македонија
Отсега граѓаните и сами ќе можат да тргуваат на странски берзи – без посредништво на домашните банки

Македонските граѓани освен во странска банка, за потребите на трансакции со хартии во вредност од странство ќе може да отворат сметка и кај странски брокерски куќи, кај платежни институции или институции за електронски пари во странство заради комерцијални цели, но и за тргување со хартии од вредност ако истовремено се и овластени учесници на странска берза.
Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше усвоена Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство. Со донесените измени и дополнувања се прошируваат можностите за отворање и имање сметка во странство од страна на резидентите за потребите на трансакции со хартии од вредност во странство. Поконкретно, со предложените измени и дополнувања, покрај во странска банка, резидентите можат да имаат сметка и:
– Кај овластен учесник на странска берза или на организиран пазар на хартии од вредност;
– Кај платежни институции или институции за електронски пари во странство заради комерцијални цели, но и за тргување со хартии од вредност ако истовремено се и овластени учесници на странска берза или на организиран пазар на хартии од вредност.
Во моментов, македонските физички и правни лица можат да тргуваат со акции и други финансиски инструменти на странски берзи само преку посредништво на три домашни банки, односно брокерските оддели на НЛБ, Шпаркасе Македонија и Комерцијална банка. Можноста на македонските граѓани да тргуваат на странски берзи беше дадена со промени во регулативата за девизно работење, коишто стапија на сила од средината на 2019 година. Минатата, 2020 година, македонските граѓани направиле промет од околу 57милиони евра на странските берзи, додека на Македонската берза прометот по сите основи изнесуваше 133 милиони евра, а само со во класично тргување со акции и обврзници 97 милиони евра.
Советот на Народната банка ја усвои изменетата и дополнета Одлука за доставување и објавување податоци за извршените активности во платниот промет. Имено, со оваа одлука, Народната банка го проширува сетот податоци од доменот на платежната статистика што и досега се прибираа и коишто се во значителна мера усогласени со стандардите и барањата на платежната статистика на Европската централна банка и Банката за меѓународни порамнувања.
Со цел обезбедување подетални податоци за развојот на дигитализацијата на банкарскиот сектор во земјата, Народната банка ќе започне со прибирање годишни податоци поврзани со дигиталната трансформација на платежните услуги и финансиската вклученост на населението во користењето на дигиталните канали за извршување плаќања. Прибирањето податоци од оваа сфера ќе ја зајакне информативната основа за формулирање на политиките за развој на платежните услуги и платните системи во рамките на Народната банка, за дефинирање стратегиски насоки за развој на националниот платен систем во рамките на надлежностите на Националниот совет за платни системи, како и пошироко, за сите засегнати страни во целокупниот финансиски систем во земјата преку зголемување на нивото на транспарентност со објавувањето на овие податоци.
Најголемиот дел од новите податоци ќе бидат објавени на интернет-страницата на Народната банка на годишна основа, со што ќе се придонесе за зголемување на транспарентноста во однос на степенот на дигитализацијата во платежната сфера на нашата земја.