Connect with us

коментари

Љупчо Зиков: Пост – ковид времето е нова голема шанса за Македонија !?

објавено

на

GDP (БДП бруто домашен производ) = C + I + G + (X-M)

  • C – потрошувачка на населението (private consumption)
  • I – Инвестиции (gross investment)
  • G – Потрошувачка на државата (government spending)
  • X-M – Разлика меѓу извозот и увозот (export-import)

Пост – ковид времето е голема шанса, за нов почеток на македонската економија! Сега е времето за новиот модел на раст на домашниот производ, за растот на македонските компании и извозот! За развојот на човечкиот капитал и образованието! Фали нов модел! Пред тоа да се прашаме уште еднаш … како го создаваме и управуваме својот бруто домашен производ (БДП). Која е доктрината на Македонија? И дали воопшто се менаџира одржливо БДП!? Повеќе пати, низ годините наназад, на ова место сум напишал дека и големите македонски професори по економија, како и МАНУ и македонски влади живеат и работат во голема заблуда дека така креираните економски политики во независна Македонија го решаваат проблемот на растот на економијата и развојот на општеството … И по три децении не можеме сериозно да се одлепиме и да зачекориме побрзо напред … Сите економски политики водени во земјава, ќе потенцирам се до политиките на оваа Влада на Зоран Заев (ке објаснам зошто) беа економски политики креирани заради самите политики (да има напишано), а не заради растот на БДП и развојот!? Затоа и ништо не се гледа на мегдан … Сега е времето за големата промена … Како?

Долго време овде се забораваше дека основната цел на секоја економска политика се зголемувањето на инвестициите во индустриските сектори и човечкиот капитал, како и отворањето на нови и многу работни места со што ќе се зголеми личната потрошувачка на населението (она од формулата во почетокот на текстот). Притоа и најдобрата социјална политика, од друга страна, е всушност зголемувањето на работните места, и тоа на добро платените работни места. Ќе се задржат граѓаните да живеат и градат свои лични проекти, да раскажуваат свои лични деловни и егзистенцијални приказни овде во Македонија. Видовме дека тоа не се случи во трите децении македонска независност.

Поентата на овој текст е во намерата да се покаже дека со стапки од 2% до 4% раст на БДП, распон во кој се движиме и тетеравиме три децении во независноста, овие цели нема да можеме да ги постигнеме. И бескрајните дебати дали сме минус еден или плус два отсто раст на БДП никаде не водат. Освен што се пополнуваат телевизиските програми со парчиња во кои некои умни економисти и интелектуалци расправаат и докажуваат кој колку читал макроекономија! А всушност проблемот е најмалку во макроекономијата, туку во најголемиот дел во микроекономијата … во светот на компаниите, во квалитетот на инвестициите, и во квалитетот на секторите кои ги развиваме и инвестираме! Ги имате, работат нешто важно или ги немате …!?

Во моја слободна проценка со ваков резон сериозен раст нема да постигнеме уште 50 до 70 години (значи и неколку идни генерации!?) …

Оттука, како во сите добри пракси во кои паметните своите проблеми ги претвораат во предност, Македонија сега го има пред себе можеби новиот клучен период во пост – ковид периодите и годините што следуваат. Да смениме нешто за што не сме зборувале три децении! Што е тоа? Тоа е моделот на кој се потпираме сите во оваа земја! Моделот на развој …

Да ја искористиме и, за прв пат, отвореноста на една влада (оваа секако) за идеи и концепти, нејзината демократичност и флексибилност на потребите на разните таргети и заедници. Нејзината определба да се пресмета со корупцијата и криминалот, да воспостави правен систем каков досега не е изграден, и да го зголеми количеството на државни, јавни капитални инвестиции што во индустриите, градежништвото енергетиката, како и во човечкиот капитал на земјата.

КОГА, АКО НЕ СЕГА

Следува пописот. Тој ќе покаже запрепастувачки резултати во делот на повеќе индикатори кои во следните години ќе ги користиме во делот на економските реформи. Ќе покаже и колку многу население од овде се иселило во последните дваесет години од кога е одржан последниот попис! И тоа ќе биде важно во креирањето на идниот модел на развој на економијата. Можеби пописот ќе даде и насоки кои идни индустрии би можеле да се развиваат во земјата, како и колку население живее во градовите и селата од што ќе се види дали Македонија има капацитет да развива гранки поврзани со примарното земјоделство, или дефинитивно треба да се определиме за силни поддршки во делот на производството на храна, и воопшто преработувачката индустрија.

Оттука, пописот во Македонија е многу важен во овој момент. Особено ако претпоставиме дека ковид кризата е кон крај, и ако прифатиме дека периодот по ковид е многу добра шанса за македонската економија и општество да одберат, сет нови доктрини и сосема ново гориво за движење. Јас сум за тоа … Ресет …

Да ја опишам состојбата денес …

Сиромашни граѓани кои се иселуваат, или поради немање работа, или поради немање соодветна работа, или поради отсуство на можности да отпочнат приватна иницијатива (најчесто немање можност да се стигне до капитал и други финансиски производи), или поради ниски приходи, а несразмерно поголеми давачки (!?). Од друга страна, младите луѓе иако се добро образовани овде, најверојатно се општо образовани … без вештини. Ова значи дека се погрешно образовани, и не се атрактивни за индустриите и компаниите во приватниот сектор кои имаат потреба од конкретни професионалци со специфични вештини. Платите во приватниот сектор каде многу се работи се многу мали, дури и кај добро управуваните компании! Мали се поради малата продуктивност и лошите перспективи на самите компании, во најголемиот дел лошо управувани! Поради лош менаџмент, и можеби недостаток на закони, работните места во приватниот сектор не се заштитени и постојано висат! Работните места во јавниот сектор и администрацијата се премногу заштитени, подобро платени, со повеќе странични бенефиции и оттука, состојбата на умот овде, е сите во јавната администрација.

Но, мотивот за работа, и за личен развој, останува мал, фрустрацијата и револтот голем … следствено продуктивноста многу мала, што ги прави компаниите овде неконкурентни на странските пазари. Извозот е мал, увозот драматично голем, следствено трговскиот дефицит на земјата е голем и има лоши влијанија врз севкупната економија. Проблем е што за ова не се зборува …

Инвестиции во приватниот сектор има, но далеку од доволно. Друг проблем е што македонските приватни компании истоштени од долгата предолга транзицијата денес се презадолжени во банките! А во банките има се и сешто во релациите со компаниите, па може да се види дека како производ на полу легални односи имате некои богати поединци лично, но чии компании се драматично задолжени (!?)

Криминалот и корупцијата се форма на опстанок! Преку нив се прават и кариери и пари …

ЗОШТО Е ТОА ТАКА ДОЛГО ВРЕМЕ?

Така е затоа што долго се бавиме сами со себе. Она малку што го заработуваме како домашен национален производ го распределуваме на крајно лош начин! Цело време очите ни се вперени во распределбата на БДП, како и во распределбата на годишните национални буџети, а го изгубивме фокусот во прашањето како создаваме БДП!? Како креираме едногодишен буџет во земјата!? Од каде ни се всушност на нас, и овие пари што сега ги трошиме? Тоа е вистинското прашање … И како да го зголемиме БДП повеќе од 5% па и повеќе од 6% долгорочно … Тоа е вистинскиот предизвик!?

За постигнување на една ваква цел ни е потребен сосема нов модел.

За да илустрирам, ќе се послужам со едноставен пример: Отворате маалски дуќан за прехрана. Немате пари. Немате ниту заштеда кој знае каква … Одите кај лихвар и позајмувате 700 евра со 5% камата на месец! Купувате производи за 700 евра и ги редите на полиците. Продавате со просечна маржа од 10%! Во случај се’ да продадете за еден месец сте заработиле само 70 евра. Од нив, 35 евра ќе ги дадете како камата кај лихварот … Но тоа ќе се случи само ако продадете се’. Ако не продадете немате толкава заработка, а обврската кај лихварот останува иста! Што сте направиле? Ништо … Сте ‘рмбале цел месец како вол за слама …

Како ќе ја надминете оваа состојба?

Или ќе влезете длабоко во овој ваш бизнис и ќе дојдете до можност во дуќанот да ставите производи во вредност од 5000 евра и ќе правите разни продажни финти за да зголемите продажбата. Или второ напуштете го овој модел за преживување и барајте друг модел. Барајте реален бизнис. Инвестирајте. Заработувајте повеќе. Мислете.

