македонија
Отворена најмодерна фабрика за концентрати за хемодијализа
„Алкалоид“ со нова инвестиција од 1,8 милиони евра

Во изминативе 15 години „Алкалоид“ има инвестирано близу 200 милиони евра, алоцирани во производствени капацитети, лаборатории, во истражување и развој, нови технологии и во континуирана едукација на вработените, а таквиот тренд се задржа и во изминативе години во кризни услови.
„Алкалоид“ пушти во погон нова инвестиција, вредна 1,8 милиони евра. Новата фабрика за производство на концентрати за хемодијализа, со потребните магацински простории за суровини, амбалажа и за готови производи, зафаќа површина од 2.600 м2. Изведена е во согласност со строгите стандарди за добра производствена пракса, со законските прописи за производство на медицински средства и со директивите на системот за обезбедување квалитет.
Следењето на најновите трендови во индустријата и во производството на ценовно достапни, квалитетни, ефикасни и безбедни производи, кај кои заштитниот знак на „Алкалоид“ АД е синоним за високото ниво на квалитет и на сигурност, е принцип кој е цврсто втемелен во корпоративната политика на компанијата, велат од компанијата. Во изминативе 15 години „Алкалоид“ има инвестирано близу 200 милиони евра, алоцирани во производствени капацитети, лаборатории, во истражување и развој, нови технологии и во континуирана едукација на вработените, а таквиот тренд се задржа и во изминативе години во кризни услови.
„’Алкалоид’ денес пласира над 65 % од својот асортиман во околу 40 земји во светот, а светските трендови во фармацијата, хемијата, фитотерапијата и козметологијата се имплементирани во нашите секојдневни операции. Растворите за хемодијализа се присутни во медицинското портфолио на компанијата од 1990 година, а денес, три децении подоцна, пуштаме во употреба најсовремени производствени капацитети за овој тип на производи, чии производни волумени од близу 15 милиони литри годишно ќе можат да ги опслужат барањата на пазарите во регионот и пошироко“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

Полнење и пакување со посебна роботизирана линија
Новите производствени капацитети се составени од 3 целини: подготовка на концентрати за хемодијализа, производство на прочистена вода и пакување на растворите. Процесната опрема, која е составена од три реактори со мешалки и од подготвителен сад, е со вкупен волумен од 25.000 литри и е изведена за да ги задоволи сите потреби за најсовремено и за целосно автоматизирано производство. Автоматизацијата на процесите овозможува брзо, прецизно и доверливо работење. Полнењето и пакувањето на подготвените концентрати за хемодијализа се вршат со посебна роботизирана линија со капацитет од 7.500 литри на час. Снабдувањето со електрична енергија за овој производствен капацитет во голем дел се одвива преку сопствени обновливи извори за производство на електрична енергија.
Одделот за хемија, како дел од компанијата „Алкалоид“, е основан во 1957 година. На почетокот на 90-тите години во овој оддел започнува производството на раствори за хемодијализа, со сопствен развој и со сопствена контрола на квалитетот. Првично се произведуваат раствори за ацетатна дијализа, а подоцна се преминува и кон раствори за бикарбонатна дијализа, сѐ до денешната палета на производи, која опфаќа концентрирани раствори со различни разредувања, суви бикарбонатни полнења и цврсто-течни сетови соодветни за апаратите за хемодијализа на реномираните светски производители.
Во 2010 година растворите за хемодијализа на „Алкалоид“ го добија сертификатот ЦЕ за сообразност со европската директива за медицински помагала.
Уште еден успешен квартал
Инаку, Алкалоид заокружи уште еден успешен квартал во своето работење, односно ја зголеми продажбата за 11% и добивката за 4% во периодот јануари – март 2022, како што се гледа од финансискиот извештај доставен до Македонската берза.
Компанијата има приходи од продажба од речиси 2,7 милијарди денари (43,8 милиони евра), според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2022 година, покажува финансискиот извештај. Тоа е за 12% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 3,62 милијарди денари (речиси 59 милиони евра), што е за 11 % повеќе во споредба со првиот квартал лани.
Оперативната добивка на компанијата според единечниот биланс изнесува 329 милиони денари (5,35 милиони евра) и е поголема за 5%, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 298 милиони денари (4,85 милиони евра) и е зголемена за 5 % исто така.
Консолидираната оперативна добивка достигнала 423 милиони денари (6,87 милиони евра) и бележи раст од 5 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 361,4 милиони денари (5,87 милиони евра) е зголемена за 4 %.
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 9 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 %. Од вкупните консолидирани продажби 33 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 67 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 23 %, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 9 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 146 %), Полска (раст од 114 %), Романија (раст од 102 %), Бугарија (раст од 69 %), САД (раст од 51 %), Албанија (раст од 24 %), Црна Гора (раст од 15 %), Косово (раст од 11 %), БиХ (раст од 8 %), Србија (раст од 7 %) итн.