Connect with us

интервју

Питер Адамс: Бизнис ангелите треба да ги создадете, не може само да ги откриете

Питер Адамс, инвеститор во стартапи, автор и едукатор

објавено

на

„Ако сакате да ги мобилизирате бизнис ангелите, вие не може претходно да идентификувате кои се тие, па да ги соберете на едно место и координирате. Вие треба всушност да ги создадете бизнис ангелите. Тоа значи дека одбирате богати поединци коишто за себе и не мислат дека се бизнис ангели и потоа ги едуцирате за самиот стартап екосистем, неговото значење за економијата генерално, но и за тоа дека тие можат да придонесат за негов развој, истовремено  и да уживаат, и секако, да заработат од сето тоа.“

Питер Адамс е американски претприемач, инвеститор, автор и едукатор, директор на Rockies Venture Fund, инвестициски фонд со седиште во Колорадо којшто поддржува стартапи во рана фаза, претежно во секторите технологија, здравство и природни науки. Адамс е и извршен директор на Rockies Venture Club, најстарата асоцијација на бизнис ангели во САД и основач на Rockies Venture институтот, првата непрофитна организација во земјата специјализирана за креирање акцелераторски програми за поддршка на инвеститори и стартапи. Г-дин Адамс неодамна беше во Скопје, каде што во просториите на Акцелераторот УКИМ одржа серија на предавања преку практични примери за претприемништво, иновации и инвестиции. Главен „виновник“ за неговото гостување и предавања пред македонските претприемачи и други учесници во стартап екосистемот е младата претприемачка Олга Рајчиќ, којашто претходно имала прилика да се запознае со работата на организациите каде што е основач и раководи Адамс во Колорадо. Ја искористивме приликата да поразговараме со него околу тоа што значи всушност да бидеш бизнис ангел, како е организирана заедницата на бизнис ангели во Колорадо и  како може богатите поединци да се стимулираат да станат ангел – инвеститори.

Зошто бизнис – ангелите се битни за еден стартап екосистем?

Бизнис ангелите, или ангел-инвеститорите, како милувате, пополнуваат сериозна празнина во финансирањето на стартапите. На младите иновативни компании обично им треба 3-4 години за да влезат во финансиска позитива, ако воопшто влезат. Затоа, банките во принцип не се опција за нивното финансирање во раните фази на развој на продуктот. Практично, нема друг извор на капитал за стартапите освен оној на бизнис ангелите или фондовите за ризичен капитал (venture capital), и секако сопствените средства на претприемачите. Така што, бизнис ангелите се апсолутно важни за развојот на секој стартап екосистем. Без нив би немале технолошки стартапи, коишто потоа ги креираат оние високо платени работни места, го зголемуваат извозот и го подобруваат платниот биланс на земјата.

Во Македонија, на пример,  досега имаше повеќе обиди да се мобилизира капиталот на поединци што би можеле да бидат бизнис ангели, но ефектите не се баш импресивни. Зошто тоа оди некако тешко, што препорачувате со оглед на вашето големо искуство во оваа област?

Точно е, мотивирањето и мобилизирањето на луѓето да бидат ангели – инвеститори е прилично тешко. Знаете, постои мит дека вие едноставно ќе соберете претприемачи и богати луѓе на една место, овие првите ќе ги презентираат своите идеи, а овие вторите ќе им напишат чек на крајот. Но, тоа е далеку од вистината, верувајте, сум поминал низ сето тоа.

Поентата е во тоа што луѓето што имаат пари, во принцип се плашат да инвестираат во стартапи. Има голема разлика помеѓу човек што само има многу пари и бизнис ангел. Богатите луѓе обично размислуваат за инвестиции во акции, недвижности и други традиционални видови на средства. Тие си велат, „јас немам време и интерес за ова, или едноставно ми изгледа премногу ризично“.
Затоа, ако сакате да ги мобилизирате бизнис ангелите, вие не може претходно да идентификувате кои се тие, па да ги соберете на едно место и координирате. Вие треба всушност да ги создадете бизнис ангелите. Тоа значи дека одбирате богати поединци коишто за себе и не мислат дека се бизнис ангели и потоа ги едуцирате за самиот стартап екосистем, неговото значење за економијата генерално, но и за тоа дека тие можат да придонесат за негов развој, истовремено  и да уживаат, и секако, да заработат од сето тоа.

Како можат државите и локалните власти да дадат поддршка, да го стимулираат креирањето на бизнис ангелите во редовите на луѓето што имаат повеќе пари?
Ова е интересно прашање, затоа што во основа, властите не се одушевени да ги поддржуваат бизнис ангелите. Зошто? Бидејќи, бизнис ангелите по дефиниција се луѓе што имаат многу пари. И зошто тогаш владата би трошела пари на даночните обврзници за луѓе коишто и онака имаат многу пари. Затоа, едно од решенијата е парите да ги дадете не на бизнис ангелите директно, туку на луѓето што нив ги координираат и мобилизираат, за овие да ја остварат својата улога, која ја споменавме претходно:создавање нова вредност, креирање работни места, итн.

Како е организиран екосистемот на бизнис ангелите во Колорадо, сојузната држава во САД од каде што доаѓате, или во самата земја генерално? Какви стимулации даваат централните и локалните власти?

Прво, постојат даночни привилегии, и тоа многу важно на локално ниво. Во државата Колорадо, на пример, има програма за стимулации којашто му дава на бизнис ангелот назад 25% од средствата што ги вложил во стартап. Така што, само 75% од капиталот му останува во ризик, што е сепак некоја придобивка. Потоа, практично сите американски сојузни држави имаат даночни повластици за инвестирање во стартапи што се во рана фаза. Федералната влада има посебна одредба со којашто плаќате нула данок на повратот на парите што сте ги вложиле како бизнис ангел, и ова е многу популарно. Па така, на крајот на денот, со сите тие повластици, секој што влегува во категоријата на богати поединци може да размисли и да види дека и инвестирањето во стартапи може да е привлечно како вложувањето во портфолија на акции, фондови и сл. Но, сепак, јас лично им препорачувам на луѓето да инвестираат најмногу до 10% од своите расположливи средства во оваа категорија.

Неретко е пракса успешни претприемачи, потоа да стануваат бизнис ангели и да поддржуваат други стартапи во нивниот развој, веројатно затоа што самите најдобро знаат низ што сепоминале во обидот да се финансираат. Каква е ситуацијата во стартап екосистемот од каде што доаѓате?

Да, во принцип е така, се согласувам. Иако, за волја на вистината има и познати лекари, адвокати и сл., коишто стигнале до завидно лично богатство и стануваат бизнис ангели. Но, сепак повеќето од бизнис ангелите всушност и самите се претприемачи и поминале низ сето тоа низ коешто сега проаѓаат новите стартапи. Тие можат да им обезбедат не само финансиска поддршка, туку и добар совет, експертиза за области каде што младите претприемачи немаат доволно знаење и искуство.

Предноста на бизнис ангелите коишто и самите се претприемачи е во тоа што тие не чувствуваат дека инвестираат во нешто непознато, необично за нив, затоа што тие го поминале тој пат, го живееле животот на стартапите. Знаат кои се ризиците, и кои се можностите.
Ние во нашиот венчр капитал фонд постојано им велиме на претприемачите, “сега инвестираме во вас како во стартап, а вие вратете се по 10 години како бизнис ангели“. Ете, гледате дека долг е патот до создавањето на еден бизнис ангел.

Кои се најважните работи што еден бизнис ангел треба да ги бара кај стартапите?  И од перспектива на овие вториве, како да импресионираат еден потенцијален инвеститор?

Предноста на бизнис ангелите коишто и самите се претприемачи е во тоа што тие не чувствуваат дека инвестираат во нешто непознато, необично за нив, затоа што тие го поминале тој пат, го живееле животот на стартапите. Знаат кои се ризиците, и кои се можностите. Ние во нашиот фонд за ризичен капитал постојано им велиме на претприемачите, “сега инвестираме во вас како во стартап, а вие вратете се по 10 години како бизнис ангели“.

Јас имам еден малку невообичаен поглед на овие работи… Обично, повеќето инвеститори велат дека најбитен е тимот на стартапот, неговата синергија и сл. Секако, тимот, продуктот, пазарот, сeто тоа е битно за една успешна стартап приказна, но една клучна работа што јас ја гледам е излезната стратегија (exit strategy), односно како тимот всушност размислува да го продаде својот стартап на крајот.
Ќе речете, како сега излез, а сме на самиот почеток?!  Да, звучи нелогично и помалку застрашувачки, но видете, тука е најголемото недоразбирање и меѓу инвеститорите и меѓу стартапите. Излезот, односно продажбата на компанијата, не е само едноставно заминување на основачите. Напротив, добра излезна стратегија може да ја направи компанијата повредна одошто било замислено од старт.

Ќе ви дадам пример: во Денвер од каде што доаѓам, постои компанијата Ping Identity, од областа на софтвер за интернет безбедност. После 10 години развој, тие се продадоа на приватен еквити фонд за 600 милиони долари, и потоа, после една година, компанијата имаше излегување на берза, при што собра 1,2 милијарди долари. Значи, ним им требаше деценија да изградат бизнис вреден 600 милиони, потоа да бидат преземени, да добијат ресурси за и самите да направат некои аквизиции и да пораснат, и потоа, да имаат IPO со вредност двојно поголема одошто преземањето. И сето тоа за една година.

Што значи дека излезот, односно продажбата, може да значи и голема додадена вредност за компанијата, односно поголем поврат на инвестицијата на бизнис ангелот или некој друг тип на инвеститор во раната фаза.
Според мене, главната причина зошто би требало основачот да размислува за излезна стратегија од самиот почеток, е бидејќи тоа ќе му помогне да дефинира како да изгради најголема вредност на компанијата. Да се фокусира многу повеќе на тоа како да создаде најголема вредност за купувачите, како да направи промена, задоволување на одредена потреба на пазарот, одошто да мисли само како да направи пари. Ако креирате нешто што е многу вредно за вас како основач, тогаш поголеми играчи би можеле да се заинтересираат да ве купат на крајот.


Олга Рајчиќ, претприемачка којашто била на обука кај Питер Адамс во Колорадо и го организираше неговиот престој во Скопје

Искуството во Rockies Venture Club е непроценливо

Олга Рајчиќ е магистер на науки по човечки ресурси при универзитетот Шефилд. Работи во семејната компанија, а воедно го развива и својот стартап. Има учествувано на многубројни натпревари за претставување на бизнис идеи пред инвеститори, a воедно има волонтирано како ментор и судија на локални и регионални стартап натпревари. Таа е активeн член во женската менторска мрежа Stell – Women’s Mentorship Network. Дополнително работи како консултант во полето на социјално претприемништво.

Продукт на нејзиниот стартап е Challenger, апликација која ги наградува корисниците кои пешачат и возат велосипед.  Неодамна го развија решението Challenger @ WORK кое им помага на компаниите да ги мотивираат своите вработени да се движат повеќе и да одбираат одржливи методи на транспорт. (велосипед и пешачење) Воедно со брендираниот dashboard секоја компанија добива забавно искуство за целиот свој тим, каде преку натпревар сите вклучени вработени се грижат за себе и планетата.
Таа беше избрана да ја претставува Македонија во друштво со други 50 млади претприемачи од сите европски држави на програмата YTILI Fellows Program, креирана со цел да ги развива трансатлантските релации, како и одржливо партнерство помеѓу американските и  европските претприемачи и иноватори.

Програмата на Олга беше во Денвер, Колорадо, заедно со уште тројца претприемачи од Србија, Франција и Белорусија.

„Мојата организација домаќин беше Rockies Venture Club, каде што Питер е основач, и каде што директно со нив работев на евалуација на стартапи во коишто тие сакаат да инвестираат. Исто така, имав можност да присуствувам и на нивната академија за бизнис ангели.“, вели Рајчиќ.

Иако мала организација, како што вели Олга, RVC има големо портфолио на стартапи во коишто има вложено и за неа било непроценливо искуство да се согледаат работите од страна на инвеститорите, како и да се присуствува на разговори за излезни стратегии од некои компании.

„Вмрежувањето што го добив преку програмата е огромно искуство бидејќи имав прилика да се запознам со претприемачи од многу држави и да размениме искуства, предизвици и можности“.

економија6 часа ago

мајВорлд Интернешнл (myWorld) го назначи Радован Витошевиќ за главен извршен директор на компанијата

банки1 ден ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија3 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки4 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки4 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју4 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија6 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up2 недели ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании2 недели ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион2 недели ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас