менаџмент / маркетинг
Пет правила за успешно брендирање на социјалните мрежи
Маркетинг и комуникација

Ако сакате да направите квалитетна конекција со вашите потрошувачи преку социјалните медиуми, еве пет стратешки чекори препорачани од Entrepreneur.
Бидете транспарентни и искрени
Првата и можеби најважната стратегија за привлекување внимание на социјалните мрежи е да се биде транспарентен. Транспарентноста и автентичноста се клучот за хуманизирање на вашиот бренд. Искреноста е битна, дури и ако тоа значи дека треба да ги признаете своите слабости и спремноста да учите од грешките. Зошто? Затоа што потрошувачите во принцип се скептични и редовно ја преиспитуваат автентичноста на содржината постирана онлајн. На пример, истражувањето на ИТ компанијата Adobe спроведено во декември 2019-та покажало дека 61% од американските потрошувачи преиспитуваат дали и новински напис е непристрасен, а не пак брендирана маркетинг содржина.
Брендовите што премногу промотивно се однесуваат на социјалните мрежи, се неискрени или преокупирани со самите себе ќе имаат проблеми да допрат до поголем број потрошувачи. Да се биде транспарентен покажува дека сте ранливи, а ранливоста гради хумана релација, односно доверба.

Градете позитивно искуство на брендот
Потрошувачите ги базираат своите купувања врз перцепцијата на брендот. Како компанијата ќе се гледа и сфати од страна на публиката е мотивирачки фактор што многу често е поважен одошто квалитетот на производот. Обично ги прашуваме своите пријатели, читаме критики, дури и своите контакти на социјалните мрежи ги контактираме за совет пред да донесеме одлука за некакво купување. Речиси 90% од купувачите ги читаат коментарите од други кога купуваат онлајн. Позитивното искуство пренесено од човек на човек може да направи поголем ефект одошто некаква дизајнирана кампања.
Фокусирајте се на пријателите
Факт е, луѓето веруваат на луѓе. И луѓето купуваат од луѓе, не од брендови. Еден од најлесните начини да се поврзете со целна група од публиката е да најдете некој популарен член на социјалните мрежи да го претстави вашиот производ или услуга. Автентично, се разбира – погледнете под бр.1). Т.н. инфлуенсери имаат голема моќ кога станува збор за маркетинг промоција. Дали тие ќе фаворизираат нешто или не, многу ќе влијае врз одлуката на потрошувачите да купат. Зборувајте со вашите потрошувачи не преку вашиот бренд, туку преку нивните пријатели со кредибилни препораки. Ако некој сподели позитивно искуство со вашиот бренд со своите пријатели на социјалните мрежи, ефектот може да биде многу поголем одошто традиционалниот адвертајзинг.
Градете подлабока, полична и похумана врска со вашите потрошувачи
Потрошувачите се насекаде по социјалните мрежи. Иако постојат повеќе начини за интеракција, ќе се издвојат оние брендови што ќе ги насочат своите потрошувачи на вистинската платформа, на вистински начин, креирајќи искуства за паметење.
Да се биде прониклив значи да знаете каде вашата целна група го минува времето. Но, тоа е само првиот чекор, затоа што на успешните брендови не им е доволно само да разберат каде им се потрошувачите, туку ќе знаат и како да се поврзат со нив начин што ќе има смисла. На пример, повеќето брендови знаат дека видеото е голема работа на социјалните мрежи. Но, видео што е лесно и брзо за гледање е вистинскиот предизвик. Претходно споменатата студија од Adobe покажала дека кога потрошувачите имале само 15 минути за консумирање на некоја содржина, 63% од нив би претрчале преку повеќе написи за најновите трендови, на пример, одошто да читаат некоја подолга анализа, додека 57% попрво би гледале видео за некоја важна вест, одошто да ја читаат веста.
Голем број потрошувачи, особено т.н. генерација “милениумци“ (родени помеѓу 1980 -2000) поминуваат многу време на апликациите за кратки пораки како WhatsApp, Snapchat и др., со што креираат потреба од персонална содржина што е повеќе во контекст “еден кон еден“ одошто “еден кон многумина“. Релативно малку брендови откриле најдобар начин за користење на овие платформи . Најуспешните примери пробаа со развој на “зад сцената“ содржина (прошетка низ компанијата, еден ден со вработените и сл.) со тоа што ќе стават реални ликови и значајни моменти за компанијата пред своите потрошувачи. Така се развива подлабока, повеќе лична и похумана врска со потрошувачите со помош на овие платформи.

