регион
Од грабежот во најголемата хрватска енергетска компанија “излегоа крокодили“: управувањето и надзорот во ИНА биле катастрофални

Хрватска во моментов ја тресе голема афера за наводен грабеж во водечката нафтена компанија во земјата, ИНА. Од страна на државното Биро за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК), oсомничени се неколку лица за злоупотреба и перење пари со што предизвикале штета на компанијата од околу една милијарда куни (133 милиони евра).
Хрватска во моментов ја тресе голема афера за наводен грабеж во водечката нафтена компанија во земјата, ИНА. Од страна на државното Биро за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК), oсомничени се неколку лица за злоупотреба и перење пари со што предизвикале штета на компанијата од околу една милијарда куни (133 милиони евра).
Хрватските медиуми пренесоа дека уапсени се Дамир Шкугор, директор на Службата за трговија со природен гас во ИНА, неговиот татко Дане, како и Јосип Шурјак, шефот на Хрватската адвокатската комора и ко-сопственик на фирмата ОМС Вложување која се бави со трговија со гас. Покрај нив приведени се и бизнисменот Горан Хусиќ, вториот ко-сопственик на ОМС Вложување.
Според УСКОК тие ја оштетиле ИНА затоа што дел од парите од продажбата на енергенти ги присвојувале за себе. Освен овие лица, приведена е и Марија Ракитиќ, претседателка на управата на компанијата Плинара на источна Славонија, во чијшто надзорен одбор пак, седи Дамир Шкугор. Исто така, според неофицијални информации на хрватските медиуми, меѓу уапсените се и лица од оперативата на ИНА, како и неколку адвокати.
Според она што досега го пренесоа хрватските портали, Шурјак и Шкугор, инаку пријатели, се договориле да ѝ продадат на компанијата ОМС Вложување гас по исклучително ниски цени, за потоа да го препродаваат неколкукратно поскапо на некоја странска компанија.
Штетата за ИНА преминува една милијарда куни, додека противзаконската заработка на Дамир Шкугор и неговиот татко е речиси 500 милиони куни (околу 67 милиони евра). Горан Хусиќ профитирал за преку 90 милиони куни (12 милиони евра), а Јосип Шурјак за 69 милиони куни (9 милиони евра). На сметката на нивната фирма ОМС Вложување останале уште околу 200 милиони куни противзаконско остварена добивка.
На удар владејачката ХДЗ
Аферата предизвика големи потреси на хрватската бизнис и политичка сцена, поради големината и значењето на ИНА за националната економија. Компанијата во која што државата има удел од 44,8%, унгарската нафтена компанија МОЛ има 49%, а остатокот е во рацете на институционални и приватни инвеститори, имала речиси три милијарди евра приходи во 2021 година.
Дамир Шкугор, осомничен од хрватските истражни органи како главен организатор на грабежот, е член на владејачката партија ХДЗ, како што на крајот признаа оттаму. Член е на ХДЗ од 2006 година, не бил во највисоките тела на партијата, а припаѓа на Подрачната организација Максимир.
По повод аферата, во хрватската јавност се огласија и неколку истакнати сегашни и поранешни политичари, професори, адвокати…
Иван Синчиќ, европарламентарец и челник на партијата Клучот на Хрватка, вели дека „нема шанси политиката да не е вмешана во овој грабеж“.
„Гледајќи го овој циркус околу ИНА, сметам дека управите на Бродосплит и ХБОР ќе паднат за отприлика 30-тина години.“
Синиша Хајдаш Дончиќ, актуелен пратеник на опозициската СДП и поранешен министер во хрватската влада вели дека „апсолутно му е несфатливо ИНА, којашто е прогласена за стратешка компанија, може да допушти директори во рамки на системот да украдат пари“.
„Недопустливо е компанијата да дозволи низ нејзиниот систем на управување, без интерна контрола, без внимателност од страна на Надзорниот одбор, да се случат вакви штетни договори. Ова веќе воопшто не е вест. Луѓето се апсолутно свесни дека тој господин, директор, е член на ХДЗ и дека претседателот на компанискиот Надзорен одбор е исто така од ХДЗ. Тоа е за Хрватска нормално. Сега е ред на Хрватска конечно да го разреши прашањето со Унгарците по две основи – една е сопственичката структура, другата е системот на управување. Гледате дека системот на управување не функционира. Тоа е трагедија“.
Познат хрватски адвокат: Чудно е како перењето пари е изведено толку аматерски
Познатиот хрватски адвокат Анте Нобило, исто така ја коментираше финансиската афера во ИНА. Еден од петтемина уапсени е Јосип Шурјак, шеф на Хрватската адвокатска комора.
“Непријатна ситуација е кога било кој адвокат би дошол во судир со законот, па можете да замислите што значи претседателот на Адвокатската комора да биде вовлечен во ваква спектакуларна акција на истражните органи. Сепак би повлекол рачна и би рекол дека засега постои само основано сомнение. Тие луѓе се само осомничени. По Агрокор, ова е најголема кривична постапка во смисла на паричната сума која е отуѓена. Тоа на некој начин покажува и дека капитализмот од западен тип дошол во Хрватска“, рече Нобило за телевизијата РТЛ.
На прашањето дали е можно осомничените да не знаат за постоењето на Бирото за спречување на перење пари, Нобило одговара дека тоа е многу чудно, затоа што се работи за “многу софистицирана операција“.
“Се виде дека некој што ги познава движењата на пазарот ги предвидува работите и влегува во овие зделки. Тоа е одработено професионално. Но, перењето на парите е направено аматерски. Не можете некого што има пензија којашто во Хрватака не е голема, одеднаш да го затрупате со толку пари. (На сметката на Дане Шкугор, таткото на Дамир Шкугор, осомничениот директор од ИНА, легнати биле стотици милиони куни, н.з.) Мора да дојде контрола. Вистинско чудо е, ако ова траело две години, како порано не дошла никаква контрола. Тоа ја покажува и слабоста на системот. Иако на крајот, системот реагирал и колку што чув блокирани се 800 милиони куни. Така што, овде постои надеж дека ќе се обесштети оштетената ИНА.“
Поранешен директор на ИНА: Ова е гадно
Поранешниот директор на ИНА и поранешен министер за економија Давор Штерн за телевизијата N1 рече дека и управата и надзорниот одбор на компанијата не би изгледале вака да се прашува тој.
„Да имав влијание, раководството на ИНА и НО не би изгледале вака. Како на поранешен вработен во ИНА, целата приказна ми е одвратна и мислам дека на сите хрватски граѓани им се гади да гледаат на примитивниот начин на кој се ограбува државата. Длабинската ревизија на ИНА што треба да следи, треба да стави крај на ова, да се оштети вака најголемата енергетска компанија во земјата, а тоа да се дознае преку Даночната управа. Секоја им чест за тоа, но покажува дека со ИНА лошо се менаџира“, вели тој.