економија
Пораки од ММФ и Светска банка: Не е време за штедење!

Токму оние што беа најголеми поборници на штедењето, како што се ММФ и Светска банка, сега сугерираат сосема спротивна политика наместо тоа и бараат од земјите фискален активизам за да се поддржат работните места. Ова сценарио во нормални околности беше незамисливо, но пандемијата и рестрикциите што се применуваат за спречивање на ширењето на вирусот оставаат сериозни последици врз економијата и затоа меѓународните финансиски институции велат дека оваа војна може да се добие само со повеќе пари како муниција. „Додека болеста беснее, што друго ќе правите?“, истакна главниот економист на Светската банка, Кармен Рајхарт и потоа додаде, „прво се грижите за борбата против вирусот, а потоа ќе барате начин како да платите за тоа“.
Фискалната конзервативност што требаше да ги спастри буџетските дефицити и јавните долгови на земјите особено по должничката криза во Европа пред една деценија, се напушта како политика барем привремено во екот на пандемијата со коронавирусот. Токму оние што беа најголеми поборници на штедењето, како што се ММФ и Светска банка, по годишните виртуелни средби заклучија дека новите вонредни околности што ги наметна пандемијата и мерките за спречување на неговото ширење кои директно ја загрозуваат економската активност, наместо тоа бараат фискален активизам.
Кармен Рајнхарт, еминентен економски историчар, а сега главен економист во Светска банка, препорача земјите да позајмуваат многу повеќе за време на пандемијата. „Додека болеста беснее, што друго ќе правите?“, прашува таа. „Прво се грижите за борбата против вирусот, а потоа ќе барате начин како да платите за тоа“.
ММФ и Светска банка апелираат побогатите земји да трошат и тоа да биде главната муниција во борбата со панедмијата особено за побрзо надминување на економските последици, иако некои земји во развој се соочуваат со сериозни предизвици кога е во прашање нивото на јавниот долг.
Тоа е сосема нова мантра од онаа што ја сугерирше токму самиот ММФ поучен од глобалната финансиска криза дека „многу земји се соочуваат со големи потреби за намалување на трошењата“, но сега им порачува на сите земји што имаат пристап до финансиски пазари да се задолжуваат и да трошат за да се сочуваат работните места. Во мирнодопски услови ова би делувало како прилично неприфатливо сценарио, меѓутоа, во 2020 година, пандемијата може да ја обезбеди токму оваа ситуација – да биде оправдување за еднократно зголемување на дефицитите, меѓутоа, не и алиби за непродуктивни трошоци, туку единствено како поддршка на здравствениот систем да се избори со вирусот, и на компаниите и граѓаните да ги преживеат рестрикциите.
Инспирирана од рускиот романсиер Фјодор Достоевски, извршниот директор на ММФ, Кристалина Георгиева, изјави „Само едно е важно – да се осмелиш“.
Податоците на овие меѓународни финансиски институции покажаа дека и напредните економии и многу од земјите во развој сериозно го прифатиле советот во борбата со коронавирусот. ММФ проценува дека земјите досега го зголемиле трошењето или ги намалиле даноците за 11,7 илјади милијарди американски долари досега, што е 12% од глобалниот бруто домашен производ во 2020 година.
Речиси сите земји погодени од пандемијата излегоа со огромни стимулативни пакети за поддршка на економиите. Во Велика Британија, конзервативната влада на Борис Џонсон го отфрли штедењето како концепт за консолидирање на јавните финансии и наместо тоа, планира да се задолжи вкупно 350 милијарди фунти до крајот на годинава, што е 17% од БДП на земјата и највисоко ниво во услови на мир во последните 300 години.
Дури и Германија, која што важеше за бастион на фискална исправност, министерот за економија Питер Алтмаер истакна дека земјата воведува „најголема стимулативна програма на сите времиња“ како одговор на коронавирусот.
Сепак аналитичарите нагласуваат дека мора да се потенцира дека овие препораки се само привремени додека светот не се избори со пандемијата. Би било погрешно да се каже дека ова се исправни полиѕики на долг рок и дека дефицитите и јавниот долг не се повеќе важни.
Дури и во рамките на ММФ има спротивставени ставови. Додека извршната директорка Георгиева вели дека „не е време за балансирање на јавните финансии според книгите“, некои официјални лица сè уште инсистираат на штедење на земјите кои имаат долгови како планини.
Задолжувањата сега дополнително ќе ја влошат ситуацијата и веројатно ќе наметне многу поконзервативен пристап кон фискалната политика во иднина.
Така што иако штедењето како концепт сега е мртво, извесно е дека многу брзо може повторно да воскресне.
………………………………………………………………………………………………………………………………………………………….
Повеќе на темава ќе може да прочитате во утрешниот број на магазинот Капитал.