Македонија се наоѓа токму во оваа приказна …

Да ја анализираме формулата од почетокот

Растот на македонскиот БДП во годините наназад се должи на растот на личната потрошувачка. Многу малку инвестиции … Но личната потрошувачка во Македонија може да создава годишен раст од 2% до 3%! Ништо повеќе. Овде има и два големи дефекти  и тие го прават растот на домашниот БДП неквалитетен.

Прво, личната потрошувачка се зголемува кај граѓаните кои претежно работат во јавната администрација, кај пензионерите и отприлика тоа е тоа …

Вториот дефект е прилично опасен, а тоа е затоа што со растот на личната потрошувачка во отсуство на домашни производи произведени во домашната економија ние всушност го финансираме увозот на производите! Лидл ефектот во Врање, на пример … И така во голем дел се продлабочува трговскиот дефицит!

За да биде оваа формула на БДП добра за Македонија потребно е да растат инвестициите во приватниот сектор и трошоците на државата за капитални инвестиции кои ќе носат приноси. За оваа година премиерот Зоран Заев најави драматично поместување и зголемување во овој правец …

Сега, и двата овие индикатори на земјата се лоши!

Мора да се смени начинот на размислување. Бизнис моделот на правење пари во економијата и зголемување на БДП, кој за Македонија не смее да биде под 6% долгорочно. Таков раст не може да се прави, со крајно синдикален резон и само со занимавање со личната потрошувачка на граѓаните со ниска продуктивност на работење, неквалитетни работни места ниско платени, што како краен ефект се огледува како сиромашни, немотивирани македонски граѓани кои го напуштаат теренот.

Вистинските реформи се длабоките структурни реформи и олеснет пристап на компаниите до евтин капитал. Така ќе се создаде атмосфера за претприемништво, креирање на нови компании во нови поквалитетни индустрии и со тоа создавање квалитетни и добро платени работни места. Мора да постои поддршката на државата за поедини стратешки сектори. Кои се тие допрва треба да се дефинира врз основа на сериозна анализа … храна, енергија, информатички технологии …!? Уште нешто можеби? Квалитетни субвенции овде … и отворање на широк фронт на капитални инвестиции во транспортната инфраструктура.

Ајде да почнеме од тука …

Еве како размислува реформаторот на Полска Лешек Белцерович!

Мислам дека сиромаштијата не може да се искорени или барем намали преку зголемување на давачките за побогатите. Сиромаштијата може да се намали преку инвестиции во реалниот сектор на компаниите. Преку зголемување на продуктивноста. И преку отворање на нови работни места.

Сиромашните нема да станата побогати ако државата одзема поголем дел од доходите на побогатите. Од друга страна, државата е должна да ги кине врските меѓу државата, и моќни луѓе во бизнисите! Ако приходите на богаташите всушност доаѓаат од нивните врски со властите, тогаш тие врски мора да се прекинат. Според мене, клучно е да се надмине нееднаквоста во можностите во едно општество, односно еднакво талентирани луѓе да имаат ист пристап до образование. Ние би додале и до можностите за бизнис, пред се финансирањето.

Лешек Балцерович, кој сега е угледен професор на Варшавската школа, важи за архитект на трансформацијата на Полска од комунизам во капитализам. Балцерович, од позицијата на вицепермиер и министер за финансии во 1989 спроведувал „шок терапија“ за да се справи со хиперинфлацијата и од плански водена да создаде современа пазарна економија целосно ослободена од шепите на државата. Високите стапки на економски раст што и во време на економска криза минатата деценија ги остварува Полска и притоа, во последните 25 години остана единствена земја во Европа што одбегна рецесија се доказ дека тој добро си ја завршил работата.

Тој, пред извесно време, зборуваше ексклузивно пред новинари на Капитал! Зборуваше за тоа што треба една држава да направи за да изгради стабилни темели за економски развој. „Државата е лош менаџер“, вели Балцерович и додава дека „ независноста на државните институции и администрацијата од политичките партии е клучна, бидејќи кога државата е окупирана од една политичка партија демократијата ја снемува, и тоа вообичаено се одразува лошо на економијата“. Тој вели дека земјата треба да биде што поотворена, да се залага за задржување на ниски даноци, но во исто време да ја зајакне контролата на трошењето на народните пари.

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

економија5 часа ago

мајВорлд Интернешнл (myWorld) го назначи Радован Витошевиќ за главен извршен директор на компанијата

банки23 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија3 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки4 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки4 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју4 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија6 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up2 недели ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании2 недели ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион2 недели ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас