Connect with us

интервју

Повик за нова акцелераторска програма на БАУ

Акцелератор УКИМ во соработка со програмата Star Venture на ЕБОР

објавено

на

Околу поддршката на напредните стартапи и брзо растечки компании кои се подготвени за освојување на глобалниот пазар разговаравме со г-ѓа  Маја Столевска Костадинова, менаџер на програмата за советување на бизниси при Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и со г- дин  Александар Стамболиев, извршен директор на Акцелераторот УКИМ.

Како Акцелераторот УКИМ им помага на младите претприемачи и иноватори во нивниот развој?

Стамболиев: Од своето основање во 2018 година, Акцелераторот УКИМ континуирано развива специфични програми за поддршка на растот на најперспективните технолошки претприемачи, стартапи, спин-оф и брзо растечки компании во Северна Македонија во соработка со нашата глобална партнерска мрежа.

Поддршката на Акцелераторот УКИМ вклучува инвестиции во рана фаза и прилагодено менторство за развој на производи и технологии, пристап до регионални и меѓународни пазари и клиенти и понатамошно финансирање. Акцелераторот се состои од тим на искусни ентузијасти за стартапи, специјализирани за развој на производи, технологија и деловно работење. Кофинансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Акцелераторот УКИМ е единствен токму поради своите основачи, кои вклучуваат организации за поддршка на бизнисот: РСМ Македонија, Развојната фондација Кримсон и Фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев, како и најголемиот и престижниот Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје, кој се состои од 23 факултети и пет истражувачки институти. Ова партнерство му овозможува на Акцелераторот УКИМ да им обезбедува експертиза на компаниите за да им помогне да го развиваат својот бизнис и технологија и ефикасно да се натпреваруваат на глобалниот пазар.

Изминативе години Акцелераторот УКИМ спроведе специјално дизајнирани програми за да ги одговорат на потребите и можностите на иноваторите, тимовите и стартапите во реализација на нивниот потенцијал за раст, како што се:

  • EIT Jumpstarter Program – Партнер (2021)
  • FIA I Startup challenge II – Партнер (2021)
  • MASIT, BAU и CIVITTA Поддршка на ИТ индустријата да развијат нов производ (2021)
  • Night of Ideas – Партнер (2018 и 2021)
  • EBRD Star Venture Program for WB – Партнер (2020 – трае)
  • Global Entrepreneurship Week – Партнер (2019 & 2020)
  • PowerUP Growth Program for SMEs and startups in Western Balkans – Партнер (2020)
  • SEE Tech Tour – Партнер (2019 – трае)
  • Betapitch Skopje – Партнер (2018 & 2019)
  • GIZ SEE Foreign Trade Promotion Project – Партнер (2018 – трае)
  • Акцелераторска програма (2019).
  • BAU Booster week – Developing Entrepreneurship Together (2019). 
  • Venture Academy (2019).

Горенаведените активности се спроведени во партнерство на регионалните и меѓународните мрежи на основачите и партнерите на Акцелераторот УКИМ, преку спроведување на разновидни услуги како што се менторството (за технологија и бизнис), прилагодената поддршка во развој на бизнисот, овозможување на пристап до пазарот и финансирање.

Врз основа на претходните програми и потребите на стартапите, Акцелераторот УКИМ со задоволство ја најавува новата Акцелераторска програма, развиена во соработка со програмата Star Venture на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и реномирани глобални експерти и партнери за поддршка на напредни стартапи и брзо растечки компании кои се подготвени за освојување на глобалниот пазар.

Кои стартапи се од интерес на Акцелераторот УКИМ и какви услуги им обезбедувате за пристап на нивните производи до глобалниот пазар?

Стамболиев: Акцелераторот УКИМ e заинтересиран за добри идеи, висока технологија и пред се’ одлични тимови кои се со седиште во Северна Македонија. За се останато, Акцелераторот УКИМ е тука за да ве поддржи со менторство, пристап до пазарот и до финансии.

