Connect with us

Business

Преку 30 милиони евра вложиле годинава македонските граѓани во Tesla, Apple, Amazon и останатите гиганти

Домашните инвеститори се’ повеќе тргуваат на странските берзи

објавено

на

Само во вториот квартал годинава, за тргување на странски берзи домашните инвеститори потрошиле преку една милијарда денари, или околу 17,5 милиони евра, што е за цели 74% повеќе во однос на првите три месеци, кога прометот на странските пазари изнесувал околу 10 милиони евра. Тоа значи дека за првите шест месеци вкупниот износ на прометот со акции во странство изнесува речиси 28 милиони евра, а до моментот на пишување на овој текст го имаме уште и официјалниот податок дека за јули прометот е 3,8 милиони евра, додека за август податоците допрва ќе излезат. Сума сумарум, преку 30 милиони евра е трговијата со акции во странство на македонски субјекти од почетокот на годинава.

На критичарите на либералниот капитализам периодов им се креваше косата на глава од вестите што доаѓаа од “милијардерскиот Олимп“, односно сознанијата дека најбогатите луѓе на светот – Ворен Бафет, Бил Гејтс, Џеф Безос & Co.  – станале уште побогати од почетокот на пандемијата наваму, зголемувајќи го свето богатство за неколку стотици милијарди долари, додека остатокот од планетава мака мачи да ги задржи своите работни места и да обезбеди егзистенција.

Но, дијалектичкото правило симплифицирано во синтагмата „додека на еден не му се стемни, на друг не му се разденува“ многу фино се отслика и во тоа што се случуваше со економијата во светот и што на крајот на денот, директно придонесе за здебелување на паричникот на горе спомнативе. Додека голем дел од бизнисите мораа да затворат поради карантините и полицискиот час воведувани во практично сите земји во светов, одредени бизниси, како онлајн трговијата, технолошките услуги за видео – конференции, разните софтверски производи, итн., забележаа вртоглав раст на побарувачката за нив, поради новата нормалност за работа од дома, онлајн нарачки на сe’ и сешто и сл.

Следствено, и компаниите што владеат во овие сектори, како Amazon, Zoom, Microsoft, но и останатите гиганти од технолошкиот сектор, како Tesla, Apple, Google, итн.,  “растурија“ со продажбите и нивните акции отидоа до небо изминативе неколку месеци, со што се зголеми нивната вредност на берзите, а со тоа и вредноста на уделите што нивните основачи и директори, како Џеф Безос, Бил Гејтс, Илон Маск, Лери Пејџ и нивните колеги ги поседуваат во овие компании. Па, така, акциите на Amazon, најголемата светска платформа за онлајн трговија, пораснаа за  речиси 100% од средината на март досега, од 1.800 на 3.500 долари за акција, што практично  ja удвои и вредноста на уделот што таму го поседува директорот и основач, Џеф Безос. Неговите 11,2% во Amazon, денес вредат околу 195 милијарди долари со оглед дека пазарната капитализација на компанијата е преку 1.740 милијарди долари, па Безос е во моментов најбогатиот човек на планетата и убедливо им бега со по неколку десетици милијарди на вториот, третиот, итн. на листата.  

На домашниот пазар на капитал, Македонската берза, тргувањето изнесувало 95 милиони евра во првите два квартали (со една забелешка дека во првиот квартал имаше преземање на Еуролинк од страна на Граве за 17 милиони евра), а на странските берзи македонските инвеститори вложиле 28 милиони евра. Следствено, уделот на тргувањето со хартии од вредност на домашниот пазар учествувало во вкупната трговија со 87% во првиот квартал, а на странските пазари со 13%, додека во вториот квартал веќе, овој сооднос е 61% наспрема 39%, што значи дека инвестирањето надвор станува се’ повеќе „му конкурира“ на инвестирањето на домашната берза.

Растот пак, на Zoom, компанијата што стои зад најпопуларната во моментов алатка за одржување видео конференции и состаноци, нешто што им беше и тоа како потребно на милиони луѓе низ планетава во време на пандемија, е уште повпечатлив. Акциите на Zoom од средината на март досега се пораснати за дури 4,5 пати, а компанијата моментално вреди на пазарот околу 113 милијарди долари, што го прави среќен нејзиниот основач и директор, Американецот со кинеско потекло, Ерик Јуан, којшто денес поседува 22% од акциите во Zoom, поточно неговиот удел вреди околу 25 милијарди долари. И слично на овие примери, и акциите на Apple пораснаа двојно среде пандемијата, на Google за 70%, на Facebook за 100%, на Microsoft за 60%….

Но, никој, апсолутно никој не ги наполни насловните страници на светските медиуми изминатиов период како Илон Маск, ексцентричниот и живописен лидер на Tesla, американскиот производител на електрични возила. Иако неговите пасии и бизнис интереси се бројни, па го гледавме и како лансира вселенски летала, гради тунели за супер – брзи возови или фабрики за батерии, славата ја украде Tesla, чии што акции во последниве шест месеци ја зголемиле вредноста за ,верувале или не, дури 7 пати. Поточно, од допирањето на дното поради паниката што настана во февруари и март поради короната, од 72 долари на 18 март, до цената постигната на 31 август од 498 долари, разликата е точно 592%!!! Пазарната вредност на Tesla достигна речиси 400 милијарди долари, а самиот Маск „тежи“ во моментов околу  90 милијарди долари, и тоа само од уделот што го има во оваа компанија.


Интересот за “играње“ на светските берзи се’ поголем меѓу Македонците

Од трите македонски банки што имаат дозвола да посредуваат при купување акции во странство велат дека инвеститорите повеќе се информирани и повеќе ги следат берзите во Америка отколку во Европа. Најмалите износи со кои излегуваат на странските пазари се движат околу 2.000 евра, просечните се околу 20.000 евра, а поголемите достигнуваат и до 500.000 евра.

Овој малку подолг вовед го правам за да го истакнам фактот дека во целата оваа „рапсодија“ на американските берзи свој симболичен, но реален удел имаат и парите на наши сограѓани, индивидуалци или правни лица коишто отприлика една година веќе тргуваат со акции на Њујоршката, но и берзите во Лондон, Франкфурт, Токио и останатите светски финансиски центри. Порано тоа беше законски невозможно (освен индиректно преку вложувањето во домашните инвестициски фондови коишто потоа вложуваат на светските берзи), но откако државата конечно ја олабави регулативата во оваа област (одредбите во Законот за девизно работење), од јули 2019 година и домашните инвеститори почнаа „да играат“ на светските берзи.

Па така, според податоците јавно објавени на сајтот на Комисијата за хартии од вредност, само во вториот квартал годинава, за тргување на странски берзи домашните инвеститори потрошиле преку една милијарда денари, или околу 17,5 милиони евра, што е за цели 74% повеќе во однос на првите три месеци, кога прометот на странските пазари изнесувал околу 10 милиони евра. Тоа значи дека за првите шест месеци вкупниот износ на прометот со акции во странство изнесува речиси 28 милиони евра, а до моментот на пишување на овој текст го имаме уште и официјалниот податок дека за јули прометот е 3,8 милиони евра, додека за август податоците допрва ќе излезат. Сума сумарум, преку 30 милиони евра е трговијата со акции во странство на македонски субјекти од почетокот на годинава. Колку за споредба само, на домашниот пазар на капитал, Македонската берза, во првиот квартал годинава прометот изнесувал околу 68 милиони евра, а во вториот околу 27 милиони евра, со забелешка дека во првиот квартал имаше преземање на Еуролинк од страна на Граве за 17 милиони евра. Следствено, уделот на тргувањето со хартии од вредност на домашниот пазар учествувало во вкупната трговија со 87% во првиот квартал, а на странските пазари со 13%, додека во вториот квартал веќе, овој сооднос е 61% наспрема 39%, што значи дека инвестирањето надвор станува се’ повеќе „му конкурира“ на инвестирањето на домашната берза.

Во последниот квартал од минатата година, кога всушност и се забрза тргувањето со хартии од вредност на странските пазари по почетните трансакции  што се случија летото, прометот на македонските физички и правни лица бил 473 милиони денари или околу 7,7 милиони евра, што значи дека годинава овој вид на тргување добива на динамика,  и покрај психозата што кај инвеститорите ја создава пандемијата. Од податоците за тргувањето се гледа дека интересот за купување акции во странски компании континуирано расте од месец во месец во 2020 година, па иако во март американските, и останатите главни берзи во светот забележаа силен пад поради паниката создадена од затворањето на економиите предизвикано од пандемијата, во април месец прометот на странски пазари со „македонски пари“ повторно пораснал, на 396,5 милиони денари. Всушност, како што објаснуваат од македонските банки, најсилниот пораст на новорегистрирани клиенти и промет е забележан во вториот квартал, во периодот на силен пад на цените на инструментите на странските пазари.

„Во 2020 година, особено по силната корекција на светските пазари во март месец, бројот на индивидуалци од земјава кои инвестираат, а кои претходно немаат значително искуство во тргувањето со хартии од вредност,  рапидно се зголеми. Се работи за инвеститори со портфолија до 20.000 евра, кои целат кон фреквентно тргување. “, објаснуваат од брокерскиот оддел на Шпаркасе банка, една од трите банки коишто засега имаат дозвола од регулаторот да бидат посредници во купувањето акции во странство за македонските клиенти.

Оттаму додаваат дека во  овој период се регистрирани и значителен број на клиенти кои преферирале т.н. buy&hold стратегија, со долгорочен инвестициски хоризонт кои инвестирале и позначителни финансиски средства.

Инаку, Шпаркасе во моментов има најголем удел во обемот и вредноста на трансакциите направени на странски берзи, со 45% од вкупниот промет во вториот квартал од 2020, пред Комерцијална банка со нејзината Дирекција за вршење услуги со хартии од вредност со 36,5% учество и НЛБ Банка со нејзиниот брокерски оддел и 18% од прометот.

Од 2.000 па до 500.000 евра за инвестирање

Од банките велат дека во првиот бран на регистрирани клиенти, најзастапени биле добро информирани индивидуалци, со солиден бекграунд од областа на тргувањето со акции и значителна финансиска моќ.

„Правните лица кои инвестираа на странските пазари се во најголем дел со позначителни портфолија, над 50 – тина илјади евра и со долгорочна инвестициска стратегија.“, велат од Шпаркасе.

Во Комерцијална банка, односно нејзиниот оддел за услуги врзани со хартии од вредност, ни кажаа дека повеќето инвеститори имаат вложено одредена сума пари и со таа се активни на краток рок. Штом обезбедат, за нив задоволителна капитална добивка, ги продаваат акциите и веднаш потоа ги инвестираат во нови хартии од вредност.

„Одредена група на инвеститори инвестираат на долг рок, главно во светски познати компании.  Може да се каже дека инвеститорите повеќе се информирани и повеќе ги следат берзите во Америка отколку во Европа. Најмалите износи со кои излегуваат на странските пазари се движат околу 2.000 евра, просечните се околу 20.000 евра, а поголемите достигнуваат и до 500.000 евра.“, ни објаснија од Комерцијална банка.

Од банката додаваат дека изминатава година преку нив македонските инвеститори вложувале во околу 200 странски компании, а најатрактивни биле акциите на Deutsche Bank и Commerzbank  од Германија.

„Секако, застапени се и технолошките гиганти, особено Apple In., но интересно е дека инвеститорите од земјава вложуваат и во технолошки компании кои и не се толку познати во македонската јавност, што кажува дека доста длабоко го анализираат пазарот, особено американскиот.“, велат од Комерцијална банка.

Нивните колеги од Шпаркасе се согласуваат дека акциите на најголемите технолошки компании секако биле едни од најатрактивните, особено кај поголемите инвеститори.

„Помалите инвеститори имаа поголем фокус на помалите компании со подраматичен (ризик/награда) профил. Голем дел од клиентите се одлучуваат и за попасивните форми на инвестирање,  како т.н. ETF на големите светски индекси (инвестициски фондови коишто се врзани со вредноста на главните берзански индекси, како Dow Jones, S&P 500, итн.), кои се особено интересни за инвеститорите со подолг инвестициски хоризонт. Во 2020 исто така е евидентен и порастот на инвестиции во суровини, како злато, сребро, нафта, исто така преку ETF кои ја реплицираат цената на конкретната суровина.“, објаснуваат од Шпаркасе.

Како се купуваат акции во странство?

Михајло Брова Зиков, директор на Дирекцијата за вршење услуги со хартии од вредност во Комерцијална банка АД Скопје, уште во минатогодишното интервју за Капитал објасни како изгледа процедурата за купување на акции во странство.

Постапката е многу едноставна. Потенцијалните клиенти доставуваат налог за тргување во странство кај овластените брокери во земјава.  Овластените брокери го проследуваат налогот до глобалните брокери (инвестициско друштво или финансиски посредник кој има добиено дозвола од надлежен регулаторен орган) со кои имаат потпишано договор за соработка, а потоа тие технички го реализираат налогот на странските берзи.

Во почетниот период, налогот за тргување од страна на клиентот до брокерското друштво ќе треба да се достави електронски, телефонски или директно во канцеларијата на овластениот брокер, како што е предвидено и за тргување на Македонската берза. Но, бидејќи странските пазари се наоѓаат во различни часовни зони, за брзо време на клиентите ќе им биде достапна директна платформа за тргување, на која сами ќе можат да дадат налог на пазарот. Таа платформа ќе работи 24 часа.

За реализација на тргувањето во странство брокерските куќи/банки склучуваат и договор со финансиска институција која е чувар на имот и која има добиено дозвола од надлежен регулатор, а која во име на брокерската куќа ќе ги чува хартиите од вредност со кои се тргува во странство. Значи странските хартии од вредност кои ги купуваат физички лица од земјава се чуваат на омнибус сметка во финансиска институција које е чувар на имот. Овие омнибус сметки се одвоени од имотот на самата финансиска институција.

Целосна аналитика на тие хартии од вредност се води или кај овластените банки во Република Северна Македонија кои имаат добиено дозвола за вршење на оваа услуга или во странска финансиска институција која е чувар на имот и која има добиено дозвола од надлежен регулатор.

Тргувањето во странство суштински не се разликува многу од тргувањето на Македонската берза, барем не од перспектива на клиентот. Договорната документација помеѓу брокерското друштво и клиентот е стандардизирана. Бидејќи понудата на странските пазари е поголема и поразновидна, се прават и дополнителни анализи со цел клиентот да добие што повеќе потребни информации. Секако, тргувањето во странство има и свои трошоци (провизии), чија висина зависи од пазарот на кој се тргува. Новина се надоместоците за трошоците за старателската банка, односно за чување на хартиите од вредност на омнибус сметки.“

Continue Reading
менаџмент / маркетинг1 ден ago

10 КОМУНИКАЦИСКИ ВЕШТИНИ КОИ МОРА ДА ГИ ВЛАДЕЕ СЕКОЈ БИЗНИСМЕН

менаџмент / маркетинг1 ден ago

ДЕЛЕГИРАЊЕ – КАКО ДА СЕ РЕШИТЕ ОД СТРАВОТ НА ГУБЕЊЕ МОЌ И КОНТРОЛА?

менаџмент / маркетинг1 ден ago

Дру Хјустон: Не секирајте се за неуспехот; само еднаш треба да ја погодите работава.

технологии / компании1 ден ago

Пандемијата го зголеми онлајн купувањето – кој доби, кој загуби и што повеќе нема да биде исто?

економија1 ден ago

ММФ: Справувањето со здравствената криза е клучно за заштита на економијата

економија1 ден ago

Намалување на енергетската зависност од еден извор и транзиција кон чистата енергија се клучните определби за Македонија

интервју1 ден ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

економија1 ден ago

Планирана е вкупна инвестиција од 50 милиони евра за 5 години

економија1 ден ago

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок

свет1 ден ago

Берзите продолжуваат да растат бавно

македонија6 дена ago

„Брако“ го создаде првото возило за чистење улици на водороден погон во Европа

македонија5 дена ago

Амбасадорката Брнс на МЕФ: САД ќе ѝ помогне на Северна Македонија да изгради посилен и понезависен енергетски сектор

македонија2 дена ago

Зоран Заев: Нашата држава почива на делата на антифашизмот чиј резултат е нашата слобода!

економија3 дена ago

Почна третата Годишна конференција за е-трговија

банки4 дена ago

Комерцијална банка донираше лаптопи на ученици од 14 општини

македонија5 дена ago

Директорката на МЕПСО, Шуклева: Во инвестициски циклус сме од 163 милиони евра

економија4 дена ago

„Брзи” и „евтини” кредити за скапа и отежната реализација на капитални проекти

интервју1 ден ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

банки2 дена ago

Доделени наградите од наградната игра „Шпаркирај нов автомобил!“

економија1 ден ago

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок