свет
Паниката на Волстрит збриша 1.000 милијарди долари кај технолошките компании за три дена

Најголемите светски технолошки компании загубија повеќе од 1.000 милијарди долари пазарна вредност за само три денови на тргување на американските берзи. Главните американски берзански индекси Dow Jones, S&P 500 и NASDAQ забележаа пад откако Федералните резерви пред десетина дена објавија зголемување на основната каматна стапка, но технолошкиот сектор особено беше погоден. NASDAQ Composite, индексот на технолошките компании, е за речиси 30% паднат во однос на историски највисоката вредност, од ноември 2021 година. Паничната распродажба на Волстрит предизвикана од неизвесноста околу инфлацијата, војната во Украина и кинеските локдауни си го стори своето.
Apple, компанијата со најголема пазарна капитализација на планетава, за само три дена тргување (5, 6 и 9 мај) загуби 220 милијарди долари вредност, додека Microsoft околу 189 милијарди долари. Падот на акциите збриша речиси 200 милијарди долари и од вредноста на Tesla, 173 милијарди на Amazon, 123 милијарди на Alphabet, компанијата мајка на Google, а Meta Platforms, под чија капа е Facebook, помина „најдобро“ помеѓу т.н. голема петорка на технолошки компании, со „само“ 70 милијарди долари загубена вредност.