Connect with us

банки

Пет небанкарски компании веќе добиле дозвола за давање платежни услуги во Македонија и прекугранично

Се зголемува конкуренцијата во финансискиот бизнис

објавено

на

Во изминатиот период, поголем број субјекти се обратиле до Народната банка со цел да го почнат процесот за добивање дозвола за давање платежни услуги. Пет трговски друштва коишто даваат одредени видови платежни услуги (брз трансфер на пари или издавање кредитни картички), во согласност со претходната правна рамка, поднеле официјално барање со потребната документација во согласност со новата правна рамка и биле позитивно оценети.

Дигиталната технологија сѐ повеќе влијае врз финансиската индустрија. Модернизацијата на плаќањата е особено изразена и зема сѐ поголем замав и во нашата економија. Според податоците од платежната статистика за 2023 година на Народната банка, забележано е зголемување на безготовинските платежни трансакции од 16%, во споредба со 2022 година, односно 87 трансакции по глава на жител.

Според глобалната база на податоци „Финдекс“ на Светската банка, процентот на возрасни кои извршиле или примиле дигитални плаќања се зголемил од 44% во 2014 година на 64% во 2021 година.

Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на почетокот на Работилницата за новинари под наслов „Дигитализацијата на финансиските услуги и нивната примена во банкарскиот сектор“, којашто се одржа во Народната банка деновиве. Пред новинарите се обратија и Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Кристина Трпезаноска, заменик-претседавачка на Комисијата за информативна сигурност и членка на Комисијата за ризици при МБА и директорка на Одделот за управување со ризици при „Прокредит банка“ и Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во „Комерцијална банка“ АД Скопје.

Гувернерката посочи дека преку низа активности се поддржува примената на новите технологии во плаќањата, а дека од суштинско значење за ова е и стратегискиот пристап и носењето на Финтек-стратегијата за финансиските регулатори за периодот од 2023 до 2027 година, изработена од Народната банка, во соработка со претставници од регулаторните и надзорните институции во финансиската сфера.

Ангеловска-Бежоска во своето обраќање ја истакна важноста на регулативната рамка, но и иновациите во процесите на плаќање и широката примена на механизмите за електронско прифаќање на плаќањата, како значителна промена што води кон економија без готовина.

Во своето обраќање, гувернерката посочи дека покрај предностите, дигитализацијата носи и нови ризици, како кибернападите. Оттаму, од голема важност е да се подигне јавната свест за овие предизвици преку процесот на финансиска едукација, но и преку спроведувањето на европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност.

„Kибер-нападите бележат постојан раст, а стануваат и сѐ посложени и посилни. Се проценува дека на дневна основа има повеќе од 2200 напади, односно еден напад на секои 39 секунди. Финансиската индустрија традиционално е прва на листата по бројот на кибер-нападите.“

Првите небанкарски институции добија дозвола за давање платежни услуги

На Работилницата стана збор и за Законот за платежни услуги и платни системи, којшто води кон значајна пресвртница и со кој се овозможуваат нови решенија за дигиталните плаќања, коишто покрај банките и штедилниците, ќе ги развиваат и новите даватели на платежни услуги од финтек-секторот.

Народната банка ги издаде првите дозволи за платежни институции, во согласност со новата законска рамка, преку кои граѓаните ќе може да извршуваат плаќања во земјата и прекугранично, истакна директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски.

Тој посочи дека една од значајните придобивки на новата правна рамка во платежната сфера е отворањето на пазарот за влез на нови даватели на платежни услуги, односно покрај банките, платежни услуги може да даваат и штедилниците, а како нови учесници на пазарот може да се јават и платежните институции и институциите за електронски пари.

Новите институции треба да добијат дозвола за давање платежни услуги и/или издавање електронски пари од Народната банка, за што треба да исполнат соодветни услови коишто се јасно пропишани со новата правна рамка.

„Во изминатиот период, поголем број субјекти се обратија до Народната банка со цел да го почнат процесот за добивање дозвола за давање платежни услуги, при што пет трговски друштва коишто даваа одредени видови платежни услуги (брз трансфер на пари или издавање кредитни картички), во согласност со претходната правна рамка, поднесоа официјално барање со потребната документација во согласност со новата правна рамка и беа позитивно оценети.“, откри Величковски на работилницата.

Покрај тоа, Народната банка му издаде дозвола на постоечкиот оператор на платниот систем-КИБС, којшто овозможува порамнување трансакции со кредитни трансфери, при што беше лиценциран за првпат во согласност со новите законски барања коишто ги следат практиките во земјите од Европската Унија. 