Изминативе 3 години проценивме над 200 идеи и тимови, каде што научивме дека една од пречките за раст е нивниот ограничен пазарен потенцијал. Повеќето од нив решаваат локални или регионални проблеми, со ограничени можности за глобален раст. Инвестираме во компании со висок ризик и бараме високи приноси, па затоа сме заинтересирани за стартапи со скалабилни (оние што можат брзо да пораснат, да задоволат нагло зголемување на побарувачка, н.з.) решенија.

Северна Македонија располага со голем технички потенцијал за развој на технологии и начин на размислување за создавање на иновативни производи, но она што недостасува се вештините за креирање на соодветниот бизнис модел и глобален раст на производот. Во овој дел се вклучува БАУ со менторство и поддршка на стартапите во комерцијализирање на нивното решение.

Акцелераторот УКИМ е заинтересиран за напредни стартапи или брзо растечки компании што се подготвени за освојување на нови пазари. Во моментов, во нашиот екосистем нема многу компании во оваа фаза, бидејќи мнозинството стартапи се во рана фаза, но благодарение на досегашните активности на сите чинители во екосистемот, овој однос полека се менува.

Во последните неколку години, видовме значително подобрување, благодарение на бројните настани и програми кои нудат поддршка на претприемачите, како и поголем пристап до финансии преку ФИТР, акцелераторите, регионални фондови за вложувачки капитал и бизнис ангелите.

Главно стартапите креираат производи и услуги во: софтвер, е-трговија, дигитален маркетинг (AdTech) и игри; со знаци на разгранување во различни сектори како што се здравството, инфраструктурата, образованието, производството и земјоделие, и многу други, кои комбинираат софтвер со постоечка опрема.

Посебно влијание врз екосистемот за стартапи и индустријата се очекува со Третиот бран на Интернет револуцијата. Поврзувањето на софтверот со „реалниот свет“, на пр. преку сензори, машини, возила и логистички синџири, се повеќе создава нови можности, но и т.н. disruptive предизвици (оние што предизвикуваат револуционерни промени, иновации и сл., н.з.) во сите сектори на економијата. И додека стартапите засновани на софтвер денес се во огромно мнозинство, овој нов бран има големи можности и за стартапите и за традиционалните индустрии.

Во иднина, екосистемот за стартапи може да помогне во подобрување на големите и традиционални сектори на економијата, како што се индустриското производство, земјоделството, туризмот, енергетиката  и обезбедување јавна инфраструктура и услуги. Сосема е извесно дека овие можности не само што ќе го поттикнат развојот на локалниот екосистем за стартапи, туку ќе се докажат дека имаат далеку поголемо позитивно влијание врз економијата и нејзината интеграција во многу поголемите, но исто така и високо конкурентни, глобални синџири на вредности.

Поради огромната мрежа на различни експерти за технологија, благодарение на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје (УКИМ) имаме силни можности низ сите сектори и немаме специјалност само во еден (на пр. здравство, земјоделие, енергија итн.)

Какви се плановите на Акцелераторот УКИМ за понатамошен развој на стартап екосистемот во Северна Македонија?

Стамболиев: Најновите извештаи покажуваат дека македонскиот екосистем е во рана фаза на развој и густината на стартапи е мала. Според сегашната големина, почетниот екосистем е премал за да генерира експоненцијални ефекти на раст и важно е да се признае дека е потребна одредена критична маса за да се судрат идеите и концептите, но исто така, и уште поважно, да се воспостават програми за поддршка на развиените стартапи во пристап до финансирање во подоцнежните фази.

Довербата меѓу засегнатите страни е уште еден предизвик на екосистемот за стартапи во Северна Македонија. Ова влијае на можноста за споделување идеи и учење едни од други. Чувството на заедница треба да се подобри од сите засегнати страни, што честопати беше коментирано како проблем на нашата култура. Основачите не веруваат едни на други и избегнуваат споделување информации, соработка, односно градат површни односи. Слабата локална поврзаност е резултат и на историските и културните разлики, како и на недостаток на претприемништво кај постарите генерации. Основачите немаат постојани односи со инвеститори, што е симптом на средина во која постојат многу донатори. Единствено, многу основачи се фокусираат повеќе на добивање грантови отколку на прибирање приватен капитал, што ја ограничува нивната подготвеноста за инвестиции.

Потребни се континуирани активности за промовирање на претприемништвото како кариерен избор како и вработувањето во стартап како можност за значително напредување, засновано токму на целокупниот ентузијазам од овој нов сегмент. Потребно е континуирано споделување на успешните приказни и прикажување на претприемачите како модели за пример за да се влијае на промена на свеста.

Иако бројот на основачи на стартапи расте, вкупниот број останува релативно мал и постојните стартапи продолжуваат да пријавуваат значителни проблеми со вработувањето. На прв поглед, оваа ситуација изгледа збунувачка во средина каде што невработеноста кај младите останува релативно висока и каде технолошките стартапи можат да понудат ризични, но ветувачки можности за кариера. Треба да се работи на подобрување на перцепцијата за претприемништвото и стартапите како добар кариерен избор.

Поголем е интересот за позиции со помал ризик во кариерата, како и безбедноста на позицијата кај поголеми компании или добро платената можност како хонорарен експерт за ИКТ, понатаму сигурноста во јавната администрација наспроти основањето и работење во стартапи. Иако може да се забележат подобрувања во последниве години, образовниот систем продолжува да произведува дипломци со вештини кои не одговараат на потребите на постојната ИКТ-индустрија и технолошките стартапи.

Акцелераторот УКИМ изгради силни односи со универзитетскиот кадар на УКИМ кој е пионер во трансформацијата на нивните наставни програми во применети предмети за развој на бизнисот, каде што студентите и тимовите развиваат реални бизнис планови во текот на студиите. Над илјада студенти присуствуваа на овие предмети кои имаа големо влијание врз промената на нивниот начин на размислување, но за поголем ефект на оваа интервенција неминовни се дополнителни активности кои ќе го задржат вниманието за иновации и претприемништво на студентите во текот на нивните студии.

Нашата цел е да работиме со нашите глобални партнери за да создадеме услуги што најдобро ги задоволуваат потребите на нашите идни клиенти. Така напредните стартапи можат да имаат најголема корист со нашите паметни инвестиции до 100.000 €.

Повеќе за статусот на развој на екосистемот за стартапи може да прочитате во Извештајот на ГИЗ за проценка на екосистемите за стартапи во Западен Балкан, подготвен во соработка со Startup Genome.

Објаснете ни подетално за новата Акцелераторска програма на Акцелераторот УКИМ?

Поради недостаток на поврзаност во рамките на македонскиот екосистем, стартапите не можат лесно да се движат помеѓу фазите на животниот циклус на бизнисот.

Како одговор на моменталната состојба, Акцелераторот УКИМ го објави повикот за Акцелераторска програма (APA2021) за поддршка на напредните стартапи и брзо растечките компании кои се подготвени да го освојат глобалниот пазар. Програмата овозможува поврзување на стартапите со искусни ментори и успешни регионални и глобални стартапи и е подготвена во соработка со програмата Star Venture на ЕБОР a е финансирана од Луксембург за Западен Балкан преку Фондот за поддршка на малите бизниси на ЕБОР (EBRD Small Business Impact Fund). Други донатори се: Италија, Јапонија, Кореја, Норвешка, Шведска, Швајцарија, Тајван Бизнис – Фондот за техничка соработка на ЕБОР (TaiwanBusiness- EBRD Technical Cooperation Fund)  и САД.

Акцелераторот УКИМ обезбеди експертите од релевантни глобални пазари со цел да ги им го пренесеме знаењето и искуството на стартапите и да ги подготвиме за посакуваниот раст. Покрај тоа, во втората фаза од програмата, за оние стартапи кои ќе го унапредат бизнис моделот, нашите глобални експерти ќе ја споделат својата мрежа на контакти и ќе му помогнат на стартапот да добие пристап до глобалниот пазар.

Пристапот до финансии останува едно од најгорливите прашања за екосистемот за стартапи, освен постојното првично финансирање преку грантови кои се важни, но не се доволни за креирање на среднорочниот хоризонт на инвестициите и по својата природа обезбедуваат ограничени совети кои е пожелно да се надополнат со знаењето на приватните инвеститори чии долгорочни и глобални перспективи се поинакви.

Грантовите за стартапи ќе продолжат да играат важна улога во стимулирање на претприемачката активност, но тие треба да бидат надополнети со знаењето на регионални фондови за вложувачки капитал, особено во обезбедување на последователни инвестиции, каде што БАУ има значајна улога. За жал фондови за вложувачки капитал не се доволно присутни во Северна Македонија. Пристапот до приватно финансирање, особено „паметните пари“, е ограничен во Северна Македонија, и во моментов се заснова само на постојните фондови на акцелераторите и услугите како на Акцелераторот УКИМ.

Улогата на Акцелераторот УКИМ е подобро поврзување на постојните иницијативи и решавање на очигледните празнини во животниот циклус на бизнисот, како што се пристап до ментори за раст и можности за раст. Со овие активности се зголемува влијанието врз македонскиот екосистем за стартапи кој има можност да го подобри квалитетот за поддршка за стартапите релативно брзо.

APA2021 е создаден за да генерира ново знаење и да ги претвори иновативните решенија на стартапите во профитабилни бизниси. Над 10 реномирани глобални експерти ќе бидат вклучени како ментори, додека секоја недела успешните стартапи ќе ги споделат своите приказни, успеси и неуспеси со 15-те избрани стартапи во период од 8 интензивни недели.

Ние бараме посветен тим од најмалку двајца членови со иновативна идеја и глобална визија за раст, со професионално искуство до 5 години, со минимум 51% македонска сопственост и со дефинирана интелектуална сопственост, кои се заинтересирани за: (1) тренинг од глобални експерти, (2) искуство од успешни стартапи, (3) професионално менторство, (4) мрежа на контакти, (5) можност за инвестирање од БАУ до 100.000 € и (6) постојана поддршка.

Сè на сè, оваа програма е фантастична можност за напредните стартапи и брзо растечки компании да научат од реномирани глобални лидери за технологии и бизнис.

За повеќе информации посетете не на: https://accelerator.ukim.mk/APA2021 и поднесете ја вашата апликација најдоцна до 12 септември. Следете не на социјалните медиуми со цел да ги запознаете менторите, успешните регионални и глобални стартапи и можностите кои ги нуди Акцелераторската програма на Акцелераторот УКИМ.

Акцелераторската програма, вклучително работилниците и менторските сесии, ќе се одржуваат онлајн (предмет на промена според тековните протоколи COVID-19 за јавен собир).

Г-ѓа Столевска Костадинова, претставете ја програмата Star Venture и која е мотивацијата на ЕБОР да влезе во овој сегмент на пазарот?

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го поттикнува развојот на приватниот сектор преку инвестирање, деловно советување и вклучување во реформи на политиките на високо ниво. Повеќе од 20 години Банката нуди уникатни услуги за малите и средни претпријатија (МСП) и советодавна поддршка преку програмата за Советување за мали бизниси (ASB).

Со текот на годините, програмата им помага на МСП со советодавни проекти ангажирајќи ги најдобрите локални и меѓународни советници и организира обуки. Конкретно, во Северна Македонија, ЕБОР поддржа повеќе од 1.000 МСП кои доаѓаат од различни индустрии, вклучувајќи храна и пијалаци, трговија на големо, дистрибуција, ИТ итн.

Резултатите од програмата за Советување за мали бизниси (ASB) во Северна Македонија се рефлектираат на целокупното подобрување на перформансите на компаниите на пазарот, во зголемена ефикасност на менаџирање, во напредено управување со животната средина, сертифицирање итн. На почетокот на пандемијата Ковид-19, нашиот тим брзо ги препозна потребите за дигитализација на МСП, охрабрувајќи ги да применат иновативни технологии, за да изградат агилни и отпорни процеси кои ќе ги штитат нивните деловни активности од идните кризи.

Врз основа на претходното искуство и постоечките односи со локалните акцелератори и регионални фондови за вложувачки капитал, ЕБОР ја започна програмата Star Venture, насочена кон ветувачки стартап компании, акцелератори и консултанти со цел да ги зајакне нивните капацитети.

Програмата Star Venture идентификува стартап компании со голем потенцијал за раст и ја мобилизира глобалната експертиза за да создаде можности во раната фаза на развој на компаниите, можности за вмрежување, иновации и брзо растење. Програмата, исто така, го олеснува пристапот на стартапите до техничка помош, менторство, локално и меѓународно советување, со цел да ги надминат бариерите за раст и да им се помогне да напредуваат. Акцелераторите имаат корист од персонализираните советодавни услуги, за зголемување на капацитетите за поддршка на стартапите, и да одговорат најсоодветно на нивните потреби. Работиме и со локални советници и им ги овозможуваме потребните алатки за да можат во иднина да бидат ментори на стартапите.

Програмата Star Venture е активна на Западен Балкан, соработува со одбрани регионални акцелератори и ги зајакнува локалните советодавни услуги, со цел што подобро да се канализира поддршката и да се подобри еко-системот. Програмата е раководена од ЕБОР и финансирана од Луксембург за Западен Балкан преку Фондот за поддршка на малите бизниси на ЕБОР (EBRD Small Business Impact Fund). Други донатори се: Италија, Јапонија, Кореја, Норвешка, Шведска, Швајцарија, Тајван Бизнис – Фондот за техничка соработка на ЕБОР (TaiwanBusiness- EBRD Technical Cooperation Fund)  и САД.

Кои се достигнувањата на Star Venture програмата досега?

Досега, програмата оди во вистинската насока, исполнувајќи ги своите цели во секој аспект.

Во почетокот на пандемијата, која избувна набрзо откако нашиот тим ја избра првата група на стартапи, се префрливме на онлајн имплементација на нашите проекти, за да можеме поуспешно да ги оствариме нашите цели.

Од почетокот на програмата во 2019 година, завршивме два отворени повика за аплицирање на стартапи, а во моментов тече третиот повик, кој завршува на 1 август. Во првиот и вториот круг на аплицирање избравме 16 стартапи и ги вклучивме во нашата Star Venture програма за растечки компании, каде имаат пристап до сите инструменти достапни во рамки на програмата. Од овие 16 стартап компании во сите шест економии на Западен Балкан, шест се од Северна Македонија, што го потврдува потенцијалот на нови, талентирани генерации да основаат и развиваат иновативни компании базирани на технологија, со цел да се натпреваруваат на меѓународна сцена.

На Западен Балкан ги бележиме и следниве резултати: со соодветен деловен совет беа поддржани 30 стартапи, беа поддржани шест акцелератори преку пет активности за  развој на пазарот, се контактира над 550 стартапи и различни организации, беа обучени седум локални консултанти за да работат со компании во рана фаза на развој. Во текот на имплементација, околу 10.000 поединци беа запознаени со програмата преку различните канали на комуникација.

Како ќе ги поддржи програмата Star Venture акцелераторите и другите чинители од екосистемот на стартапи во Западен Балкан, а особено во Северна Македонија?

Како дел од нашиот одговор на Covid-19 и во обид да изградиме уште посилна стартап и претприемачка заедница, ја проширивме програмата до пошироката група на организации во регионот. Оваа група вклучува регионални акцелератори и организации слични на акцелератори, на кои им е потребна поддршка за градење на нивните капацитети и кои можат да го апсорбираат знаењето, со цел да ги подобрат процесите на работење и управување и да ја зајакнат нивната одржливост. Овие акцелератори веќе имаа улога во процесот на започнување на програмата Star Venture, како и во дистрибуцијата на информациите за активностите на Star Venture преку нивните канали, како и размена на препораки за стартапи, учество на настани и постојани контакти со ЕБОР во врска со активностите за развој на екосистемот. Од друга страна, програмата ја зголеми својата поддршка за овие партнери и нивните групи на стартапи преку советодавни услуги.

Затоа, поддршката за акцелераторите преку овие активности има за цел да ги зајакне нивните технички капацитети за поддршка на стартапите.

Во моментов во Северна Македонија соработуваме со Акцелераторот УКИМ и развивме програма со цел да ги поддржиме нивните стартапи и други заинтересирани стартапи  кои не се дел од програмата Star Venture. Програмата за акцелератори со Акцелераторот УКИМ ќе обезбеди комбинација од консултантска и менторска поддршка за 15 стартапи за да им помогне  во реализација на својот целосен потенцијал, водејќи ги по патот кон одржлив раст.

Што може претприемачите и иноваторите да очекуваат во иднина од ЕБОР?

Опсегот на поддршка ќе биде и понатаму проширен и резултатите ќе бидат дополнително максимизирани во смисла на поддршка за акцелераторите преку советодавни проекти и обуки. Дополнително, програмата ќе ја заголеми својата поддршка за поширока група на стартапи преку индивидуални советодавни проекти и / или преку акцелераторите, за да им помогне да ги надминат пречките предизвикани од пандемиската состојба и да го зајакне нивниот понатамошен развој и раст. Star Venture има за цел да го врати центарот на вниманието на регионот на Западен Балкан и од таа причина ќе продолжи да ги развива мрежите на инвеститори, експерти и советници, вклучувајќи ги и локалните и регионалните организации.

Имајќи знаење и искуство од терен и за веќе добро развиени компании и за стартапи, ЕБОР е уникатно позиционирана да одговори на потребите на компаниите и истовремено да ја поддржи соработката помеѓу МСП и стартапите. Сеопфатната поддршка е насочена кон зголемување на влијанието врз поширокиот екосистем, иновативноста и капацитетот за развој на МСП.

Ние во ЕБОР сме заинтересирани да ги реализираме иновативните идеи и да помогнеме на стартапите кои имаат потенцијал, во нивното патување кон раст и развој!

Во тимот на Акцелераторот УКИМ покрај Александар Стамболиев, се и Нина Атанасовска (на фотосот), финансиски директор и Перица Врбоски, оперативен директор

БАУ Акцелераторска програма 2021 (APA2021)

Отворен повик за иновативни стартапи и брзо растечки компании (рок 12 септември 2021)

Програмата AПA2021 ви нуди:

  • Обука од глобални експерти;
  • Искуство од успешни стартапи;
  • Професионално менторство;
  • Мрежа на контакти;
  • Можности за финансирање од БАУ и
  • Континуирана поддршка.

Критериуми за избор на кандидати:

  • (минимум 2 члена)
  • 51% македонска сопственост

Програмата ќе трае осум недели и ќе биде поделена на два дела:

  • Прв дел: работилници за поддршка на развојот на 15 стартапи (Октомври):
  • Втор дел: Адаптирани менторски сесии за избраните 3-5 стартапи кои покажа најдобар потенцијал (Ноември).

Ќе бидат организирани два демо дена (3 ноември и 15 декември), што ќе му овозможи на секој стартап да го претстави својот напредок и потенцијал пред меѓународните и локалните ментори и инвеститори.

економија2 дена ago

Поддршка за големите извозници: гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

македонија4 дена ago

Македонија 60-та во свет од 110 држави рангирани според дигитален квалитет на животот

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

политика6 дена ago

Брима – Галуп: Ако денеска се одржат локалните избори, СДСМ би освоил 19,8%, а ВМРО-ДПМНЕ 17,7% од гласовите

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

start up6 дена ago

Соработка за развој на стартап заедницата: партнерство на Македонски Телеком и Стартап Македонија

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка