македонија
Од утре полициски час од 20 до 05ч; нема да работат барови, кафеани, фитнес клубови и сл.; забрана за секакво групирање

Заев, Филипче, Хасани и Караџовски: Да им помогнеме на здравствените работници да спасуваат животи, се справуваме со сериозен бран на КОВИД-19 за кој заедно треба да покажеме одговорност.
Премиерот Зоран Заев на прес-конференција информираше за актуелната состојба со пандемијата со КОВИД-19 во земјата и информираше за неопходноста на дополнителните рестриктивни мерки во насока на спречувањето на ширењето на коронавирусот со единствена цел заштитата на јавното здравје и заштита на сите граѓани.
На прес-конференцијата која премиерот Заев ја одржа заедно со министерот за здравство Венко Филипче, заменик-министерот за здравство Илир Хасани и претседателот на Комисијата за заразни болести, прим. д-р Жарко Караџовски, истакна дека најновите тенденции јасно покажуваат дека британскиот сој на коронавирусот во земјата зема се поголем замав и од овој вид заразувањето е многу полесно и многу побрзо – и најчесто резултира со исклучително тешки последици по човековото здравје и ова е моментот кога е потребно да пресретнеме нови, сериозни влошувања на здравјето на граѓаните и на функционалноста на здравствениот кадар.
„Почитувани граѓани, овие две недели бидете дома со своите најблиски, колку можете повеќе!
– Задолжително да носите маски; задолжително да одржувате растојание во физичките контакти;
не се групирајте и не организирајте никакви прослави. Ова е моментот кога треба да се исправиме најсериозно и најодговорно и да се заштитиме и себеси и нашите најблиски.“, апелираше Заев.
Во продолжение е комплетниот список на новите рестриктивни мерки што почнуваат да важат од утре.
–Прво, забрана и посебен режим на движење на граѓаните на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 20:00 часот до 05:00 часот наредниот ден, почнувајќи од 6 април 2021 година, (вторник) до 20 април 2021 година (вторник).
– Второ, на граѓаните, кои извршиле имунизација/вакцинација во центрите за вакцини, за временскиот период непосредно пред започнувањето на забраната и посебниот режим на движење, им се дозволува враќање до своите живеалишта, престојувалишта, врз основа на потврда за извршена вакцинација.
– Трето, целосна забрана за посетители, гости, во сите угостителски објекти, кафетерии, ресторани, барови, клубови и други објекти, кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, како и во угостителските објекти, дел за исхрана во угостителските објекти за сместување, хотели, мотели, хостел, пансион и други објекти за сместување или на бензиски станици. А, оние угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативни начини: онлајн или телефонски нарачки и слично. И, сите заедно, да вршат достава или да овозможуваат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект преку штанд/пулт, почнувајќи од 7 април 2021 година (среда) до 20 април 2021 година (вторник).
Исклучок од ова се, угостителските објекти на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителските објекти, деловите за исхрана во угостителски објекти за сместување, хотел, мотел, хостел, пансион и други објекти за сместување, за посета од лица сместени во овие објекти.
-Четврто, целосна забрана за посетители и гости во сите обложувалници, односно приемот на посетителите и работата на обложувалниците да биде овозможена исклучиво преку вршење на шалтерска услуга, шалтер, штанд, пулт. Односно, угостителскиот објект, дел во обложувалниците, како и во казината, да биде затворен за посетители почнувајќи од 7 април 2021 година (среда) до 20 април 2021 година (вторник).
-Следно, целосна забрана за посетители и гости во сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, почнувајќи од 6 април 2021 година (вторник) до 20 април 2021 година (вторник).
-Се забранува организирање, одржување и присуство, учество на секаков вид на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков вид почнувајќи од 6 април 2021 година (вторник) до 20 април 2021 година (вторник).
– На земјоделците им се овозможува движење врз основа на дозволите од подрачните единици и општинските кризни штабови до пазарите и назад од пазарите, до нивите и слично. Мерка која што беше овозможена пролетта.
Следно, за време на забраната и посебниот режим на движење на територијата на Република Северна Македонија сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и што имаат домашни миленичиња (куче) да може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во времетраење од еден час, почнувајќи од 22:00 часот до 23:00, најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат.
Останува на сила, строгата забрана за групирање на повеќе од четворица граѓани.