Сфатете ги технолошките трендови
На крајот, потрошувачите што најмногу време поминуваат на социјалните мрежи, се од помладата генерација (претходно споменатите милениумци). Тие се веќе обилно “дигитализирани“ и наскоро ќе бидат донесувачи на бизнис одлуките во овој свет. Отсега натаму тие ќе очекуваат брендовите да бидат поврзани, што значи ќе очекуваат не само креирање mobile commerce искуства туку и мултиканален пристап. На пример, малопродажен трговец може да има физичка продавница, вебсајт и мобилна платформа, а потрошувачот да може да го почне купувачкиот процес на еден канал и да го заврши на друг. Во меѓувреме, дигиталниот купувач ќе остави трага секаде кај што пребарувал, што ќе му овозможи на трговецот да има широк поглед на неговите купувачки навики и ќе доведе до поголема персонализација.
Совети за брендовите и нивниот ПР
Американски Forbes во консултација со неколку светски познати агенции за дигитален маркетинг нуди практични совети за тоа кога е најдобар тајминг за компаниите, односно брендовите, да постираат содржина на социјалните медиуми.
За Facebook
- Да се избегнуваат термините пред 8 ч. наутро и по 8 ч. навечер. Најударно време е помеѓу 1 и 3 ч. попладне со активности, ангажираност и расположение најголеми во четврток и петок, со „шпицот“ во петок попладне.
- За брендовите, петоците генерираат 17% од сите лајкови, 16% од коментарите и 16% од “шерувањата“.
За Twitter
- Најдобро време за ретвитови е после 3 ч. попладне, освен во петок. Најлошо време е по 8 ч. навечер, било кој ден. Најдобро време од сите е 5 ч. попладне.
- За B2C (business-to-consumer) бизниси, најдобро време за твитање е за викенди и во средите.
- За B2B (business-to-business) бизниси, најдобри денови за твитање се од понеделник до четврток.
- Интересно, вработените користат Twitter најмногу додека се на работа. Учениците/студентите, исто така, најмногу твитаат додека се на школо/факултет.
За YouTube
- Време што треба да се избегнува за нови постови е од 5 – 6 ч. попладне. Најпогодно време пак, е од пладне до 3 ч. попладне.
- Што се однесува на реакциите на гледачите, активноста расте во четврток, достигнува врв во сабота и почнува да опаѓа во недела попладне. Во работни денови ангажираноста расте откако ќе заврши работното време. Најлоши денови се понделник, вторник и среда.
За LinkedIn
- LinkedIn е се разбира, спорт за во работно време. Активноста и “engagement” –от растат од 8 – 5 ч. од понеделник до петок, наутро и кон средина на денот.
- Секој апдејт на статусот веројатно е дека ќе стигне до само 20% од вашата мрежа. Затоа, за да постигнете поголем досег, се препорачува да имате околу 20 квалитетни постови месечно.
За Instagram
- Анализата на Instagram податоците на Fortune 500 брендовите покажала дека најголема гужва на оваа мрежа се прави за време на работните часови. Постовите споделени помеѓу 3 ч. и 4ч. попладне предизвикуваат најмногу интеракција.
- Среда се покажало дека е најдобар ден во неделата за постирање, иако предноста во однос на другите денови е многу мала.
- Виде постовите пак, најдобри перформанси покажуваат надвор од работното време.