Connect with us

политика

Проактивен регион или утеха за поразот на европските интеграции?

Мини – шенген и иницијативи за поголема регионална соработка

објавено

на

Факт е дека оваа соработка е од огромно значење за граѓаните од овие држави оти се однесува на конкретни договори и чекори што се во насока на олеснети движења, комуникација и контакти, но и на создавање на регионален заеднички пазар

Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што и се тие потребни на ЕУ – оваа порака премиерите на трите соседни земји, Македонија, Албанија и Србија, Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ, ја испратија вчера преку трипатридната изјава во рамките на иницијативата за засилена регионална соработка.

„Постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, оди против европската волја на нашите земји и против интересите на самата ЕУ. Нашата историја и нашата иднина се европски и живееме во регион опкружен со границите на Европската унија. Контекстот во кој се наоѓаме е предизвикувачки и истиот е предизвикан од предолгиот статус кво на Унијата vis-a-vis нашиот процес на интеграција во ЕУ. Сепак ние остануваме уште попосветени на нашиот пат кон ЕУ и на регионалната соработка.“ се наведува во заедничкото соопштение.

Факт е дека оваа соработка е од огромно значење за граѓаните од овие држави оти се однесува на конкретни договори и чекори што се во насока на олеснети движења, комуникација и контакти, но и на создавање на регионален заеднички пазар што како што премиерите највуваат ќе го поддржат на на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули.

„Знаеме дека само со заедничко работење и поттикнување на регионална соработка во рамките на разни регионални иницијативи – Заеднички регионален пазар, Регионален Шенген, Зелени коридори или во поширока смисла преку Берлинскиот процес – можеме да им донесеме опипливи резултати на нашите граѓани. Како регион со приближно 18 милиони луѓе, можеме да ги зајакнеме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции што инаку не би биле возможни доколку го правиме тоа поединечно.“ се вели во соопштението.

За 29-ти јули, најавена е средба во Скопје за да се потврди напредокот и да се потпишат договори кои произлегуваат од спроведувањето на обврските од Берлинскиот Самит, меѓу три земји: договори за соработка и помош во случај на природни катастрофи, како и за олеснување на трговијата, извозот и увозот Во заедничката изјава се бара од Европската унија и од Соединетите Американски Држави, да преземат чекор заедно со целиот регион за да се развијат инвестициони, краткорочни проекти за подобрување на животна средина и за многу поголем употреба на обновливи извори на енергија, како дел од спроведувањето на Економскиот и инвестициски план на ЕУ и на Зелената агенда за Западен Балкан. Но, зближувањето на соседите има и политичка димензија.

Зголемената регионална соработка, што се најавува особено во делот на економијата и сите овие проекти многумина ги сметаат за своевидна утеха за неисполнетите очекувања од европските интеграции на регионот, но и порака до Брисел дека овие држави се веќе изморени од чекање и дека пристапот и до европското столче на носење на политички одлуки, и до заедничкиот европски пазар се чини како се подалечна опција.

 Токму премиерот Еди Рама, којшто минатата недела и самиот беше во Скопје, учествувајќи на Делфи Економскиот форум, порача дека ниедна држава од регионот веќе не треба да чека на европските интеграции, туку паралелно да се вклучи во зајакната меѓусебна соработка додека Европската унија не смисли начин како да се справи со политиката не вето, но и со воопшто закочената сопствена политика на проширување.

 „Прогресот ќе продолжи бидејќи ние сме посветени на тоа и нема да зависи само од односот на Европската Унија кон нас туку и од нашиот однос меѓу себе. Сите земји треба да туркаат напред. Ние сме сите обиколени со земји од Европската Унија“изјави Рама.

 Премиерот Зоран Заев во таа прилика беше искрен дека фактот што нема формален почеток на преговори преку заедничка меѓувладина конференција е разочарување:

„Без разлика колку бевме свесни за очекувањата и за реалноста оддлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција е лоша порака за целиот регион. Ние бевме во Бугарија со отворено срце и со желба за решение, но тие не смогнаа сили за решение да има. Ние сме Европа без разлика дали ЕУ ќе успее да ги тргне блокадите. Алармот е вклучен. Европските вредности се доведени во прашање.“ порача Заев.

Премиерот додаде дека нашиот став е јасен оти преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Европската Унија. Нашиот напредок во европските интеграции првенствено треба да зависи од нашиот напредок поврзан со поглавјата, европското законодавство и исполнувањето на европските стандарди“.

Европска и американска поддршка од Охрид на Меѓународната конференција „Преспа форум за дијалог“

Во меѓувреме, додека локалните лидери ја креираат оваа паралелна европска реалност, останува задачата на Брисел како да најде механизам за спроведување на сопствените одлуки во кои стои дека официјални Скопје и Тирана треба веднаш да ја почнат европската приказна. Голем дел од шефови на држави, премиери, и дипломати јавно ја истакнуваат неодржливоста и на бугарските позиции кои немаат врска со европските принципи, но и на самата ЕУ немоќна да одблокира процес од исклучително значење и за регионот и за самата Унија.

Заменик помошник секретарот за европски и евроазиски работи на Стејт департментот Метју Палмер од Охрид, каде што овие денови се одржува Преспа форумот за дијалог, изрази разочарување што не е решено прашањето за отворање на првите меѓувладини конференции за Северна Македонија и Албанија и покрај силното застапување и разумните решенија на португалското претседателство и на европските партнери,.

Палмер наведе дека непочнувањето на преговорите на двете земји влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, но, дека придонесува и за зголемување на скептицизмот во регионот.

