економија
Нова „чадор“ стратегија за дождот од предизвици во наредните 20 години
Се крои најсеопфатниот документ за идниот развој на Македонија

Националната развојна стратегија ќе биде „чадор“ стратегија која во себе ќе ги опфати сите веќе започнати процеси и планирани стратегии, ќе биде комплементарна на досегашните постигнувања и истите ќе ги надгради. Идејата на НРС е да обезбеди позитивна средина за национален консензус во земјата, долгорочни развојни приоритети, како и олеснување на политичкиот дијалог за стратешките цели.

Како ја замислувате иднината за 20 години отсега? Во каква држава би сакале да живеете за 5, 10 или 20 години? Кои се приоритетните области на кои треба да се посветиме како држава и како општество?
Ова се прашањата на кои во текот на 2022 година одговорија илјадници граѓани, претставници на бизнис секторот, граѓански организации, млади, креатори на политики во државата, претставници на лицата со попреченост… Сите тие учествуваа во процесот на креирање на Националната развојна стратегија (НРС) – најсеопфатниот стратешки документ од осамостојувањето на државата, кој ќе претставува патоказ за надминување на најголемите политички, економски, социјални, еколошки и други предизвици на Република Северна Македонија во наредните две декади.
Владата на Република Северна Македонија ги започна подготовките за развој на НРС на почетокот на 2021 година, преку проект поддржан од Фондот за добро владеење на Британската амбасада во Скопје, додека во новата фаза процесот е поддржан и од Министерството за финансии на Република Словачка.
Процесот на создавање на НРС, Владата го реализира во партнерство со Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите Нации и Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП.
Финалниот документ се очекува да биде готов до крајот на 2023 година и преку НРС да се мапираат тековните и постоечките предизвици на општеството и да се изградат соодветни капацитети, со цел државата да биде подготвена и да може успешно да се соочи со тие предизвици.
Зошто е важна Националната развојна стратегија?
Националната развојна стратегија ќе биде „чадор“ стратегија која во себе ќе ги опфати сите веќе започнати процеси и планирани стратегии, ќе биде комплементарна на досегашните постигнувања и истите ќе ги надгради. Идејата на НРС е да обезбеди позитивна средина за национален консензус во земјата, долгорочни развојни приоритети, како и олеснување на политичкиот дијалог за стратешките цели кои треба да ги решат клучните предизвици со кои се соочува Северна Македонија.
Националната развојна стратегија се креира преку широк инклузивен процес во кој се и ќе бидат консултирани сите засегнати страни во државата, вклучувајќи ги директно и граѓаните, со цел конечниот документ за визијата и иднината на Република Северна Македонија да биде консензуален и надпартиски, како и генерациски, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен.
Процесот на НРС во својата суштина е процес на ко-креација, кој за да се имплементира ќе биде неопходен широк консензус и значајно вклучување на различни општествени чинители. Бидејќи се работи за нашата заедничка иднина и за нашата држава, која нѝ припаѓа на сите, НРС е шанса за обединување на нашето поларизирано општество и можност заедно да направиме план и визија за иднината зад коишто ќе можеме сите да застанеме.
За таа цел, во текот на 2022 година се одржаа повеќе од 40 визионерски работилници на кои учествуваа речиси 3.000 граѓани – стопанственици, студенти, граѓански активисти, професори, академици, земјоделци, градоначалници, лица со попреченост… Тие ги споделија своите предлози, идеи и визии за идниот развој на нашата држава, кои ќе бидат сумирани и инкорпорирани во Националната развојна стратегија. Визионерските работилници беа отворени за сите граѓани независно од возраста и професијата, вклучувајќи ги и ранливите групи. За да се осигура инклузивноста и рамномерната застапеност на различните категории граѓани, работилниците се одржуваа во различни градови во сите осум плански региони во државата.
Секој може да се вклучи во креирање на стратегијата од својот мобилен телефон или лаптоп
Една од главните алатки кои ќе овозможат сите граѓани да имаат можност да се вклучат во креирањето на Националната развојна стратегија (НРС) е дигиталната платформа nrs.mk која нуди можност да ја замислите иднината и да ги споделите своите идеи, визии, предлози и решенија.
По примерот на развиените европски држави, кои успешно креираат различни стратегии, а при тоа главниот збор го имаат граѓаните, процесот на создавање на Националната развојна стратегија ќе биде отворен за сите. Интернет платформата nrs.mk е поделена на четири главни секции – човечки капитал, животна средина и енергетика, раст, инфраструктура и инвестиции, а секоја од нив се состои од повеќе поттеми. Платформата овозможува да се вклучите во делот во кој сакате да ја споделите својата идеја и да придонесете во креирањето посветла иднина за сегашните и идните генерации.
Интерактивна и инклузивна, дигиталната платформа нуди нови информации, прашалници и анкети од различни области, како и простор за дебата и коментари. Таа е место за конструктивен дијалог преку интерактивни алатки, анонимно учество во процесот преку анкети и простор за коментари, клучни информации и занимливи факти кои ќе ве поттикнат на размислување.
Истражување за очекувањата на различни страни (март 2021)
- Креирањето Национална развојна стратегија има силна и недвосмислена поддршка од мнозинството граѓани
- 80% од граѓаните сметаат дека процесот на креирање Национална развојна стратегија е исклучително важен
- 89% веруваат дека имплементирањето на ваква стратегија ќе го подобри нивниот квалитет на живот
- 83% очекуваат дека стратегијата ќе придонесе за усогласување на државните приоритети
- Охрабрувачки факт: Речиси 60% од граѓаните се со став дека е исклучително важно или многу важно лично да учествуваат во содржината на Националната развојна стратегија. Ова овозможува процесот на подготовка и имплементација на стратегијата да биде отворен, транспарентен и инклузивен што беше недвосмислена заложба уште од почетокот на целиот процес.
- Вработување и квалитетен здравствен систем се главните два приоритети на Северна Македонија во наредните 20 години
- 31% од граѓаните сметаат дека главен приоритет е вработувањето / пристојната работа
- 22% од граѓаните сметаат дека главен приоритет е квалитетен здравствен систем
Што понатаму?
Националната развојна стратегија ќе биде сеопфатен документ. За да се постигне оваа цел, тим од експерти подготви тематски дијагностики за 23 области. Потоа, врз основа на дијагностики, Македонската академија на науките и уметностите го креираше документот наречен Моментална состојба во Република Северна Македонија. Во текот на 2023 година ќе се утврдат тематските области на кои ќе се фокусира државата, како и приоритетите за секоја тематска област, со активно вклучување на граѓаните и сите засегнати страни. Овие инпути ќе се искористат за да се создаде финалниот документ, кој се очекува да биде готов до крајот на годината заедно со првиот акциски план за спроведување на стратегијата.
Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

„Пред две години, започнавме заедничка мисија да ја создадеме ‘Националната развојна стратегија (НРС)’ за Северна Македонија, стратешки документ којшто ќе ни ја даде потребната јасност и визија за развојните цели и патека на нашето општество. За остварување на оваа стратегија, ќе биде потребно да вложиме напор и придонес сите ние, заедно, за нашата држава. Токму поради тоа дизајниравме процес којшто е инклузивен, сеопфатен и ќе ги повика сите да се вклучат во креирањето заедничка визија за идниот развој на земјата. Истовремено, предвидовме процес којшто ќе ‘учи’ од претходните искуства за создавање стратегии, како и од искуствата на другите земји во развојното планирање. На крај, сакавме да вметнеме иновации и во развојот на стратегијата и во самиот документ. Веруваме дека оваа стратегија за развој ќе создаде поволна средина, нов пат напред, што ќе му овозможи на нашето општество да се обедини и да го посочи патот за развој на нашата земја во наредните 20 години.“
Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство

„Националната развојна стратегија ја гледаме како процес, а не како документ. Пристапот кој го нуди овој процес е континуирано учење, приспособување на промените, прилагодување кон новите технолошки достигнувања, но и политички процеси. Ресурсите кои ги нуди планетата се ограничени, и луѓето мора да научат разумно да ги користат, да прават рационални избори кои ќе се надополнуваат, нема да почнуват од почеток. За да земјата има долгорочен раст и развој потребно е сите чинители да работат заедно, да се согласуваат за тоа која е ‘големата визија’ за сите во државата. За тоа ќе биде потребно учество, одредување на приоритетите на демократски начин и посветеност на политиката, институциите и општеството кон остварување на таа визија“, истакна британскиот амбасадор во ноември годинава, осврнувајќи се на важноста на процесот на креирање на стратегијата.
Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП

„Инклузивноста, отвореноста и транспарентноста се дел од основните принципи кои УНДП ги поддржува и надградува преку својата работа на голем број различни проекти. Визионерските работилници беа организирани токму врз овие принципи. Големиот интерес на граѓаните и конструктивните идеи кои ги споделија се охрабрувачка порака дека го избравме вистинскиот модел за создавање документ чија содржина е важна за секој граѓанин на оваа држава. Овој стратешки документ нуди уникатна можност најпрво да се анализираат, а потоа и адресираат сите предизвици, дилеми и можности со кои се соочуваат и во иднина ќе се соочи државата. Ова е особено важно ако се има предвид дека последната повеќедимензионална криза (здравствена, енергетска, економска) покажа дека стратешкиот и организиран пристап е многу поефикасен при справувањето со кризните состојби и придонесува за поголема отпорноста на државите.“
Росана Дуџак, Постојан координатор на Обединетите нации

„Во подготовка на Програмата на тимот на Обединети нации во Северна Македонија за 2021-25, преку низа консултации со сите засегнати страни, идентификувавме дека непостоењето на долгорочна визија е една од главните пречки за одржливиот развој на земјата. Во тој контекст, а под водство на домашните партнери и со поддршка на нашите донатори, семејствотото на ОН ја стави на распологање својата севкупна експертиза и знаење за да придонесе кон креирање на квалитетна заедничка визија која ќе ја подготви земјата и нејзините граѓани да ги надминат предизвиците шти ги носи иднината. Клучно за оваа стратегија е да се изгради меѓупартиски, меѓуетнички, меѓугенерациски и родов консензус за главните правци за развојот на земјата. Да се одлучи заедно во каква земја сакаат да живеат граѓаните и тоа да се вгради во политиките за да се обезбеди предвидливост и континуитет. Притоа, имајќи во предвид дека нашиот свет брзо се менува, истотакa е многу важно да се вгради флексибилност во пристапот, за да бидеме спремни да одговориме на промените кои не можеме да ги предвидиме денес.“