интервју
Оливија Георгиевска: Секој ученик со IB DP диплома има подобра перспектива
Оливија Георгиевска, координаторка за IB DP во Американската Гимназија Скопје

„IB DP во светски рамки е во моментов една од највисоко рангираните програми, прифатена насекаде, и поради тоа секој ученик со IB DP Диплома има поинаква перспектива. Универзитетите ширум светот поинаку гледаат на ученикот – едноставно се свесни дека стекнатото знаење е најмалку на ниво на првата или втората година на факултетската програма. На многу универзитети не бараат воопшто полагање тестови за познавање англиски јазик, им доделуваат почетни кредити на учениците и исто така, обезбедуваат разни поволности во поглед на стипендии.“

Разговаравме со Оливија Георгиевска од Американската Гимназија Скопје, координаторка за програмата за Меѓународна матура – IB DP, околу предностите што таа ги нуди за учениците и за кого се’ е достапна.
Оливија, вие сте координаторка за IB DP во Американската Гимназија Скопје. Кажете ни нешто повеќе за програмата и по што таа се издвојува од класичната настава за средно образование?
За Меѓународната матура, или во оригинал IB, може да се каже дека се состои вкупно од четири програми за различна возраст и образование. Ние одбравме една од нив – DP – Диплома програма, која се следи во трета и во четврта година од гимназиското образование. IB DP е образовна програма која е во подем низ целиот свет – пристапот до информациите и новата филозофија на изучување на материјалот ја поставуваат на високи позиции.
Главното јадро се три предмети – Теорија на знаење, која е буквално филозофијата на образованието и која се прелева и се вмрежува во сите останати предмети кои ги изучуваат учениците, потоа Проектна есејска задача, преку која се совладуваат вештините на писменоста и оригиналното пишување, како и Креативност, активност и волонтирање, што од учениците бара да покажат инволвираност во општеството, како круна на ангажманот на еден ученик и негово сплотување со сите општествени текови. IB најмногу ги поддржува вештините стекнати со директна работа – без оглед дали еден ученик ќе биде волонтер, креативен или ќе се ангажира во проекти. Едноставно кажано – сувопарно познавање на материјата во 21-ви век е недоволно, па така, искуствата стекнати во работата се нештата што го даваат богатството и содржината на знаењето.
Покрај овие предмети, програмата вклучува и други групи предмети од кои се одбира по еден предмет, за разлика од нашата државна програма во која се изучуваат околу 13 предмети од најразлични области. Со самото тоа што ученикот се фокусира на еден предмет и го изучува или на стандардно или на високо ниво – стекнатото образование во таа област и сите вештини што се учат го даваат максимумот што еден ученик може да го совлада во гимназијата. Во тоа е и главната разлика – место 13 предмети се изучуваат 6, а тие секако се меѓусебно поврзани преку филозофијата на спознавањето на светот.
Какви предности нуди IB DP и како тие се одразуваат во понатамошното образование на учениците?
Предностите на IB, барем во нашата гимназија, се повеќе. Наставата се изведува во исклучително мала група на ученици со кои може да се работи со максимална посветеност од страна на професорите. Тие ги знаат сите слабости и сите силни страни на учениците, и можат вистински да им помогнат, во сегментите каде што најмногу им треба. Воедно, професорите во овој процес на образование не се само предавачи и едукатори, туку се во вистинска смисла на зборот ментори – одат рака под рака во процесот на созревање и учење на ученикот и така заеднички ги пресретнуваат глобалните текови.
Освен тоа, IB DP во светски рамки е во моментов една од највисоко рангираните програми, прифатена насекаде, и поради тоа секој ученик со IB DP Диплома има поинаква перспектива. Универзитетите ширум светот поинаку гледаат на ученикот – едноставно се свесни дека стекнатото знаење е најмалку на ниво на првата или втората година на факултетската програма. На многу универзитети не бараат воопшто полагање тестови за познавање англиски јазик, им доделуваат почетни кредити на учениците и исто така, обезбедуваат разни поволности во поглед на стипендии.
За кого е достапна оваа програма и кои услови треба да ги исполнуваат учениците за да се запишат во IB DP во Американската Гимназија Скопје?
Оваа програма е достапна за сите амбициозни, љубопитни и креативни ученици кои имаат одличен успех во прва и втора година од гимназиското образование. Исто така, за да се посетува IB DP програмата, потребно е одлично познавање на англискиот јазик (пишано и усно). Велам најпрво амбициозни и вредни – IB бара континуирана работа, не кампањска, затоа што е ригорозна програма која подлежи на меѓународна проверка на знаењето која следи по завршувањето на гимназијата. Односно, учениците полагаат тестови кои се проверуваат надвор од Македонија.
Токму поради објективниот начин на оценување и надворешната евалуација, најрелевантно се прикажува на кое ниво стасал ученикот – дали ги совладал основните или и повисоките слоеви на познавањето на природата и општеството на нашиот свет. Уписите во IB DP паралелката во Американската Гимназија Скопје се почнати, така што сите средношколци се добредојдени!