Connect with us

интервју

Пивара Скопје – Наша одговорност е да бидеме пример во општеството за целосна рамноправност во сите аспекти на бизнисот

објавено

на

Разговаравме со дел од лидерскиот тим на Пивара Скопје за нивниот кариерен развој, за она што ги мотивира и води, за нивните позиции и што тие значат, и за она што го научиле попатно во нивната кариера.  

Како општествено одговорна компанија и дел од две интернационални групации, Пивара Скопје има поширока одговорност да биде пример за останатите во општеството за создавање и спроведување политики за постигнување на целосна рамноправност, не само помеѓу мажите и жените, туку воопшто помеѓу сите луѓе. Истовремено, преку начинот на своето делување на пазарот, има за цел да охрабрува и инспирира дека постојат компании во кои рамноправноста е проткаена во сите аспекти на бизнисот.

Зборувајќи за нивните кариерни достигнувања и предизвици, директорките од неколку клучни сектори во компанијата се осврнуваат на важноста на инклузивноста на работното место и балансираните тимови, кои освен што ја зголемуваат креативноста во тимовите и можностите за иновации, ја подобруваат меѓусебната соработка, а исто така позитивно влијаат и на перформансите на компанијата.


Снежана Савиќ – Димовска
директорка на Секторот за корпоративни работи и одржливост

Успешно направивте транзиција од директорка на Секторот за правни работи во директорка на Секторот за корпоративни работи и одржливост на Пивара Скопје. Како изгледаше тоа и која е вашата визија за понатамошниот развој на овој сектор?

Во тимот на Пивара Скопје се вклучив пред повеќе години како директорка на правниот сектор. Тоа претставуваше голема професионална промена земајќи ја предвид големината на компанијата на која што ѝ се приклучив, при што имав среќа да бидам во средина во која добив многу поддршка за време за прилагодувањето, безброј можности за учење на нови работи, многу прилики за реализација на различни проекти, и сето тоа меѓу пријатни и пријателски настроени соработници. Да се води еден од секторите во Пивара Скопје има своја тежина и претставува голема одговорност, а истовремено е и голема предност, бидејќи зад Пивара Скопје стојат две огромни и светски познати компании – Coca-Cola HBC и Heineken.

Транзицијата од Правниот во Секторот за корпоративни работи и одржливост дојде природно, како заокружување на едно убаво поглавје во правниот сектор. Тоа беше исполнето со разновидни  предизвици, успеси, секојдневни работи, кризни ситуации, и секако квалитетно време поминато со колегите. Во духот на мојот личен развој, постојаната желба за откривање на нешто ново, потрагата по промени како поттик во она што го работам, се надоврза преземањето на раководната  улога во Секторот за корпоративни работи и одржливост.

Секоја промена е здрава и неопходна, и претставува нешто што секогаш ме движи и мотивира. Преземањето на овој сектор беше интересна можност, бидејќи претставуваше сосема нова област која немаше многу допирни точки со мојата дотогашна работа и дотогашниот начин на функционирање и размислување, па поради тоа ми беше уште попривлечна и поинтересна.

Новите обврски и должности веднаш тропнаа на вратата, во нашата индустрија нема време за некој период на адаптација и постепено прилагодување, туку напротив, работата ме дочека со голема брзина и големи предизвици за кои немаше време за подготвување или учење, и сето тоа мораше да се прави во од. Иако ова не е ни најмалку лесно, овој начин на работа уште повеќе ми ја зголеми желбата за успех и ме мотивираше да дадам сè од себе. Колку е поголем предизвикот, толку повеќе кај мене се раѓа позитивна возбуда, желба и мотивација.

Секторот за корпоративни работи и одржливост го гледам како нераскинлива нишка со сите останати сектори во Пивара Скопје,  поддршка на бизнисот во сите можни сегменти, сектор кој ги промовира и живее вредностите на Пивара Скопје, ја развива и шири нашата култура и преку кој се врши позитивно влијае на општеството во кое живееме.

Овој сектор со своите активности го преставува лицето на Пивара Скопје и токму од тие причини е привилегија да се биде дел од него.

Што е она од Вашето досегашно работење во Пивара Скопје што Ве мотивира и движи напред?

Пивара Скопје е компанија со повеќе од стогодишна традиција на македонскиот пазар, особено препознатлива и синоним за квалитет, успех и долговечност, а воедно преставува уникатно здружување на две интернационални компании кои се непресушен извор на искуство и иновации. Да се биде дел од  ова семејство, истовремено е и задоволство и обврска.

