економија
Основната каматна стапка највисока од 2010 наваму, периодот на евтини кредити завршува
Инфлацијата никако да забави

Инфлацијата тешко се држи под контрола и најновото покачување на референтната каматна стапка на 4,25% од страна на Народната банка значи посилно стегање на монетарната политика, односно намалување на паричната маса во оптек, со цел да се намали трошењето. Ова зголемување на основната каматна стапка е седмо по ред од април годинава и е најголемо досега, за 0,75 процентни поени. Неминовно ќе следи и покачување на каматните стапки кај деловните банки, односно поскапување на кредитите, она што најмногу ги засега граѓаните и компаниите.
Најновата одлука на Народната банка да ја зголеми каматната стапка на благајничките записи (или основната каматна стапка) за 0,75 процентни поени до нивото од 4,25% е дефинитивно знак дека „ѓаволот ја однел шегата“ и дека борбата против високата инфлација преминува во нова, порадикална фаза.
Годишната стапка на инфлација во октомври достигна 19,8%. Забрзувањето во целост се должи на порастот на цените на одредени типови прехранбени производи на домашниот пазар, коментираат монетарните власти. Со тоа, просечната годишна инфлација во периодот јануари – октомври 2022 година изнесува 13,2%, од кои и натаму три четвртини се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата.
Зголемувањето на основната каматна стапки значи посилно стегање на монетарната политика, односно намалување на паричната маса во оптек, со цел да се намали трошењето. Ова зголемување на основната каматна стапка е седмо по ред од април годинава и е најголемо досега – прво, каматната стапка од 1,25% се зголеми на 1,50%, па на 1,75%, на 2,00%, по што следеше поголем пораст од 0,5 п.п. на 2,50%, па на 3,00%, на 3,50%, за сега да има покачување од цели 0,75 п.п. на актуелните 4,25%.
Со оваа најнова промена, неминовно ќе следи и покачување на каматните стапки кај деловните банки, односно поскапување на кредитите, она што најмногу ги засега граѓаните и компаниите. Банкари со коишто разговаравме деновиве ни рекоа дека ова е разбирлива и очекувана одлука на монетарните власти, затоа што мора да се дестимулира трошењето, со цел да се заузди растот на цените.
„Моменталните просечни вкупни каматни стапки кај кредитите (денарски и девизни) се околу 4,3%, а на депозитите околу 0,7%. Емитување благајнички записи со камата од 4,25% значи дека на банките им е поисплатливо да ги купуваат тие записи, одошто да одобруваат кредити со практично иста каматна стапка. Кредитите неизбежно ќе поскапат, за жал тоа ќе се одрази врз стандардот на населението и работењето на фирмите, но борбата е сега, како и во другите земји од Европа и пошироко, меѓу двете зла: дали да се остави инфлацијата да избега од контрола, или да се загрози економскиот раст со монетарното затегнување“, коментираше неофицијално еден банкар за Капитал.
Месечната рата за кредит повисока и за 10%

И EURIBOR, која е референтна каматна стапка за кредити во евра бележи зголемување за речиси три процентни поени оваа година, каде од негативна вредност од -0,5% со почетокот на оваа година, достигна до ниво 2,3% кон средината на овој месец. Како резултат на овие промени, следствено ќе се зголемат каматните стапки на ново исплатените продукти, но и на кредитите со варијабилна каматна стапка, кај кои клиентите ќе имаат зголемување на месечните ануитети.
„Па така, на пример, кај инвестициски бизнис кредит, исплатен на почетокот на оваа година, на износ од 300,000 евра со рок од 10 години износот на месечна рата за компанијата бил 3,000 евра до сега. Со моменталното ниво на каматна стапка новата рата ќе изнесува 3,300 евра.“, објасни членот на Управниот одбор на ПроКредит Банка Македонија, Милан Дамчевски во интервјуто за Капитал што го објавуваме во овој број.
Зголемувањето на каматните стапки и поскапувањето на кредитите во македонскиот банкарски сектор е само делумно рефлектирано оваа година, додава Дамчевски, а поголем скок на каматите ќе има со почетокот на 2023 година, со оглед на тоа што динамиката на зголемување на референтните каматни стапки значително се забрза во втората половина на годината.
„Фактот што инфлацијата како во земјата, така и во светот се’ уште не е ставена под контрола, укажува на тоа дека голема е веројатноста каматните стапки да продолжат да растат и во 2023 година, а со тоа, можам да констатирам дека долгогодишниот период и циклус на ниски каматни стапки како на светско ниво, така и во земјава е веќе завршен.“, заклучува нашиот соговорник.
Над 4% каматна стапка последен пат сме имале пред 12 години
Ниво на основната камата од над 4,00 проценти сме имале последен пат во економијава во 2010 година, после што од почетокот на 2011 каматната стапка се намалила на 4,00% и на тоа ниво се задржала некаде до средината на 2012. Во периодот што следел се намалила до 3,25%, по што во средината на 2016 повторно се зголемила на 4,00%. Кон крајот на истата година била намалена на 3,75%, за потоа следните неколку години да се спушта постепено до 1,25%, што е историски најниската вредност, постигната во март 2021 година. Но, откако инфлацијата почна да покажува се’ повисоки вредности кон крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, Народната банка од пролетва наваму почна да ја зголемува каматната стапка.
„Промените во поставеноста на политиката на Народната банка се реакција на зголемените ценовни притисоци. Инфлацијата во последните месеци забрза, за што растот на цените на храната има најголем и растечки придонес. Тоа го нагласува влијанието на увезените ценовни притисоци од храната и енергијата врз домашната инфлација, врз коишто монетарната политика нема директно влијание.
Сепак, имајќи ги предвид преносните ефекти и подигнувањето на инфлациските очекувања, овие поместувања во инфлацијата наметнуваат потреба од монетарна реакција. Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото, при одлучувањето влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка. “, изјавија од Народната банка по повод најновата одлука за затегнување на монетарната политика.

Инфлацијата во ЕУ и кај нас не е иста
Гувернерката Анита Ангеловска –Бежоска во интервју за МРТВ деновиве рече дека иако ова не е класичен шок од страна на побарувачката, инфлациските притисоци траат подолго време, подисперзирани се, влијаат на инфлациските очекувања и оттаму централните банки мора да реагираат.
„Нашата реакција започна уште минатата година, преку користење на повеќе различни инструменти, а пред се преку интервенција на девизниот пазар со којшто оптимално се регулираше ликвидноста којашто е во оптек. Оваа година продолживме со интервенции со каматната стапка, меѓутоа не само основната каматна стапка, се зголеми и каматната стапка на кредити преку ноќ, депозити преку ноќ, седумдневни депозити.
Понатаму, реагиравме и со задолжителната резерва, веќе во четири наврати, а преземавме и други мерки коишто се во насока на постепено затегнување на монетарната политика, како на пример, воведувањето на противцикличен заштитен слој.” истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Ангеловска-Бежоска посочува и дека има позначајна разлика помеѓу инфлацијата кај нас и просечната инфлација во ЕУ и причините за тоа се неколкукратни.
Прво, има голема разлика во степенот на отвореност и увозна зависност на европската економија и нашата економија, трговската отвореност кај нас изнесува 140% од БДП, а во ЕУ околу 70%. Колку е поголема увозната зависност толку економијата е поранлива на надворешни шокови. Особено висока е увозната зависност кај енергентите, но и ние трошиме повеќе енергија за производство на единица БДП од ЕУ.
Значаен фактор е и структурата на потрошувачката кошничка, имено, кај нас на храната и енергијата отпаѓа околу 50-тина проценти од потрошувачката кошничка, додека во ЕУ е само 30%, а шокот е токму во тие сегменти. Дополнително, значајна улога има и видот на мерките коишто се преземаат од страна на носителите на политиките, но и степенот на конкуренцијата во домашната економија.

Стимулирање на штедењето, наместо на трошењето
Дека монетарните власти имаат намера да притиснат врз потрошувачката да се намали, а да го стимулираат штедењето се гледа и во мерките, како и во наративот што го слушаме периодов оттаму.
На својата последна седница Советот на Народната банка донесе одлука за промена на стапките на задолжителна резерва на банките, заради натамошно стимулирање на штедењето во домашна валута. Измената на овој инструмент, којашто е четврта по ред оваа година, опфаќа зголемување на стапката на задолжителна резерва на банките за обврските во странска валута од 18% на 19%. Зголемен е и делот од задолжителната резерва во странска валута којшто банките го исполнуваат во евра, од 75% на 77%, со што се зајакнува ефектот од промената во овој инструмент. Се очекува дека со мерката ќе се засилат започнатите промени во каматната политика на банките и дека банките ќе понудат поповолни камати за сите категории денарски депозити, придонесувајќи за посилен раст на штедењето во домашна валута. Истовремено, со оваа промена би се придонесло за оптимално управување со ликвидноста.
Инаку, досега годинава актуелен беше трендот на раст на кредитната поддршка, како и на депозитите. Најновите податоци покажуваат годишен раст од 4,3% на вкупните депозити и од 10,1% на вкупната кредитна поддршка во октомври 2022 година.
На годишна основа, вкупните депозити бележат раст од 4,3%, во поголем дел како резултат на растот на депозитите на домаќинствата. На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 10,1%, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Гувернерката истакна дека од почетокот на годинава штедните влогови на граѓаните се зголемени за 130 милиони евра.
“Се забележува и зголемување на каматите на денарските депозити. Довербата во домашната валута се задржа, за што се доказ и операциите на централната банка на девизниот пазар, односно од јули наваму се откупуваат девизи, рече гувернерката Ангеловска-Бежоска во интервјуто за МРТВ.
„Кога започна војната во Украина, депозитите се намалија на месечна основа на 1,8%, меѓутоа потоа без прекини се остварува раст на депозитите на населението. Според последните бројки годишниот раст е некаде околу 5,3%, а вкупно од почетокот на годината депозитите пораснаа за 130 милиони евра“, истакна гувернерката.
Таа посочи и дека се забележува и раст на каматните стапки кај денарските депозити. За ова придонесуваат мерките коишто ги презема Народната банка со нормализирање на монетарната политика, но и мерките за поттикнување на денаризацијата.
„Повидливи се промените кај каматните стапки на депозитите, и тоа кај депозитите во денари, затоа што дел од нашите мерки беа насочени токму кон поттикнување на штедењето, особено денарското“, вели гувернерката.