македонија
Пет амбасадори на ЕУ земји дискутираа заедно со студентите на тема иднината на Европа – перспектива од земја кандидат
Панел на Универзитетот Американ Колеџ Скопје

Македонија има јасни перспективи како членка на Европската унија. Ветувањата кон земјите од Западен Балкан треба да се исполнат, бидејќи во спротивно, се разнишува кредибилитетот на Унијата, беше една од главните пораки на панел дискусијата на пет амбасадори на ЕУ земји во земјава, одржана на Универзитетот Американ Колеџ Скопје деновиве, на тема „Иднината на Европа – еден поглед од земја кандидат за членство во ЕУ“. Mожност за изразување на своите мислења добија и студентите на УАКС, кои отворија повеќе значајни теми за дискусија.Панелот беше дел од програмата организирана од страна на унгарското претседателство на Вишеградската група и УАКС со цел да се потенцира важноста од процесот на проширување и вклучување на граѓаните од земјите на Западен Балкан, посебно младите, во процесот на креирање на иднината на Европа.
Македонија несомнено заслужува да ги отпочне преговорите за членство во Европската унија, ветувањата кон земјите од Западен Балкан треба да се исполнат, бидејќи во спротивно, се разнишува кредибилитетот на Унијата. Ова беше една од пораките од панел дискусијата на пет амбасадори на ЕУ земји во земјава, одржана на Универзитетот Американ Колеџ Скопје деновиве, на тема „Иднината на Европа – еден поглед од земја кандидат за членство во ЕУ“.
На настанот зедоа учество амбасадорите од Вишеградската група – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, како и амбасадорот на Словенија, земјата актуелен претседавач со Унијата. Панелот е дел од големата паневропска иницијатива „Конференција за иднината на Европа“ во која за првпат можност за учество имаа и македонските граѓани, односно студентите од УАКС.
Дискусијата ја отвори унгарскиот амбасадор во земјава, Ласло Иштван Дукс, којшто истакна дека „Конференција за иднината на Европа“ била иницирана од владите на Франција и Германија со цел заеднички да се адресираат предизвиците пред коишто е исправена ЕУ.

„Принципот на овој процес е да се слушаат граѓаните, особено младите луѓе колку што е можно повеќе, околу тоа што очекуваат од европската соработка, кои се најважните проблеми за нив и како ЕУ може да помогне да се адресираат.“, рече Дукс.
Тој додаде дека неговата земја, Унгарија, заедно со останатите членки на Вишеградската група се силни поддржувач на политиката на проширување на ЕУ, и затоа тие уште на почетокот се залагале да се вклучат земјите кандидатки во „Конференцијата за иднината на Европа“, со оглед дека нивните граѓани еден ден исто така ќе бидат граѓани на ЕУ.
„Иако на крајот, земјите кандидатки не беа вклучени формално, веруваме дека е секако многу битно да се слушнат нивните идеи и ставови. Ова особено важи за младите луѓе, коишто како Европејци, и идни ЕУ граѓани , мора да имаат свој глас во овој процес. Земјите кандидатки имаат ветување од ЕУ дека штом ги исполнат критериумите, може да ѝ се приклучат на организацијата. Вишеградската група на земји смета дека ЕУ треба да го почитува ова ветување и да го одржи кредибилен процесот на проширување. Нашите земји ѝ се придружија на ЕУ во 2004 година, ние досега имавме голем бенефит од членството и убедени сме дека земјите од Западен Балкан би имале исто така. Земјите од Вишеградската група на сите форуми досега се залагале за старт на преговорите за членство со Република Северна Македонија, како и со Албанија, без понатамошни одлагања. Се надеваме дека одлука за ова се уште може да се донесе за време на претседателството на Словенија до крајот на оваа година. “, рече Н.Е., амбасадорот Дукс.
Реформите да се прават заради себе, а не заради ЕУ
Мирослав Томан, амбасадор на Чешка, подвлече дека Европската унија би била нецелосна без земјите од Западен Балкан. Во јули 2022 г. започнува чешкото претседателство со Унијата и тој искажа надеж дека и пред тоа ќе се најде начин за забрзување на процесите на проширување.
„Позициите на Чешката република, односно приоритетите за време на нашето претседателство со ЕУ догодина би ги сублимирал во пет главни точки: Европа интерконектирана – понатамошен развој на заедничкиот пазар, дигитализација, транспарентен даночен систем, европска правосудна соработка, развој на транспортна инфраструктура; Силна и безбедна Европа – продлабочена соработка со НАТО, европски иницијативи за истражување на вселената, сигурни граници, енергетска сигурност; Одржлива и здрава Европа – квалитет на здравје, храна, вода, одржлив економски развој; Европа паметна и креативна – едукација, развој на конкурентноста; развој на нови технологии во Европа“, објасни Н.Е., амбасадорот Томан.

Според Хенрик Маркуш, амбасадор на Словачка, нештата треба да се погледнат од поинаква перспектива и да се зборува не само за проширување, туку за интеграција, односно приемот на новите членки треба да подразбира нивна ефективна интеграција. Притоа, неопходните реформи треба да се направат пред се’ поради придобивките на самите земји кандидати, а не исклучиво со цел да се добие членство во ЕУ.
„Помогнете си прво себеси, за да ви помогне ЕУ“, беше пораката на амбасадорот Маркуш.
Амбасадорот на Полска, Војциех Тицињски, го поддржува македонското членство во Унијата без какви било услови и, од геополитички аспект, смета дека треба многу да се внимава да не се дозволи влијание во регионот на земји што не ги споделуваат демократските вредности на Унијата.
Милан Предан, амбасадор на Словенија, изнесе оптимизам за членството на земјата во ЕУ и покрај неповолните околности во овој период, особено фактот дека треба да биде избрана нова влада во Бугарија. Тој се надева дека ќе се постигне билатерален решение и дека ќе се надминат разликите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
„Словенечкото претседателство во втората половина од годинава беше прилично напорен процес, со оглед на неколкуте предизвици што ги имавме. Клучното прашање е како да се подготви ЕУ за следните кризи, затоа што гледаме дека изминативе неколку кризи, како мигрантската криза од 2015, потоа корона кризата, бевме прилично затекнати и недоволно подготвени. На пример, требаше да увезуваме заштитни маски и респиратори од земји надвор од ЕУ, затоа што производството во меѓувреме се преселило на други континенти. Мораме да мислиме на автономија во стратешките производства, да не бидеме зависни од трети земји. Мора да се постигнат компромиси меѓу Европскиот парламент, Европскиот совет и Европската комисија околу некои прашања, што е доста исцрпувачки и напорен процес.“, рече Н.Е., амбасадорот Предан.
Во моментот, смета тој, важно е фокусот да биде на реформите во земјава и нивната имплементација. Тој, исто така, ја истакна и важноста од квалитетното образование и враќањето на стручните кадри во земјата со цел за подобрување на општите услови на живеење.
Што ги мачи младите?
По амбасадорите, можност за изразување на своите мислења добија и студентите на УАКС, кои отворија повеќе значајни теми за дискусија. Меѓу другото, студентите разговараа со амбасадорите за можностите за квалитетно образование, за прашањето за миграцијата на младите, геополитичките предизвици доколку не се интегрираат земјите од Западен Балкан, реформите на европските институции, за авторитарните тенденции во Европа, како и за прашањето како да се надминат ситуациите на блокада од една земја-членка поради сегашниот принцип на консензус. Студентите имаа можност да добијат директни информации за темите што ги интересираат, а амбасадорите го слушнаа гласот на младите од Македонија и што значи за нив Унијата и членството во неа.

Очекувано, најинтересни теми за студентите беа нивните перспективи во контекст на приближувањето кон ЕУ, проблемите на невработеноста, одливот на кадри, и дали тој проблем ќе се влоши по евентуалното пристапување во Унијата, како што се случи на пример во Бугарија, Романија, итн.
Амбасадорите сметаат дека одливот на мозоци, или brain drain, не мора да значи дека ќе биде голем проблем и за земјава, во перспектива.
„Кога станувате членка на ЕУ, факт е дека се соочувате со првичен одлив на кадри, затоа што границите се отвораат, луѓето добиваат работни дозволи и сл. Некои луѓе и се враќаат дома по извесно време поминато во други земји, па потоа пак одат надвор, итн. Сега, на пример, оние што се во ЕУ на работа, а доаѓаат од земји што не се членки, се плашат да си дојдат дома, затоа што потоа има опасност да не можат пак назад, поради бирократски компликации и сл. Кога сите се членки на Унијата, флуктуацијата е многу полесна. Оние што сакаат да се иселат од државата, и сега наоѓаат начини за тоа, затоа мислам дека нема да има голема разлика“, смета унгарскиот амбасадор Ласло Дукс.
Словенечкиот амбасадор Милан Предан, се надоврза со мислењето дека влегувањето во ЕУ носи со себе економски придобивки