Она што мене лично ме мотивира и ме движи напред е љубовта кон мојата работа, достигнувањата кои сме ги оствариле заедно со моите колеги, кога искрено се радуваме на меѓусебните успеси, работа во средина во која навистина има безбројни можности за развој, стекнување на знаења и искуства, влијанието кое го имаме на заедницата во која живееме, како и големата љубов кон брендовите за кои работам. Секоја успешно завршена работа кај мене претставува мотив следниот пат да постигнам нешто уште повеќе и уште подобро, а  сето тоа да биде на вистинскиот начин, во согласност со нашите вредности и заедно со тимот со кој работам.

Ме радува фактот што како компанија ги делиме истите вредности со сите наши партнери и соработници,  во насока на унапредување на заедницата во која дејствуваме и живееме. Само заедно можеме да придонесеме кон подобар свет за идните генерации, и мило ми е што сум дел од компанија која тоа го препознава, но и го докажува преку дела.


Ивана Петровска
лидер за организациска трансформација

Каков е предизвикот да се води Пивара Скопје кон организациска трансформација и што точно подразбира тоа?

Терминот организациска трансформација добива сè поголема популарност во последниве неколку години, меѓутоа сè уште е проследен со доза на мистичност околу тоа што всушност претставува. Накратко, организациската трансформација претставува структуриран процес на водење на промените во една организација кои се неопходни за премин од моменталната кон посакувана идна состојба. Ова најчесто вклучува промени во организациската структура, процесите, начинот на работа, технологијата и културата на компанијата.

Во денешното високо конкурентно, динамично и непредвидливо деловно опкружување ваквите промени се неопходни за опстанокот на една компанија. Брзината со која компаниите можат да се адаптираат на надворешните промени и влијанија и да одговорат на барањата на потрошувачите е клучна за осигурување на одржлив долгорочен раст и развој.

Меѓутоа, патот кој треба да се изоди за да дојдеме до посакуваниот исход не е ни малку лесен. Со оглед на тоа дека трансформацијата претставува долг и комплексен процес, истиот неизбежно е проследен со низа предизвици.

Еден од нив е поврзување на визијата за посакуваната цел и начинот на којшто истата се имплементира на пазарот. Првиот чекор кон успешна трансформација е јасна комуникација за тоа каде сакаме да бидеме и како овој процес на промени ќе ни помогнеме да стасаме таму.

Стравот од непознатото и прифаќањето на предвидените промени исто така може да претставуваат предизвик во фазата на имплементација. Нивното надминување зависи од неколку елементи. Првиот е способноста на лидерите да овозможат работна средина во која се цени и подржува иновативноста, адаптибилноста и меѓусебната соработка. Вториот елемент е посветеноста на вработените и желбата за придонес кон остварување на посакуваната цел. Последниот, но не помалку важен, е континуирана транспарентна комуникација на сите нивоа во организацијата.

Комплексната организациска структура исто така може да претставува предизвик, особено во големи компании. Таа може значително да ја отежни комуникацијата и синхронизацијата на активностите помеѓу различните сектори, системи и процеси.

Во кратки црти, организациската трансформација зависи од способноста за успешна интеграција на различните аспекти на трансформацијата. Ова бара вложување на време, труд и ресурси, меѓутоа трансформацијата е единствениот начин за обезбедување на одржлив раст во денешниот свет на постојани промени.

Како трендовите на новите начини на работа влијаат врз успешноста на една компанија?

Еден од главните катализатори на успешната организациска трансформација е самата промена на начинот на кој ги извршуваме секојдневните работни активности.

Брзиот технолошки развој, особено во последната деценија, ни става на располагање голем број на дигитални алатки кои ни помагаат во секојдневното работење. Правилното имплементирање на овие алатки во фазата на редизајнирање на внатрешните процеси, може значително да ги оптимизира процесите од аспект на време и ресурси, и со тоа да ја направи компанијата да може соодветно да одговори на барањата на пазарот.

Зголемената достапност на информации исто така може да ги подобри перформансите на компаниите кои соодветно ги користат расположливите извори на податоци при донесувањето на деловните одлуки.

Освен преку технолошките промени, компаниите може да ја зголемат продуктивноста и преку имплементација на нови методологии за работа. Методологиите кои промовираат повисоко ниво на соработка кое ги надминува границите на традиционалните организациски структури, придонесуваат за подобрување на благосостојбата на вработените, ја поттикнуваат иновативноста, самоиницијативноста и чувството за одговорност и припадност.

Успешниот спој на дигитализација и оптимизација на процесите, проследено со одржување на здрава организациска култура, е она што ја издвојува Пивара Скопје како водечка компанија на домашниот пазар.


Магдалена Христова
финансиски директор

Вашиот кариерен пат во Пивара Скопје го започнавте како внатрешен ревизор, а сега сте на позицијата финансиски директор. Како изгледаше тој кариерен пат?

Се приклучив на семејството „пиварци“ во 2013 година, на позицијата внатрешен ревизор. Сè уште ми се свежи сеќавањата од интервјуто, кога ме прашаа како ќе се снајдам со оваа промена, а јас самоуверено одговорив: „Дајте ми шест месеци и ќе научам“. Бргу ми одеше учењето и запознавањето со колегите. Еден ден, му пристапив на тогашниот финансиски директор и побарав да работам на проекти во финансии со цел уште повеќе да го проширам моето знаење. Набргу потоа ми беше понудена позицијата на финансиски контролор. Во следните четири години  имаше многу предизвици по патот, но со поддршка на тимот и моите менаџери, секогаш наоѓавме начин како да дојдеме до решение.

Дојде КОВИД-19 и соочување со новата реалност – платформите како Teams и Zoom станаа „новото нормално“ за комуникација. Со семејството дома и со колегите на работа успеавме да воспоставиме рутини, ги поделивме одговорностите, направивме распоред за активности и бевме едно големо среќно семејство кое учеше и работеше од дома.

Во екот на пандемијата добив понуда за нов професионален предизвик во сосема нова земја и дополнително, личен предизвик со семејството и три деца кои не сакаат да се преселат надвор од земјата. Станав комерцијален финансиски менаџер во Coca-Cola HBC Србија. Во тој период, ја користев секоја можност да си го запознам мојот нов тим во живо. Чекор по чекор, состанок по состанок со комерцијалните функции, станавме партнери од доверба. Станавме тим што е близок, тим што работи заедно кон заедничките цели и изнаоѓање решенија.

По пандемијата патував многу, и стана навистина тешко да го најдам балансот помеѓу работата и семејството. Моите тинејџери останаа на своето да не се селат во Србија, и јас се соочив со нов предизвик. Најдоброто решение во моментот беше да се вратам во Пивара Скопје, овој пат со уште поголем предизвик – промена од Финансии во Продажба, што секако го прифатив и ја преземав улогата на менаџер за продажба за клучни купувачи. По мојот период на прилагодување на новата позиција, се појави нов предизвик – ја преземав улогата на финансиски директор во Пивара Скопје, а воедно го постигнав мојот Еверест. Но моето патување продолжува, а сега имам задача да го искачам мојот нов Еверест – да работам најдобро што можам во оваа улога, да ги надминам предизвиците по пат, и да продолжиме да победуваме како еден тим.

Кои се Вашите најголеми достигнувања кои Ве прават особено горда, и какви лекции научивте од нив?

Моите вредности имаа огромна улога во начинот на кој растев – самодисциплината и упорноста беа клучни во тоа да имам највисоки стандарди за точност и интегритет во мојата работа. Тимската работа, искреноста и  храброста да се соочам со статус кво ситуациите, ми дозволија решително да носам одлуки, а континуираното учење беше најважно за да можам да растам. Никогаш не трчав по позиции, бев жедна за знаење. Секогаш кога имав нов предизвик, се потсетував себеси дека дадената можност треба да ја искористам најдобро што можам.

Низ мојот кариерен пат, еден совет ми остана врежан и до ден-денес: „Дознај што е твојот Еверест. Еверест ја преставува твојата ѕвезда водилка, насоката што те тера да одиш напред. Ако го имаш Еверест пред тебе, секогаш ќе знаеш во кој правец да се упатиш“. 

Лекциите  кои ги научив во текот на мојот личен и професионален развој се неколку, сите подеднакво важни. Пред сè, семејството е секогаш најголемата поддршка – во моментите кога треба да се донесат одлуки, семејството е секогаш тука да даде безрезервна поддршка во новите предизвици. Важно е секогаш храбро да ги прифаќаме предизвиците и да го имаме на ум нашиот личен Еверест. Секогаш да пристапуваме со доверба кон колегите, бидејќи тие се тим на професионалци кои ќе помогнат заедно професионално да растеме и секоја промена да ја прифаќаме како патување и можност за континуирано учење.


Весна Паункоска Додевска, директорка на Секторот за правни работи

Вие сте најновиот член на менаџерскиот тим на Пивара Скопје, на позицијата директорка на Секторот за правни работи. На кој начин вашето досегашно искуство Ве подготви за оваа улога?

Мојот кариерен пат е преплетен со различни улоги, како во јавниот сектор, така и во приватниот сектор. Широкиот спектар на различни кариерни улоги и области во правото, како дел од моите секојдневни задачи, ми овозможи да стекнам богато искуство и знаење во корпоративниот свет. Пред да се приклучам на менаџерскиот тим на Пивара Скопје, повеќе години бев дел од менаџерскиот тим на една од најголемите осигурителни компании во државата, којашто пак беше дел од најголемата осигурителна групација во Адриа регионот. Таму бев одговорна за правните и корпоративните работи и самата улога значеше вклученост во сите правни аспекти на работењето на компанијата, поврзани во најширока смисла на зборот со деловното и корпоративното право, вклучително и усогласеноста на работењето на компанијата со националните прописи. Со стекнатото искуство низ годините научив многу за корпоративните вредности, корпоративната култура и за начинот на функционирање на корпоративниот свет.

Во однос на професионалниот дел – правото, досегашното искуство беше клучно без дилема да го одберам новиот кариерен пат и да станам дел од менаџерскиот тим на Пивара Скопје. Секторот за правни работи е многу значајна алка во синџирот на секоја компанија. Тргнувајќи од стратегијата на компанијата од една страна, како и честите регулаторни промени во нашата земја од друга страна, Секторот за правни работи има навистина клучна улога во остварувањето на зацртаните финансиски резултати преку усогласено и законито постапување во сите сегменти на функционирањето и работењето. Токму затоа, за оваа улога во менаџерскиот тим значајно е да се поседува умешност да се разбере „големата корпоративна слика“, и истовремено да се води компанијата по правиот пат на усогласено работење.

Кои се вашите први впечатоци од работното место, динамиката на истото, опкружувањето и можностите кои ги нуди оваа за вас нова индустрија?

Промената во кариерниот пат, транзицијата од една индустрија во друга, беше навистина голем чекор напред и предизвик за мене, но истовремено ми се отворија нови хоризонти и можности за учење и континуирано усовршување, професионален и личен раст и развој. FMCG индустријата, како што сугерира и самиот назив, е многу динамична и брзо движечка индустрија, што само по себе за мене значеше и нова животна динамика. Несебичната поддршка од семејството и колегите беа клучни за брза и лесна адаптација на новата работна средина.

За мене претставува голема чест, но истовремено подразбира и одговорност, да бидам дел од висококвалификуваниот менаџерски тим на Пивара Скопје, составен од врвни и посветени професионалци. И не само членовите на менаџерскиот тим, туку и секој поединец во компанијата со своето знаење и стручност е дел од мозаикот на успешната приказна на Пивара Скопје. За еден однос да биде успешен, потребна е заемна почит и поддршка. Па така и тука, во односите помеѓу вработените и Пивара Скопје, постои високо ниво на доверба и синергија. Пивара Скопје нуди еднакви можности за сите, вклучително и разни формални и неформални современи алатки за кариерен развој и напредување на вработените, како и алатки за секојдневно учење и усовршување. Оваа компанија претставува прогресивна средина за амбициозни и талентирани луѓе кои својата кариера ја гледаат во голема корпорација којашто нуди широк опсег на сеопфатни едукативни и кариерни можности, а пред сè можноста да се учи од врвни професионалци во FMCG индустријата.


Марија Тодоровска
директорка на Секторот за луѓе и култура

Три години сте дел од менаџерскиот тим на Пивара Скопје, на позицијата директорка на Секторот за луѓе и култура. Бевте прогласена и за најдобар HR- менаџер во земјата и имате долгогодишно искуство во полето на човечките ресурси. Од денешна перспектива, кога пазарот на труд доживува континуирана трансформација, што е она што успеавте да го постигнете во Пивара Скопје и ви помогна во позиционирање на компанијата како еден од најпосакуваните работодавачи во земјата?

Имајќи ја предвид комплексноста на бизнисот на Пивара Скопје, но и континуираната трансформација на пазарот на труд, би рекла дека да се води Секторот за луѓе и култура претставува предизвик и одговорност, но истовремено и задоволство со оглед на сите работи кои заедно со мојот тим успеваме да ги постигнеме. Пивара Скопје со својата повеќе од стогодишна традиција отсекогаш била релевантен работодавач на пазарот на труд во земјата. Од денешна перспектива на компанија која е дел од две меѓународни групации Coca-Cola HBC и Heineken, продолжува да им нуди на нашите луѓе место каде што можат да го достигнат својот целосен потенцијал. Пивара Скопје продолжува да биде место на иновации, воведување на нови технологии и дигитални алатки, препознатливи брендови, но и средина која на своите луѓе им нуди неограничени можности за учење, развој и професионален раст. Токму ова нè издвојува како еден од најпосакуваните работодавачи во земјата, бидејќи инвестираме во нашите луѓе, а нивниот раст значи и наш раст.

Дополнително, Пивара Скопје е општествено одговорна компанија, а одржливиот развој е вткаен во нашата култура и во нашето секојдневие. Па така, преку програмите за студентски и средношколски пракси, платена практикантска работа и веќе добро препознатливата програма за летна пракса Coke Summership, ние со задоволство ги отвораме нашите врати и кон иднината на нашата земја, а тоа се младите луѓе. Им нудиме многубројни можности да дојдат и да учат од искусни професионалци кои несебично волонтираат да бидат нивни ментори и да ги водат низ почетоците на нивните кариери.

Како компанија истакнувате дека клучот на успехот на Пивaра Скопје се темели на луѓето, на нивните професионални компетенции и еднакви можности за развој. Можете ли да дадете краток осврт на вашите стратешки заложби во насока на јакнење на вештините на луѓето и градење лидери кои ќе се грижат за одржливоста на бизнисот?

Клучот на успехот на Пивара Скопје е во „пиварци“, луѓе кои секој ден доаѓаат на работа со мисија да создаваат вредности за тие на кои им служиме, а тоа се нашите купувачи, потрошувачи, вработени и заедницата. Континуираниот раст може да се постигне само со однесување насочено кон постојано учење, еволуирање, прилагодување и развој. Ние како компанија сме многу добро свесни дека за луѓето да го остварат својот максимален потенцијал, ние треба да создадеме средина која ќе им овозможи да учат, да бидат изложени на нови искуства, да излезат од својата комфорна зона, да експериментираат и да прават грешки без притоа да се плашат од осуда, и да достигнуваат нови нивоа на личен и професионален развој од сите овие искуства.

Овде имаме неколку структурирани програми кои се наменети за различни категории на вработени. Горди сме на Продажната академија која од прв ден е задолжена за воведување, обука и следење на напредокот на секој еден вработен во Секторот продажба. Од минатата година, по истиот принцип ја воведовме и Академијата за секторот синџир на снабдување (производство, одржување, логистика, набавки) и се погриживме дека нашите вработени постојано ќе ги добиваат најрелевантните и секогаш ажурни информации и потребни вештини кои се менуваат како што се менува и бизнисот и нашите потреби. Понатаму, за развој на лидерските и менаџерските вештини на нашите сегашни и идни лидери имаме повеќе различни програми наменети за нивните различни потреби.

И на крајот, би сакала да истакнам дека покрај постоењето на сите овие различни програми и можности за унапредување, подеднакво важно за нас како компанија е да креираме култура и средина каде што нема дискриминација, туку еднакви можности за сите и еднаков пристап до учење и унапредување. Со гордост можам да кажам дека денес во Пивара Скопје половина од менаџерите на средно и високо ниво се жени, половина од вработените вклучени во програмите за развој на лидерски вештини се жени, а апсолутно секој, без исклучок има пристап до многубројните академии, on-line обуки и тренинзи и сите други можности кои се достапни во рамките на компанијата.

свет5 часа ago

BlackRock, најголемиот инвестициски фонд во светот, менаџира средства колку економиите на Германија, В. Британија и Франција заедно

банки6 часа ago

ПроКредит Куманово на нова локација во строгиот центар на градот

македонија4 дена ago

@media: Иднината на пазарот за рекламирање

економија1 недела ago

Мукаетов за магазинот “The Region“: Нашите брендови се дел од секојдневието на луѓето

македонија1 недела ago

Универзитетот Американ Колеџ Скопје почна соработка со City College of New York од САД

банки1 недела ago

УНИБанка втора година по ред е поддржувач на најзначајната културна манифестација „Охридско лето“  

економија1 недела ago

Стимулирање на иновациите во Scalefocus: Како ги мотивираме ИТ професионалците да бидат иновативни

интервју2 недели ago

Гоце Сиваков:  Нашите клиенти веќе ги чувствуваат бенефитите од фактот дека УНИ Банка е дигитално и технолошки напредна банка!

економија2 недели ago

Стручна обука за општествена одговорност и прв „директорски појадок“ на Клубот на одговорни бизниси

економија2 недели ago

Мукаетов на насловна на престижниот романски магазин „Бизнис“: Романија е стратешки пазар за „Алкалоид“