Connect with us

македонија

Од земјата на виното и ракијата, првиот македонски џин тргна во поход да го освои светот

Како се создаде Смидџин

објавено

на

Иван Скендеровски, неговиот бизнис партнер Греам Лоутер и технологот Милица Плетварски создадоа џин со дестилација на македонска смрека и уште 13 други тревки и зачини. Смидџин веќе го освојува светот, а најново нешто од нивната крафт-дестилерија е премиум џинот зреен во буриња од шардоне.

Кога одите по „Илинденска“ во Скопје накај Градската фонтана, веднаш спроти неа, во палатата Рубен, на скалите што водат кон подрумските простории каде што своевремено се наоѓаше легендарниот ноќен клуб МЦМ, ќе забележите табла со натпис Смидџин. Ако љубопитството ве наведе да ѕирнете што тоа се крие зад називот којшто асоцира на популарниот жесток алкохолен пијалак, ќе го откриете малото царство токму на џинот, но овој е вистински македонски џин, прв џин произведен во земјава. Лансиран при крајот на 2021 година, Смидџин е креиран по идеја на Иван Скендеровски и неговиот бизнис партнер, британскиот државјанин, Греам Лоутер.

Во фамозната скопска зграда е сместена всушност дестилеријата на Смидџин, каде што под будното око на мастер – дестилерот Милица Плетварски, се „крчка“ пијалакот чија основа се бобинките од дива смрека, во комбинација со уште 13 други тревки и зачини.

„Процедурата по која го правиме Смидџин е т.н. London dry single shot технологија. Тоа значи дека го ставаме етанолот, којшто е житен и го набавуваме од увоз, потоа се додаваат тревките во прецизен сооднос. Сето ова се става во котелот и она што ќе излезе од дестилацијата не смее да се модификува повеќе. Треба многу внимателно да се стават количините од секоја тревка и зачин за да имаме константен вкус на крајот. Потоа џинот одлежува 2-3 недели за да се сталожи вкусот и мирисот и потоа се става во шишиња. Се’ се прави рачно во нашата дестилерија“, ни објасни Милица при нашата посета на дестилеријата.

Таа додава дека покрај смреката и планинскиот чај како основни, се користат уште 12 други тревки и зачини, повеќето локални, од ова поднебје, но има и увозни, како на пример цимет од Шри Ланка. Секоја од тие тревки, како што ни објасни технологот Милица, влијае врз мирисот, аромата или т.н. буке, потоа завршницата или афтертејст, односно впечатокот што го остава пијалакот во устата откако ќе го голтнете, како и врз останатите карактеристики на џинот.

Идеја родена за време на еден авионски лет

Основачите на дестилеријата Смидџин, Греам Лоутер (лево)  и Иван Скендеровски, инаку консултанти во телеком секторот, од обични љубители на добар џин, станаа и негови производители.

Скендеровски, еден од основачите на компанијата која го произведува Смидџин, инаку електроинженер по вокација, долго време живее и работи надвор од земјава, вели дека никогаш не ни сонувал дека еден ден ќе се занимава и со производство на џин. Тој е експерт и консултант во телекомуникацискиот бизнис со место на живеење во Дубаи, и на едно од неговите многубројни патувања случајно налетал на една статија во оние списанија што ги делат по авионите, за како што ја нарекувале “џин – револуцијата во Шпанија“, за тоа како џинот сѐ повеќе се консумира, дека никнуваат сѐ повеќе дестилерии за џин во оваа земја, како се сервира пијалакот и други интересни детали поврзани со него.

„Беше тоа на летот од Дубаи кон Барселона пред десетина години, и потоа во Барселона и самиот малку истражував околу тоа што го прочитав во авионот. видов дека имаат селекција на различни вкусови на џин, доста коктели со џин како состојка, и тој концепт ми се допадна, па штом се вратив во Дубаи каде што тогаш, а и сега престојувам, почнавме на приватните седенки кај мене дома да испробуваме различни варијанти со џин, заедно со пријателите. Во меѓувреме и Греам, инаку Шкот по потекло, се заинтересира и донесе од Шкотска мало казанче за дестилација на џин, па почнавме кај мене во кујната да експериментираме. Ќе направевме неколку литри со различни вкусови, па дегустиравме на забавите навечер.“, раскажува за почетоците на својата џин приказна Скендеровски, кого имавме среќа да го начекаме во Скопје при едно од неговите доаѓања во татковината.

Тој и неговиот бизнис партнер пополека почнале да истражуваат за состојките на џинот, настојувајќи да го подобрат пијалакот што им станал веќе хоби и пасија, и дознале дека всушност половина од светските дестилерии за џин користат македонска дива смрека и дека нејзините бобинки се многу ценети на светскиот пазар. Во тој момент се раѓа идејата: па ако веќе земјава има толку квалитетна состојка за џин, а Иван е Македонец по потекло, зошто да не се спои сето тоа во една приказна за нов производ, македонски џин. Тогаш ја запознаваат и Милица Плетварски, искусен технолог во винарската индустрија со којашто заедно посетуваат повеќе дестилерии во Англија и Шкотска, со цел да видат каква е процедурата на производство на џин, кои состојки се користат, и како оди продажбата и дистрибуцијата. Шкотска, на пример, иако е најпозната по своето виски, има преку 100 дестилерии за џин, и иако принципите на производство на виски и џин се малку различни, и двата подразбираат процес на дестилација.

Иван, Греам и Милица почнале да дискутираат околу тоа каков вкус би сакале да има нивниот џин, подолго време барале соодветни тревки низ Македонија, и на крајот решиле дека на дивата смрека ќе ѝ додадат планински чај, што му дава извесна блажина на џинот, односно ја сузбива неговата вообичаена острина на вкусот. Правеле мноштво проби, со различни комбинации, направиле доста дегустации, интерно со пријатели и познаници, љубители на џин. Пополека го формирале вкусот по којшто трагале, добивајќи попатно и фидбек од луѓето, што им се допаѓа, што не, што преферираат повеќе мажите, а што жените…за на крајот да дојдат до изборот на состојките што ги спомнавме погоре во текстот.

Да се задржи ексклузивноста

Smidgin London Dry на дестилеријата Смидџин веќе почна да добива и меѓународни признанија. Избран е за најдобар џин во Европа на престижниот натпревар Gin Guide Awards во 2022 година, а се закити со уште неколку признанија за својот квалитет и оригиналност.
 

Смидџин почна да се продава во декември 2021, во одредени специјализирани продавници за алкохол, подобро снабдени тобако трафики и преку одбрани хотели и барови, како и онлајн преку нивната веб страница. Нешто подоцна пуштени се количини и во фришоповите на аеродромите во Скопје и Охрид.

Плановите засега се Смидџин да не се продава во големите супермаркети, затоа што, прво, во моментов дестилеријата не може да произведе толку големи количини како брендовите познати по своето масовно индустриско производство, таа е сепак т.н. крафт дестилерија, а второ, бизнис партнерите сакаат да ја задржат своевидната ексклузивност на џинот, како рачно направен производ, којшто е позициониран и малку повисоко во ценовниот сегмент и наменет за вистинските љубители на овој жесток пијалак.

Последнава година Смидџин се извезува и сѐ повеќе, па така во моментов околу половина од производството се пласира во САД, Италија, Малта, Швајцарија, Германија, Србија и Црна Гора, а во подготовка се и уште три нови пазари за извоз, вклучително и Обединетите арапски емирати, каде што последниве години живее Скендеровски и каде што е една од канцелариите на компанијата за консултантски услуги во телекомуникацискиот сектор што ја основале со Греам Лоутер пред 13 години.

Освен класичниот Смидџин, дестилеријата понуди и Velvet Smidgin, односно виолетово обоен, со природна боја, добиена од еден вид тајландски чај.

„Овој џин ние си го викаме магичен, затоа што ако го измешате со тоник, тој ја менува бојата. Има нешто поизразена овошна нота од класичниот, а го имаме и третиот наш производ, Orient Smidgin, којшто е повеќе зачинет, има нота на кардамон, посилен е и има нешто поразлични тревки од класичниот, иако повторно главни се смреката и планинскиот чај“, ни објаснува технологот Милица Плетварски.

Најново – џин зреен во буре од шардоне

Светот на џинот е многу разнолик и секогаш има нешто што може да ве инспирира, велат нашите соговорници од Смидџин. Всушност од самиот почеток на Смидџин иновацијата и новитетите се составен дел на нивната мисија, велат тие,  и доследно ја следат целта која си ја задале – магичниот свет на џинот да го  доближат до нивните консументи во целост и на најдобар начин. 

Па така, џинот зреен во буре, како што е XO, е дел од тој свет и претставува една мала, но многу ценета категорија на џин. Она што е најново од Смидџин е специјална limited серија на џин, зреен во буриња од вино шардоне.

„ Нема да биде случајно и доколку слушнете дека овој тип на џинови ги нарекуваат ‘botanical whiskey’. Инаку идејата за ХО е од Греам,  кој е вистински вљубеник и познавач на џинот како пијалак.“, вели Милица Плетварски.

Смидџин доби големо признание за својот квалитет, кога од Британската амбасада во Скопје беше одобрено тој да се служи на свечениот коктел и сите придружни настани по повод Платиниум  јубилејот  на кралицата Елизабета Втора – 70 години од нејзиното крунисување – одбележан во првата половина од 2022 година.

Како и за другите, така и за овој џин Милица, Иван и Греам почнале со дегустации. Најпрвин направиле неколку дегустации со ваков тип на џин. Откако добиле визија и идеја за тоа каков џин сакаат да добијат, пристапиле кон избор на бурето. Изборот паднал на барик бочва, средно печена во која што претходно е зреено вино шардоне. Имено, како што ни објасни Милица, при одлежувањето на дестилатите секогаш е подобро да се користи буре во кое претходно одлежало некое вино. Потоа следело будно мониторирање  на процесот и неделни дегустации за да се прати развојот на џинот.

„Па така, после 200 дена и бројни дегустации и проби,  добивме вкус кој што беше многу близу до она што го имавме замислено на самиот почеток. Или да бидам попрецизна она што го добивме како комплекс на ароми и вкусови е многу повеќе од што очекував. Нашиот Смидџин London Dry во комбинација со аромите од бурето излезе дека е како што велат, ‘match made in haven’. Неверојатно богат и комплексен пијалак, кој на единствен начин успеа да ги спои аромите на смреката, планинскиот чај и цитрусите со топлите ноти на чоколадо, крем бруле, ванила. Извонредно богат вкус кој останува долго да трае.“

А, за тоа како потрошувачите го прифатија овој најнов продукт на Смидџин, доволен е податокот дека целата лимитирана количина од 500 шишиња се распродала за помалку од еден месец.

Како џинот од разблажувач на лекот против маларија станал светски популарен пијалак?

Инаку, како што ни објаснуваат нашите соговорници од Смидџин, џинот иницијално потекнува од Холандија, а потоа светска популарност добива преку холандските и англиските колонии, каде што почнале да го додаваат во тоникот кој што содржи кинин, состојка што се користи за борба против маларија, и му дава карактеристичен горчлив вкус на тоникот. Тој првобитен тоник, не овој денес што го знаеме сите, бил толку невкусен, што морале да го разблажуваат со џин. Некаде во првата половина на 18 век, џинот станал толку популарен пијалак, особено во Англија, што постоеле безброј дестилерии што го произведуваат, бил евтин и се консумирал масовно. Толку многу се произведувал, што легално, што на диво, па имало и многу случаи на алкохолни труења. Хистеријата околу џинот, позната и како Gin Craze во англиската историја, толку била голема, што властите морале да воведат такси на производството, за да не се консумира толку многу. Подоцна, џинот добива на популарност и во други држави, најпопуларен е како комбинација со тоник, но и во други коктели, а земји каде што најмногу се пие џин по глава на жител се Шпанија, Белгија, Холандија, В. Британија и Ирска.

свет2 дена ago

Време ли е за продавање на акциите од Apple?

банки3 дена ago

Потрошувачки кредит на УНИБанка АД Скопје со одлична понуда за рефинансирање и бонус од 1.000 денари при онлајн аплицирање

македонија3 дена ago

„Алкалоид“ АД Скопје со историско достигнување во третманот на рефлуксен езофагитис и ГЕРБ – патентиран првиот Омепразол во течна форма во светот

технологии / компании6 дена ago

Кои се главните предности на генеративната вештачка интелигенција

менаџмент / маркетинг6 дена ago

Кој ќе господари со бизнисот во ниската земјина орбита: Една вселенска станица ќе се пензионира, многу нови ќе се појават

регион6 дена ago

Доаѓаат супер-богати купци на недвижнини од цел свет, сплитска агенција ќе им биде ексклузивен партнер

интервју6 дена ago

Фабрис Перушко: Кога се нафатив да го водам стечајот на Агрокор многумина ми изразуваа сочувство

интервју6 дена ago

Стефан Таневски: УАКС обезбедува сличен, ако не и ист, калибар на образование како и најдобро оценетите меѓународни бизнис школи

економија6 дена ago

Движењата на стоковите берзи обратни од оние на финансиските пазари

економија6 дена ago

Како работеа домашните инвестициски фондови: Зголемување и на вредноста и на приносите

економија6 дена ago

Како работеа домашните инвестициски фондови: Зголемување и на вредноста и на приносите

интервју6 дена ago

Стефан Таневски: УАКС обезбедува сличен, ако не и ист, калибар на образование како и најдобро оценетите меѓународни бизнис школи

банки1 недела ago

Комерцијална банка како „Зелен поборник“ ќе пошумува и ќе едуцира

свет6 дена ago

Пустината под вода

регион6 дена ago

Доаѓаат супер-богати купци на недвижнини од цел свет, сплитска агенција ќе им биде ексклузивен партнер

интервју6 дена ago

Фабрис Перушко: Кога се нафатив да го водам стечајот на Агрокор многумина ми изразуваа сочувство

економија6 дена ago

Движењата на стоковите берзи обратни од оние на финансиските пазари

технологии / компании6 дена ago

Кои се главните предности на генеративната вештачка интелигенција

менаџмент / маркетинг6 дена ago

Кој ќе господари со бизнисот во ниската земјина орбита: Една вселенска станица ќе се пензионира, многу нови ќе се појават

свет2 дена ago

Време ли е за продавање на акциите од Apple?