желни да видат брзо формирана нова влада за да се справи со страшната ситуација со Ковид-19, зголемените цени на енергијата и широко распространетата корупција.
Кирил Петков, кандидат за премиер

Кандидатот за премиер, Петков ги освои симпатиите на македонскиот печат откако во својата прва изјава по гласањето кажа дека идната Влада ќе се залага за силно добрососедство, но и дека не смее историјата да биде критериум на патот на Македонија кон ЕУ – една од официјалните тези на македонската политика.
Петков кажа дека не треба да се урне целиот процес на добрососедство, дека треба да се формираат тимови што веднаш ќе работат на конкретно зближување и план, но и дека во односите со официјално Скопје треба да се отворат наместо историски, прашања од овој век – на пример инфраструктурното поврзување и економските релации. Петков кажа дека треба да се формираат работни групи од двете земји – Бугарија и Македонија, во кои, треба да бидат вклучени не само историчари, туку и луѓе од бизнисот, културата и образованието.
„Работните групи нема да разговараат само за историјата, туку и за се што може да го поправи добрососедски односи меѓу Бугарија и Северна Македонија“, рече Петков.
Тој посочи дека е уверен оти нема да има проблем со коалициските партнери по прашањето со Македонија.
Според него, најлоша варијанта би било темата Македонија да се користи за политички пароли и цели.
„Ништо во овој живот не се прави со пароли, туку со работа, а за тоа е потребен тим“, вели тој.
Изборни резултати

Кирил Петков, министерот за економија во техничката влада и претседател на новоформираната партија „Продолжуваме со промените“ во Бугарија е предложен за кандидат за премиер, кој се обидува да состави нова влада. Неговиот сопартиец, со кого ја формираа партијата, Асен Василев, ќе биде предложен за министер за финансии. Харвардската двојка, како што странскиот печат ги нарече двајцата поранешни бизнисмени Петков и Василев, според до сега прифатени протоколи од вчерашното гласање, освои 25,97%. Следат ГЕРБ/УДФ на Бојко Борисов со 21,42% МРФ е трет со 13,79%. „Има таков народ“ на Слави Трифонов заврши на четвртото место со 10,08%, следи БСП доби 9,99 отсто. Партијата на Каракачанов заврши со само 1% од гласовите.
Дипломатски скандал
Москва (и) отворено зборува преку Радев

Украина го повика бугарскиот амбасадор во министерството за надворешни работи откако претседателот на земја членка на НАТО Румен Радев изјави дека полуостровот Крим е дел од Русија од анексијата во 2014 година.
За време на претседателската дебата во пресрет на вториот изборен круг, од којшто Радев излезе како победник, тој кажа дека западните санкции против Русија не ги дале очекуваните резултати и дека Европската Унија би требала да го обнови дијалогот со Москва, без разлика колку биле затегнати односите.
„Многу е важно да се биде прагматичен во надворешната политика. Бугарија не треба да ја гледа Русија како непријател. ЕУ ги воведе санкциите поради Крим и Украина не доби ништо со тоа“, изјави Радев, за подоцна да додаде дека Крим очигледно е руски.
Украинското министерство за надворешни работи побара од Радев да ги повлече своите коментари.
Веднаш реагираше и Амбасадата на САД во Софија. Американците му порачаа на Радев дека Крим е украински, а не руски
„Ние сме длабоко загрижени за неодамнешните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев со кои Крим го означи како руски. САД, Г7, Европска Унија и НАТО беа јасни и единствени во својата позиција дека и покрај анексијата од Русија и постојната окупација, Крим е Украина“, се вели во соопштението на американската амбасада.
Таа го потсети Радев дека и Бугарија ја поддржа иницијативата Кримска платформа во август годинава, со која се признава дека Крим е интегрален дел од Украина. Овој меѓународен механизам треба да помогне да се обноват односите помеѓу Русија и Украина така што ќе се поништи анексијата.
„Сите ние се обврзавме дека никогаш нема да ги признаеме напорите на Русија да ги озакони нелегалното заземање и окупацијата на полуостровот. Во изминатите денови, ние ја изразивме нашата загриженост и во Вашингтон и во Софија“, стои во соопштението.
Русија изврши инвазија и го присвои полуостровот Крим во почетокот на 2014, во периодот на руско-украинскиот воен конфликт.
За време на предизборната дебата во петокот, Радев кажа дека западните санкции против Русија не ги дале очекуваните резултати и дека Европската Унија би требала да го обнови дијалогот со Москва.
„Бугарија не треба да ја гледа Русија како непријател. ЕУ ги воведе санкциите поради Крим и Украина не доби ништо со тоа. Крим е очигледно руски“, кажа Радев.