здравје
Нормализација? Некаде во 2023, и тоа ако се вакцинираме сите.

Дури и откако повеќето од светот ќе се вакцинира, вирусот нема да исчезне. Во најдобар случај може да се надеваме да стане инфекција којашто ќе може да ја контролираме и превенираме, како со полиото, морбилите, заушките и сл.
После повеќе од 18 месеци живеење со Ковид – 19, сите се чувствуваат истоштено, пишува Business Insider. Делта варијантата на коронавирусот според некои процени е илјада пати позаразна од претходните соеви, што значи дека маските се враќаат на сцена (дури и за вакцинираните, во многу случаи). Центарот за контрола и превенција на болести од САД потенцира дека „војната го промени текот“ и тоа не на подобро.
Сепак, од разговорите што ги направи Business Insider со неколкумина водечки американски експерти на полето на пандемијата, заклучокот е дека не треба се’ уште да се чувствуваме поразено. Во моментов, како да сме желка среде критична трка против вирусот, за кого што се чини дека ги има победничките рефлекси на зајакот. Вирусот станува се’ повеќе заразен, постигнувајќи благи симптоми и преносливост дури и кај целосно вакцинирани луѓе, поради што властите во САД пропишаа насоки и за трета, бустер доза, од вакцините.
„Луѓето се ментално и емоционално исцрпени“, вели експертот за епидемиологија и превенција од инфекции, Сашкиа Попеску, ламентирајќи околу тоа колку е тешко да се комуницира со јавноста науката за вирусот која постојано евоулира, како и да се борите против вирусот којшто исто така постојано се менува.
И покрај се’, факт е дека се’уште имаме адути во ракавот за крајна победа на долг рок: вакцините делуваат и можат да помогнат да ја добиеме војната.
Само што ќе треба подолго време одошто сите ние мислиме – најмалку уште 2-3 години пред да почнеме вистински пост – пандемично да живееме.
Се’ уште сме упатени во вистинскиот правец, но треба да бидеме агилни. Сега е најкомплексниот дел од пандемијата. Само една четвртина од светот е целосно вакциниран (со се’ нешто над половината од жители на САД). Тоа не е ни одблизу доволно за да се створи колективен имунитет индуциран од вакцини и да се стави крај на пандемијата, особено што нови варијанти постојано се појавуваат.
Вакцините си ја вршат работата со тоа што ги редуцираат смртните исходи, хоспитализациите и ги одржуваат луѓето здрави. Но само затоа што вакцините делуваат не значи дека пандемијата е завршена.
„Многу сум депримиран“, вели експертот за инфективни болести Др. Карлос дел Рио, професор на Емори Универзитетот во САД, мислејќи на бавното темпо на вакцинацијата во САД.
„Не поставивме соодветни очекувања“, вели експертот за заразни болести Мајк Остерхолм, директор на Центарот за истражување на заразни болести при Универзитетот на Минесота.
„Многумина мислат дека не треба повеќе да сме загрижени.“
Експерти коишто се вакцинирани се’ уште преземаат заштитни мерки и планираат тоа да го прават и понатаму.
Др. Пол Офит, ко-пронаоѓач на вакцината против ротавирусот, вели дека се’ уште избегнува конференции што се во живо, дури и оние што се закажани за крајот на 2022 година.
Исто како и Др. Стенли Перлман, којшто ги проучува коронавирусите повеќе од 30 години. Тој е целосно вакциниран, но се’ уште носи по две маски на лицето кога оди во кино или пак држи дистанца кога е во друштво со блиски, пријатели и сл.
„Не знам што друго би можеле да направите на индивидуално ниво, освен да се заштитите себеси и луѓето околу вас“, вели тој.
Заштитата од вакцините веројатно ќе ослабува со тек на време, што значи дека мерките за заштита како што е носењето маски во затворени простори треба да останат дел од нашето секојдневие се’ додека не најдеме ефективно долготрајно решение за борба против вирусот, без оглед дали ќе биде тоа налик вакцините за сезонски грип што ги примаме секоја година или бустерите против тетанус секоја декада.
САД, на пример, не се вакцинираа доволно брзо за да изградат силна база на заштита од вирусот пред Делта сојот да земе замав. Наместо тоа, некои луѓе како што се вакцинираа, така веднаш се опуштаа и не ги спроведуваа повеќе заштитните мерки.
И сега со Делта сојот меѓу нас, бројката на луѓе што мора да се вакцинира со цел да се создаде т.н. „имунитет на стадо“ порасна значително.
Др. Офит сподели некои негови груби калкулации, базирани на формулата за „имунитет на стадо“. Неговите пресметки се сведуваат на две варијабли: заразноста на болеста (што значително порасна со Делта сојот) и ефективноста на вакцините (што благо падна со Делта сојот).
Според своите пресметки, Др. Офит очекува дека ќе ни биде потребно најмалку 90% од населението да е заштитено преку некаква комбинација на вакцини или прележување за да се развие ефективен колективен имунитет.
Со ова се согласува и др. Перлман, којшто додава дека сепак е подобро со вакцинација, одошто со прележување, затоа што некои луѓе нема да ја преживеат инфекцијата.
Ковид – 19 вакцините исто така му даваат на вашето тело посилна, поширока форма на заштита од вирусот одошто прележувањето, затоа што го учат како да се бори подобро, дури и во случај на нови соеви.
Без оглед дали вакцинираните ги фрлаат своите маски или земаат бустер дози порано одошто е препорачано со цел да го зајакнат сопствениот имунитет, имаат нешто заедничко со оние што одбиваат вакцинирање: сите погрешно мислат дека можат оваа трка да ја добијат индивидуално.
Ние не сме во пандемија на невакцинираните. Ние сме во пандемија сите заедно, и таа нема да заврши се’ додека некои од нас остануваат невакцинирани.
Децата остануваат невакцинирани, како и многумина други, како што се пациенти со нарушен имунитет, болни од канцер, приматели на трансплантирани органи, некои од постарата популација и сл., односно сите тие не може да добијат заштита од вакцини како останатата популација. Се’ додека не се вакцинираат повеќе луѓе, никој од нив не е безбеден.
Др. Попеску вели дека таа, како и многумина други здравствени работници се шокирани од степенот на колебливост околу вакцинирањето што се појави во делови од американското општество за време на пандемијата, дури и кога официјални податоци покажаа колку се ефективни и безбедни вакцините. Во време кога децата под 12 години не можат се’ уште да примат вакцина, осум сојузни држави во САД го укинаа задолжителното носење маски во училница.
„На почетокот мислевме дека поради тоа што сите ја искусивме пандемијата на еден или друг начин, сите ќе бидат одговорни во смисла на заштита, дали носење маски или вакцинација, сеедно. САД се добар пример за тоа дека не функционираат така работите. Имаме сериозни проблеми да им објасниме на луѓето што значи колективно здравје.“, вели Попеску.
Како резултат на ова, целната линија во оваа трка со вирусот постојано ни се поместува подалеку.
Ако постојано носиме маски и вакцинираме што повеќе луѓе, истовремено почитувајќи ги препораките за проветрување на просториите и ограничен број на луѓе во затворен простор, можеме побрзо да ја победиме пандемијата.
Ако не вакцинираме повеќе луѓе, вирусот ќе продолжи да изненадува со се’ позастрашувачки варијанти.
„Луѓето треба да сфатат дека Делта не е крајното нешто што може вирусот да го направи. Ако се вакцинираме сите, не само што се заштитуваме себеси и целите заедници, туку ја лимитираме можноста да излезе некој пострашен сој на коронавирусот. “, вели Др. Џејмс Хилдрет, претседател на Медицинскиот колеџ Мехари.
Веројатно ќе има доволно вакцини за сите на планетава до крајот на 2023 година.
„Треба да им се достават вакцини на сиромашните земји,не само од хуманитарни причини, туку и затоа што стратешки од таму ќе доаѓаат новите варијанти на вирусот“, вели др. Остерхолм. Тој додава дека едвај 1,5% од луѓето во најсиромашните држави имаат примено една доза.
Дури и откако повеќето од светот ќе се вакцинира, вирусот нема да исчезне. Во најдобар случај може да се надеваме да стане инфекција којашто ќе може да ја контролираме и превенираме, како со полиото, морбилите, заушките и сл.
“Се’ уште имаме полио вакцини, иако не сме регистрирале случај овде 40 години.“, вели др. Офит. “Тоа е така затоа што полиото се уште постои во светот.“
Следните неколку години човештвото мора внимателно да го насочува јавниот живот со цел да се избегне долгорочна болест и да се превенираат смртни исходи.
„Често мислам на тоа како било во време на војна, економска депресија, или други моменти од историјата кога истрајноста била клучна. Сите сме преморени од вирусот и сакаме конечно да заврши битката, но тоа нема да го реши проблемот.“, вели др. Хилдрет.
Опасноста за појава на поопасни варијанти на коронавирусот ќе остане се’ додека речиси цел свет не се вакцинира. До тој момент, да се надеваме дека ќе изградиме доволно имунитет за да се заштитиме лично себеси и едни со други од тешки симптоми и смртни исходи.
Ако се вакцинираме речиси сите и откриеме повеќе третмани на болеста во меѓувреме, Ковид-19 дијагнозата може на крајот да не биде нешто поопасна од добивање на обична настинка или грип, што ќе значи неколку дена боледување во најлош случај.
„Да се надеваме дека ќе дојдеме до точка, кога ќе бидеме релаксирани околу бројката на заразени и смртни случаи така што нема повеќе да има потреба од менување на нашите животи“, вели др. Офит.
Тоа нема да биде оваа година, или следната. Но некаде во 2023, веројатно животот ќе се врати во нормала. И тоа само ако ја одиграме играта како што треба.