економија
Предизвици на е-трговијата во регионов: во Македонија побрзо ќе стигне пратка од Кина, одошто од Србија или БиХ

Македонските потрошувачи во просек купуваат онлајн еднаш до два пати во 3 месеци, прават нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачуваат од домашни е-трговци, е еден од заклучоците што може да се изведе од најновата анализа за состојбите во е-трговијата изработен од македонската Асоцијација за е-трговија (АЕТМ).
Владите од регионов, помалку или повеќе работат на олеснување на е-трговијата помеѓу балканските држави, но се’ уште постојат доста бариери за нејзин побрз развој. Царински бариери, преголема бирократија, недоволно кадар и логистика, се само некои од пречките.
“Во Македонија конкретно, се соочуваме и со проблеми од типот постојано менување на имиња на улици, немање поштенски сандачиња, итн. Генерално доставата е клучниот предизвик во е-трговијата, а тука фали логистика, квалитетни вработени, дигитализација, истакна Игор Гешовски од компанијата за курирски услуги Еко Логистик Сервиси, на денешната 5. Годишна конференција за е-трговија што се одвива во Скопје.
Тој упати една поразителна забелешка во врска со логистичките предизвици за е-трговијата во регионов: „Трагично, но вистинито, во Македонија побрзо ќе стигне пратка од Кина, одошто од Србија или Босна и Херцеговина, на пример“.
На Конференцијата беа презентирани и актуелните состојби и напредокот на е-трговијата во Македонија, споредено со земјите од регионот и ЕУ.
Македонските потрошувачи во просек купуваат онлајн еднаш до два пати во 3 месеци, прават нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачуваат од домашни е-трговци, е еден од заклучоците што може да се изведе од најновата анализа за состојбите во е-трговијата изработен од македонската Асоцијација за е-трговија (АЕТМ). Просечниот македонски потрошувач најмногу купува облека онлајн, а најмалку мебел и храна (испораки од ресторани).

„Податоците покажуваат раст на речиси сите индикатори, така на пример, 46% од интернет корисниците купуваат онлајн, има значителен пораст во користењето на интернет банкарство и понатамошен раст на онлајн трансакциите, меѓутоа сепак тоа е мал раст споредбено со земјите од Европска Унија. Затоа мораме да го забрзаме развојот на е-трговијата за да отскокнеме од дното неколку места напред., истакна“, рече Нина Ангеловска, претседателка на АЕТМ, претставувајќи го извештајот на Конференцијата.
Вредноста на трансакциите кои Македонците ги реализирале кон домашните е-трговци во првата половина на 2022 изнесува 12 милијарди денари и е за 22% повисока споредбено со првото полугодие во 2021. За охрабрување е и фактот дека во првата половина на 2022 година се отворени 110 нови е-продавници, што укажува на тоа дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди кои примаат платежни картички на виртуелни места на продажба.
Во однос на навиките за користење на услугите од електронското банкарство, во Северна Македонија се забележува значителен пораст на 31% од населението кое користи интернет, но тоа не е доволно – нашата земја е подобра само од соседните земји, додека 66% од Европејците го користат интернетот за е-банкарство.
Но, затоа, 85% од Македонците го користат интернетот за социјални мрежи и се во горниот ранг. Сите балкански интернет корисници најмногу сакаат да зборуваат, а помалку да праќаат е-маил. Црногорците отскокнуваат во учество на социјални мрежи, праќање инстант пораки и читање онлајн вести, весници, списанија, додека Србите во барање информации за производи/услуги и барање на информации поврзани со здравјето, додека Босанците за продавање на производи и услуги онлајн иако во речиси сите други активности на интернет се на последно место.