Во однос на интересот на новите небанкарски даватели на поширока лепеза платежни услуги, Величковски истакнува дека во моментов Народната банка е во активна комуникација со повеќе субјекти, од кои еден дел веќе даваат платежни услуги на пазарот во Европската Унија и во регионот.

„Очекуваме дека овие субјекти, доколку ги исполнат пропишаните услови, ќе донесат иновативни решенија за плаќања на македонскиот пазар во согласност со глобалниот тренд поврзан со финтек-услугите“, рече Величковски.  

Покрај зајакнувањето на конкуренцијата преку навлегувањето на нови даватели на платежни услуги на домашниот пазар, коишто би обезбедиле поевтини, побрзи и поудобни плаќања за граѓаните и компаниите, новата правна рамка создаде основа за поедноставување и поевтинување и на прекуграничните плаќања.

„Ова би го постигнале со пристапувањето во СЕПА (Единствена област за плаќања во евра). Народната банка и релевантните државни институции со заеднички напори ја пополнија апликацијата за пристапување на нашата земја во СЕПА и на крајот на април годинава, Народната банка ја достави апликацијата до Европската комисија за добивање неформално мислење. Откако ќе го добиеме неформалното мислење и откако соодветно ќе постапиме според него, апликацијата ќе биде формално поднесена до Европскиот совет за плаќања за добивање формална оцена и одлучување за пристапот во СЕПА“, посочи Величковски.

Понудата на дигитални услуги допрва ќе се зголемува

Директорката на Одделот за управување со ризици во „Прокредит банка“, Кристина Трпезаноска, посочи дека во последните години во банкарскиот сектор во нашата држава е направен виден исчекор во дигитализацијата, поддржана од соодветните законски промени.

„Понудата на дигиталните услуги ќе се зголеми во идниот период, а должност на банките е да обезбедат нивна практична, лесна и ефикасна употреба, како и унапредување на дигиталната писменост на крајните корисници. Во овој процес на засилена дигитализација, од суштинско значење е да се спроведат стандардите за информативна безбедност и заштита на дигиталниот простор“, нагласи Трпезаноска.

Претставниците на банките се согласни дека дигитализацијата на финансиските услуги значително го трансформира финансискиот сектор.

„Мобилните апликации и интернет-банкарството овозможуваат управување со финансиите од каде било, додека напредните методи за автентикација ги заштитуваат податоците. Финансиската вклученост, брзите плаќања и поврзаноста со други услуги дополнително придонесуваат за позитивните ефекти на дигитализацијата, овозможувајќи економски развој и напредок“, порача Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во „Комерцијална банка“ АД Скопје.

Значително повисоки стапки на раст на плаќањата со платежни картички наспроти кредитните трансфери.
Постепено пренасочување на граѓаните кон иницирање платежни трансакции преку интернет или решенија за мобилни плаќања.
Забележително пренасочување на граѓаните кон користење на мобилни телефони за иницирање на кредитните трансфери.
Висок раст на бројот на трансакции со платежни картички на физички места на продажба по глава на жител.
Најголем број од платежните картички овозможуваат бесконтакни плаќања.
Најголем број од платежните картички овозможуваат бесконтакни плаќања.
Извор: Сите табели во овој текст се преземени од НБРСМ

македонија6 часа ago

@media: Иднината на пазарот за рекламирање

економија4 дена ago

Мукаетов за магазинот “The Region“: Нашите брендови се дел од секојдневието на луѓето

македонија4 дена ago

Универзитетот Американ Колеџ Скопје почна соработка со City College of New York од САД

банки5 дена ago

УНИБанка втора година по ред е поддржувач на најзначајната културна манифестација „Охридско лето“  

економија5 дена ago

Стимулирање на иновациите во Scalefocus: Како ги мотивираме ИТ професионалците да бидат иновативни

интервју1 недела ago

Гоце Сиваков:  Нашите клиенти веќе ги чувствуваат бенефитите од фактот дека УНИ Банка е дигитално и технолошки напредна банка!

економија1 недела ago

Стручна обука за општествена одговорност и прв „директорски појадок“ на Клубот на одговорни бизниси

економија2 недели ago

Мукаетов на насловна на престижниот романски магазин „Бизнис“: Романија е стратешки пазар за „Алкалоид“

економија2 недели ago

Почна проектот „Бизнис лидер“ – нова, иновативна платформа за вмрежување на најдобрите од македонскиот деловен свет

банки2 недели ago

Прокредит банка со нова модернизирана филијала во Кавадарци