„Нашите геополитички конкуренти се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а исто така и самиот регион се сомнева во интегритетот на нашата колективна определба“, вели Палмер.

Палмер зборуваше и за важноста на „историскиот“ Договор од Преспа потпишан меѓу Северна Македонија со Грција и за Договорот за добрососедски односи со Бугарија, велејќи дека тоа се примери за поголем регионален ангажман на земјата во корист на нејзините граѓани. Според него, долгогодишната визија на САД во регионот била и ќе остане фокусирана на регион во мир внатре и соседите.

Американската позиција на поддршка и кон Договорот и кон евроатлантските интеграции подоцна на еден од следните панели ја потенцираше и поранешниот амбасадор на САД, Филип Рикер кој порача дека Преспанскиот договор барал политичка храброст и дека кога се зборува за неговото наследство, со него се поставиле стандарди за остатокот од регионот, а навистина и за остатокот од светот, како се решаваат отворени конфликти преку дијалог.Според него, овој Договор донесе предности, како за Македонија, така и за Грција.

„Со него, се потврди заложбата на Грција кон Западен Балкан и ѝ овозможи на Македонија да напредува. Меѓународната заедница го препознава напредокот на земјата. САД, Бајден, јас и Блинкен имаме доверба дека С. Македонија може и ќе направи се што треба за да се зајакне владеењето на правото и искоренување на корупцијата, за да се обезбеди просперитетна иднина на земјата. САД сака да стои рамо до рамо со вашата земја како партнер“, истакна Рикер.

Поддршка за итна деблокада на европските интерации стигна и од европските дипломати.

Шефот на словенечката дипломатија Анже Логар, чија држава од вчера го почна претседавањето со ЕУ преку видео порака се обрати на настанот и порача дека проширувањето на ЕУ со балканските држави останува приоритет.

„Проширувањето не е техничко, туку клучно, врвно геостратешко прашање, прашање што бара внимание, амбиција и политичка волја на сите чинители за остварување на заедничките цели – цврста и силна Европа. Словенија сака брз старт на процесот на проширување. Ако Европа сака да биде целосна и слободна, тогаш земјите од регионот мора да бидат ислушани со инклузивен пристап. Отсуството стратешки решенија за регионот го остава авионот без пилот, остава простор за други геостратешки играчи да го остварат своето влијание, рече Логар на панелот на министрите за надворешни работи насловен како „Градење на доверба преку дијалог“ во рамки на „Преспа форум дијалог“.

Тој порача дека во сржта на словенечкото претседателство со ЕУ се и безбедноста и мирот и додаде дека сето ова мора да се дискутира на највисоко ниво. Додаде дека во таа насока го организираат и Самит ЕУ-Западен Балкан, бидејќи успехот на регионот зависи од сите актери кои се вклучени во процесот.

Претходно, германскиот државен министер за Европа, пак Михаел Рот во своето обраќање на конференцијата изјави дека длабоко жали што Советот на министри на ЕУ не донел одлука за отпочнување на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија заради, како што рече, ставот само на една држава. Рот наведе дека особено Северна Македонија вложила огромни напори за создавање мултиетничко општество, 20 години после потпишувањето на Охридскиот рамновен договор.

„Со оглед дека ова е долг пат за секое општество, мораме да инвестираме повеќе напори секој ден за да го зајакнеме мирното општество. Северна Македонија и Грција направија историски чекор со потпишувањето на спогодбата од Преспа пред три години. Ова е исклучителен успех и служи како пример што може да се постигне и дека може да се решат долгогодишни конфликти со храброст и државност“, рече Рот.

Она што останува како задача не само пред дипломатите, како функционери, туку и пред нивните шефови и самите европски држави е оваа вербална поддршка да се материјализира, оти токму иницијативите како мини-шенген зборуваат за фактот што регионот и земјите на Балканот веќе де факто активно си бараат алтернативи за својата иднина. Ваквите иницијативи, се разбира, можат многу да помогнат и да го олеснат животот на населението, но секако се и политичка порака дека Балканците го губат трпението во чекалницата на Унијата што изгледа тешко разбира дека низ историјата најтешките битки биле токму оние со географијата. Балканот е Европа и неможноста за негова интеграција води кон опасни насоки што секако нема да донесат ништо добро на долг рок за балканските држави, но сигурно нема ништо добро да и донесат и за самата ЕУ. Кому одговараат две страни на губитници


Мини – шенген неприфатлив за Косово, Црна Гора и БиХ

Регионалната соработка, која се заговара од тројцата лидери во форматот на мини-шенген, засега е неприфатлива за Косово, Црна Гора и за Босна и Херцеговина. Од косовскиот премиер Албин Курти беше испратен и негативен одговор, и покрај тоа што поранешниот премиер Авдулах Хоти во септември лани во Вашингтон прифати Косово да биде вклучено во оваа балканска иницијатива. Портпаролката на приштинската влада, Розафа Кељменди, потсети дека Курти неодамна предложи нова рамка за регионална и економска соработка за соработка под називот СЕФТА. Ова подразбира регионална соработка заснована на еднаквост и реципроцитет, според механизмите што се применуваат во Европската Унија и на европскиот економски модел.

економија2 дена ago

Поддршка за големите извозници: гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

македонија4 дена ago

Македонија 60-та во свет од 110 држави рангирани според дигитален квалитет на животот

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

политика6 дена ago

Брима – Галуп: Ако денеска се одржат локалните избори, СДСМ би освоил 19,8%, а ВМРО-ДПМНЕ 17,7% од гласовите

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

start up6 дена ago

Соработка за развој на стартап заедницата: партнерство на Македонски Телеком и Стартап Македонија

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка