економија
Нова помош од државата за фирмите што принудно ставија катанец
Владата донесе шести пакет мерки

Додека некои компании се обидуваат да се стабилизираат од оваа криза која трае повеќе од една година и да застанат на сопствени нозе, на дел од нив, особено оние од туристичко – угостителскиот сектор, се уште им е потребна помош. Тешката ситуација во овие сектори, ги извади луѓето на протести, а во меѓувреме Владата донесе шести пакет антикризни мерки коишто се наменети претежно за нив. Секако, клучна ќе биде реализацијата на овие мерки која што повторно ќе зависи од волјата на пратениците да се соберат во доволен број, со или без скафандери, и ги изгласаат соодветните закони коишто ќе овозможат исплата на финансиската помош. Шестиот пакет на мерки, усвоен од Владата, опфаќа седум мерки со кои се таргетирани најпогодените сектори од корона – кризата, со вредност од 17,8 милиони евра, при што се проценува дека ќе се поддржат 10.000 компании, кои вработуваат околу 60.000 граѓани.
Корона – кризата не е завршена, особено не за компаниите од туристичкиот и угостителскиот сектор коишто се повторно привремено затворени откако епидемиолошката слика значително се влоши месецов. Додека некои компании се обидуваат да се стабилизираат од оваа криза која трае повеќе од една година и да застанат на сопствени нозе, на дел од нив се уште им е потребна помош.

Тешката ситуација во некои сектори како угостителството и туристичката дејност, ги извади луѓето на протести, а во меѓувреме Владата донесе шести пакет антикризни мерки коишто се наменети претежно за нив. Секако, клучна ќе биде реализацијата на овие мерки која што повторно ќе зависи од волјата на пратениците да се соберат во доволен број, со или без скафандери, и ги изгласаат соодветните закони коишто ќе овозможат исплата на финансиската помош.
Шестиот пакет на мерки, усвоен од Владата, опфаќа седум мерки со кои се таргетирани најпогодените сектори од корона – кризата, со вредност од 17,8 милиони евра, при што се проценува дека ќе се поддржат 10.000 компании, кои вработуваат околу 60.000 граѓани.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи нагласи дека од самиот почеток на кризата Владата носи сеопфатни мерки на секои три до четири месеци, во консултација со сите засегнати страни, како и со меѓународните финансиски институции, сѐ со цел задржување на ликвидноста на компаниите и на работните места за граѓаните. Тој додаде дека пред точно две недели, по препорака на Комисијата за заразни болести, Владата донесе одлука за делумно затворање на угостителските објекти, заради заштита на здравјето на граѓаните и спречување на ширење на вирусот.
„Уште тогаш најавивме дека истата одлука ќе ја следат соодветни мерки за поддршка и помош и уште еднаш на дело покажуваме дека државата е партнер на граѓаните и стопанството. Ставаме на располагање 17,8 милиони евра, таргетирана финансиска поддршка за 12 категории на економски дејности“, потенцираше Битиќи.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека дел од мерките имаат и развојна компонента, во насока на раст на ликвидноста и поттикнување на инвестициите.
„Од исклучителна важност е поттикнување на ликвидноста на стопанството. Оттаму и мерките кои се предлог на Министерството за финансии се во таа насока. Едната е Поддршка на ликвидноста за компаниите кои ја реинвестирале добивката за 2020 годинa преку субвенционирање на камати на кредити. Втората мерка е Кредитната линија за финансиска поддршка на деловните субјекти од областа на емитување на радио и телевизиски програми со цел намалување на последиците од корона вирусот, преку посебна кредитна линија во износ од 1 милион евра со 0% каматна стапка која ќе се пласира преку Развојната банка. Изминатите пакети мерки покажаа дека даваат резултати. Владиниот стимул придонесе за двојно амортизирање на економскиот пад лани, поточно, според калкулациите на Министерството за финансии, истиот е амортизиран за 4,2 процентни поени, односно без мерките падот ќе достигнеше дури 8,7%“, посочи Бесими.
Министерот за економија, Крешник Бектеши кажа дека туристичко-угостителскиот сектор е најпогодениот сектор од почетокот на кризата предизвикана од пандемијата и токму затоа Министерството за економија во првите пет сета на мерки се фокусираше на поддршката токму на овој сектор.

„Досега овој сектор е поддржан со над десет милиони евра и тоа преку ваучери за домашен туризам со вкупно 6,2 милиони евра, со враќање на уплатена туристичка такса со вкупна вредност од 950 илјади евра, со грантови за туристички агенции во вредност од 1,2 милиони евра, со средства за кофинансирање на настани и конференции со финансиска поддршка од државата каде беа наменети 24 илјади евра, преку грантови за категоризирани ресторани за свадби со 906 илјади евра, грантови за игротеки во вредност од 222 илјади евра, грантови за туристички водичи со лиценца кои добија 82 илјади евра, како и со мерката за продолжување на лиценци за работа на дискотеките и ноќните клубови, мерка која изнесуваше 97 илјади евра“, истакна министерот за економија.
Бектеши се задржа на дел од мерките од шестиот пакет кои ќе ги спроведува Министерството за економија, при што посочи дека за поддршка само на туристичко-угостителскиот сектор со шестиот пакет мерки се предвидени мерки во вкупна вредност од 14,8 милиони евра.
„Планирана е финансиска поддршка на угостителите регистрирани со шифри на приоритет на дејност: 56.10 (ресторани и останати објекти за подготовка на храна), 56.29 (останати услуги за подготвување и служење на храна), 56.30 (подготовка и послужување на пијалаци). Со оваа мерка ќе бидат опфатени околу 6.000 компании, со околу 17.000 вработени за што се наменети 9,9 милиони евра. Со оваа мерка ќе се додели финансиска поддршка на сите регистрирани активни субјекти од оваа дејност. Како основа за пресметка на поддршката се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година, на кои се аплицира месечен износ за компензација од 30%, кој ќе биде помножен со соодносот на бројот на денови колку што овие дејности се затворени. За сите субјекти од наведените дејности кои се регистрирани после 2019 година како основ за пресметка ќе бидат земени просечните месечни приходи од денот на основање до крај на 2020 година. Дополнително, секој регистриран активен субјект од овие дејности ќе добие финансиска поддршка во износ од 15.200 денари по вработен, според бројот на ефективни работни часови, со пресек на 06.04.2021 година“, додаде Бектеши.

Главниот извршен директор на Развојна Банка, Кире Наумов, истакна дека Владата имала капацитет да се справи со кризата, особено преку пласирање на повеќе бескаматни кредитни линии.
„Вкупно 50,9 милиони евра кредити со поволна каматна стапка пласиравме до 186 домашни компании преку деловните банки. Воведовме нов производ – царинска гаранција, за да им го олесниме извозот на компаниите кои прават увоз заради облагородување и повторен извоз. Компаниите од преработувачката индустрија можеме да ги поддржиме со царинска гаранција до 390.000 евра, додека сите други мали и средни компании сме спремни да ги поддржиме со царински гаранции до 250.000 евра. Преку трите бескаматни кредитни линии со 44,1 милиони евра поддржавме 4.087 субјекти кои заедно вработуваат 36.802 лица”, нагласи Наумов.
Преку Развојната банка ќе се реализираат и две од седумте мерки предвидени во шестиот пакет – нова бескаматна кредитна линија за субјектите во дејноста на емитување на радио и телевизиски програми, и мерка за субвенционирање на трошокот за камата на компаниите кои ја реинвестирале остварената добивка, а ќе овозможи овие компании да имаат ефективно каматна стапка од 0% за новоодобрени кредити за тековни средства од деловните банки.
(Не)задоволни угостители на протест
Претставниците на туристичко – угостителската дејност коишто неколку дена преку протест пред Министерството за финансии бараа поддршка од државата, а притоа им се придружија и сметководителите, по објавувањето на мерките од страна на Владата се разединија.
Па така од Независната угостителска комора (НУК) изразија задоволство од предложените мерки бидејќи нивните пресметки покажале дека доколку еден ресторан со просечен број од 20 пријавени вработени во 2019 година остварувал просечен дневен промет од 100.000 денари, а во 2020 година 60.000 денари за периодот од 21 ден, согласно мерка 3 од шестиот сет мерки ќе добие неповратна финансиска помош за надомест на штета во висина од 808.000 денари. Според нив, ова е доволна помош за да се преброди оваа ситуација.
„Ги поддржуваме барањата доколку се реални, но во случајов Туристичко – угостителската комора има нереални барања бидејќи се погрешно насочени. Ако веќе нешто бараат, факт е дека грантови добивме сразмерно на угостителската индустрија во буџетот а што се однесува до банките мислам дека е погрешна адресата што се протестира. Оваа мерка е точно детерминирана и селектирана, насочена за угостителите и угостителскиот сектор, прифатени се сите наши сугестии и изработена е според моделот која ние одамна го посочуваме“, истакна Здравко Јосифовски.
За разлика од НУК, од Туристичко – угостителската комора велат дека не отстапуваат од своите барања. Велат дека мерките од шестиот пакет не се добро објаснети и нема јасна слика на кого ќе му се помогне.
„Ние не знаеме на кој начин ќе треба да се аплицира односно кој се ќе може да аплицира за таа помош. Има некои работи кои не ги пишува во мерките меѓутоа одредени функционери ги кажуваат, така што повторно настанува забуна. Ние бараме секоја мерка што точно значи и како да се протолкува“, вели Мартин Ангеловски од ТУК.
Членовите на Туристичко-угостителската комора, претставници на угостителските објекти, ноќни клубови, ресторани за свадби, игротеки, туристички агенции, туристички водичи и превозници, на пртестите ги повикуваа надлежните институции да ја обезбедат целата барана финансиска поддршка.
„Угостителскиот сектор од почетокот на кризата минатата година се до денес работи под бројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосен прекин на активноста, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанување на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места. Ние во изминатите години докажавме дека знаеме и можеме да работиме, и од нула изградивме претприемачки извор на егзистенција преку кој чесно ги издржуваме нашите семејства. Сега без наша вина, не сме во можност да работиме, а тоа ја доведува во прашање не само иднината на деловните субјекти туку и егзистенцијата на нашите семејства“, додаде Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора.
Помош за опстанок бараат и туристичките агенции, кои поради состојбата со корона кризата не може да jа извршуваат дејноста.
„Не бараме поддршка за да заработиме, туку помош за опстанок. Неизвесноста на ситуацијата и зголемениот број на заболени, затворените граници, немањето туристи и падот на прометот од речиси 100 отсто во 2021 година ја оневозможува нашата егзистенција. Бараме неповратна финансиска помош за секоја лиценцирана туристичка агенција со цел опстанок и ликвидност на компаниите за 2021, бараме ваучерите кои ќе се доделуваат од Владата за кампањата „Дома си е дома“, задолжително да се користат преку туристичките агенции, кои ќе можат во аранжманите да ги вклучат сите учесници од секторот туризам и бараме да се продолжи рокот на ваучерите кои се издадени од туристичките агенции според Одлуката на Влада за нереализираните патувања во 2020 година, до крајот на 2022 година“, изјави Ана Марија Алексова, член на Управниот одбор на ТУК.
Димитар Кавраков претседател на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници истакна дека туристичките водичи се заборавени и со месеци воопшто немаат никакви примања за егзистенција поради кризата.
„Ние сме амбасадори на македонската култура и знаменитости, не може овој сектор да биде оставен на немилост сред пандемија“, истакна Кавраков.
Поради големиот број на заболени во незавидна состојба се наоѓаат и игротеките.
„Бројот на заразени е голем поради што и воопшто нема интерес за славење на роденден во игротеките, поради што и бараме финансиска поддршка се додека не се создадат услови за работа. Веќе 14 месеци сме без деловни активности, без помош ќе згаснат нашите деловни субјекти“, изјави Трајко Николовски од Групацијата на рекреативни дејности.
860 милиони евра помош досега

Инаку, од март минатата година кога коронавирусот почна забрзано да се шири во Европа и во земјава, ги затвори и границите и граѓаните дома, нагло се прекина вообичаената економска активност. Оттогаш досега, државата во шест наврати креираше таканаречени антикризни мерки, коишто главно имаа за цел да им помогнат на компаниите да се справат со неликвидноста поради застојот во производството и да можат да ги исплатат платите на своите вработени, да обезбедат бескаматни кредити, но освен тоа имаше и повеќе социјални мерки со директно исплаќање пари на сметките на граѓаните коишто најмногу ја почувствувале корона – кризата.
Реализацијата на антикризните мерки, се проценува дека достигнува над 860 милиони евра.
Тоа значи дека досега реализацијата изнесува 82%, а властите изразија надеж дека овој процент дополнително ќе се зголеми.
Секоја земја преземаше мерки согласно расположливиот фискален простор. Согласно податоците на ММФ, фискалниот стимул во земјите во регионот се движи од 2,4% од БДП во Бугарија, 2,8% во Албанија, 3% Босна и Херцеговина, 3,7% во Црна Гора, 4,1% Косово, Хрватска со 7%, ние со околу 10%, Србија на слично ниво со 11,3% и Словенија и Грција со околу 14% од БДП.
Но во исто време, кај Словенија и кај Грција има значително зголемување на државниот долг од почетокот на кризата, кај едната за 13 процентни поени, а кај другата за 19,4 процентни поени. Со тоа државниот долг на Словенија на крајот на третиот квартал изнесува 78,5% од БДП, додека на Грција двојно повеќе од БДП.
Кај останатите земји во регионот тој се движи од 90,8% Црна Гора, 56,8% Србија, Босна и Херцеговина 38,9% и Косово 22,1%, согласно податоците на европската статистичка агенција „Евростат“.
„Согласно овие податоци, може да се види дека кај нас е направен добар баланс помеѓу стимулативните пакети и задржувањето на долгот на едно ниво, коешто на среден рок ќе се стабилизира и нема да преставува закана или пречка за понатамошниот економски развој и макро – финансиската стабилност“, објаснува министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Покрај мерките кои ги преземаа фискалните власти, дополнителна поддршка кон ублажување на ефектите од Ковид – кризата имаа и мерките кои ги преземаа монетарните власти. Намалувањето или задржување на референтната каматна стапка на ниско ниво и дополнителни мерки преку други инструменти на монетарната политика, придонесоа за одржување на ликвидноста во економиите. Така на пример, Европската Централна Банка преку нејзините каматни стапки водеше приспособливо – монетарна политика во насока на поддржување на економијата, односно цело време ја одржуваше на негативно ниво. Со тоа се влијаеше врз останатите каматни стапки, на пример ЕУРИБОР остана негативен за цел кризен период а со тоа и трошоците за финансирање беа поволни. Оваа поставеност на монетарната политика влијаеше на зголемена понуда на пари во финансиските пазари што придонесе за намалување на каматните стапки и трошоците за позајмување на земјите за финансирање на економските мерки. Истовремено, ниската инфлација овозможи монетарната политика да биде поактивна во борбата против ефектите од пандемијата.
Сите мерки од шестиот пакет
Мерка 1
На сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, на кој ќе се аплицираат деновите во кои овие дејности беа затворени. Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година. Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти кои вработуваат 17.000 луѓе, проценета вредност на мерката е 9,9 милиони евра.
Мерка 2
На скоро ист принцип, со 2,5 милиони евра ќе се поддржат категоризирани – ресторани за свадби, евент индустријата, игротеки, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија. Во овие категории спаѓаат околу 1.200 компании ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 година, дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен, заклучно со 31.12.2020 година.
Мерка 3
Категоризираните туристички агенции ќе бидат поддржани со 1,4 милиони евра. Притоа туристичките агенции со А лиценца ќе добијат до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б лиценца ќе добијат до 2.000 евра.
Мерка 4
Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари.
Мерка 5
Околу 2 милиони евра се наменети за компаниите кои ја реинвестирале добивката од 2020 година, мерка која ќе се реализира преку Развојната Банка, а ќе им помогне на компаниите да ја зголемат ликвидноста, да ги реализираат своите инвестициски планови и да продолжат со својот развој, преку субвенционирање на каматни стапки.
Мерка 6
Со бескаматна кредитна линија преку Развојната банка од 1 милион евра, ќе се поддржат медиумите кои емитуваат радио и телевизиска програма.
Мерка 7
Во очекување на претстојната туристичка сезона и како дополнителна поддршка и помош за домашната туристичка, а со тоа и угостителска дејност, ќе се овозможат бесплатни 50.000 ПЦР тестови за странските туристи кои престојувале во државата.